Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ CИMБOЛOГИJA

with 2 comments

Јаболко на раздорот, јаболко на првобитниот грев или јаболко што го чува здравјето?

Имаме обичај идеите да ги преставуваме со симболи, но и на симболите да им даваме значења. Често пати, кога тоа го правиме забораваме дека една идеја може да се престави со повеќе симболи, а уште почесто заборавме  дека – еден симбол може да се јавува кај повеќе, меѓусебно сосема неповрзани и дури и спротиставени идеи, идеологии и движења. Па еве неколку примери:

1. Какво значење има зелената боја? Во Либија, кога започна бунтот против Гадафи можевме да видиме на нашите тв-екрани дека револуционерите го отфрлаат знамето што диктаторот го имал наметнато на државата со која владееше и во знак на протест почнаа да мафтаат со свои знамиња. Тоа и не е толку чудно, ако знамето на Либија под Гадафи не беше најнекреативното знаме воопшто: имено – никави ознаки на него немаше, никакви комбинации на неколку бои, никакви ѕвезди, орли или лавови, прсто и едноставно правоаголник исполнет со зелена боја.

Зелената боја ја беше избрал Гадафи за да симболизира дека Либија е исламска држава, алудирајќи на фактот што во исламот зелената боја се смета за доста почитувана. Тоа веројатно доаѓа од фактот што во пустинските земји зелената е бојата на оазите, каде е концентриран сиот живот, а ја нема зелената во пустините каде што има само смрт.

Арно ама, зелената боја не е само симбол на исламот, оти во западна Европа отсекогаш била токму зелената бојата која се асоцира со ирскиот народ, кој со векови е од христијанска католичка вероисповест. До ден денешен, во САД кога се организира некоја прослава за ирската заедница (на пример, денот на Свети Патрик), се води сметка сите украси и сета декорација да бидат со зелена боја. Дури и бојата на познатиот тим од НБА „Бостон селтикс“ е зелената, оти Бостон е град со најголема концентрација на доселеници (и нивни потомци) од Ирска во САД (патем, во тој тим сосема ретко играат не само Ирци, ами и белци). Кај нас пак, иако немаме Ирци ни за лек, на времето многу значајниот ракометен клуб „Кометал“ зелената ја користеше како најчеста боја на своите дресови.

Од друга страна, модерните еколози се исто така љубители на зелената боја за симбологијата на нивните партии и организации, како што и истата таа боја е симбол за доларите и за профит воопшто. Но, да не заборавиме дека зелената не значи само просперитет и благосостојба, оти кога човек ќе позелени во лицето, тоа е знак дека му е многу лошо, а не дека е здрав. Плус, кога за некого ќе кажеме дека е „зелен“ тоа не значи дека е паметен и успешен и докажан, туку дека е уште незрел и не знае што збори и како треба да работи.

Со други зборови, кога некој е зелен, не треба да му се даде значење. Освен секако ако на раскрсница не видиме зелено светло на семафорот, кога треба да му дадеме значење на зеленото и да ја преминеме улицата.

И значи, што точно симболизира зелената боја? Ако таа може да биде знак на сѐ, почнувајќи од исламот, католиците од Ирска, екологистите, неискусните, богатите, па сѐ до дозволата за преминување улица, има ли смисла да се бара некое длабоко значење во неа? Конечно, во Македонија имаме од пред некое време и „зелена мафија“ која сепак не се занимава со зеленашење (наплата на лихварски долгови) туку со трговија со црвени пиперки и патлиџани. Во филмовите често Марсовците се прикажувани како „мали зелени луѓе“, а во реалноста обично вработените во шумската полиција или во „Паркови и зеленило’ во Скопје се облечени во униформи со таа боја. Конечно, да не заборавиме и дека морковите кои се портокалови се нарекуваат „зеленчуци“, оти веројатно „портокалчуци“ би звучело премногу глупо за изговарање.

2. Срп и чекан има и во „бечката школа“: ние што живеевме во социјалистичка држава цели 45 години добро знаеме дека „срп и чекан“ беше незаобиколниот симбол на комунистичката идеологија. Секоја комунистичка држава го имаше на своите знамиња или барем на државните грбови, или најмалку се среќаваше на медалите и ордените на социјалистичките земји како и на нивните пари.

Некои од социјалистичките земји не се држеа баш премногу строго до зададениот пар на баш срп и баш чекан, па имаше и варијации со други алатки, како на пример во Ангола или на грбот на Источна Германија.

Арно ама, не само што една идеологија користеше варијации на истиот симбол, туку и тој симбол беше користен од сосема други ентитети, кои врска си немаа со комунизмот. На пример, погледнете го внимателно грбот на Австрија, и обрнете внимание на тоа кои алатки држи во своите остри канџи империјалниот хабсбуршки орел (кој уште на главата носи царска круна, иако Австрија не е монархија веќе скоро цел век).

Конечно за да не помислите дека само комунисти и Австријанци љубат да се китат со српови и чекани, еве што еден американски новинар и политички коментатор беше забележал на еден од влезовите на Рокфелер центарот во Њу Јорк. На овој видео-клип (на една минута изминати) може да се види дека фамилијата која е синоним за капитализам (Рокфелери) на една од најпознатите згради што ги има изградено во срцето на капитализамот поставила две фигури една крај друга, од кои едната се служи со чекан, а другата со срп.

Па ако срп и чекан може да се симбол на ентитети од комунисти преку Австријанци па сѐ до капиталистички икони од калибарот на Рокфелеровци, што точно значи тој пар алатки, во симболошка смисла? Ама баш ништо, најверојатно.

3. Громови и петокраки: громовите се асоцијација за уништување, особено кога ќе удрат во некоја куќа и ќе ја пеплосат. Веројатно токму заради опасноста која доаѓа од удар од гром, и поради тоа што тоа е електрично празнење, симболот за високонапонско струјно коло кое не смее да се допира е токму гром.

Но, уште во антиката громовите биле асоцијација на незапирлива уништувачка сила, па затоа римските легионери имале громови нацртано на нивните штитови. А во нешто помодерниве времиња, војниците на елитните сили на хитлерова Германија исто така се кителе со симбол не на еден, ами на двоен гром, како асоцијација на кратенката од името на нивната елитна организација SS. Нешто слично како елитните витези од средниот век, Темпларите, кои во групата свои симболи имале не еден витез на еден коњ, туку двајца витези на еден коњ седнати.

По примерот на германските фашисти, и британските фашисти кои биле доста популарни меѓу двете светски војни, за лого на нивната партија избрале гром. Во денешно време пак, многу интересно е што ептен слично лого како британските фашисти, со истите бои и скоро истиот дизајн, има владејачката партија на Сингапур.

Значи, громот бил како симбол историски користен од фашисти што мразеле припадници на други раси и нации, легионери кои создале империја во која од сите народи, раси и религии преку слободно мешање се создавала една нова, римска, нација, па сѐ до денешните екстремни капиталисти на Далечниот Исток кои владејат со држава отворена за сите продуктивни и трудољубиви луѓе, без оглед на нивното потекло. Громот треба да симболизира уништување, ама кај Сингапурците никакво уништување не означува, оти токму Сингапур под водство на „грмовниците“ од мало гратче на пуст остров има прераснато во глобална метропола.

Што се однесува до петокраките пак, нивната употреба како симболи е уште поразгранета. Ја користеа комунистите, ја има на знамето на Европската Унија, на знамињата на исламските земји како Мароко, Сирија и Турција, на СДСМ, на ДУИ, Косово, на државата Тексас која е позната токму под прекарот “државата со осамена ѕвезда“, на кинеското знаме…

Им се припишува на сатанистите, но и на исклучително мирољубивата религија на Бахаите, една од палатите на папата во Рим има гледан одозгора двор со изглед на петокрака, ја користеле следбениците на старогрчкиот математичар и мистик Питагорас, се користи и како знак за планетата Венера (поради патеката што таа ја прави гледана од земјата во текот на осумгодишниот ѝ циклус и која што патека личи на заоблен пентаграм)…

Бидејќи пентаграмот е доста едноставен симбол тој се јавува во многу култури и цивилизации, речиси исто колку свастиката за која пишуваше на времето една цената блогерка, а во потесна смисла и како квадригата, за која пишував јас во истоимената колумна.

*

Па, што можеме да заклучиме од сево ова искажано? Дали има смисла кога се гледаат сите симболи низ целиот свет во најразлични контексти ставени да се бара во тоа доказот за некаков светски заговор или за делувањето на некава тајна организација со глобална доминација? Или пак треба само да се каже – колку симболи, толку толкувања, а понекогаш, и од само еден симбол, безброј толкувања.

А кога нешто има еден куп значења, тогаш во суштина, само по себе нема никакво значење. Ако нешто може секако да се протолкува, тогаш најдобро ич и да не се толкува.

.

П.С: Утре вечер, на блогов очекувајте ја колумната насловена „Војни со рок на траење“. Ќе стане збор во неа за неколку интересни војни кои се воделе низ историјата и за поуките што од нив можеме да ги извадиме.

До тогаш, поздрав🙂

Written by nenobogdan

01/11/2011 at 23:04

2 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. off topic

    Мислам дека бурекџијата денес те препишал.

    Барут

    03/11/2011 at 00:32

    • Хе хе хе… некои луѓе се Сонце кое зрачи светлина, а други Огледало од кое таа светлина се рефлектира. Што да правам кога сум се родил Сонце да бидам, а тој во животот стасал само нечие огледало да биде🙂

      Нека препишува… има и од кого да препишува. Никогаш нема да се случи јас од него да препишам!

      Фала за информацијата патем, и – голем поздрав🙂


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: