Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ PEHECAHCHИOT ЧOBEK KAKO APXETИП

with 10 comments

Ако ја погледнете биографијата на Леонардо Да Винчи, ќе сфатите дека човекот не бил само сликар и вајар, туку и прилично талентиран иноватор, математичар, физичар, биолог, архитект, а и склоноста кон философирање не му била туѓа. Сестрани личности од типот на Леонардо во епохата во која живеел имало многу и нив ги памети историјата како ренесансни луѓе. Во последниве неколку векови ниту еден човек не ја доживеал повеќеслојната слава на Леонардо, па се чини дека ренесансниот човек оддамна е „изумрен вид“. Освен кај политичарите се разбира, од кои најактуелен е Владимир Путин, човекот кој освен што води држава, знае да пилотира и млазни авиони, имал успешна шпионска кариера, врвен џудист е, како и ловец на тигри и плус добро свири и пее кога е добро расположен. Ако имиџот на модерниот ренесансен човек Путин е само медиумска креација и надуван пропаганден балон, сепак самиот архетип или концепт на сѐ-во-едно е реално присутен во техниката и економијата, а мислам дека во 21иот век ќе се врати и меѓу луѓето.

1. Швајцарско армиско ноже: пред околу 120 години, Швајцарската војска одлучила своите војници да ги снабди со нов вид на нож кој што освен основната функција за сечење на јажиња или кожа, би вклучувал и додатни алатки за отварање на конзерви, вадење тапи од шишиња вино, како и мал шрафцигер за полесно расклопување и чистење на пушките. На тендерот за изработка на ваков нов вид повеќенаменски нож се јавила компанија која дизајнирала токму таков нож во кој што сите алатки кога не биле користени се наоѓале скриени во дршката на ножето, а нивното ставање во употреба било брзо и едноставно. Иако фирмата првично ги произведувала овие ножиња во Германија, поради тоа што швајцарската армија прва ги внела во употреба се наречени „швајцарски армиски ножеви“.

Поради својата мултифункционалност и практичност, шајцарските армиски ножеви со тек на време добивале и многу додатни алатки, нешто што во најново време е доведено до навистина зачудувачко, дури и апсурдно ниво. Сепак, според концептот тие се рамни на ренесансниот човек, само во светот на алатките.

Сличен концепт како швајцарскиот армиски нож имаат и модерните „паметни“ мобилни телефони, од нив како најекспониран секако Ајфонот, кој во себе вклучува десетици „алатки“ за полесна комуникација, од стандардната опција за изведување говорен повик, преку дигитална камера за слики и видео, па сѐ до опција за поврзување со интернет и сурфање и праќање мејлови. Во светот на комуникацијата, смартфоните се „ренесансни луѓе“. А во светот на електронската музика, тоа се синтисајзерите со кои може да се произведе ритам или мелодија како од неколку типови инструменти, поради што најголемиот дел од модерната музика токму преку синтисајзери се креира.

Сличен концепт има во последниве децении и во процесот на копање тунели, при што само најмалите од нив сеуште се ископуваат на класичниот начин (со поставување на експлозиви во карпата, вадење на каменот со камиони, армирање, бетонирање, поставување електрична инсталација и слични „рачни работи“) додека секој посериозен тунел во денешно време се прави со помош на таканаречените TBM кои се џиновски машини што во себе ги вклучуваат сите потребни помали машини за секој процес при тунелирањето, од ископување на карпата до бетонирање и останато уредување.

Со други зборови, ако некогаш градењето на тунел низ некоја планина било ептен сложен процес кој захтевал ептен комплексен менаџмент на десетици категории работници и десетици типови машини, денеска тоа се прави на еден прилично прост начин. Донеси соодветна ТBM, постави ја кај што сакаш да почнува тунелот, и пушти ја да си ровари низ планината. Како што оди напред машината, зад неа останува комплетно завршен тунел.

Конечно, во многу сфери на градежништвото и транспортот и уредувањето на земјиштето, се користи во последниве децении и специјален тип на теренско возило кое како да ги обединува концептите на швајцарското армиско ноже и ТБМашините и кое се нарекува Унимог, по германската кратенка за неговата намена. Тоа е во основа многу моќен камион, на кој во зависност од потребите може да се монтира секаква алатка – од механичка лопата за копање на земја, преку плуг за орање ниви или туркање на снег, кран за менување на уличните светилки и кастрење на дрвја во паркот, па сѐ до артилериски оружја и против-авионски ракети.

Значи, во светот на технологијата во последниве неколку децении е видлив трендот на обединување на повеќе алатки во еден пакет кој лесно може да се прилагоди на непредвидливите потреби и барања во секоја сфера. Исто како што своевремено ренесансниот човек имајќи познавања од многу сфери лесно можел да се прилагоди на сите непредвидени потреби и барања што ги налагала променливата ситуација.

2. Ол инклузив: освен во светот на технологијата, и во сферата на организирањето на системи има во последниве децении јасен тренд на интегрирана понуда во еден пакет на „до вчера“ разделени услуги.

На пример, во туризмот тоа е принципот на „ол инклузив“, кога човек може да отиде на одмор во еден хотел и во него да ги добие ама баш сите услуги што би му биле потребни додека е на одмор, без да има потреба да бара низ градот во кој престојува даватели на тие услуги. На времето, дури и во најдобрите хотели можеше само да се преспие и евентуално да се јаде во хотелскиот ресторант, ама сега човек може да посети сауни, масажи, фитнес центри, да си купи нова облека или доколку му се извалка постојната да ја даде на чистење, да ги остави децата во хотелска градинка (се разбира, привремено!), да погледне филм или престава…

Хотелите кои ги задоволуваат сите туристички потреби не се веќе само хотели, туку цели туристички комплекси како своевидни мини-градови во кои има сѐ што би посакале посетителите. Секако, за тоа мора да се плати и повеќе, но луѓето сѐ повеќе и бараат само такви туристички понуди и им се чини неприфатливо да добиваат нешто непотполно. Како што еден мој пријател своевремено се изрази: „ако не е ол инклузив, тоа не е одмор. Не ми се оди некаде каде што јас ќе морам да барам каде е и што е, сакам сѐ да ми биде обезбедено“

Сличен концепт на овој се и моловите кои откако ја освоија Америка се проширија низ целиот свет и кои преставуваат вистински трговски градови во кои не само што може да се купи било кој вид стока, туку може да се помине попладне или вечер со пријателите во некое кафуле или ресторант, како и да се посети фитнес центар, салон за масажа или фризер/бербер, лекарска ординација и сл. Во САД, цели населби во суштина се претворени во огромни „спални“, со десетина илјади куќи и само куќи, додека во центарот на населбата се наоѓа еден гигантски мол во кој луѓето можат ама баш сите потреби да си ги задоволат, од купување храна, облека и техничка стока, до забава и рекреација.

Компјутерите во поново време оддамна не се оние сложени и здодевни машини кои беа во раните осумдесети па и деведесети години од XXиот век кога од нив имаа потреба и со нив можеа да се „разберат“ само инжинери или сметководители. Денеска, секој компјутер е заснован на архетипот на „ренесансен човек“ при што на една машина може да се гледаат филмови, да се пишуваат текстови, да се добиваат вести преку интернет, да се слуша музика, да се средуваат фотографии и видеа… ол инклузив до тој степен што некои футуролози предвидуваат дека за неколку години не само што нема да има потреба од користење на хартија, пенкала и фотокопири во канцелариите, туку дека нема да има потреба од канцеларии воопшто, оти секој вработен ќе си ја носи својата лична канцеларија во својата актовка (како лаптоп) или дури и во својот џеб  (како смартфон).

Од таму, концептот на едно-шалтерски систем за кој се вели дека ќе ја направи многу поедноставна интеракцијата меѓу граѓаните и администрацијата можеби веќе е на пат да биде застарен и ќе се претвори во без-шалтерски систем. Ако имаш добар смартфон, сите услуги од администрацијата ќе може да ги нарачаш и да ги добиеш додека пиеш кафе на тераса или додека се возиш во автобус и си сурфаш на соодветните сајтови преку својот мобилен телефон.

*

Во времето на ренесансата имало сосема малку знаења од сите науки вкупно, па еден човек ако се потрудел можел да ги знае сите работи од сите полиња. Оти, немало многу за знаење, и науката сеуште била во зародиш и допрва требало да бидат откривани  и основните принципи.

Меѓутоа, во периодот од околу 1600та до 2000та количеството информации и нови знаења во дури и најмалите науки до тој степен се зголеми што за еден човек стана невозможно да знае и мал дел од една наука, а не пак да знае сѐ од секоја наука. Просто, не постоеше начин брзо и лесно да се пристапи до огромните архиви и библиотеки во кои беше неопходно да се складира сето знаења.

Дури и ако некој имаше пристап до богати колекции на документи, му требаа месеци па и години да истражува деноноќно низ десетици илјади томови текст за да сложи и една компилација од поврзани податоци.

Но, со подемот на дигиталната технологија – веќе не е потребно човек да има знаења за фактите, туку да биде способен да ги поврзе фактите и да им ја најде заедничката нишка на случувањата околу него. Не мора веќе да се памети речиси ништо, оти како што кажав и погоре, стотици и илјадници милијарди податоци, карти, мапи, дијаграми, фотографии, цртежи, слики, звуци и видео снимки на секого што има смартфон му се достапни во секој миг и на секоја локација.

Затоа, благодарение на развојот на технологијата, мислам дека е реално повторно да се вратат во мода ренесансните луѓе. Не мора да ги паметиме фактите, кога имаме во џебовите ни машини кои можат да паметат колку милијарда луѓе што заедно не би можеле да запаметат. Ни треба способноста да ги разбираме фактите, да ги сфаќаме фактите, да ги поврземе фактите, да ги организираме фактите на начин што ќе ни овозможи да го решиме проблемот пред кој сме исправени.

Токму тоа за практична последица ја има и неопходноста од темелна реформа на образовниот систем, и тоа промена на парадигмата, а не само на структурата (во смисла на приватизација). Нема потреба од тренирање на децата да бидат добри запаметуваачи на податоци, туку целиот процес на едукација мора да се насочи кон создавање на деца способни да ги поврзуваат фактите.

Прашањата во училиштата при испрашување или тест никогаш повторно не треба да бидат во стилот „Трајче, наброј ми ги сите држави во Европа и главните им градови“ туку „кажи ми Трајче, што имаат заедничко сите држави во Европа, и по што сите нивни главни градови се слични?“.

Илустрацијата која ја краси денешнава моја колумна ја смислив уште пред околу една година, но тогаш не можев да ѝ најдам соодветен текст што ќе ја објасни. Се надевам дека колумнава што ја прочитавте е делумно барем, добро објаснување на тие навидум едноставни и прости дијаграми.

.

П.С: Во неделникот „Фокус“, побарајте ја мојата нова политичка колумна. А наредниот четврток, на блогов очекувајте ја колумната со наслов „Мимикрија“.

До тогаш, останете поздравени😉

10 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Колку од „изумите“ на Леонардо воопшто се тестирани или се само плод на неговата фантазија?

    kirev Велковски

    27/11/2011 at 02:48

  2. До пред некоја деценија и ние сме биле дел од креација која ја претставувал машинобравар кој кога бил дете бил овчар или козар, знаел да свири клавир, победувал во натпревари на коњички спортови кога бил офицер во војска на дуалистичка монархија, а попат читал и книги, бил командант на антифашистичка војска, еден од креаторите на еден наднационален сојуз на одврзани диктаторски режими (од султанати преку капиталисти до комунисти) подоцна во животот бил детски пистаел и ловец на елени капиталци и мечки, а во слободното време бил врховен маршал на војска и претседател на држава. Во неговото име се колнеа над 20 милиони граѓани од различни националности, а кога умре за декада креацијата му се изрони како сирење прободено од невидливата вилушка на пазарот.

    лично

    27/11/2011 at 13:21

    • Ах, големо прашање е колку тоа Тито бил „и пекар и млекар и апотекар, а и матичен лекар и библиотекар“🙂

      Можеби и тој бил медиумска контсрукција како Путинчо што е денеска. А тоа што државата негова се растури само една деценија по неговата смрт, многу зборува во прилог на тезата дека работите не биле толку совршени како што се прикажуваа и дека „испод мира“ имало барем „триста вира“

  3. трагедијата на бугарите од македонија се прикрива со форсирањето на трагедијата на евреите од македонија. За жал трагедијата на бугарите во македонија продолжува и понатаму, источна македонија се празни.

    ano

    29/11/2011 at 10:29

  4. Ќе има врска со следната тема Мимикрија, гарант! :-))))))

    ano

    29/11/2011 at 12:20

  5. 115
    214
    313
    412
    511
    8=4×2+8-8
    2×8=4×4 а ти си се фатил за петократа “)

    Александар

    02/12/2011 at 04:55

  6. напиши нешто за тројството
    6×3=9+9

    Александар

    02/12/2011 at 07:18


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: