Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ KBAДPИГA

with 2 comments

Да се биде креативен не е лесно, особено кога за тоа и нема баш премногу потреба т.е. кога некој друг веќе претходно смислил нешто што може да заврши работа. Тогаш е доволно само да се ископира идејата која се покажала за добра и да се примени за сопствени потреби. Арно ама, некогаш идеите не само што се преземаат, туку се крадат и тоа – буквално без срам и перде. Од некои уметнички дела, преку идеолошко-државни симболи до цели химни и „народни“ песни, ништо не е безбедно, ниту пак некогаш било.

1. Бронзените коњи што се прошетаа од Стамбол до Париз: своевремено, таму некаде во четвртиот век пред новата ера, еден многу славен грчки вајар кој меѓу другото бил еден од официјалните скулптори на Александар Велики, извајал од бронза по нарачка за некој грчки хиподром (веројатно баш оној во Олимпија каде се одржувале античките Олимписки игри) четири статуи на коњи во природна големина.

Тие статуи си стоеле на хиподромот (впрегнати во кочија) со векови сѐ до времето кога бил изграден Константинопол, и кога за неговото естетско дообликување, најубавите уметнички дела од целото римско царство, од сите провинции кои некогаш биле независни цивилизации, биле конфискувани и пренесени во градот покрај Босфорот, па во таа општа „преселба на уметничките ремек-дела“ на хиподромот во Цариград биле поставени и четирите бронзени коњи кои во тоа време биле веќе седум века стари.

И така, си стоеле коњиве во Константинопол впрегнати во импозантна кочија (која поради тоа што била со четири коњи се викала на латински „квадрига“) сѐ до 1204ата година, кога крстоносците на пат за Ерусалим го освоиле главниот град на Византија (по нарачка на Венеција, која на тој начин добила компензација за бесплатниот превоз со нејзините бродови за крстоносците). Меѓу многубројните украдени скапоцености од Константинопол била и квадригата од хиподромот, т.е. само четирите бронзени коњи кои биле пренесени во Венеција и поставени на плоштадот таму.

И таму си стоеле овие коњи стари кога биле пренесени веќе 15 векови сѐ додека Наполеон на чело на француската армија не ја освоил Венеција и не ги зел коњите стари во тоа време веќе две илјади и сто години и ги однел во Париз, каде што стоеле неколку години на локацијата каде сега е Триумфалната капија (во тоа време имало на истото место многу помала триумфална капија во чиј склоп биле инкорпорирани статуите на коњиве).

Коњите биле впрегнати во париската квадрига додека не бил соборен од власт Наполеон, по што украденото им било вратено на Венецијанците, и на нивниот плоштад пак биле изложени коњите – сѐ до пред неколку децении кога за да се заштитат до корозијата од издувните гасови на модерната цивилизација биле преместени во покриен простор, а на нивно место надвор биле поставени идентични копии.

И така, едно уметничко дело направено најверојатно за хиподром (стадион за трки со коњи) во стара Грција доживеало низ својата многувековна историја да биде пренесено од последователните освојувачи прво во Константинопол, па во Венеција, па во Париз и пак сега е вратено во Венеција. Бронзени коњите, ама сепак се прошетале многу повеќе отколку да биле вистински од крв и месо.

Во меѓувреме, славата на овој тип на вајарска композиција толку нараснала, што има доживеано безброј копии. Има денеска квадриги на Бранденбуршката порта во Берлин, на слична локација во Брисел, во Лондон, а онаа на сликата горе е квадригата од пред законодавниот дом на американската сојузна држава Минесота (оти е златна, ја зедов неа за илустрација).

А, ако го погледнете внимателно овој видео-клип и обрнете внимание некаде околу една минута и 46 секунди, на горниот десен агол, ќе видите дека квадригата уште не загубила од популарноста. Не знам само од каде е таа идеја ископирана – дали од оригиналот (кој сега е во Венеција), или од онаа верзија од главниот град на земјата на Хитлер.

Во секој случај, Германците ја имаат надминато се чини оддамна таа опсесија со империјални симбологии, па пред некоја година пуштија искулирано во употреба и квадрига не од четири коњи, ами од четири (поточно пет) мечки!

Пооригинално од тоа би била своевидна анти-квадрига т.е. во кочијата да седи коњ, а нејзе да ја влечат четири впрегнати луѓе. Е таква ние да изградиме во Скопје и да ја поставиме пред Владата како метафора за секоја политичка елита – баш ќе станеме светска атракција!

2. Двоглав орел и свастика: за свастиката и нејзината еволуција од позитивен симбол до симбол на крајно зло не би зборел тука ич, бидејќи една ценета блогерка на нејзиниот блог тоа многу поубаво го има раскажано и поткрепено со многубројни фотографии. На линкот во претходната реченица погледнете како свастиката наликува на гимнастиката со нејзината еластичност и способност да скока од една во друга цивилизација, култура, идеологија. Обрнете вниманеи на свастиката од Непал, која (ако се има во предвид кој биле жртвите и кои биле починителите на холокаустот) е сосема луда комбинација на симболи. Се разбира, таа комбинација на „давидова ѕвезда“ и „кукаст крст“ е многу постара од настаните од Втората светска војна, па во Непал не ни помислуваат да ги раздвојат тие два симбола од нивната свастика.

А за двоглавиот орел исто така не би трошел многу зборови, само би сакал да кажам дека и тој има долга историја како симбол, слична на онаа на квадригата. Имено, историски и археолошки прв пат може да се сретне како метафора уште во Индија каде е позната митолошката двоглава птица (не е баш орел, ама двоглава е и има крила) Гандаберунда, а има слични двоглави птици и во симбологијата на древна Персија и уште подревна Месопотамија.

Од таму, уште пред четири милениуми го презеле симболот на двоглава птица Хетитите кои имале голема империја во Мала Азија, а по распадот на нивната власт, сите државички и цивилизациички кои настанале од неа го користеле двоглавиот орел (или сокол, или јастреб во ретки случаи) како древен симбол на моќ со традиција.

Така, на исток го зеле Ерменците како симбол, а на запад станал сеприсутен симбол кај аристократијата во Мала Азија, па кога била формирана Византија, некои од тие локални романизирани-хеленизирани аристократски фамилии штом се докопале до врвот на власта во империјата, го вметнале овој древен и сосема пагански симбол во амблемот на Византиското царство.

До ден денешен двоглавиот орел е симбол на православието (по традиција од Византија каде православието било државна религија и сите државни симболи биле и верски симболи, и обратно) и во практично сите православни цркви и низ денешна Македонија може да се видат резби и икони со тој мотив, а по истата логика е станат и државен симбол на Србија, Црна Гора, Русија (која себеси се сметала своевремено за наследничка на Византија) но и на Првиот Рајх (Германската империја од Средниот век).

Конечно, ние овде го знаеме како симбол на Албанците, кои што пак го стекнале во знак на сеќавање на нивниот голем херој Скендер-бег, кој пак го зел двоглавиот орел за свој амблем оти сакал да симболизира со своето востание отфрлање на турската власт и враќање кон легитимната византиска политичка традиција.

Интересна работа е што иако Црна Гора, Србија и Албанија го имаат сите двоглавиот орел за свој симбол, Косово, токму земјата каде живеат Албанци, Срби и Црногорци – на своето знаме нема двоглав орел! Баш единственото околу што би можеле да се сложат сите засегнати страни – баш тоа е изоставено од можниот компромис. Иди па најди им крај.

3. Само додај свои стихови: освен статуи и симболи, се крадат и песни и тоа од оние идеологии (или нации) кои се навидум сосема спротиставени една на друга.

Така на пример, еве слушнете ја оваа песна која ја пееле во 1905та година бунтовниците во Варшава кога кренале една мала револуциичка против Русите кои тогаш владееле со Полска. Песната се вика Варшавјанка и во неа не се споменува ништо за социјализам или комунизам (чисто полска патриотска песна е, напишана во 1879та), но сепак во 1905ата ја пееле демонстрантите предводени од социјалисти.

Значи песната била оригинално химна на оние кои ги мразеле Русите. Е арно ама, после доаѓањето во Русија на власт на комунистите тие ја зеле мелодијата во својот репертоар и само ѝ додале свој комунистички текст и така ја популаризирале низ сите комунисти ширум тогашна Европа. Па еве ја верзијата на руски тука.

Во меѓувреме, во Шпанија, кога таму беснеела граѓанската војна, имало една левичарска фракција на борци која жестоко се противела на комунистите и војувала дури со нив за превласт, додека во исто време двете фракции војувале и против националистите на генералот Франко. Таа група се викала анархисти, и тие ја имале баш истата мелодија (но со свои стихови) за своја химна. Еве ја и таа анархистичка и антикомунистичка песна на шпански тука на линков.

Нормално, крадењето на песни не завршило со таа една химна која од анти-руска станала руска и комунистичка, за на крајот да се трансформира во анти-комунистичка. Еве друг пример: чујте ја песната која била химна на советската авијација, и споредете го нејзиниот рефрен со химната на младите берлински нацисти. А оние кои се сеќаваат на ерата на социјализмот кај нас, можеби ќе почнат додека трае рефренот на било која од двеве песни, да потпевнуваат „Во борба, во борба, во боооорба, македонски народе…“ рефренот од маршот на македонските партизани од Втората светска војна (која песна за жал не можев да ја најдам на јутјуб или било каде, и затоа нема линк до неа).

Многу бизарно е тоа, песната околу која до ден денешен спорат германските и руските музиколози и историчари околу тоа кој точно прв ја испеал и кој од кого ја украл ја пееле македонските борци додека војувале против нацистите кои исто така ја пееле истата песна, ама со други стихови.

Впрочем, во Втората светска војна една многу убава мелодија која првично била за германската песна „Лили Марлен“ доживеала да ја прифатат скоро сите завојувани страни и да ја преведат на сопствените јазици за да ја потепевнуваат било на германски, било на англиски, или италијански, па дури и на руски

Во поново време, за една песна од нашиве балкански простори, исто така се има јавено спор околу тоа чија е точно. Она што Босанците го пејат под насловот „Анадолко“, Србите под името „Русе косе цуро имаш“, Турците под името „Ускудара гидер икен“, а ние со рефренот „Ој девојче ти тетовско јаболче“ (а и Грците, Албанците и Бугарите имаат свои верзии на истата мелодија), е се чини вистинска универзална балканска песна на која не ѝ се знае изворот. Јасно дека е од време турско останата, ама дали поробените ја зеле од поробувачите или обратно, поробувачите од поробените – не може да се утврди.

Пред неколку години за потрагата по оригиналот беше снимен и еден многу интересен документарец, насловен „Чија е таа песна“ кој можете да го изгледате цел на линкот од јутјуб.

*

Како што симболите и песните на една група може да бидат преземени од страна на друга група, така и кујната, модата, архитектурата, идеите и цели идеологии може да бидат трансплантирани од една во друга средина. Секој корисник на секој симбол или песна може да му даде свој печат и поинакво значење на преземеното.

Симболот сам по себе значи е неутрален, и неговата историска смисла му ја дава контекстот во кој бил употребен. Така да, прашањето „чиј е нечиј симбол“ или „чија е нечија песна“ е малку бесмислено. Песната нема сопственик, има само исполнители и слушатели.

На англиски велат дека „beauty is in the eye of the beholder“ или во превод „убавината е во очите на тој што ја гледа“. Па, слично на тоа, и значењто на симболот или песната или идејата е во умот на тој што ги анализира. Не треба да гледаме зло таму каде што го нема, но секако, треба да гледаме историја таму каде што ја има и од каде што можеме многу да научиме од неа.

.

П.С: Наредниот четврток на блогов очекувајте ја колумната „Чудна гарда“. А во утрешниот број на неделникот Фокус, побарајте ја и мојата редовна колумна.

До четврток, поздрав😉

Written by nenobogdan

06/10/2011 at 20:52

2 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Во текстот го имате спомнато Вториот Рајх, а линкот упатува кон Светата Римска Империја односно Првиот Рајх. Вториот Рајх е германската империја по обединувањето на Германија во 1870-тите до крајот на Првата Светска Војна.

    Reich

    25/10/2011 at 08:11


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: