Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ BOJHИ CO POK HA TPAEЊE

with 9 comments

Јуриииииш!

Кога завршила Првата светска војна и кога на Версајската мировна конференција бил потпишан мировниот договор, еден од главните војсководачи од војната, речиси пророчки изјавил дека „ова не е договор за мир, ова е само спогодба за примирје кое ќе трае 20 години“. Како знаел тој тогаш дека точно дваесет години подоцна ќе избие Втората светска војна – не знаеме, ама интересно е дека низ историјата има неколку војни кои имињата ги добиле токму според должината на траењето им, а не според тоа кога или каде или меѓу кого се воделе

1. Стогодишната војна: на широката јавност (надвор од Франција и Англија) оваа војна која се водела во текот на XIVиот и XVиот век главно ѝ е позната по еден од најнеобичните ликови кои учествувале во неа, легендарната војсководачка Јованка Орлеанка.

Инаку, освен по тоа што најголемите победи Французите ги извојувале кога биле предводени од една жена (и тоа плус тинејџерка без било какво воено образование или претходно борбено искуство!) – факт од кој не се знае кој треба повеќе да се срами, дали Французите оти немале ни еден маж посаглам генерал од неа, или Англичаните што изгубиле еден куп битки од една „прчла“ – оваа долга војна е значајна при разгледувањето на аналогиите во историјата по еден речиси уникатен факт, а тоа е потеклото на напаѓачите.

Имено, уште откако во 1066та година еден француски аристократ ја нападнал и освоил Англија, неговите потомци кои станале англиски кралеви се труделе да ја искористат огромната економска моќ на англиското кралство за да ја наметнат својата превласт и врз земјата од која дошол основачот на нивната династија. Или сумблимирано: прво некои Французи ја освоиле Англија, па потоа со векови се труделе од нивната база во Англија да ја освојат Франција.

Нешто слично во модерниве времиња имаше како потенцијал за конфликт во односите меѓу Кина и Тајван. Имено, од Кина во 1949та година биле протерани приврзаниците на Чанг Кај Шек кои го освоиле островот Тајван (каде што локалните жители до тогаш и не се чуствувале баш премногу како Кинези) и во текот на неколку децении потоа кроеле водачите на Тајван дојдени од Кина планови како со помош на ресурсите стекнати со владеењето со Тајван да ја повратат со воена инвазија Кина под своја власт.

Или пак во нешто поблиски географски околности, тоа е слично на појавата кога во XIXиот век од Македонија многу Македонци се иселиле во Бугарија, таму станале битни фаци во политичкиот и културниот живот, па од тогаш, ја злоупотребуваат својата моќ во бугарското општество за да ги убедат асли Бугарите дека тие треба да се жртвуваат (некогаш и во војни, но и финансиски и материјално) за да ја освојат Македонија, родната грутка на еден дел од бугарската елита.

Можеби ако се спореди менталитетот на англиските кралеви во текот на Стогодишната војна и нивниот напор да ја освојат Франција, може да се објасни и опсесијата на Бугарите со македонско потекло во XXиот век да ја приклучат Македонија кон Бугарија. Тоа е тема за интересна психо-стратегиска анализа.

2. Триесетгодишната војна: ако се погледне текот на оваа војна која се водела во XVIIиот век во централна Европа, ако се види кој сѐ учестувал во неа, и ако се спореди обемот на разурнување на материјалните добра, како и бројот на жртвите, просто човек да помисли дека она што ние го викаме „прва светска војна“ (од 1914та до 1918та) не е ништо во пропорционална споредба со Триесетгодишната војна. Сакам да кажам, на некој начин, вистинската „прва“ светска војна е токму Триесетгодишната војна!

Како и секоја навистина голема војна, така и оваа завршила со значаен мировен договор кој ја определил состојбата на глобалната политичка сцена за многу децении понатаму. Договорот со кој била окончана оваа навистина прва светска војна се викал Вестфалски мировен договор, и неговите последици се чуствуваат и до ден денешен, иако од тогаш па наваму многу војни се воделе и многу други договори мировни се постигнале. Ама сите договори се базирани, директно или индиректно, врз основните концепти од Вестфалскиот мировен договор. Зошто е тој толку значен?

Па, со тој договор е практично роден концептот за „нација“ во смислата што ние денеска го знаеме, како луѓе кои живеат на една територија и се суверени на таа територија. Имено, војната почнала со цел да се стави крај на кавгата меѓу протестантите и католиците (и токму затоа скоро цела Европа била вмешана во војната), и откако завојуваните страни по три децении наизменични победи и порази утврдиле дека е невозможно било која од двете верски групи да ја уништи целосно другата, се договориле секој владетел во својата држава да си одлучи самиот дали сите негови поданици ќе бидат протестанти или католици.

Поради основниот принцип на човековата психологија кој се вика реципроцитет (и кој е основа за појавите од типот на одмазда, срам, долг, пријателство, благодарност и сл.), многу скоро луѓето во секоја држава почнале да си велат: „штом власта може да одлучува за мене како треба да размислувам, сигурно и јас треба да одлучувам како треба да размислува власта“. Со други зборови, баш поради правото дадено на секоја власт во секоја држава да им се меша на граѓаните во личното мислење, сите луѓе сфатиле дека и тие треба да имаат прво да одлучуваат за тоа како треба власта да „размислува“.

Во вековите што ќе следуваат по Вестфалскиот мировен договор, ќе се појават за прв пат во историјата мислители кои ќе ја пропагираат баш таа идеја – дека ако луѓето ѝ припаѓат на својата држава, тогаш и државата мора да им припаѓа на луѓето што живеат во неа. А токму тој концепт е изворот за подемот на демократијата кон крајот на XVIIIиот век и на национализмот во XIXиот век.

3. Седумгодишната војна: според териториите на кои се воделе битките од оваа војна, како и според бројот на вклучени држави, слично на Триесетгодишната и нејзе можеме слободно да ја наречеме светска војна. Оти на двете страни од конфликтот биле вклучени скоро сите тогашни европски држави, а пак битките се воделе и на копно и на море, и во Европа, и во Америка и во Индија, и токму затоа, ова е вистинската „втора“ светска војна.

И слично на она што официјално го знаеме како Втора светска војна, така и од оваа војна имало за последица да се отвори патот кон создавање на нови светски сили и поради банкротство, пропаѓање на една од претходните глобални супер сили. Во Северна Америка се водела борба меѓу англиските и француските колонијални армии, при што Англичаните за да ги надополнат своите сили донесени од Европа регрутирале војници и офицери дури и од своите колонисти.

Голем дел од нив по завршувањето на војната, откако се стекнале со воено искуство и сметале дека тие ја извојувале победата, немале баш некој мерак да продолжат да примаат наредби од Лондон, па токму тие биле иницијатори на војната за осамостојување на американските колонии во независна држава која од тогаш се вика САД. Впрочем, оние кои биле херои во некоја војна, по војната секогаш тешко може да се контролираат.

Примерот со српските мафијаши кои завладејаа со белградскиот асфалт откако се вратија полни со самодоверба од војната во Босна е најсвежа апликација на тој принцип. А во таа насока е и инаетот на југословенските комунисти во 1948та кога му рекле „не“ на Сталин, оти како партизани сами ја извојувале победата, за разлика од сите други источно-европски комунисти кои дошле на власт со советска помош.

Воедно, по Втората светска војна Британија била тотално банкротирана и нејзината улога во светската политика драматично се намалила до тој степен што ги изгубила сите нејзини колонии и доминацијата им ја препуштила на САД. Како резултат пак на Седумгодишната војна, Франција била таа која банкротирала до тој степен што со децении по војната била во перманентна буџетска криза што пак довело до еден куп непопуларни даночни реформи кои пак до тој степен го разлутиле народот во Франција што тој во 1789та година се кренал на револуција.

Поуката од Седумгодишната војна е дека од секој голем судир има последици кои може да се чуствуваат со децении и векови дури потоа. Тоа е нешто што секој кој ја проучува историјата и сака да разбере нешто од неа треба да го има на ум. Сто години по Балканските војни македонскиот народ сеуште ги трпи последиците, а Србија шест века по Косовската битка уште не може да ја поврати контролата врз тој регион.

4. Илјададневната војна: секој кој го читал делото на Габриел Гарсија Маркез „На полковникот нема кој да му пишува“ знае дека главниот лик во тој роман, Полковникот, е ветеран од губитничката страна во таа граѓанска војна која се водела во Колумбија и Панама, и кој што човек со години ќе чека да му дојде писмо во кое владата (предводена од луѓето против кои тој војувал) ќе се смилува врз неговата тажна судбина и ќе му додели каква-таква пензија.

И ние кај нас имаме едни борци од војната во 2001та кои чекаат пензија да им даде државата против која се бореа, ама за разлика од Полковникот на Маркес, тие кај нас не изгубија и сега никој нема да треба да напише роман со наслов „На командантот нема кој да му пишува“ оти ако не отворено со апла директна исплата на средства за воениот стаж, тогаш барем индиректно преку рамковните вработувања, нивните финансиски потреби се намирени и нивните воени подвизи се наградени.

Инаку, Илјададневната војна се вика така заради тоа што траела некаде околу илјада денови. Резултат од неа во историја на Колумбија е што Панама, која што тогаш била дел од територијата на Колумбија, стекнала независност и од тогаш е самостојна држава.

Војната се водела помеѓу вооружените припадници на двете водечки партии во државата, кои се чини не знаеле дека власта треба да се добива на демократски избори, па како казна за нивната борба за доаѓање на власт по секоја цена, државата им го изгубила стратегиски најзначајното парче од територијата, имено делот каде што минува Панамскиот канал.

Да не војувале една со друга двете партии, денеска Колумбија можеби немаше да биде позната по производството на дрога, ами како земјата која управува и стопанисува со Панамскиот канал. Ете, тоа е цената која секоја земја ќе ја плати ако дозволи да ескалира меѓупартиската омраза.

5. Шестдневната војна: и конечно, најблиску до нашево време хронолошки е војната од 1967та година помеѓу Израел и неговите арапски соседи, во која за само шест дена жестоки борби (толку кратко траела војната) малечкиот Израел успеал тотално да ги смачка силите на своите непријатели и да им ги одземе за казна на Египет појасот Газа, на Сирија Голанската висорамнина и на Јордан Западниот Брег и источен Ерусалим.

Јасно е зошто е оваа војна значајна за изгледот на Блискиот Исток денеска. Само прочитајте ги пак имињата на териториите што од Арапите ги презел Израел и ќе сфатите дека сите жешки точки (Газа, Западен Брег и Голан) кои денеска ги оптоваруваат односите во тој регион се направени „жешки“ со израелската победа во таа војна.

Она што е битно како поука од оваа војна е секако фактот дека можеби за прв пат во историјата јасно се покажало дека една земја од сите страни опкружена со непријатели и истовремено нападната од сите страни, со помал број на војници од своите противници и практично без никакви ресурси, ако има способни команданти и добро обучени и дисциплинирани бранители – може да ги победи сите свои непријатели и да им откине дури на сите по парче од териториите им во војна која ќе трае едвај една недела.

Во тоа време, во екот на Студената војна, за стратегиски сојузник кој ги снабдувал со модерно оружје, Израелците ги имале САД, а Арапите СССР, така да во тој поглед биле изедначени и никој немал предност. Меѓутоа, во ниту еден друг поглед – не биле изедначени и Израелците биле во понеповолна позиција од напаѓачите. Арно ама, баш затоа што биле подобро водени и подобро обучени, тие успеале да победат и тоа за неверојатно кратко време.

Денеска, не само што состојбата со квалитетот на војниците на Израел и на неговите соседи е ист како во таа војна, туку и Арапите веќе немаат голем сојузник кој би ги снабдил со првокласно оружје еднакво по технолошкото ниво со онаа што Израелците би го добиле од САД.

Така, сите најави кои сега се слушаат во тој регион, дека Турција ги заладува односите со Израел, или дека новата власт во Египет ќе почне војна со еврејската држава се само чукање празна слама. Ако во Шестдневната војна не успејаа Арапите да ги победат Евреите кога ама баш сите стратегиски предности биле на нивна страна, како ли само очекуваат да извојуваат победа во денешниве услови, кога ниту еден стратегиски елемент не им е наклонет?

Сепак, историјата е позната по тоа што упорно луѓето одбиваат да учат од неа и да влечат поуки и наравоученија. Како ќе се развиваат настаните на Блискиот Исток по бранот арапски револуции и како Турција под водство на исламистичката влада ќе делува против Израел, допрва ќе видиме. Евентуална нова војна на Блискиот Исток може да го дестабилизира целиот свет, најмногу преку застојот во снабдувањето со нафта, како и прекинувањето на поморските врски меѓу Европа и Кина и Индија со затворањето на Суецкиот канал. Арно ама, ако некогаш војните се именувале според должината во години (сто, триесет или седум), а во дваесетиот век во денови, кој знае како во овој дваесет и први век ќе се мерат – во часови можеби?

.

П.С: Во четврток, во редовниот термин, очекувајте нова колумна на блогов со која ќе заврши овој мој колумнистички рафал кој почна од неделата и пак блогов ќе се врати на стариот добар ритам, по една нова колумна неделно. Утрешната колумна ќе се вика „Промена на парадигма“.

До утре вечер, поздрав😉

9 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. И да пишуеш и да не пишуеш, дедо ти бил Бугарин.
    хе хе хе хе

    Nikola

    03/11/2011 at 13:56

    • Еднаш го прашав за тоа, и дедо мене ми рече дека бил Македонец.

      На кого да му верувам, на тебе или на дедо ми?

      Сигурно тој поубаво знае за себе што бил отколку ти што знаеш за него.

  2. А како дојде во ситуација, што те натера баш тоа да го прашаш?

    Nikola

    03/11/2011 at 21:28

  3. Имам чувство, дека имаш чувство, дека Бугарите ти дишат во вратот.

    Nikola

    04/11/2011 at 10:15

  4. А да, на македонски се вика ВОЕН рок.
    Ама тебе тоа баш те заболе, уствари.
    Така ти кажал дедо ти, нели?

    Nikola

    04/11/2011 at 13:30

  5. gresska poslednovo🙂

    Nikola

    04/11/2011 at 21:23

  6. или го едитираше заглавието во меѓувреме

    Nikola

    04/11/2011 at 21:36

  7. Израел во Шестдневната војна го освоил и Синајскиот полуостров, практично стигнувајќи до Суецкиот канал и со тоа ја зголемил својата територија тројно! Мислам дека поради опасноста Израел да го освои Суецкиот канал војната завршила толку брзо.

    Sinai

    28/11/2011 at 13:50

    • Знам, ама од Синај се повлекле потоа Израелците, а од Западен Брег, Газа и Голан не се уште ефективно повлечени.

      Затоа не го ни споменав Синај оти нема некоја релевантност за сегашната ситуација во тој дел од светот.

      Еве еден убав документарец за таа војна: http://www.youtube.com/watch?v=yK7rH3mdQVI


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: