Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ OГPAHИЧEH CBETOГЛEД

leave a comment »

Со векови луѓето од Европа биле убедени дека сите лебеди се бели и дека лебеди со друга боја освен бела ниту постојат, ниту може да постојат. Арно ама, кога кон крајот на XVIIIиот век европските морепловци ја откриле Австралија и во тамошните езерца и мочуришта здогледале црни лебеди – сфатиле дека нивната убеденост дека сите лебди секаде се бели била темелно погрешен заклучок заснован врз нивниот ограничен светоглед. Интересно, за многу работи кои ги земаме до ден денешен како факти, не сме свесни дека се последица на ист таков лимитиран видик.

1. Освојувањата на Александар и светските чуда: многу често ја слушаме фразата која треба да послужи како пофалба за некој значаен и грандиозен објект и која тврди дека токму таа градба е „осмото светско чудо“. Просто човек, при толку многу кандидати за осми светски чуда да го фати забуна и да извика за некој објект дека е тој „деветото светско чудо“, чисто само за да се подбие со целиот тој концепт на ограничен број на светски чуда.

Седумте светски чуда патем, воопшто не се светски, бидејќи во таа листа не се вброени ниту Кинескиот ѕид, ниту Колосеумот во Рим (или барем Пантеонот), ниту пак некој од грандиозните храмови на Маите, Инките или Ацтеките, а ниту некоја градба од архитектонското богатство на Индија. Зошто? Затоа што листата на седумте светски чуда ја составиле старогрчки автори кои ниту патувале во Кина, ниту пак дочекале да ја видат славата на Стариот Рим.

Листата е запишана во третиот век пред нашата ера, и во антиката никој не се запнал да ја дополнува, оти се чини дека никому не му било гајле за некаква си од ракав истресена листа на знаменитости познати за тогашните грчки туристи. Дури во модерниве времиња јавноста ѝ обрнала внимание на таа античка листа која на античките луѓе ништо не им значела, па само нашава епоха е опседната со барање на некакво си осмо светско чудо.

Слично на светските чуда кои не се светски туку прилично локални оти сите се наоѓале во близина на  источниот Медитеран, е и тврдењето дека „Александар Велики го освоил целиот познат свет“. Што нема врска, оти тој освоил многу територии кои не спаѓале во рамките на познатиот свет за тогашните грчки историчари (древно-македонски историчари се чини немало, или ако имало, никаков запис не преживеал од нив до нашево време), а воедно, значајни земји кои биле сосема познати за тогашните Грци и Македонци не стасал да ги приклучи кон својата империја македонскиот освојувач. На пример, Сиракуза, во времето кога Филип и Александар освојувале на Балканот и во Азија, била огромен град, поголем по бројот на жители од Атина, а и Картагина во денешен Тунис веќе била на добар пат кон тоа да стане еден од најголемите градови во Средоземноморието.

Тоа биле богати и силни земји, кои биле исплатливи за освојување и навистина не може да се тврди дека Александар го освоил целиот познат свет, кога нив не ги освоил, иако му биле на дофат на раката, многу, многу, многу поблиски од далечните џунгли на Индија или беспаќата на средна Азија.

Во древна Месопотамија, владетелиле на Асирија имале обичај себеси да се нарекуваат „кралеви на сите четири страни на светот“ иако нивните кралства биле минијатурни. Од таа епоха во развојот на човештвото, останато е само името на Кина, која самите Кинези уште од антиката ја нарекуваат „Жонг Гуо“ фраза што буквално значи „централната држава“ и која потекнува од далечното минато кога Кинезите немале познавања за другите цивилизации на планетава па за својата земја сметале дека е центар на светот, и дека надвор од границите на Кина нема ништо вредно за споменување.

Конечно, кој обрнал внимание при гледањето на американски филмови за бејзбол, веројатно ја слушнал и фразата „World Series” која оние што не знаат, веројатно би ги натерала да помислат дека тоа е некакво светско првенство во бејзбол. Ама не е, оти на тоа натпреварување можат да се натпреваруваат само бејзбол тимови од САД и Канада. Очигледно, за љубителите на бејзболот светот на таа игра го сочинуваат само тимовите од тие две држави, иако бејзболот е спорт што се игра во многу други земји.

2. Потопот што (не) го потопил целиот свет: пред десетина илјади години, кога сеуште голем дел од планетава бил окован во прангите на леденото доба, поради огромните наслаги на лед и снег околу половите, голем дел од водата која денеска се наоѓа во морињата и океаните била заробена токму во тие колосални ледници. Следствено, нивото на морињата било многу пониско, за неколку десетици метри во споредба со денешното ниво, па некои сегашни мориња не биле мориња и некои сегашни острови не биле острови.

На пример, во тоа време немало морска бариера меѓу Азија и Америка, туку поради ниското ниво на океаните тоа бил вистински „копнен мост“ низ кој предците на денешните Индијанци преминале од Азија и почнале да ја населуваат Америка. Воедно, Персискиот залив бил плодна долина, своевидно продолжение на денешната зелена рамница помеѓу реките Тигар и Еуфрат, Егејското Море не постоело туку било огромна копнена површина, островот Кипар бил полуостров оти немало море меѓу него и Мала Азија, и конечно Црното Море било многу помало и било езеро, околу чии брегови во многубројни населби живееле многубројни луѓе.

Кога леденото доба почнало нагло да завршува и ледените прекривки да се топат, започнало брзо да се зголемува и нивото на морето, па биле потопени сите територии со ниска надморска височина (во споредба со тогашното ниво на морето) и затоа денешните острови во Егејот се само врвовите на некогашните планини, а кога водата пробила и низ Босфорот, големото праисториско езеро станало одеднаш сегашното Црно Море.

Постои хипотеза дека оние праисториски луѓе кои биле сведоци на наглото покачување на нивото на морињата кое ги уништило во рок од едвај неколку години нивните крајбрежни „цивилизации“ тој трауматичен процес го запаметиле и го интегрирале во нивните митови и легенди, од кои подоцна ќе се создадат митовите за големиот потоп, присутни во скоро секоја цивилизација, а за нас најпознати преку приказната за Ное од Библијата.

Таа приказна е многу слична на далеку постарите месопотамиски приказни, на пример за митолошкиот лик Утнапиштим, кој откако бил предупреден од боговите дека светот ќе биде поплавен успеал да изгради џиновски брод во кој ги собрал роднините и добитокот па кога се повлекле водите од неговите потомци се обновило целото човештво. Сличен мит имале и старите Грци кои зборувале не за Ное, не за Утнапиштим, туку за Деукалион, кој исто така бил запознаен дека светот ќе биде уништен во голема поплава од страна на водите што ги пратил Зевс, и успевајќи да изгради на време џиновски брод, се спасил себеси и жена му, па од нив настанале подоцна сите луѓе. Истиот мит постојано, само хероите се со различни имиња.

Припадниците на народите кои ги создале овие митови за големата поплава која го уништила целиот свет никогаш не патувале подалеку од нивните села, па кога во некој регионален потоп било поплавено сѐ што гледале околу нив, си заклучиле дека сигурно целиот свет бил поплавен и од таму создале цели митови за божји гневови, џиновски бродови и сл.

*

„Никогаш вака не било“ е фразата која може да се чуе од разни паничари за најразлични теми, од екологија и економија, до политика и музика. На пример, кога се случи нуклеарната хаварија во Фукушима, имаше многумина кои тврдеа дека тоа било најголемата катастрофа на сите времиња. Кај нас, имаше луѓе  кои веруваа дека дури во нашите краишта (пола свет оддалечени од Јапонија) треба да стравуваме од  последиците. Никому не му текна дека пред седум децении не радиоактивен отпад, туку цели две атомски бомби биле експлодирани баш во Јапонија, па ете денеска, токму во градовите разорени тогаш од нуклеарните екплозии повторно живеат стотици илјади луѓе. Хирошима е метропола со над милион жители, а Нагасаки е дом на над 400 илјади луѓе.

Значи, ако не само светот туку и ни самите локации каде биле фрлени бомбите не биле трајно упропастени, зошто би паничеле од она што се случи со Фукушима?

Во економијата, сегашната рецесија се смета за некаков последен чин од трагедијата на капитализмот и дека ова е крај за светската економија, дека нема да има никогаш повторно просперитет, дека е време за темелни промени на системот и слични изблици на хистерична логика. Малку само да се прочепка низ историјата, ќе се види дека за време на  Големата депресија од триесетите години на дваесетиот век, кога три до четири пати поголем степен на невработеност имало отколку што има сега, па ете, светот не пропаднал тогаш. Зошто од оваа криза која е бледа сенка на големата криза пред осумдесет години би очекувале да биде „крај за глобалниот капиталзам“?

Во музиката ги има оние смешни избори за „хит на векот“ или за „најславен музичар на сите времиња“ кои можат сериозно да бидат земени само од страна на луѓе кои се премногу млади за да сфатат дека и пред нивното раѓање светот постоел и луѓето уживале во убава музика. Некои од големите композитори од минатите векови се творци на трајни музички дела кои до ден денешен се причина нивните автори да бидат почитувани. А многу од денешните мега-ѕвезди егзистираат едвај неколку години во сеќавањата на луѓето. Затоа е смешно некоја вчера испеана песна да биде во конкуренција за „најголем хит на сите времиња“ при постојните ремек-дела на композиторите кои твореле пред двеста години и сеуште никој не успеал да ги надмине.

Во политиката пак, фразата „вака лошо никогаш не било“ е најчесто обично претерување кое го користи опозицијата за да ја нападне власта и да ги престави нејзините корумпираност и неспособнсот за поголеми од онаа корумпираност и онаа неспособност што сегашната опозиција, а некогашна власт ја покажувала и практикувала.

Многумина од нивните топли и удобни канцеларии се жалат дека напорно работеле а земале мали плати. Баш затоа што се затворени во канцелариите тие не знаат дека надвор има и луѓе кои уште понапорно работат, по рудници, фабрики, градилишта и ниви, и земаат уште помизерни плати. Така да, не треба да се жали никој за она што го мачи, пред да прошета низ светот па да види дека има луѓе со многу поголеми маки од неговите.

Кокошката мисли дека нејзиниот кокошарник е слика на целиот свет. Но, соколот кој високо лета секој ден, цел ден, знае дека светот е многу поголем од неговото гнездо. Оној кој одбива да учи за светот околу него, оној кој е затворен во своите предрасуди и заблуди е како кокошка. Оној кој ќе го отвори умот за нови сознанија е налик на сокол.

.

П.С: Утре вечер, на блогов нова колумна ќе биде објавена која ќе се вика „Симбологија“. Слична на колумната „Квадрига“ од пред еден месец ама секако не е иста, туку е со други теми и други примери.

До утре вечер, поздрав 😉

Напишете коментар