Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ MИMИKPИJA

with 4 comments

Волк во овчја кожа

Една од многубројните стратегии за преживување што еволуцијата им ја подарила на животните и растенијата е способноста за мимикрија, што во суштина преставува имитирање на еден животински вид на некои особини (најчесто изгледот) на некој друг вид. Мимикријата ја користат грабливците за да се приближат до пленот полесно или пак слабите животни со својот „опасен“ изглед да ги држаат подалеку од себе потенцијалните предатори. Но, освен во природата меѓу растенијата и животните, мимикријата ја има во покомплексна форма и меѓу луѓето.

1. Зад непријателските редови: многубројни се примерите низ историјата кога со цел полесно да се изведуваат диверзии зад непријателските редови едната армија своите специјалци ќе ги облече во униформите на другата армија и ќе ги уфрли на територијата на непријателот, и тие таму бидејќи ги носат униформите на војската која го контролира тој терен, многу полесно можат да се движат и да прават штета на мостовите, патиштата, пругите, складовите и слични објекти што ги користи непријателот.

Најобемна таква операција во историјата е фамозната операција „Грајф“ која ја извеле германските командоси во текот на големата битка кај Ардените во 1944та година, кога неколку стотици есесовци што знаеле добро да говорат англиски со американски акцент се облекле во униформи од заробени американски војници и биле уфрлени зад линијата на фронтот, на територијата на која се наоѓале американските војници каде што веднаш пристапиле кон вршење на многубројни диверзии. Дури, откако станале свесни Американците дека „лажни американски војници“ се шетаат меѓу нив правејќи пакости, до тој степен ги кренале мерките за внатрешна безбедност, што дури и генералите американски биле проверувани детално на секој контролен пункт, пред сѐ со поставување на прашања чии одговори само вистински Американци би можеле да ги знаат, пред сѐ од теми како бејзбол или холивудски филмови или зборови од уличниот сленг што не можеле да се најдат во речник, мрсни вицови и сл.

Операцијата Грајф многу штета им нанела на Американците во таа битка, ама сепак благодарение на наведените ад-хок методи за верификација, сепак сите уфрлени Германци биле најдени и повеќето од нив биле стрелани на лице место, без да бидат водени во заробенички кампови, оти според сите конвенции за војувањето, војниците кои ќе бидат заробени во туѓа униформа не се сметаат за легитимни борци и затоа за нив не важат привилегиите што ги имаат обичните заробени војници.

Јасно е дека во поново време терористите го добиваат истиот третман како што го имале Германците во американски униформи за време на битката кај Ардените. Оти како што хитлеровите специјалци го навлекле бесот на Американците откако се облекле во американски униформи со цел полесно да се се движат и убиваат и уриваат неказнето, така и терористите го навлекуваат гневот на оние што ги ловат, бидејќи поради тоа што не носат униформи се во суштина „лажни цивили“.

Во воената терминологија специјалните операции кога командосите на една армија носат униформи на противничката војска со цел да ги залажат своите непријатели се викаат „операции под лажно знаме“ и низ историјата на војувањето се среќаваат во безброј варијанти во еден куп случаи.

Во мирнодопски цели, таквите операции под лажно знаме со цел внесување на раздор и забуна кај непријателот ги изведуваат разни тајни служби и политички подземја. Кај нас, уште кога почна плурализмот, на партијата ВМРО-ДПМНЕ некој ѝ подметна летоци напишани на бугарски јазик, со цел народот да стекне негативен впечаток за патриотизмот на тогашните вмровци.

Воедно, на секој десничарски собир се наоѓаше редовно по некоја „будала“ што ќе скандираше пароли од типот „за шиптари гасни комори“ или „смрт за сечени“ и слични повици на омраза, и токму благодарение на таквите испади медиумите потоа можеа оправдано да тврдат дека имаат јасен доказ дека ете десничарите се сите тешки шовинисти и расисти и сл. Многу години подоцна, се сфати дека таквите будали не биле баш наивни, ами свесно уфрлени провокатори од страна на власта со цел да се дискредитира политичкиот им противник.

Во најново време по разните блогови, форуми и особено по фејсбук и твитер имате еден куп лажни патриоти кои користат како слики или никнејмови изразито патриотски симболи и зборови, ама постојно шират екстремна омраза кон сѐ живо и диво и тропаат апла-глупости со цел да создадат негативна слика за вистинските патриоти.

Зад најголемиот крст обично најголемиот грешник се крие. Стапот на најразвеаното знаме обично најголемиот предавник го држи. А најподбуцнувачките изјави обично најстрашливиот ги создава.

2. Лојалност кон што? Кога во текот на Втората светска војна германската актерка и пејачка Марлен Дитрих која претходно заминала за САД отворено почнала да го критикува и Хитлер и нацистите и своите сонародници од Германија кои му биле лојални на лудиот фирер, многу новинари често ја прашувале дали можеби не се смета себеси за предавник на својата татковина, штом ете, им помага на непријателите на Германија во војната. На прашањето на еден про-нацистички шпански новинар кое гласело „каде ви е лојаноста кон татковината?“ таа само одбрусила дека „татковината каква што е сега, не е достојна за мојата лојалност!“

Со тоа Марлен Дитрих го опишала во еден збор сентиментот што сите еретици, било верски било политички го чуствуваат кон своите поранешни религии или партии. Тие кога ќе согледаат дека организацијата во која верувале со години, ги напуштила сосема принципите поради кои ѝ се придружиле на почетокот, сфаќаат дека конкретната религијата не е веќе достојна за нивната вера, или конкретната партија не е веќе достојна за нивниот глас.

Од тука, за некои „предавници“ треба да се има одредена доза на разбирање, оти тие не го предаваат она во што верувале, туку тоа во што верувале ги предало нив, со тоа што се променило во меѓувреме, толку многу, до ниво на непрепознатливост. Секако, постојат и друг вид на предавници, кои како што напишав во колумната „И предавниците ги предаваат, нели“ си имаат сосема други мотиви за своето предавство и за кои навистина не може да се има разбирање.

Кој би можел да ги обвини бранителите од војната во 2001та за предавство штом не гласаат за партијата на премиерот? Кога гледаат дека партијата која се нарекува најпатриотска не само што е во коалиција со луѓето кои војуваа против Македонија, не само што им даде амнестија на воените злосторници, туку и ги репресира преку институциите со кои раководи токму семејствата на оние бранители што загинаа во таа војна?

Една од божјите заповеди споменати во Стариот завет е и заповедта против изговарање напразно на името божјо. Таа заповед во суштина е забрана за мимикрија, и им забранува на оние што ќе крадат или убиваат да тврдат дека тоа го прават „по Божја промисла“. Бидејќи во денешно време важи флоскулата „гласот на народот е глас божји“ сите политички демагози кои се прикажуваат за леви, десни, патриоти, проевропски, реформатори, а само крадат и пљачкаат, всушност ја кршат модерната верзија на таа древна заповед. Имено, секогаш кога велат дека тие глупости што ги прават – ги прават во името на народот.

3. Лажни спортисти, социјалисти и капиталисти: допингот во спортот се смета за најголем можен прекршок и за спортистите што го практикуваат се одредуваат строги казни баш поради тоа што тие вршат една мимикрија со тоа што меѓу вистинските спортисти кои вложиле многу труд во својата подготовка влегуваат со лажни мускули, создадени не со вежбање, ами со помош на хемиски средства за вештачки забрзано растење на мускулното ткиво.

Организиран и систематски пример за допинг беше спортската програма на некогашаната Источна Германија, кога сите спортисти со цел да можат да постигнуваат успеси на светските натпреварувања беа под државен надзор допингувани. Многу од тие спортисти навистина постигнуваа големи успеси, а поради високата наука вмешана во приготвувањето на  допинг третманите ретко беа фаќани при тестовите за допинг, ама како старееја повеќето од нив имаа(т) сериозни здравствени проблеми поради кумулативното дејство на хемикалиите што државните лекари им ги вбризгуваа во телата на времето.

Очигледно, мимикријата на лажни врвни спористи не можеше долго да се одржува, и единствената причина поради која таа не беше обелодената беше што државата која ја спонзорираше таа мимикрија пропадна пред да пропаднат телесно и здравствено допингуваните ѝ врвни спортисти. По падот на комунизмот се дозна дека повеќето шампиони не само од источна Германија туку и од Русија биле произведени во светски познати атлети и добитници на златни медали баш благодарение на науката од тајните лаборатории на источниот блок.

Е арно ама, левичарите кои ги држи носталгијата по комунизмот не признаваат дека тој систем се докажа за погрешен, оти според нив, во СССР и другите комунистички земји и немало вистински комунизам, туку тоа било само мимикрија на политичките елити на тие држави со цел да бидат заблудени чесните комунисти и да веруваат дека живеат во општества во процес на социјалистичка изградба и да не се бунат што од ветениот рај на земјата нема ни трага ни глас.

И сега левичарите ширум светот бараат да им се даде шанса да создадат „поправеден свет“ со тоа што сега ќе воведат тие баш вистински комунизам, а не оној лажниот комунизам што го практикуваа во Советскиот Сојуз.

Иако ваквиот аргумент звучи смешно, сепак и приврзаниците на слободниот пазар го користат во последно време кога тврдат дека ова што сега се случува не е криза на капитализмот, туку криза на „лажниот капитализам“, оти економската политика на западните земји воопшто не беше заснована на принципите на вистинскиот слободен пазар.

Што, во голема мера е точно, ама некако ептен личи на левичарската мантра дека „комунизмот не пропадна, и следствено не е докажано дека е погрешен, оти тоа не беше вистински комунизам“.

*

Науката може многу да ни го олесни животот кога е во рацете на експерти. Арно ама, многу глупи идеи поминуваат под плаштот на научна вистина оти ги пласираат вешти квази-експерти и псевдо-научници. Терминот „псевдо-наука“ во терминологијата главно се користи за опишување на оние археолози, историчари и лекари кои нудат маѓиски објаснувања за некои необјаснети работи, ама мислам дека во групата на  псевдо-научници и многу економисти можат да се вбројат. Нивните глупи идеи и замисли многу поголема веродостојност имаат кај обичниот народ кога ќе бидат завиткани во научна обланда, и уште и поткрепени со лажни статистики.

А сето тоа е мимикрија, која има за цел да ги залаже наивните дека она што им се приближува не е грабливец туку припадник на нивниот вид или некоја безопасна работа. Спасот од мимикријата е во фактот што ниту еден корисник на таа стратегија не може да го ископира до крај она што го копира. Затоа, мимикријата се препознава со вклучување на сите сетила.

Со други зборови, ако некој звучи како патриот, ако некој дури и личи на патриот, зошто тогаш смрди на предавство?

.

П.С: Следниот четврток на блогов очекувајте ја колумната „Тробој“. А во утрешниот број на неделникот „Фокус“ побарајте ја и мојата нова тамошна колумна.

До четвтрок, поздрав😉

4 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Убаво смислена тема, која со едноставни примери, мајсторски е презентирана. Самата слика на почетокот од оваа колумна го кажува поимот МИМИКРИЈА, т.е. „Волк во овчја кожа“. Сметам, дека живееме во свет, во кој МИМИКРИЈАТА е единствената алатка на „политиката“.

    Драган Игнов

    01/12/2011 at 23:32

  2. фактот што ниту еден корисник на таа стратегија не може да го ископира до крај она што го копира. Затоа, мимикријата се препознава со вклучување на сите сетила.

    Со други зборови, ако некој звучи како патриот, ако некој дури и личи на патриот, зошто тогаш смрди на предавство? /

    Александар

    02/12/2011 at 07:06


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: