Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ CO EДEH УДAP

leave a comment »

Дали од мрзливост, дали поради брзање, дали од несфаќање на комплексноста на ситуацијата, многу често посакуваме да решиме некој значаен проблем одеднаш. Не секогаш тоа поминува успешно, ама интересно е што и низ историјата има доста случаи кога разни сили сакале и пробале да решат проблемот што го имале (со своите противници) со еден удар. Па еве неколку примери:

1. Кој душман ќе влезе, жив нема да излезе: таму некаде пред две илјади години, Римјаните откако ги победиле Картагинците и Македонците, а во меѓувреме ги прифатиле и за свои робови секогаш полтронски склоните Грци, тие почнале и во Мала Азија (денешна Турција) да навлегуваат. Откако со ветувања за стратешко пријателство и со закани со војна ја осигурале подршката од неколку локални владетели на мали државички, тие на териториите на таквите сојузнички државички испратиле да живеат голем број римски колонисти, т.е. поранешени војници (но сеуште способни да носат оружје) заедно со нивните семејства.

Се надевале Римјаните дека нивните колонисти ќе развијат брзо цврсти пријателски врски со локалното население во Мала Азија и така ќе можат полесно да обезбедат домашни предавници за денот кога и официјално тие територии ќе бидат приклучени во рамките на римската држава, арно ама испратените колонисти не биле се чини доволно подробно брифирани за тој геостратегиски план на нивната политичка елита, па штом почнале да се населуваат во колониите, место да развиваат деловни и семејни врски (бракови) во мештаните тие почнале да ги угнетуваат. Не можеле да им наплаќаат данок (оти биле населувани во сојузнички територии, а не во окупирани територии) ама почнале да наплаќаат рекет од локалните трговци и земјопоседници, па тоа самоволие брзо го свртело јавното мислење во Мала Азија против римските колонисти.

Оваа одбивност кон Римјаните, за своите цели ја искористил владетелот на кралството Понтос (во североисточна Мала Азија), кралот Митридатес Шести, кој наумил сите римски колонисти и со тоа сите Римјани во Мала Азија да ги уништи во еден единствен ден. Бидејќи локалното население силно ги замразило Римјаните, не било тешко да се организира целата операција во потполна тајност (никој не се нашол да им го искодоши заговорот на Римјаните) во она што историјата го нарекува Asiatic Vespers, масакар врз сите Римјани кои биле присутни во Мала Азија, изведено истовремено на стотици локации во еден ист ден, некаде во мај месец 88 година пред нашата ера.

Бројот на ликвидирани Римјани во таа акција се проценува од античките историчари меѓу 80.000 и 150.000 (последнава бројка е од Плутарх, од биографијата што ја напишал за генералот Сула, оној што Римјаните потоа го пратиле со огромна армија да се одмазди за масакрот, па таа веројатно е поблиску до реалната димензија на касапницата).

Битно е да се напомене дека овој масакр не бил насочен кон активни римски војници кои би можеле да се бранат и најверојатно одбранат, туку кон поранешни војници и нивните семејства, жени и деца пред сѐ, кои живееле без страв опкружени со населението кое самите го направиле непријателски насочено кон нив.

Многу сличен чин кој во англиската терминологија го има скоро истиот назив е Sicilian Vespers и кој се случил на островот Сицилија во средниот век кога локалното население се кренало на востание против француските поробувачи, и поради недоволно дисциплинираната организација на масакрот, тој се развлекол на неколку недели, но сепак не бил во крајниот биланс ништо помалку темелен во уништувањето на непожелните странци.

И конечно, иако не баш историски потврден е и масакрот кога, според најзначајното дело на црногорската книжевност, епот „Горски венец“ во почетокто на XVIIIиот век, христијаните од Црна Гора во еден ден успеале да ги испоубијат сите Црногорци кои го имале прифатено исламот, во настанот запаметен во историјата како „Истрага потурица“. За интензитетот и за самата историска вистинитост на овој колеж како што кажав, нема многу согласност меѓу историчарите, оти и самиот еп кој е главен извор за деталите за настанот е напишан цел век подоцна. Се чини дека не станувало сепак збор за напад изведен во еден ден и врз целокупното непријателско население, оти тоа сигурно ќе го запишале и турските историчари. Најверојатно чистењето на Црна Гора од непожелните елементи било долг процес кој траел со децении со низок интензитет, ама поради уметнички причини авторот на „Горски венец“ го свел тоа во една голема акција.

2. Да му веруваш на дедо: во средината на шестнаесетиот век, низ цела Европа, но особено во Франција, христијанството почнало да доживува голем раскол на две струи – католици и протестанти. Протестантите биле порано католици кои ѝ свртеле грб на црквата за која сметале дека станала премногу корумпирана и создале свои цркви, во кои почнале да организираат самите сопствени верски обреди.

Ова денеска е веќе утврдено право – секој да смее  самиот да си ја избере религијата – ама во тоа време, сеуште била утопија верската толеранција, па затоа се стремеле со сила католиците да ги вратат протестантите во старото јато, а пак протестантите сакале со сила да ги натераат католиците и тие да го прифатат за единствен правилен нивниот начин на практикување на религијата.

За да не дојде до крвава граѓанска војна после неколку помали вооружени инциденти, политичките елити и на едната и на другата фракција, решиле да ја помират нацијата со брак меѓу сестрата на кралот на Франција (католик) и едниот од водачите на протестантите во Франција, угледниот аристократ по име Анри де Бурбон.

Овие двајца стапиле во договорениот брак кој требало да донесе мир во земјата и целата држава со олеснување ја примилаа веста оти така се сметало дека конечно била избегната можноста за граѓанска војна. Арно ама, додека сеуште траеле веселбите во Париз по повод венчавката, веселби во кои учествувале и протестанти и католици, радикалите меѓу овие вторите почнале спонтан напад врз оние првите низ улиците и крчмите на Париз, и тоа токму на празникот на Свети Вартоломеј, па затоа она што екскалирало во крволочен масакр на неколку десетици илјади протестанти ширум Франција во историјата е запаметено како „Massacre de la Saint-Barthélemy“.

Интересно е што самиот лидер на протестантите, младоженецот Анри де Бурбон, го преживеал масакрот бидејќи по совет на жена му се превратил во католик, по што му било дозволено да избега кај своите соборци-протестанти, каде веднаш пак конвертирал во протестантизам, и неколку години по масакрот, откако страстите се смириле, кога умрел кралот на Франција, и кога по пропис и закон, токму Анри требало да стане нов крал (оти бил женет со сестрата на кралот) пак ја сменил верската определба и пак станал католик за да може да го прифатат католиците за крал на Франција. Но, не го прифатиле сите, оти еден верски фанатик му извршил атентат.

Овој крал му бил дедо токму на Луј XIV кој пак бил, меѓу другите му маани, и самиот религиозен фанатик кој од Франција ги протерал и последните протестанти. Многу чудно е тоа што бил фанатик (значи, цврсто убеден во тоа што верувал) токму внукот на човекот кој четири пати ја сменил својата верска определба. Очигледно Луј XIV не му верувал на дедо, иако баба му била кралица.

Масакрот на Свети Вартоломеј не бил сметан за нешто срамно за тогашните католици кои го извршиле врз протестантите. Напротив, самиот папа наредил да се исковаат пригодни медали кои им биле доделувани на најуспешните католички кољачи, а убивањето на еретиците било прогласено за света должност на секој добар католик.

Многу слично звучи тоа со маскрот во Руанда од 1994ата кога за само сто дена по мистериозното загинување на претседателот на таа држава, двата народи во Руанда, Хутите и Туците, се оддадоа на меѓусебни масовни убиства на кои што беа јавно повикувани од новинарите и водителите во тамошните радио-станици. Скоро милион луѓе изгинаа во маскарите, два милиона беа принудени да побегнат од земјата, но до ден денешен ниту убијците од едната страна, ниту оние од другиот народ не се сметани за злосторници меѓу своите сонародници, туку за херои.

Впрочем, и Ратко Младиќ во Србија до ден денешен го сметаат таму многумина за херој, иако и самите признаваат дека испоубиле силите под негова команда неколку илјади невооружени заробеници од Сребреница.

3. Ноќ на долгите ножеви… и кратките ракави: понекогаш се случува не само непријатели ами и актуелни пријатели да треба да се истребат брзо и ефикасно, пред да дојде до потполн раскол со непредвидлив исход во организацијата. Вакво нешто историски во голем обем се случило два пати, и тоа два пати оние кои биле жртви не ни претпоставувале што им спремаат нивните џелати (а јавно сојузници).

Во средниот век, откако завршиле крстоносните војни што ги организирала католичката црква, една групација на ветерани од тие војни биле и витезите-темплари, кои оти ептен многу ќариле при грабежите во освојувањата, и со тие пари и врските со политичката елита подоцна изградиле цврста организација ширум Европа, имале доволно капитал да се вклучат доста успешно во меѓународниот бизнис и многу брзо тој капитал го зголемиле до неверојатни размери.

Додека тие трупале богатства, другите политички сили (како на пример кралот на Франција) запаѓале во големи долгови, а пак водството на католичката црква „по дифолт“ се сомневало во секоја независна моќна структура во рамките на католицизмот која би можела да биде закана за доминацијата на папата во Рим.

Затоа, кралот на Франција и папата сковале таен план да ги истребат темпларите, при што ем папата ќе се ослободел од можната конкуренција, ем фрацускиот владетел ќе им ги конфискувал имотите и ќе си ги наполнел своите празни трезори со свеж кеш. Во потполна тајност, биле подготвени налозите за апсење и егзекуција на илјадници темплари, и темпларите кои во ништо не се сомневале (оти сметале дека се верни сојузници на црквата па нема зошто од неа да стравуваат) биле во еден ден речиси во целост истребени.

Сепак, дел од нив успеале да се спасат, заминувајќи во илегала, па се интегрирале во многубрјните еретички и езотерични движења (кои и самите биле во илегала), и се смета дека токму модерните масони на пример се еден вид продолжение на темпларите, не само според ритуалите при нивните иницијации (речиси целосно преземени од оние на темпларите), туку и дека дел од богатството на темпларите што останало неконфискувано било инвестирано своевремено за финансирање на ширењето на сите еретички движења низ Европа. Се чини дека папата останал сепак со кратки ракави во обидот да се ослободи од потенцијалните ривали, оти само две века по падот на темпларите низ Европа се појавило силно еретичко движење на протестантите кое ја урнисало доминацијата на римскиот поглавар.

Вакво убивање со еден удар на сите непријатели кои не биле сеуште свесни дека се непријатели на својот убиец, применил и Адолф Хитлер во 1934ата во акцијата позната како „Ноќ на долгите ножеви“ кога водачите на едно крило на нацистичката партија (таканаречените SA т.е. „јуришни одреди“) биле систематски испоапсени и ликвидирани во затвор или на лице место егзекутирани од страна на припадниците на друго крило на хитлеровата партија (злогласните SS т.е. „телохранители“).

Сепак, и при масакрите во ноќта на долгите ножеви одредени членови на SA успеале да преживеат и во годините после тој масакр, токму од нивна страна биле организирани одмазднички атентати врз видни раководители на SS, при што според некои извори до почетокот на Втората светска војна, животите ги загубиле околу 150 директни и индиректни џелати од ноќта на долгите ножеви.

Конечно, желбата со еден удар да стават крај на сите свои противници ги навела и водачите на Северен Виетнам во текот на Виетнамската војна да организираат офанзива (наречена според денот на почетокот кој бил празник „Тет Офанзива“) во еден ист ден врз 100 градови и воени бази во непријателскиот Јужен Виетнам. Поради лошата организација и премногу амбициозното планирање и енормното преценување на сопствените сили, таа офанзива завршила со тотален пораз за Северњаците. Така што до крајот на војната и конечната победа врз Југот и Американците морале да почекаат уште цели седум години!

*

Очигледно, да се уништи противникот со еден удар е многу поатрактивно отколку да се води долга и несигурна по својот исход борба со него. Истото важи и за многу проблеми од секојдневниот живот. Да се фрли некој расипан апарат во канта и да се купи нов понекогаш се чини како подобра опција отколку да се поправаат постојано дефектите што тој ги има.

Склони сме да очекуваме еден лидер, една партија со една програма со една идеја со една инвестиција да ни донесе решавање на сите економски и државни проблеми. Очекуваме да се вработиме во една фирма и до пензија да си грицкаме од таа плата. Склони сме да стапуваме во брак и да очекуваме со една личност да го живееме остатокот од животот.

Не секогаш е можно да се реши проблемот со еден удар врз него. Убаво е кога може, ама секогаш треба да се има во предвид дека обидот може не само да не го реши проблемот, туку и да отвори многу други проблеми.

Пред да убиеме два зајака со еден куршум, треба да сме сигурни дека имаме и друг куршум во резерва за случајно истрелот да не го привлече вниманието на некој поопасен ѕвер кој шета во близина. И дека двата зајака се навистина зајаци и се навистина два, а не дека се можеби волци кои само ни заличиле на зајаци.

.

П.С: Наредниот четврток очекувајте ја колумната на блогов со наслов „Квадрига“. А во утрешниот број на неделникот Фокус побарајте ја мојата нова колумна.

До четврток, поздрав😉

Written by nenobogdan

29/09/2011 at 20:12

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: