Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ TPOБOJ

with 6 comments

Најчесто конфликтите се помеѓу две спротиставени страни, било да се по еден антагонист на секоја од страните, или да се судираат два табора, секој со по неколку членови. Во такви случаи, релативно лесно е да се истрае во борбата оти победникот знае дека штом ќе победи, ќе може да ужива во мирот. Ама, понекогаш низ историјата место двобои, се случуваат и тробои. Кога има три страни што се секоја против секоја насочени и во такви случаи победник ќе биде баш оној – што ќе си седи настрана додека другите две страни не се испокасапат една со друга или не ослабнат доволно за да тој ги среди и двете одеднаш.

1. Хари против Хари против Вили: ако се има предвид доминацијата на англискиот јазик, медиуми и култура во денешниот свет, не треба да чуди што најпознатиот (иако воопшто не и најважниот) тробој се случил токму во англиската историја. Станува  збор за тројната војна од 1066та година, кога околу прашањето кој да владее со Англија се обидувале три различни одговори да дадат три завојувани страни – истовремено.

Имено, откако умрел еден стар и бездетен англиски крал, еден негов ептен далечен роднина кој владеел со Нормандија (денешна северна Франција) по име Вилијам објавил дека пред многу години, онака „уз муабет“ стариот крал му споменал дека по смртта сака токму тој да го наследи на тронот. Арно ама во Англија веќе имало еден моќен аристократ по име Харолд кој бил доволно богат, популарен и со многубројни добро вооружени приврзаници за да тврди дека тој треба да биде новиот крал на Англија, оти ем е квалитетен ем е домашен производ. Со тоа не се согласувал братот на тој аристократ, еден друг аристократ по име Тостиг кој поради тоа што не бил во најдобри односи со брата си, сфатил дека ако брат му бидне крал, сѐ што тој има ќе изгуби во родната му Англија.

И следејќи ја поговорката „брат за брата, ама сирење за пари“ Тостиг ја здувнал на време во Норвешка каде што на еден друг Харолд (поточно Харалд, кралот на Норвешка) му ветил многу пари и својата логистичка поддршка, доколку му помогне да ја освои Англија. Харолд норвешкиот сфатил каков скапоцен глупчо му дошол на гости и му ветил на Тостиг дека ќе тргне со војска кон Англија и ќе го постави Тостига за крал таму, ама тајно се подготвувал по победата врз имењакот негов од Англија да го скине и Тостигчо и самиот да завладее и со Англија како што владеел веќе со Норвешка.

Значи ситуацијата била: англискиот Харолд треба да се одбрани од напад од Норвешка на чие чело ќе биде и неговиот сопствен брат, а ако успее да победи, ќе треба потоа да се соочи со напасникот од Нормандија. Или обратно, ако Вилијам прв успее да го нападне, откако него ќе го победи во битка, да оди веднаш во нова битка против брат му и имењакот му кои ќе нападнат од Скандинавија. Истото важело и во случај било кој, дали предавникот Тостиг и Норвежаните или пак Вилијам да го победел Харолд Анличанецот. Победникот од првиот двобој ќе морал потоа да се соочи со другиот душман во друг двобој.

Поради поволни ветришта, прва успеала да исплови и да стигне до Англија флотата од Норвешка која донела силна армија од лути Викинзи кои пуздер ги сториле во првите неколку судири локалните англиски бранители. Ама успехот ги направил премногу арогантни, па станале крајно невнимателни и налетале сосема неподготвени на Харолд Англичанецот кој на Харолд Норвежанецот „мамичето му го расплакал“ во една голема битка. Буквално му ја расплакал мајката, ама и сопствената си ја расплакал, оти во битката Англичаните ги убиле и Тостиг и Харолд од Норвешка, а преживеаните грст Викинзи побегнале назад за никогаш повторно да не  се вратат.

Арно ама, во таа битка толку многу луѓе изгубиле и самите Англичани, што веќе по неколку денови, кога се судриле со свежите и штотуку истоварени Нормани под водство на Вилијам, ја изгубиле битката кај Хејстингс, по што Вилијам станал крал на Англија и неговите потомци ќе владејат со таа земја со векови потоа.

Интересна работа со целиов тробој е што Вилијам не успеал прв да исплови за Англија заради неповолни ветрови поради кои неговите бродови полни со војници не можеле да го преминат Ла Манш. Тој многу се нервирал поради доцнењето, ама по иронија на судбината, тоа се покажало баш добро за него, оти токму во меѓувреме, се случила гореспоменатата битка помеѓу Норвежаните и Англичаните, во која едниот потенцијален непријател бил збришан, а другиот толку многу ослабнал, што кога конечно задувале поволни ветришта и преминал во Англија, Вилијам налетал на противник далеку полесен за совладување.

Историски гледано, оваа приказна е јасен доказ дека не секогаш доцнењето поради објективни околности е штетно. Напротив, може да биде многу корисно.

2. САД против Садр против Ал Каеда: од Ирак веќе подолго време нема особено страшни вести, и се чини дека таму состојбата полека се смирува. Американците ете се повлекуваат забрзано (веројатно спремајќи се за напад и окупација на Иран) а и владата во Багдад го наметнува својот авторитет врз сѐ поголем дел од територијата. За тоа смирување големо влијание имаше тробојот од 2004ата кога во земјата меѓу Тигар и Еуфрат борба водеа американските сили против следбениците на Муктада ал-Садр кој истовремено војуваше против терористите од Ал Каеда кои пак војуваа и против следбениците на Садр и против американските војници во Ирак.

Имаше огромни масакри меѓу сунитите и шиитите, првите подржувани и предводени од Ал Каеда и нејзините локални соработници, вторите предводени од Садр и неговите помагачи од Иран, а Американците во таа ситуација кога двете главни анти-американски вооружени групи жестоко војуваа меѓу себе, немилосрдно ги напаѓаа и двете страни.

Откако Американците го уништија водството на Ал Каеда со прецизни воздушни напади, а пешадијата на Садр ги испотепа обичните алкаедаши во улични борби, сфаќаји дека Американците ќе можат целосно да се концентрираат врз него, Садр итро си побегна во Иран од каде издаваше наредби на неговите следбеници во Ирак да си седат мирно и да не ги провоцираат Американците. Откако почнаа да си заминуваат западните војски, Садр се врати во Ирак и сега се спрема да заземе значајно место во политичкиот живот, фалејќи се постојано дека ете после сите борби и битки, само тој останал непоразен.

Поуката од ирачкиот тробој е дека човек може да победи во тробојот ако сфати во кој миг една од страните е поразена и кога тробојот се претворил во двобој, па ако не е посилен, да си замине малку на страна додека мислејќи дека победил единствениот останат не одлучи да си замине дома. И потоа, од тробојот конечен, финален, завршен победник ќе биде оној кој ниту бил уништен, ниту бил поразен. Со други зборови, кој знае да чека – ќе дочека.

Во граѓанските војни често има тробои, при што добар пример е граѓанската војна во Шпанија во триесетите години од минатиот век, кога националистите под водство на Франко во еден миг „седнале да одморат“ од нападите против левичарите, оставајќи ги нив да се истепаат меѓу себе, откако комунистите од Мадрид завојувале против своите сојузници анархистите од Барселона околу тоа кој од нив треба да ја предводи здружената борба против фашистите на Франко. Ете, дури и кога не играат фудбал, Мадрид и Барселона не се во пријателски односи.

Откако во таа „граѓанска војна во граѓанската војна“ анархистите биле уништени од страна на комунистите, комунистите биле многу ослабнати (оти сепак анархистите пружиле силен отпор) па Франко ги пуштил своите одморени војски да ги докрајчат левичарите. Така, си победил Франко во граѓанската војна без многу мака и потоа си владеел мирно и спокојно со Шпанија скоро четири децении.

Во еден краток период и војната во Босна во деведесетите беше тробој кога Хрватите војува против Србите против кои војуваа и Муслиманите, ама при поделбата на градот Мостар малку се беа спречкале и Хрватите со Муслиманите. Сепак, тоа не траеше долго, оти и Хрватите и Муслиманите сфатија дека имаат многу силен заеднички противник во ликот на Србите поддржани од оружјето на ЈНА, па се смирија меѓусебно и на крајот со американска воена помош успејаа да ги победат Србите, но баш поради тоа што викнаа странска помош, од тогаш странци им владејат со Босната им небаре е таа колонија, со гувернер назначен од Брисел и Вашингтон кој си прави што сака со домородците.

3. Кога двајца се караат… третиот користи и за тоа нема подобар историски пример од ерата меѓу двете светски војни кога комунистите владееле со Русија, во Германија на власт дошле нацистите и најавиле нова војна за поништување на резултатите од Првата светска војна, а демократските земји како САД, Британија и Франција правеле сѐ за да ги нас’скаат фашистите против комунистите.

Имено, откако Хитлер дошол на власт во Германија, тој почнал да прави работи кои биле во потполна спротивност на обврските што ги презела Германија со мировниот договор од Версај со кој завршила Првата светска војна, но западните држави тоа не го спречувале, туку напротив си седеле мирно на страна додека тој покажувал сѐ поголема и поголема ароганција. Таа политика на попустливост за која подоцна западните демократии зажалиле, сепак во тие мигови се чинела како разумно решение, оти геополитичката ситуација навистина изгледала како тробој.

Имено, СССР имал своја мрежа на агенти распослани низ комунистичките партии ширум светот кои гласно и отворено најавувале светска револуција по која целата планета ќе станела комунистичка. За да не мораат самите да војуваат против ваквата закана, Британија и Франција му дозволиле на Хитлер да ја крене како воена сила Германија повторно, надевајќи се дека тој наскоро  ќе завојува со Русија и така ќе биде спречено ширењето на комунизмот.

Сепак, Хитлер тој трик го сфатил на време, па откако добил сѐ што можел да добие како отстапка и попуштање од западните демократии додека глумел најголем непријател на комунизмот, одеднаш го свртел образот и потпишал воен пакт токму со Советскиот Сојуз, по што немале друг излез Англија и Франција освен да се подготват за војна.

Во првите две години од Втората светска војна, Русија и Германија биле сојузници (!) бидејќи додека Хитлер ја освојувал западна Европа, советските сили ја освоиле половина Полска и ја нападнале Финска, додека во меѓувреме ги проголтале и балтичките држави Естонија, Литванија и Латвија. Тоа е факт за кој малкумина се свесни дури и денеска, оти некако не им звучи убаво сознанието дека комунистите и фашистите си биле како сложни браќа во еден период.

Откако Хитлер станал опиен од победите на неговата армија на Запад, одлучил да се нафрли врз империјата на Сталин и тогаш конечно комунистите и западните демократии се нашле на иста страна. За по победата врз Хитлер, пак да се скараат и да ја отпочнат Студената војна, во која на двата блока по расколот меѓу кинеските и руските комунисти ќе им се приклучи и третиот блок, имено Кина.

Така да, барем во Азија, студената војна не била судир меѓу два табора, туку меѓу три. Малку е познато дека по кавгата меѓу Пекинг и Москва, имало во 1969та и една малечка војничка меѓу Кина и СССР, а по победата на виетнамските комунисти против САД, бидејќи тие биле поддржани од Русија дошло до друга малечка војна и меѓу комунистичката Кина и комунистичкиот Виетнам. Во Камбоџа пак, комунистот Пол Пот поддржан од Кина бил соборен од власт со инвазијата на виетнамските сили поддржани со оружје од страна на СССР.

Албанија исто така во ерата на Енвер Хоџа беше сојузник со Кина, оти советските комунисти му се чинеја на албанскиот диктатор како премногу меки во однос на некои идеолошки прашања. Токму од тоа сојузништво меѓу Кина и Албанија од студената војна потекнуваат сите оние калашникови од кинеско производство за кои слушаме секогаш кога ќе биде запленето некакво нелегално оружје во западна Македонија.

*

Многу е битно да се знае дека не секогаш се конфликтите меѓу двајца туку понекогаш се и меѓу тројца, и тогаш најдобар начин да се победи во тробојот е да се седи мирно настрана и да со остават другите двајца да се уништат еден со друг во двобој. Потоа, победникот од тој двобој ослабнат ќе биде лесна мета за оној што си ја зачувал силата за завршната пресметка.

Во денешно време многу Македонци се загрижени за порастот на вахабизмот меѓу овдешните муслимани. Толку многу се загрижени, што дури бараат некој нешто да преземе во врска со тоа. Да имаат барем малку им, македонските националисти и патриоти би ги оствиле вахабистите да нараснат до тој степен што ќе бидат закана за доминацијата на умерените муслимани, пред сѐ за политичката елита на Албанците која е во сојуз со Американците кои пак немаат многу разбирање за никакви радикални исламисти, па така жестокиот судир меѓу нив е неизбежен, и бидејќи ниту албанската елита ниту вахабистите не можат да бидат искрени сојузници на Македонците, тој неизбежен скорешен двобој меѓу нив треба да си го преседиме ние на трибините, како неутрални посматрачи.

Со други зборови, во секој тробој победник е оној кој ја следи максимата: „кога твоите непријатели се борат еден со друг, немој да им пречиш“.

.

П.С: Во утрешниот број на неделникот „Фокус“ побарајте ја мојата нова политичка колумна. А на блогов, наредниот четврток очекувајте ја колумната со наслов „Полесно се градат ѕидови отколку мостови“.

До четврток, поздрав🙂

6 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Добро напишано. Би сакал некогаш да напишеш за можната поделба на Макеоднија.
    Интересно е дека во шпанската граѓанска војна учествувал и Македонец. Алексо Демниевски-Бауман
    (а Македонија била во СХС)

    Кољо Дијамант

    08/12/2011 at 22:36

    • Од википедија:

      Македонци во Шпанската граѓанска војна

      На страната на Републиката се бореле и 137 Македонци,[1] од трите делови на Македонија. Тие во Шпанија доаѓале од Македонија, но и од Франција, Канада, САД, Советскиот Сојуз, Аргентина, Белгија, Алжир, Албанија, Панама и други земји. Помеѓу попознатите се:[2] Алексо Демниевски – Бауман, Цветко Узуновски, Ганчо Хаџипанзов, Елисие Поповски и Кирил Ќамилов. Останати македонски шпански борци се: Спас Банџов, Трајко Мишковски, Иван Дојчинов, Боро Поцков, Урфи Аголи, Димитар Тодоров, Петар Калев, Борис Атков, Трифун Бузев, Тане Наумов, Тодор Димитров, Илија Јотов, Панајот Јотов, Владимир Арсовски, Ангел Димов, Андреј Колешинов и други. Македонци – шпански борци имало и од иселеништвото. Помеѓу македонските иселеници кои се бореле на страната на Шпанската република биле и: Вангел Темелковски, Панајот Хаџиев, Димитар Тотев, Ламбро Марковски, Желеско Рачев, Џорџ Пол, Димитар Бузев, Мајк Белов, Џан Томсон и други.

      Македонските доброволци учествувале речиси на сите главни фронтови и герилата во Валенсија, Арагон, Мадрид, Каталонија, Харама, Кордоба, Брунето, Мадрид и на други места. На воените боишта животите ги положија 65 Македонци.[3]

  2. Троен судир имало и меѓу сојузниците при поделбата на Македонија со балканските војни 1912-1913.
    Иако Бугарија влегла во војна со најбројна војска, иако македонците доминантно биле дел од бугарската егзархиска црква и просвета, иако бугарските војски со месните чети на ВМРО ја ослободиле поголем дел од етничка Македонија сепак Бугарија на крајот задржала најмал процентуален дел од окупираната територијата на Турција.
    Грците иако имале несловенски јазик и циганска култура, влегле со бројно најслаба војска во конфликтот сепак поробиле над 50% од етничката територија на Македонија.
    Србите и Бугарите иако биле блиски јазично и религиски, па дури на почетокот на војната имале и заеднички војни дејства против турците сепак се свртиле едни против друѓи што и овозможило во еден период на грците да пљачкаат, силуваат и палат цели села дури до Малешевијата во вардарскиот дел.

    лично

    09/12/2011 at 10:54

    • Очигледно Грците сфатиле како да победат во тробој. Бугарите и Србите не баш.

      Во нашево време и место, овдешниве албански партии постојано ќаруваат од двобојот меѓу СДСМ и ДПМНЕ, кои не гледаат дека во игра е тробој цело време.

  3. Убава одбрана тема во која очекував да се начне темата на „сегашниот тробојот во Македонија помеѓу ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и албанската ,коалиција’ (ДУИ и ДПА)“, но не се случи. Очигледна е поговорката: дека кога двоца се караат-третиот добива, која поговорка впрочем и малите деца ја знаат, но затоа некои наши политичари таа поговорка не ја знаат, а тоа ќе биде многу погубно за Македонија, во кој гибел и тие со својата партиска војска ќе загинат, како и целиот народ кој гласа за нив.

    Драган

    09/12/2011 at 22:14


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: