Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ПPOMEHA HA ПAPAДИГMA

with 3 comments

Како што можете да видите од гореприкажаното видео-клипче, понекогаш за некои проблеми нема друго решение освен да се пристапи сосема оригинално, на начин дотогаш невиден и дури и непретпоставен. Оти, тоа е смислата на промената на парадигмата: ако на едно прашање не му го знаеш одговорот, можеби наместо да го бараш одговорот, треба да се обидеш подобро да го разбереш прашањето.

1. Гордиевиот јазол и јајцето на Колумбо: приказната за Гордиевиот јазол и за тоа како Александар Велики успеал да го разреши тој од никого претходно разрешен проблем му е позната на секој кој што барем малку читал историја. Имено, мудроста на Александар се состоела во тоа да сфати дека не треба да губи време со одврзување на јазолот што ја држи врзана запрежната кола со столбот, туку треба да ја прекине врската на запрежаната кола со столбот со кој е поврзана. Па така, наместо да одврзува неодврзлив јазол – нешто што било само формата а не и суштината на проблемот – тој едноствано со мечот го пресекол јажето и така ги разделил колата и столбот.

Сличен, но нешто помалку познат подвиг, своевремено направил и морепловецот Колумбо кога во една пригода некои луѓе му го негирале неговиот морепловски подвиг, велејќи дека секој што ќе се обидел како него да плови на Запад (наместо кон Исток) сигурно ќе стасал до истите земји до кои стасал и тој, оти тие земји си биле таму отсекогаш. Требало само човек место на исток околу Африка да тргне директно на Запад и готово – ќе стасал до таму до каде што и Колумбо стасал.

Колумбо на ова наместо да одговора со празни зборови, само побарал од присутните скептици во неговата креативност и интелигенција да се обидат едно обично јајце да го стават да стои на врвот (не на страните, ами онака, исправено). Откако ниту еден од негаторите не успеал да го направи тоа, Колумбо го зел јајцето и откако малку му го поткршил врвот и со тоа го израмнил заоблениот врв, го поставил да стои исправено.

Откако му било кажано дека сепак така секој може, Колумбо им рекол дека ако секој можел да го постави јајцето исправено, требало и тие да го постават, ама ете не успеале, што пак значи дека треба некому да му текне дека задачата не била да се исправи нескршено јајцето, туку само да се исправи јајцето. Слично како што Александар никаде не видел услов дека јазолот не смее да не се отплеткува, туку дека суштината на проблемот била колата да се одвои од столбот за кој била врзана.

Со други зборови, никој не рекол дека јајцето не смее да се поткрши пред да се постави исправено и никој не рекол дека јажето од јазолот не смее да се сече со меч.

Поентата со приказните за Гордиевиот јазол и Колумбовото јајце е во тоа да се направи дистинкцијата во менталитетот на еден проактивен и еден сервилен човек. Имено, сервилниот вели дека „тоа што не е изричито дозволено, сигурно е забрането“ додека проактивниот сфаќа дека „тоа што не е изричито забрането, сигурно е дозволено“.

2. Како Александар ја победи персиската флота: кога Александар Велики се подготвувал да ја освои Персија, неговите генерали му препорачале освен копнена војска да создаде и голема флота која ќе може да ѝ парира на моќната персиска воена морнарица. Така, велеле генералите, победата ќе била уште посигурна.

Сепак Александар знаејќи дека Македонците ниту имале искуство со градење бродови, ниту пак имале свои искусни кадри (морнари) за управување на дури и најмала флота, а не сакајќи да зависи од флотите кои би му ги обезбедиле покорените (и „сојузнички“) грчки градови-држави, сфатил дека нема друг начин да се победи персиската флота освен – по копенен пат.

И затоа им рекол на своите генерали дека не треба ич да му ја мислат за правење на некаква си македонска флота, оти за тоа немало ниту пари, ниту реални изгледи да се изведе тоа квалитетно за толку кус рок дури и од некаде да се нашле парите, па следствено рекол дека неговиот план гласи: „персиската флота ќе ја победам на копно“.

Ова нешто генералите не го сфатиле од прва оти немале навика да мислат креативно, ама Александар имал таква навика, па им дообјаснил дека ниту една флота не може да оперира по море доколку нема бази т.е. пристаништа во кои ќе може да врши поправки на бродовите и да се снабдува со храна за морнарите. Следствено, ако македонската армија на својот поход низ Персија покрај брегот на источниот Медитеран ги ставела под своја контрола сите пристаништа – персиската флота сама од себе ќе пропаднела оти ќе немало од каде да се снабдува.

Така и било направено, а две илјади и триста години подоцна, на обратен (ама во суштина идентичен) начин, Британците во Северна Африка го победиле до тогаш непоразениот германски генерал Ервин Ромел.

Не можејќи ама баш никако да ги совладаат неговите тенковски единици, Британците примениле стратегија инспирирана од Ацета наш, сублимирана во зборовите: „ќе ги победиме тенковите на Ромел, ама не на копно, туку на море“ и се концентрирале на уништување на сите бродови кои од Европа носеле гориво и резервни делови за германските тенкови во Либија и Египет, па на тој начин на Ромел џабе му биле јаките му тенкови и неговата му речиси натприродна способност да ги командува брилијантно (поради која го добил прекарот „пустинска лисица“) кога немало гориво со кое тие страшни машини ќе биле ставени во погон.

Тоа е промената на парадигмата во полето на воената стратегија: ако не можеш да го победиш непријателот на бојното поле, победи го зад бојното поле со тоа што ќе му ги пресечеш линиите за снабдување. Ако не можеш да ја исклучиш на копче машината – извади ја од штекер!

За една верзија на таа стратегија има дури и посебно име кое гласи „пеплосана земја“. Ја применил најславно рускиот цар Пјотр Велики кога војувал со Шведска, кога немајќи војска способна да ги совлада Швеѓаните, наредил на териториите околу патот по кој ќе напредува армијата на шведскиот крал да бидат запалени сите полиња и ливади, да се убие сиот добиток и да бидат урнати сите куќи во кои засолниште би нашле напаѓачите. Така, Швеѓаните биле ослабнати до тој степен, што кога конечно се судриле во битка со Русите – биле премногу изгладнети и измрзнати за да пружат отпор на руските напади каков што ќе можеле да пружат да биле во полна спремност пристигнати на бојното поле.

3. Хенри Форд и неговите „побрзи коњи“: на еден состанок на менаџментот на компанијата „Форд“ пред основачот Хенри Форд некој млад службеник изнел став дека за да може компанијата да ја победи конкуренцијата ќе треба да отвори оддел за истражување на пазарот со чија помош ќе се утврдело какви автомобили сакаат луѓето да возат, па баш такви коли и да почне да произведува фабриката.

На овој предлог Хенри Форд само кусо одбрусил: „да ги прашував јас луѓето какви желби имаат во поглед на подобрувањето на патувањата, сите ќе ми речеа дека би сакле да имаат – побрзи коњи. Никој не ќе ми кажеше дека треба да се баталат коњите сосема и да се оди на комплетно нов технолошки концепт – автомобилот“.

Оваа мисла на Форд дека коњот не е битен сам по себе, туку е битен поради она што го обезбедува т.е. транспортот, во голема мера можеме да ја употребиме и за анализа на општеството во кое живееме и за системот според кој е уредена државата и еконономијата.

Имено, многумина велат дека сите луѓе сакаат да најдат работа и дека невработеноста е голем проблем во државава. Арно ама, не до немањето работа, оти никој не бара работа за да има работа, туку бара работа за да има плата! Работа лесно се наоѓа, само плата никој нема да ти даде.

Значи, еден политичар не треба да ги прашува граѓаните „што сакате?“ оти секој ќе му рече „да ме вработиш!“ и како што е случај во нашава земја, луѓето си гласаат за некоја партија затоа што им ветува дека ќе ги вработи во државна служба. Ниту еден политичар нема да добие гласови од луѓето на кои ќе им вети дека ќе им најде работа – на некоја нива да берат пиперки или домати.

Како што покажува Грција во последниве две години, земањето плата без создавање на некаков корисен производ или услуга е пат кон банкрот и сиромаштија.

*

Во крајна линија, тоа е проблемот и со нашиот образовен систем. Ако ги прашате студентите зошто учат додека студираат ќе ви речат дека тоа го прават за да положат испит, а испитите ги полагаат за да земат диплома, а пак дипломата ќе им обезбеди полесно вработување. Малкумина се тие што ќе речат дека учат и студират за да добијат освен диплома, и знаење кое ќе им овозможи откако ќе најдат работа да можат навистина и да ја работат успешно таа работа.

Промената на парадигмата е многу битна работа, оти се состои во тоа да се утврди не „како треба да се прави нешто“ туку „зошто се прави тоа што се прави“. Ќе знаеш „кога“ ако знаеш и „како“, ќе знаеш „како“ ако знаеш и „што“, ќе знаеш „што“ ако сфатиш и „зошто“, а ќе знаеш „зошто“, ако на прашањето „зошто да не“ не можеш да најдеш никаков логичен одговор.

Со други зборови: не обидувај се да го најдеш вистинскиот одговор, ако сеуште не си успеал да го најдеш вистинското прашање.

.

П.С: Наредниот четврток на блогов очекувајте ја колумната „Рециклирани артефакти“. А во утрешниот број на неделникот „Фокус“ побарајте ја и мојата редовна политичка колумна.

До четврток, поздрав😉

3 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Навистина сакам да ве читам. Но (ако ми дозволите ), премногу сте опширен. Кога ќе ја погледнам големината (должината на напишаното ), многу често се откажувам!!
    Дали сте вие по вокација историчар?
    Поздрав!!

    zonazon

    12/11/2011 at 14:22

    • Знам дека многу пишувам, ама среќа еднаш неделно пуштам колумна, па кој сака може да ја чита дел по дел (или подточка по подчтока) секој ден🙂

      Патем, не сум историчар, што само по себе кажува нешто за мојот блог. Ако е вака добар а го пишува не-историчар, замисли да го пишуваше историчар каков ќе беше🙂

      Поздрав🙂

      • Е сега, малку сум затекнат. Сепак мислам дека ако го пишуваше историчар, тешко дека ќе беше по добар. Патем, читајќи ве и во ” ФОКУС “, не сте ништо ” послаб ” и во пишување на актуелни теми од нашево исчашено секојдневие, кое нема никаква врско со кичми и космодискови.

        Поздрав

        zonazon

        12/11/2011 at 19:19


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: