Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ PEЦИKЛИPAHИ APTEФAKTИ

with 14 comments

Рециклирањето обично е здодевна приказна. На пример, од фрлени стаклени шишиња за вино се прави стакло за прозорци, од алуминиумот од лименките за пиво се прават рамките за тие прозорци, и слично. Ништо интересно нема во тоа од обичен предмет да се рециклира материјалот и да се направи друг обичен, секојдневен предмет. Но, некои рециклирања се уникатни и по таа логика се и интересни, оти од необични предмети со историја се прават други необични предмети со друга историја. Еве неколку примери:

1. Черепот на Сингелиќ и пехарот на Крум: во текот на Првото српско востание против Турците, еден од најзначајните лидери на српските востаници бил извесен војвода Стеван Сингелиќ. Ако неговото презиме ви звучи познато, особено на читателите од Скопје, тоа е затоа што во негова чест во времето кога Србите завладеале со Македонија (меѓу двете светски војни) една населба во Скопје го добила тоа име, кое за чудо го задржала официјално дури и во петте децении комунистичка власт. Денеска се вика таа населба „Методија Андонов Ченто“.

Она по што е битен Сингелиќ за колумнава не е толку неговиот придонес кон ослободувањето на Србија од турското ропство, туку како Турците, откако го поразиле во една битка и него и неговите борци, се однесувале кон неговиот и черепите на паднатите Срби. Имено, наместо да ги погребаат како што заслужуваат непријателите кои храбро се бореле, им ги исекле главите на труповите, им ги одрале кожите од главите (и му ги пратиле тие скалпови на султанот како доказ за победата) а од черепите изградиле – кула!

Таа кула постои веќе две века во Србија (во близина на Ниш) и се вика „Ќеле кула“ и мислам дека е уникатна во историјата на светското градежништво по морбидноста на градежниот материјал – човечки черепи. Првично во неа биле вградени речиси илјада черепи на загинати српски бунтовници, но со тек на време повеќето од тие черепи биле извадени од градбата и погребани достоинствено од страна на роднините на загинатите (како ги познале кој е кој, не е познато). Оние черепи што останале вградени во кулата кога Србите конечно загосподариле и со Ниш, биле заштитени со посебен затворен објект кој до ден денешен е отворен како историска атракција за посетители.

Черепот на војводата Сингелиќ бил сместен своевремено на самиот врв на таа кула од черепи, а и денеска е тој череп дел до таа зграда и е една од најпочитуваните реликвии на српската држава и нација.

Многу сличен случај на овој се јавува уште и кај првите Бугари. Имено, откако долго време страдал од надмоќната армија на Византија, во една пресвртна битка со Византијците бугарскиот кан Крум успеал крваво да ги порази непријателите, и не само тоа, успеал дури и да го убие самиот византиски цар Никефорос кој командувал лично со армијата.

Во знак на одмазда кон својот голем непријател, и како своевидна последна навреда кон душманот, Крум му ја исекол главата на Никефорос, и од черепот на византискиот цар наредил да му се направи пехар од кој со задоволство пиел вино кога ја славел својата голема победа. Еве го тука на слика баш од манускрипт од тоа време моментот кога му носат на Крум слугите вино баш во пехарот направен од черепот на Никефорос.

Патем, ова правење пехари од черепите на поразените непријатели и не било баш редок обичај во средновековната епоха. Според оваа статија во википедија, го практикувале неколку луѓе низ историјата.

2. Победникот зема сѐ, дури и името на поразениот: пред двеста години по серија од неколку крвави војни, непријателите на Наполеон конечно се соочиле со него во една колосална битка кај местото Ватерло. Во таа битка главниот товар на одбраната на францускиот боев ред бил ставен врз елитната гарда на Наполен, единица која се нарекувала гренадири, а пак за напад врз позициите на таа единица биле ангажирани војниците од една, до тогаш по ништо значајна и позната британска единица.

Е арно ама, благодарение на херојскиот напор на британските војници, елитната гарда на Наполеон била разбиена и натерана на повлекување, по што драматично опаднал моралот на другите француски војници и токму тој чин во голема мера резултирал со поразот на Наполеон во битката кај Ватерло. Во чест на покажаниот хероизам и како признание за влијанието на тој дел од битката кон исходот на само на целата битка туку и кон конечната победа во војните против Наполеон, британската влада донела одлука таа единица која ги поразила француските гренадири да се вика од тој ден па наваму Британски гренадири.

Британските гренадири до ден денешен се една од најпрепознатливите британски воени единици, пред сѐ затоа што во чест на нивниот придонес кон подемот на британската империја, им е доделана најубавата химна, па маршот на британските гренадири е еден од најпрепознатливите воени маршеви во светот, а за нас Македонците е интересна и по тоа што во нејзиниот текст, се пее и за Александар Велики (ама не во позитивна конотација, демек гренадирите да ти биле појаки борци и од него?!)

Слично со именувањето на своите гренадири Британците направиле во текот на Втората светска војна и со именувањето на нивните тогаш новосоздадени специјални единици кои биле обучувани за вршење диверзии во окупираната Европа. Имено, зборот кој денеска е синоним за специјалец (командос) е множина од англискиот јазик каде зборот „командо“ бил назив за специјалците на британската војска во текот на војната против нацистите. Самиот збор пак за прв пат Британците го чуле во текот на Бурската војна на преминот од XIXиот во XXиот век кога така се нарекувале самите себе баш непријателите на Британците во Јужна Африка!

Значи, ете еден чуден обичај кај Британците во нивната армија: ќе ги победат француските гренадири и не само што ќе им го земат ним името и ќе почнат и една своја единица да ја викаат „гренадири“, туку и потоа, не само што ќе војуваат против непријатели кои себеси се нарекуваат „командоси“ туку откако ќе ги поразат, своите специјалци ќе почнат да ги викаат со називот на нивните некогашни непријатели.

Замислете на пример по Втората светска војна, во ЈНА да имало специјални единици наречени „усташи“ или „четници“ или „балисти“. Само Американците ми се чини одат делумно по англискиот модел, па своите хеликоптери (Апачи и Команчи) ги нарекуваат по имињата на индијанските племиња против кои своевремено токму американската војска војувала.

3. Камбаните бијат, топовите трештат, медали се коват: за уникатниот материјал од кој била изработена круната на романскиот крал пишував во колумната која се викаше „Железна колумна“. Да потсетам само дека наместо да побара неговата круна да биде изработена од злато или сребро, во чест на победата против Турците во војната за независност на Романија, кралот Карол Први одлучил од челикот на еден турски топ кој бил заробен во една голема битка од војната, да се искова челичната круна која ќе ја носи тој и идните владетели на новата, слободна држава.

Сличен потег направил неколку децении по романскиот крал и Теодор Рузвелт, американскиот претседател под чија управа бил изграден Панамскиот канал. Имено, тој градителски подвиг неколку години пред Американците се обиделе да го остварат и Французите, ама не успеале, па кога американските инжинери дошле во Панама таму нашле еден куп рѓосани машини и метална опрема оставена од француските инжинери кои пред нив се откажале од изградбата на каналот.

Кога конечно Американците го изградиле каналот, за да ја одбележат таа своја победа над Французите, (не воена, ама сепак техничка и индустриска) од металот од фрлените француски машини биле исковани – медали и тие медали им биле разделени на најзаслужните градежни работници кои работеле на американскиот проект за Панамскиот канал. Бизарен детал поврзан со медаливе за каналот кој спојува два океани е што уметникот што ги дизајнирал медалите, загинал при потонувањето на бродот Титаник, кога преминувал еден океан. А тој добил медал во Романија откако учествувал како воен дописник и хуманитарец во војната за ослободување од Турците, погоре спомената.

Обратно од романскиот крал, постапил во еден период од своето владеење рускиот цар Пјотр Велики. Наместо од топови да топи метал и да прави круни, тој во недостаток на метал за да создаде артилерија за својата војска, наредил сите камбани од црквите во Москва и околината да бидат стопени и од нив да бидат излеани топови. Ова нешто водачите на руската православна црква не го примиле баш најдобро, небаре нивните камбани биле поважни од одбраната на татковината. Како и да е Пјотр си терал по свое, па делумно благодарение на топовите создадени на овој начин успеал да ги победи непријателите кои ја напаѓале Русија во Големата северна војна.

Конечно, од рециклираните артефакти, можеме да го споменеме и работното биро што се наоѓа во канцеларијата на американскиот претседател во Белата Куќа и кое што биро е еден од неколкуте дрвени предмети изработени од гредите и штиците на еден воен брод кој што Америка ѝ го подарила на Британија во средината на XIXиот век, за само неколку децении подоцна, Британија да го растури дрвениот брод што развојот на технологијата го направил застарен и од дрвото да направи неколку парчиња мебел.

Станува збор за познатото „Резолјут биро“ наречено така бидејќи бродот од чии греди е изработено бирото се викал „Резолјут“. Оние кои обрнале внимание на приказната во филмот „Национално богатство 2“ кој беше хит пред некоја година веројатно ја паметат сцената кога главните јунаци одат во Лондон за да видат кои тајни кодови се скриени во бирото на кралицата кое исто така е изработено од гредите на бродот Резолјут.

Дрвото од бродот Резолјут склопено во бироа и работни маси очигледно стасало до многу битни канцеларии, и по некоја далечна логика е слично на дрвото од крстот на кој бил распнат Исус.

Овој крст долго време бил изгубен, ама своевремено бил наводно пронајден и од гредите на тој крст со векови понатму црквата делкала мали крвчиња кои им биле продавани на аџиите во Ерусалим, и за таа реликвија добиена со рециклирање од првиот христијански крст, се верувало дека штити од болести, демони, куршуми, сабји и сл. Секако, голем знак прашање е колку има вистина во тоа дека сите примероци на „чесен крст“ (така се вика реликвијата) се баш дел од тој крст што бил најден своевремено, а уште поголем знак прашање е колку па тој крст е навистина оној на кој бил распнат Исус. Како и да е, и тоа е на некој начин рециклиран артефакт.

*

Кога од еден предмет со историја се прави друг предмет со историја тоа не е толку страшно, како кога една идеја или идеологија која се покажала низ својата историја како темелно погрешна се рециклира во друга идеја и идеологиа која сака да се прикаже за гланц-нова и никогаш не пробана и која затоа бара шанса да се примени во пракса. Неодамнешните протести на Вол Стрит и подемот на анти-капиталистичките идеи кои зедоа замав во актуелнава глобална рецесија се само рециклирање на докажано погрешните теории на некогашните комунисти.

Сега се префарбани со друга боја, најчесто тоа е еколошко-зелената, ама во суштина принципите и барањата се исти, така да не станува зборо за рециклирање од типот на метал од лименка во метал за автомобил, туку повеќе налик на она – хартија од весници во хартија за тоалетна употреба. Со идеологиите кои се рециклирани од поранешните теории – така треба и да се постапува.

.

П.С: Текстов требаше вчера да биде објавен, ама поради технички причини, иако напишан, не можев да го објавам. Како и да е, наредниот четврток, очекувајте го текстот на блогов со наслов „Ренесансниот човек како архетип“. Во меѓувреме, во новиот број на неделникот „Фокус“ побарајте ја мојата нова политичка колумна.

До четврток, поздрав🙂

Written by nenobogdan

18/11/2011 at 16:36

14 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Мислам дека во Бигорски манастир има делче од крстот.

    Кољо Дијамант

    18/11/2011 at 17:57

    • …голем знак прашање е колку има вистина во тоа дека сите примероци на „чесен крст“ (така се вика реликвијата) се баш дел од тој крст што бил најден своевремено, а уште поголем знак прашање е колку па тој крст е навистина оној на кој бил распнат Исус…

      • Prvo, Isus Hristus kakov shto ne uchat, voopshto ne postoel. Hristijanskata, budistichkata i muslimanskata religija se samo reciklirani od postarite religii povrzani so kultot na Sonceto.
        A inaku takvite relikvii kako delche od krstot stvarno pomagaat samo ako veruvash vo toa shto tie go pretstavuvaat. I ushte pred 1500 godini imalo itri lugje shto im prodavale takvi relikvii. Pred 2000 i kusur godini vo Egipet makedonski inzhiner izumitel napravil hidraulichen avtomat kojshto samiot pushtal malku sveta vodichka ako pushtish parichka. Itn, itn, … Toa e seto del id komercijalizacijata na religijata. Pravite vernici bile (se) isposnici.

        Nekoj

        22/07/2012 at 19:13

  2. Интересно истражување! И поучно, разбира се…🙂

    alexandro nl

    18/11/2011 at 21:42

  3. Многу интересна и оригинална колумна за рециклирани артефакти. Со задоволство ги читам Вашите колумни, кои имаат посебна оригиналност и филозофија. Во врска со оваа колумна мислам дека во природата се’ почива на рециклажа, меѓу кои и рециклажа на умот.

    Драган Игнов

    18/11/2011 at 22:06

  4. Можеби не е типичен пример за рециклажа, но сепак е близок начинот на кој исламската религија се вселила во многу христијански храмови на Балканот и во Шпанија пренаменувајки ѓи присилно црквите во џамии.

    лично

    19/11/2011 at 11:58

    • Ете што заборавив да споменам во колумната!

      Знаев дека еден пример ми избега, ама така ми треба кога концептот не го пишувам кога ќе ми дојде мислата, туку чекам во глава да ми се соберат неколку примери, па после ги запишувам одеднаш.

      Да, токму тоа е совршен пример за рециклиран артефакт, На пример Аја Софија во Истанбул, која поради куполата на црквата е модел по кој скоро сите џамии во денешна Босна, Албанија, Косово, Македонија и Турција се со куполи, а како копија (или пандан) нејзина е Сината џамија во Истанбул градена. http://en.wikipedia.org/wiki/Sultan_Ahmed_Mosque

      Јас пред да научам дека во Истанбул има две џамии што личат една на друга, мислев дека кога ја гледав Сината Џамија дека е тоа Аја Софија.

  5. Нено, морам да ти кажам дека твојата нова политичка колумна ( како што самиот ја нарекуваш), во неделникот ” Фокус “, ме одушеви….а јас сум човек што многу ретко се одушевува. Само напред, можеби некој некаде, некогаш ќе ги разбере твоите пораки.

    Поздрав.

    zonazon

    20/11/2011 at 12:58


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: