Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ KOГA CMPTTA HE E ДOBOЛHA KA3HA

with 2 comments

Папата Формосус (седнат) да можел, сигурно ќе изјавел пред судот: „честит суде, не сум жив... ова... крив!“

Пред десетина дена, во Либија откако бунтовниците го убија Гадафи неговото мртво тело го изложија на „јавен увид“ во понижувачки услови со цел уште еднаш да го казнат диктаторот, со тоа што не само животот туку и честта ќе му ја одземат. Имаше многумина кои беа згрозени од тој чин на пост-хумно казнување, ама ако се има во предвид сличната судбина на некои други бивши владетели низ историјата – Гадафи и не поминал толку лошо. Во минатато среќаваме и далеку побизарни начини на пост-смртно казнување на соборените властодршци.

1. А бе колку сака нека е мртов, пак вие исечете му ја главата: некаде кон крајот на деветиот век во Италија живеел еден свештеник по име Формосус кој додека бил само кардинал (нешто како владика во тоа време, титулата денеска има многу повисоко значење) бил вмешан во еден куп интриги и заговори и матни бизниси со најмалку теолошка, а најмногу политичко-финансиска содржина, преку кои успеал да се добере до огромно богатство проневерувајќи ги парите на црквата, арно ама при тоа си создал и многубројни непријатели.

Иноформиран за неговата безгранична лакомост и бесрамоност при крадењето и земањето мито, папата Јован Осми го повикал кардиналот да се појави во Рим за да му биде судено за тие дубари, ама овој одбил да се појави пред папата, а бидејќи имал и „јак грб“ Формосус (бил близок со кралот на Франција) можел слободно да му покаже среден прст на својот номинален шеф (папата) и да не се грижи за ништо. Сепак, конечно бил принуден за да не пукне ептен скандал да се повлече од лукративната му функција и неколку години да помине во папската дипломатија, минувајќи некое време и на Балканот како амбасадор кај бугарскиот кан Борис, кој само што го прогласил христијанството за државна религија во Бугарија.

Две децении по посетата на Формосус, Борис ќе ги ангажира Климент и Наум за ширење на христијанството меѓу неговите поданици, што дава основа за шпекулации дека папскиот амбасадор кај канот дошол со задача да го привлече кон јурисдикцијата на папата, ама поради покажаната алчност за пари на амбасадорот, таа мисија пропаднала и индиректно, тоа придонело Словените на Балканот да (о)станат православни?! Добра фабула за историски роман има тука, добра…

За сето време додека шетал по источна Европа како дипломат, ковел планови Формосус за иднината и го чекал мигот кога пак ќе се врати на сцената. Тој миг дошол после рапидното изменување на неколку папи по смртта на Јован Осми, па благодарение на парите што ги натрупал додека бил кардинал, Формосус можел да ги поткупи оние што требало да го бираат новиот папа, па тие го избрале баш него.

За време на неговото владеење со католичката црква (која тогаш уште не била баш цврсто разделена од православната, ама расколот се наѕирал) Формосус направил толку многу апашлуци и до тој степен го практикувал непотизмот, што откако умрел, неговата смрт не им била доволна сатисфакција на наследниците на папскиот престол. Така, папата Стефан Шести наредил да го ископаат телото на Формосус од гробницата, и му организирал јавно судење на трупот (!), кое историјата го запаметила како „синодот за трупот“.

Откако му било прочитано обвинението за сите негови криминали, грешки и гревови, и откако мртвиот Формосус (очигледно) не кажал ни збор во своја одбрана – бил осуден и казнет со сечење на трите прсти со кои давал благослов (веројатно како казна за тоа што имал „долги прсти“ т.е крадел). Пак бил закопан во гробницата, ама по некое време се сетиле судиите дека мала му била казната (или пак нашле во документацијата дополнителни докази за дополнителни криминали), па пак го откопале и на уште едно судење била донесена одлука и главата да му се исече на мртвиот труп. Што ли толку им згрешил?

Многу слична судбина по смртта доживеал и англискиот револуционер и државник Оливер Кромуел. Имено, откако овој човек во една граѓанска војна успеал да го собори кралот од власт и потоа себеси да се прогласи за диктатор на Англија, по смртта негова и по враќањето на синот на соборениот крал на власт, неговиот труп бил изваден од гробот и откако костурот бил јавно обесен, му била исечена и главата.

Додека телото бил фрлено во обичен гроб и заборавено, самата глава на Кромуел (т.е. черепот) била набиена на кол и закачена на покривот на зградата на парламентот каде стоела со децении, сѐ додека во една бура главата не била срушена на земја, по што била продадена на приватни колекционери (!) во чии колекции ќе се наоѓа сѐ до 1960 година кога ќе биде достоинствено погребана.

Интересна работа е што ниту Формосус, ниту Кромуел особено, никој не смеел ни накриво да ги погледне, а камоли пак да ги изложи на понижување додека биле живи и во зенитот на својата моќ. Кога Александар Велики во Индија разговарал со некои тамошни мудреци, му било кажано дека џабе освоил толку земји, кога откако ќе умре, единственото парче земја кое ќе му припаѓа ќе биде тој еден или два квадратни метри земја кои ќе го покриваат неговото тело во гробот. Во случајот со Кромуел и Формосус, ни тие два метри квадратни не им биле оставени во посед.

2. Ако не е прав цар, тогаш ќе е цар во прав: барем според прекарот, сигурно најлесниот за паметење цар кој било кога владеел со Русија е секако знаменитиот Иван Грозни. Она „грозни“ не му било презиме, ами прекар што му го дале непријателите со цел да го опишат најдобро неговиот брутален стил на владеење. Од друга страна пак, за љубителите на оперите, најдобро запаметен е наследникот на Иван, царот Борис Годунов. Од истоимената опера патем, се чини дека сите хорор филмови ја имаат ископирано музиката.

Како и да е, за време на владеењето на Борис Годунов, Русите сфатиле дека и од грозниот погрозен може да има, па ептен му се налутиле на својот цар со кого никако не можеле заеднички јазик да најдат и да го убедат да не ги пљачкосува и тиранизира.

Толку бил лош Борис што сите почнале со носталгија да се сеќаваат на ерата на Иван Грозниот, па тој сентимент го искористиле многумина хохштаплери за да се прикажат како „загубениот син“ на добриот цар (!) Иван и да побараат од Русите да тргнат по нив во борбата за соборување на лошиот цар Борис и враќање на законскиот наследник на рускиот престол.

Еден од таквите преваранти бил и човекот кого руската историја го памети како „лажниот Дмитри“ кој со помош на незадоволните елементи во руското општество како и со силна поддршка на странски платеници финансирани од страна на Полјаците (кои сакале да ја преземат контролата врз Русија преку новиот цар), успеал да заседне на престолот и да биде прогласен за цар на Русија. Патријархот московски не сакал да го изврши крунисувањето, па Димитар го протерал патријархот, и откако поставил нов патријарх на чело на руската црква, бил крунисан од него „по пропис и како што си е ред“.

За само неколку месеци, царот Дмитри успеал ама баш со сите што го донеле на власт да се испокара и апсолутно на сите страни да предизвика општо разочарување. Ниту она што ветил го исполнил, ниту тоа што го исполнувал некогаш било ветено. До тој степен ги свртел сите против него, што бил убиен во еден крвав пресврт едвај една година по станувањето цар и потоа, како казна за сите глупости што ги направил во својот „мандат“, телото му било кремирано и – ставена пепелта во топ и од топот испукана кон зајдисонцето (т.е. кон Полска, чии платеници го донеле на власт).

Русите имаат се чини некој фетиш кон вакви палења по смртта. Имено, во дваесетиот век, познатиот измамник Распутјин откако си створил премногу непријатели, бил прво киднапиран, па претепан, па отруен, па избоден со ножеви, па пукано било во него, па фрлен среде зима во замрзната река, па закопан во земја, за после неколку години лежење во гроб, неговото тело да биде ексхумирано и – запалено. Ако од Кромуел главата била дел од нечии колекции низ вековите, кај Распутјин станува збор за пенисот му, кој не бил најден на трупот кога требало да го закопуваат, па се претпоставува дека до ден денешен се наоѓа тој орган (кој наводно бил натпросечно голем) во нечија тајна колекција (презервиран во тегла со формалин).

А од таа епоха и од тој дел на светот, слична судба доживеал и генералот Лавр Корнилов кој се борел против комунистите за време на Октомвриската револуција, и кој во една пригода загинал при експлозијата на една артилериска граната. Неговото тело, откако бољшевиците го ископале од гробот, го однеле на најблискиот плоштад, јавно го запалиле пред многубројна толпа, па потоа пепелта ја фрлиле на ѓубриште. За Корнилов се тврди и дека ваквиот третман сосема си го заслужил, оти во една пригода наводно рекол дека за победа ако треба и „пола Русија ќе ја запалам и три четвртини од народот ќе ѝ испоубијам“. Очигледно, кој на друг палење му спрема, самиот ќе се изгори!

*

Диктаторот на Франција за време на Француската револуција, Максимилиен Робеспјер, додека го соборувале од власт неговите најблиски соработници што се свртеле против него исплашени од неговата непредвидливост, се обидел да се самоубие, ама само успеал да си ја разнесе муцката при пукањето. Пучистите повикале доктор да му ја преврзе раната за да не искрвари пред време, па потоа го однеле на плоштадот во Париз каде го гилотинирале. Секако, за да страда повеќе, непосредно пред егзекуцијата му го тргнале завојот од раната по што тој почнал очајно да вика сѐ до падот на сечилото на гилотината врз неговиот врат.

Мусолини кон самиот крај на Втората светска војна паднал во рацете на неговите душмани кои не се задоволиле со тоа само онака да го убијат, туку и го закачиле наопаку (врзан за нозете) за тремот на една бензинска пумпа и така го оставиле пред десетици илјади луѓе неколку часа да виси трупот негов како сведоштво за мизерниот крај на човекот од кого треперела цела Италија цели две децении.

И конечно, Гадафи кој со челична тупаница владееше со својот народ двојно подолго од Мусолини ја доживеа практично истата судбина. Ако падот на Мусолини бил дело на американските и британските армии кои ја ослободиле Италија а самата егзекуција била дело на италијанските бунтовници, и кај Гадафи најзаслужни за неговиот пад беа американските и британските авиони што ја збришаа неговата армија отворајќи им пат на либиските „борци за слобода и човекови права“ да ја извршат егзекуцијата на тиранинот.

Во Библијата се споменува во еден пасус мудрата изрека која гласи: „кој живее од меч, ќе умре од меч“. Или пошироко кажано, кој владее крвнички, ќе заврши крвнички. Иако изрекава е запишана во убедливо најраспространетата книга на сите времиња, и му е достапна на секого што сака да ја прочита веќе дваесет векови, се чини низ историјата силеџиите упорно одбиваат да ја разберат.

Така е тоа секогаш, оној кој не сака да учи од историјата, ќе заврши токму како оние што ги правеле истите грешки низ историјата. Како што покажаа настаните во Либија, и како што наскоро ќе покажат и настаните во Сирија и Јемен, кој не го проучува добро минатото е на добар пат и самиот да стане дел од него!

.

П.С: Поради неколкудневна настинка, не бев во можност да ја напишам најавената колумна и да ја објавам во четвртокот, ама откако се вратив во полно здравје, решив до наредниов четврток да напишам и објавам по една колумна секој ден, за да влезм пак во стариот добар ритам. Затоа, утре вечер, на блогов очекувајте ја колумната која беше најавена „Ограничен светоглед“, а нова колумна ќе има и во вторник, среда и секако, во четврток. Во меѓувреме побарајте ја и мојата редовна колумна во неделникот „Фокус“.

До утре вечер, поздрав🙂

Written by nenobogdan

30/10/2011 at 20:08

2 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Од еден сега веќе покоен старец имам слушнато дека кога Бугарската војска го освоила Штип од Србите некој човек во дворот на црквата на Исарот ги откопал од гробовите српските попови, а остатоците ги фрлил во Брегалница.
    Од негова страна објаснувањето било дека се осветува затоа што покојните попови ја благословувале војската која убила членови на неговото семејство во 1912/1913.
    Ова го слушнав 90-тите години од старец кој тогаш бил момче, а досега никаде немам прочитано од некој хроничар дали е вистина па го земам со резерва.

    лично

    13/11/2011 at 00:12


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: