Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ЧУДHИ ГAPДИ

leave a comment »

Во денешнава ера на рационални анализи и планирање засновано на оптимални решенија, како што сите нови модели на автомобили од сите производители си личат еден на друг, така и армиите, специјалните единици и телохранителите личат едни на други без разлика на која држава ѝ припаѓаат. Речиси исти униформи, речиси исти оружја, речиси исти командни хиерархии. Арно ама, во ерата пред „оптималните рационални решенија“ вооружените сили биле прилично колоритни и уникатни. Денеска од нив е останат само споменот или одредени реликти во почесните гарди, ама некогаш тие биле баш елита со која нема зафрканција.

1. Да (не) те бранат жени од револуција: пред широко да почнат да се користат огнените оружја, низ историјата не можеме да сретнеме многу жени-воини, а и тие што ги среќаваме се или митолошки (како Амазонките од грчката митологија) или пак се во својство на команданти (како французинката Јованка Орлеанка или кај нас Сирма војвода) кои се борат повеќе со помош на својот ум како оружје, отколку со мечеви или копја.

Арно ама, откако пушките ги замениле сабјите како главна алатка за убивање на непријателите, почнуваат да се појавуваат и цели единици составени само од жени во рамките на некои армии. Не дека војските кои регрутирале жени очекувале дека тие ќе бидат подобри војници од мажите, туку само сакале со тоа да го кренат моралот кај деморализираните мажи во униформа, покажувајќи им дека е срамно тие да се плашат од непријателот, кога ете жените немаат страв.

Со таква намера, во 1917та година, во Русија која била на работ на воен пораз во Првата светска војна, владата која го наследила царот по Февруарската револуција, организирала неколку батаљони составени исклучиво од женски војници (регрутирани веднаш по револуцијата) кои ги праќала на фронтот со цел да им покаже на исплашените војници – мажи дека е срамно да одбиваат да се соочат со Германците самите дозволувајќи им на некои си таму жени да се борат место нив за татковината.

Овие женски батаљони кои вкупно броеле неколку илјади жени не се прославиле баш премногу на бојното поле, оти сепак војната си бара „машка рака пушка да држи“, ама тоа не била ни нивната цел. Тие биле повеќе како пропагандна алатка, но и тоа било лошо организирано, па ништо не помогнале тие да се подобри состојбата на фронтот.

Сепак женските батаљони во армијата на пост-царска и пред-комунистичка Русија ќе останеле како обична фуснота во историјата, ако не се случила Октомвриската револуција кога еден од женските батаљони се нашол случајно во Зимската палата во Петроград, каде што била на стража на владата која била сместена во тој дворец. Кога комунистичките банди нападнале на палатата и со тоа ја стартувале револуцијата, биле пречекани од борците (поточно, борките) на женскиот батаљон кои иако пружиле отпор, сепак биле приморани да се предадат соочени со поголема сила. Така да, владата која се потпрела на жени за своја одбрана – била соборена за само една ноќ.

Револуциите и женските гарди не се допреле само во 1917та во студената Русија. Напротив, во нашево сегашно време, во жешката Либија, нејзиниот диктатор Гадафи беше фамозен ширум светот како човек што за својата лична заштита се потпираше на гарда од телохранителки, таканаречената Амазонска гарда. И Гадафи еве го симнаа со револуција од власт, и се чини дека и во неговиот случај жените не успеаја да ја спасат власта што ја чуваат од налетот на револуционерите.

Дали и во двата случаи владетелите ептен немале среќа па женските гарди и покрај квалитетот не се покажале како ефикасни, или пак е непобитен факт дека и покрај тоа што огненото оружје не бара сила и мускули за користење сепак војната и понатаму останува машка професија, е тешко да се утврди со сигурност. Од два примера не може да се извади конечен заклучок, а како што паѓаат диктаторите сѐ повеќе и повеќе низ светов, изгледа нема да има наскоро потреба од револуции, па кој знае дали ќе дочекаме и трет пример. Сега засега, значајно се потпира на жени во армијата само Северна Кореја. Можеби некој ден и нејзиниот деспот ќе треба да се потпре во последните мигови на својата тиранија врз специјалките му, па ќе видиме дали конечно жените некаде можат да ја спречат револуцијата.

2. Војска со задни намери: во САД неодамна со одлука на претседателот Обама конечно беше укината одредбата во американската војска да не мораат војниците што се хомосексуалци да ја кријат својата сексуална определба од старешините, оти одредбата налагаше дека ако некој војник биде откриен дека е хомосексуалец веднаш да биде исфрлен од службата. Воедно, таа одредба велеше и дека старешините не смејат да ги прашуваат војниците за кои се сомневаат дека се хомосексуалци за нивната интима, па на некој начин тоа прашање беше прогласено за табу (наречено досетливо „не прашувај, не кажувај“) во рамките на американските вооружени сили.

Значи, САД конечно им дозволија и на хомосексуалците да гинат во „војните за нафта“, ама нашите јужни соседи уште пред 23 векови истото тоа го беа направиле далеку поспектакуларно воведувајќи го знаменитиот „свет одред“ во армиите на една од нивните градови-држави од антиката.

Оној кој ја познава историјата на античка Македонија сигурно знае дека во завршната битка за покорување на Грција од страна на Македонците, Филип и Александар кај местото Хаеронеа извојувале една голема победа, победа за Македонија, против здружените сили на Атина и Теба веднаш штом успеале да ја уништат специјалната единица на Теба која се состоела од 300 елитни борци, кои освен што биле многу храбри, силни и вешти со оружјето, биле и сите до еден – хомосексуалци.

Воден од некоја неразбирлива инспирација, еден тебански војсководач по име Георгидас своевремено ја вовел оваа единица составена строго од мажи кои не сакаат жени во боевиот ред на тебанската армија и откако таа се покажала во неколку последователни битки како непобедлива, ѝ го дал називот „Свет одред“ оти претпоставил дека сигурно боговите ја подржуваат таквата уникатна војска штом таа е толку непобедлива.

Арно ама во споменатата битка кај Хаеронеа, во еден миг после маестрално изведениот маневар од страна на Филип, Александар на чело на македонските специјалци успеал да помине низ една дупка во грчкиот боев строј и така да дојде во позиција да ги удри геј-командосите одзади. Навистина, како хомосексуалци од нив не би се очекувало да имаат проблем со луѓе со задни намери кон нив, ама во случајот со нападот на Александар тоа било последната битка во која „светиот одред“ учествувал. Оти сите до последниот биле масакрирани од Ацета наш и неговите Македончишта.

Според едни историски извори, Филип по битката се расплакал кога ги видел загинатите припадници на „светиот одред“ оти бил трогнат од нивното херојство, ама според други извори, Филип не само што не плачел, ами и заиграл весело оро газејќи баш по нивните трупови, радосен што еден толку силен елемент од непријателот бил збришан еднаш засекогаш.

Како и да е, за разлика од женските гарди, ниту една друга армија никаде во светот низ историјата потоа не направила експеримент со воени единици составени исклучиво од хомосексуалци. Иако ако се погледнат униформите на гардата на папата во Ватикан (горе на сликата) на човек што не знае доволно историја би можело да му се прости ако помисли дека тие се учесници на некоја геј-прајд парада во Берлин, Лондон или Амстердам. Ако се земе во предвид зачестеноста на педофилските скандали во католичката црква, навистина човек што не знае историја гледајќи какви униформи сеуште носат во нивната елитна воена единица – ќе си дојде до таков заклучок.

3. Потсдамски џинови: ако Георгидас во антиката сметал дека најдобрата армија ќе биде баш онаа составена само од хомосексуални мажи, две илјади години по него, кон крајот на XVIIиот век еден друг војсководач (и крал патем, на Прусија) дошол на слична идеја (слична според неразбирливата инспирација), ама во неговиот случај тој се фиксирал на војска составена од војници со надпросечна височина.

Па така, почнал прускиот крал Фридрих Вилхелм Први да регрутира за својата елитна единица исклучиво многу високи момчиња на кои им дал и специјални униформи со високи капи за да изгледаат уште повисоки, па така во историјата е запаметена таа воена единица како „Потсдамски џинови“ според градот Потсдам во близина на Берлин каде им била касарната.

Бидејќи во неговото мало кралство немало доволен број на високи луѓе за да може гардата да биде со пристојна бројност, Фридрих посветено работел на тоа од цела Европа да регрутира платеници со задоволителна височина само за неговата гарда да биде достојна за еден крал.

Дури, со цел да им ја олесни работата со регрутирањето на своите наследници, Фридрих им забранил на своите високи гардисти да избираат самите со кого ќе стапуваат во брак, туку тој им обезбедувал жени по нивна мерка, т.е. и самите високи, со цел нивните деца да бидат налик на родителите им исто така високи и тие да можат да бидат и самите гардисти.

Толку многу се вљубил кралот во својата висока гарда што никогаш не ја праќал во војни, од страв да не му загине некој од со мака најдените гиганти. По таа основа, ваквата гарда била чист зијан за државата, оти ем скапо чинело нејзиното екипирање и одржување, ем немало никаква корист од неа за одбраната на државата.

Гардава исчезнала сосема од историјата дури еден и пол век по нејзиното формирање, откако многу генерации високи луѓе се изредиле во неа, по поразот на Прусија во војната со Наполеон. Кој пак – интересно – бил познат по тоа што бил со изразито низок раст.

Опсесијата со височина во армиите денеска не е толку изразена како кај Фридрих Први, ама до ден денешен кога се повикуваат регрути за воените академии се бара тие да не бидат премногу ниски. Ова е екстремно глупав критериум, оти ако се знае дека ниту Александар, ниту Цезар, ниту Атила, ниту Наполеон, ниту Ромел не биле високи луѓе, испаѓа дека ниту еден од овие тактички и стратегиски генијалци не би бил примен во денешните воени академии. Кој знае на колку квалитетни млади луѓе им била ускратена шансата да го покажат својот вроден талент со таквиот апсурден модел на регрутирање.

*

При изборот на кадри не само за елитни воени единици туку и за било која организација во било која сфера од постоењето, најмалку треба да се води сметка за некакви посебни услови, било тоа да е пол, сексуална определба или височина. Единствениот критериум треба да биде – способноста на кандидатите да одговорат на задачите со кои се очекува да бидат соочени. Дури, организација составена од луѓе од различно социјално и етничко потекло, со различни менталитети и темпераменти и претходни работни искуства многу подобро ќе може да се снајде со неочекуваните предизвици во споредба со монолитна и хомогена група составена од луѓе кои меѓусебно и немаат големи разлики.

Како што вели логиката на француската легија на странците „секоја војска од секоја нација си има свој вид на војување, ама легијата оти е составена од војници од сите нации може да ги употреби сите видови на војување против секаков вид на непријател“. Или накусо кажано за крај на колумнава и поука од неа: што повеќе клучеви имаш, толку повеќе врати ќе можеш да отвориш.

.

П.С: Колумнава требаше вчера да ја објавам ама поради презафатеност моја – не стигнав. Како и да е, викендов ќе сум растеретен, па ќе ја напишам колумната за наредниот четврток уште утре и така таа ќе биде објавена на време. А ќе се вика „Приказни за скулптури“ и треба да биде, барем според концептот што го направив за неа, исклучително интересна. Секако, до тогаш во неделникот „Фокус“ како и секогаш, можете да прочитате и мојата редовна колумна со тема од политиката.

До четврток, поздрав🙂

Written by nenobogdan

14/10/2011 at 20:22

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: