Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ПPИKA3HИ 3A CKУЛПTУPИTE

with 2 comments

Ова не е статуа, ова бил жив човек некогаш

Низ светов вајарски дела има многу, а секое од нив си има своја приказна. Некои од нив се обични и здодевни, некои не толку обични и не толку здодевни, а некои навистина интересни и поучни. Па така, без некој посебен повод, причина и изговор, еве во денешнава колумна, неколку приказни за неколку скулптури.

1. Сфингата, или како почнавме да вајаме: сите љубители на природата кои често шетаат по планини, брда и долини, сигурно некогаш забележале некои релјефни форми во облици кои потсетуваат на некои животни или луѓе. Многу од тие форми локалното население кое со векови егзистира покрај нив ги нарекло и со соодветни имиња, за што најдобар пример во нашата земја е локалитетот „Куклици“ или „камена свадба“ составен од десетици камени форми кои ерозијата од ветрот и дождовите низ милениумите така ги извајале што наликуваат на група луѓе кои со некаква маѓија се скамениле.

Воедно, ако за големи карпи може да се очекува природно да се деформирале во форми на животни или луѓе, зошто тоа не би се очекувало и од малите парчиња камен? Зарем е невозможно некаде во праисторијата некој примитивен човек да нашол случајно парче карпа што наликувало на некакво животно или на човечка фигура? Ако само малку го поткршил или замазнил парчето за да заличи уште повеќе на соодветното животно или човек, зарем тоа не била првата склуптура?

Со тек на време, луѓето станувале сѐ повешти и повешти во доработката на камените парчиња со интересни природни облици, што еден ден сфатиле дека не им треба воопшто да почнуваат од предмет што самиот личи на животно или човек, туку од било каков камен, со било каква форма можеле да извајаат форма каква што ќе посакаат.

Каква врска има ова со сфингата во Египет, една од најстарите камени скулптури во светот? Е па, како што нашите Куклици ветерот и дождот ги направил да личат на сватови во скаменета свадба, постои и теорија која вели дека древните Еѓипќани не ја извајале огромната сфинга целата сами, туку откако наишле на тој простор на карпа така еродирана што ги потсетила на лав со човечка глава, со сосема малку труд, ја доработиле таа природна скулптура за да личи баш на лав со човечка глава и тоа од тој миг станало најпознатата скулптура во Египет.

Самиот концепт на доработка на она што природно веќе е половично сработено не е ограничен само на скулптури. Суецкиот и Панамскиот канал не се копани целосно низ копно, туку голем дел од нивните траси намерно бил планиран да минува низ постојни езера кои потоа само биле поврзани со блиските океани.

И во антиката се чини биле совршено свесни луѓето за вистинскиот начин на изработка на сфингата. Имено, во мојата книга за Александар Велики, има посебна глава во која се опишува случката кога еден скулптор по име Стасикратес му предложил на Александар Велики да му изваја статуа со неговиот лик од еден рид кој природно наликувал на човечка глава. Според Стасикратес немало тоа да биде воопшто скапо, оти само малку доработка ќе требало на ридот и потоа целиот свет ќе можел да се восхитува засекогаш на најголемата скулптура на најголемиот освојувач на сите времиња.

Александар ја одбил таа идеја за претворање на цела планина во негова скулптура, ама во нашево модерно време, токму таква замисла беше основа за познатата Маунт Рашмор во САД, каде се извајани во планината ликовите на четири американски претседатели.

2. Каријатидите – скулптури како извинување: според познатиот архитект и писател од Стариот Рим, Витрувиус, обичајот столбовите што држат некој трем да не бидат во форма на обични цилиндри (останат од времето кога столбовите биле пресечени стебла од дрвја, кои природно се со цилиндрична форма) туку да се извајани во форма на жени (какви што најпознати се Каријатидите на Акропол) датира од еден настан во ептен древната историја на стара Грција. Имено, во една војна, кога Атињаните очекувале помош од нивните сојузници од градот Карија, таа помош не стигнала оти поради некакво мешање во политиката на Карија од страна на каријските жени (кои не сакале нивните мажи и синови да одат во војна) тие не им пружиле воена помош. Со цел да се искупат за ова предавство, Каријците им предложиле на Атињаните да им подарат десет огромни статуи со женски форми и тие статуи од мермер да служат потоа како замена за столбовите на еден значаен храм во Атина, симболизирајќи дека сепак Каријските жени за век и векови ќе бидат казнети да ја „држат“ Атина штом по нивна вина не била поддржана Атина кога тоа се барало од Каријците.

Атињаните прифатиле и на храмот Ерехтејон биле поставени наместо столбови да го држат тремот – статуите на жени доделени од Карија, кои поради тоа биле наречени Каријатиди.

Подоцна, оваа идеја се проширила низ светот и во вековите што поминале концептот „место столб да стои, женска статуа да го крепи покривот над неа“, доста често бил употребуван во градежништвото. А секако, во нешто помодерни времиња не само женски, ами и машки статуи се користеле за таа намена, кои се нарекуваат атласи, според џинот Атлас кој, како што вели митологијата, го држел на своите рамена целиот небесен свод.

Секако, концептот за изневерена доверба да се плаќа со некакво уметничко дело не замрел никогаш. И до ден денешен, кога мажот, без некој повод или причина на својата сопруга ќе ѝ подари скап накит – таа треба да се посомнева дека се обидува тој со таквиот подарок да ја исчисти својата валкана (прељубничка) совест.

3. Помпеји, или метода на изгубен човек: при правењето на бронзени статуи, најчесто користена метода е онаа која се нарекува „метода на изгубен восок“ и која во суштина се состои во тоа да се направи скулптура првин од мек и лесен за обработка восок, потоа да се облепи таа со глина, па сето тоа да се подложи на висока температура при што глината ќе се стврдне а восокот ќе се стопи и ќе биде одлеан (од таму и зборот „изгубен“ во името) и така да се добие калап во кој ќе се налее стопената бронза која штом ќе се олади и стврдне, ќе се извади од калапот (со кршење на глината) и ќе ја има истата форма на моделот од восок што бил направен.

Многу едноставна метода, кој што еднаш била употребена за леење на скулптури од цемент, ама не во калап од кој бил изваден восокот, туку празнината во калапот била направена со деградирање на посмртните останки на луѓе (!) заробени во вулканската пепел од ерупцијата на вулканот Везувио во близина на Неапол, Италија, пепел што пред две илјади години го покрила римскиот град Помпеји.

Кога биле изведени првите професионални археолошки истражувања на локацијата на Помпеји во средината на XIXиот век, тогашните археолози почнале да откриваат големи шуплини во стврднатата пепел за кои за да утврдат од што се предизвикани ги заполнувале со цементна смеса. По отстранувањето на околната пепел сфатиле дека тие празнини биле всушност телата на луѓето кои ги заробила вулканската пепел и кои низ дваесет векови сосема се дезинтегрирале оставајќи само шуплини зад себе од просторот што го зафаќале. Сите тие заполнети шуплини во денешно време се голема атракција бидејќи некои од нив се толку драматични, со лица полни со емоции што човек да помисли дека жртвите свесно позирале знаејќи дека еден ден ќе бидат овековечени во цементни статуи.

Секако дека жртвите не позирале, ама навистина овие скулптури се уникатни, особно ако се има во предвид дека не биле создадени со сипување бронза во празнина добиена со губење на восок во форма на човек, ами со сипување на цемент во празнина добиена со губење на вистински луѓе.

*

Конечно, дали Давид на Микеланџело е навистина Давид? За познатата скулптура во Фиренца на библискиот јунак Давид, дело на Микеланџело, се смета дека не само што е ремек-дело на големиот ренесансен мајстор, туку дека е и најсовршената скулптура на сите времиња, бидејќи уметникот постигнал ниво на реализам, до тогаш (а и од тогаш) недопрено од било кој друг вајар. Статуата е импозантна по своите димензии (скоро три пати повисока и поширока од природната големина), па делува навистина маестрално како статуата, така и уметникот што ја направил.

Арно ама, се чини името ѝ го згрешиле. Зошто? Па како прво, скулптурата би требало да го преставува Давид во мигот пред да го фрли каменот со својата праќка кон Голијат, што пак ако се знае дека според Библијата Давид го направил кога бил мало момче – не може да го преставува статуата на Микелаџело која очигледно прикажува возрасен маж!

Понатаму, Давид бил Евреин, следствено бил обрежан, а на пенисот на оној маж што го прикажува статуата – ништо не му фали!

Значи, како може статуа на маж кој што не е обрежан да преставува дете кое е обрежано? По која логика е тоа статуа на библискиот Давид?

Очигледно, ако скулптурата е ремек-дело секој ќе ја толкува како ќе му се ќефне, па колку и тоа да нема логичка смисла. Како што пишував во колумната „Квадрига“ кога некој симбол или песна има сам по себе естетска вредност, луѓето се спремни да го прифатат за свој, дури и ако баш нивните непријатели го создале.

Врз основа на поинаквото толкување на потеклото на една друга статуа, своевремено ја напишав колумната „Кучето на Александар Велики било шарпланинец“. Кој не ја прочитал, нека ја прочита, интересна е. А кој ја прочитал, веројатно ќе се согласи со заклучокот од денешнава колумна кој гласи: многу работи ги разбираме погрешно само затоа што така некој друг ни ги објаснил и ние сме ги прифатиле без самите да погледнеме подлабоко во нивната приказна. Многу е битно да се поставуваат прашања за историските „факти“, затоа што само така ќе ги разделиме заблудите и митовите од реалноста и вистината.

.

П.С: Во утрешниот број на неделникот „Фокус“ побарајте ја мојата нова политичка колумна. А на блогов, каде веќе подолго време ги објавувам моите неполитички размислувања ќе има колумна наредниот четврток која ќе се вика „Ограничен светоглед“. Кои се последиците од таквата ограниченост, и каква врска има Александар Велики со библискиот потоп и фрустрациите на модерново општество, ќе видите во таа колумна.

До четврток, поздрав🙂

Written by nenobogdan

20/10/2011 at 19:34

2 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Мн апстрактно го тупиш со колумниве

    Име

    21/10/2011 at 15:05

    • Блог ми е, двор ми е.

      Ако ми се тупи, на мој блог, ќе го тупам до сто и една и назад, ако сакам.

      Никој не те тера да читаш.


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: