Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ БPKAJЌИ ЗAJAK HAЛETAЛE HA MEЧKA

with 9 comments

Клипчево е инсерт од филмот Човекот што сакаше да биде крал со Шон Конери и Мајкл Кејн, филм што зборува за двајца британски авантуристи што во еден изолиран регион на Афганистан ќе пристигнат со желба да заработат некоја ситна паричка, ама откако едниот од нив ќе го „препознаат“ жителите на таа земја за син на Александар Велики тој ќе одлучи да им стане владетел. Иако приказната на филмот е чиста фантазија, сепак има доста реални случаи кога во потрага по нешто ситно, луѓе ќе налетаат сосема непредвидено на нешто крупно, па ќе го променат првичниот им план темелно и фундаментално.

1. Корекција, ерекција, проекција: пред да ви раскажам како беше откриена вијаграта, еве еден виц што има многу врска со темава.

Имено, на некое крстарење по некоја си голема река, додека патниците биле сите застанати на палубата воодушевувајќи се на глетката од брегот, се слушнале криците на едно дете како повикува за помош. Сите погледнале надолу кон водата, и виделе дека во реката плови (и се дави впрочем) едно детенце кое евидентно не знаело да плива. Додека избезумените патници повикувале некој да му фрли гума за спасување на детето, еден од патниците веќе скокнал во реката и го спасил детето од давење. Откако детето било донесено до брегот, а бродот застанал за да го земе назад храбриот патник што толку бестрашно скокнал во реката за да го спаси детето, околу херојот се собрале многумина и со широки насмевки му честитале за храбриот подвиг. Кога еден присутен новинар го запрашал јунакот: „што ве натера да скокнете баш вие во реката, додека околу вас десетици други луѓе немо посматраа?“ херојот налутено промрморил: „мамето мамино на тој што ме турна од бродот, само да го најдам кој е!“

Патникот испадна дека ненамерно станал херој, ама најпознатиот лек за импотенција, вијаграта, фигуративно ќе се удавеше да не се најдел некој прониклив директор од фармацевската компанија „Pfizer” кој сфатил дека резултатите од едно истражување кое на научниците им се видело како промашено, сепак можат да имаат друга примена.

Барајќи супстанција која ќе биде лек за ангина пекторис, била испробана една хемикалија наречена сиденафил и откако била тестирана на неколку пациенти болни од ангина, резултатите биле прилично разочарувачки, бидејќи ниту еден од нив не осетил подобрување на здравствената му состојба. Е арно ама, таму некаде на крајот на извештајот за тестирањето, во фуснота практично, некој научник запишал дека повеќето од тестираните пациенти доживеале блага ерекција за време на дејството на хемикалијата.

Баталувајќи ја потрагата по лек за ангина, шефот на тимот наредил да се тестира оваа хемикалија со поголема доза и да се види како таа влијае на ерекцијата, по што резултатите биле феноменални. Сфаќајќи дека „што нема да е позитивно за нечија ангина, може да биде позитивно за нечија вагина“ менаџментот на компанијата го интегрирал сиденафилот во лекот кој од тогаш се продава под името „вијагра“.

Патем, медикамент кој навистина ќе ги ублажи симптомите на ангина пекторис уште бараат научниците. Но, дури и да го најдат, тешко дека од неговата продажба ќе заработуваат околу две милијарди долари годишно, колку што во просек заработува фармацевската компанија која го спонзорирала истражувањето и која ги има авторските права за вијаграта.

2. Не е злато, ама злато вреди: порцеланот долго време во Европа морал да се увезува директно од Кина, бидејќи само кинеските ќерамичари знаеле како се прави тој материјал, и таа тајна љубоморно ја чувале со векови.

Од друга страна, во почетокот на XVIIIиот век во Германија многу богати грофови и војводи вработувале алхемичари на кои им давале многу пари и сета потребна опрема за да најдат начин од обични карпи или метали да направат злато, со кое потоа грофовите и војводите ќе можеле да си дозволат да купуваат луксузна стока, меѓу другото и порцелан увезен од Кина.

Еден таков алхемичар, по име Еренфрид Валтер фон Чирнхаус, експериментирајќи во својата лабораторија со некои глини и киселини, сосема случајно успеал да открие како се прави – порцелан. Кога отишол со вестта за своето откритие кај неговиот спонзор, овој го избркал речиси со клоци, дерејќи му се на сет глас дека „те пратив бре злато да ми создадеш, а не порцелан!“.

Спонзорот не сфаќал дека со производство и продавање на неговиот порцелан во Европа ќе може да ги ќари сите пари што оделе за увозот на порцелан од Кина, ама еден друг алхемичар и хохштаплер под името Јохан Бетгер, сфатил какво богатство се крие во откритието на начинот за правење порцелан, и како подобар убедувач од Чирнхаус, го убедил спонзорот да инвестира во фабрика за порцелан.

Чирнхаус умрел неколку денови пред отворањето на фабриката, чиј директор станал токму Бетгер кој што во наредните неколку децении си живеел удобен и богат живот како производител на порцелан, а и спонзорот станал толку богат од својот удел во фабриката, што подоцна можел да си ја осигура по втор пат стекнатата (преку корупција) титула – крал на Полска (првиот пат кога бил крал преку земени пари од еден лихвар, не успеал да ја задржи круната оти немал јаки приходи за продолжување на корупцијата).

Ете еден човек кој навистина сакал да стане крал и станал дури два пати крал, успевајќи со помош на приходи од фабрика за порцелан да заработи доволно за да ја финансира својата политичка кариера.

3. Америка е ова бе, а не Индија: своевремено Британија имала две големи колонии од кои нејзините владетели црпеле огромни богатства – Индија и Америка. Арно ама, луѓето со кои владееле Британците во двете колонии биле дијаметрално спротивни според карактерот и менталитетот им.

Индијците биле спремни да ги трпат сите неправди и сите високи даноци што британските колонијалисти им ги наметнувале и без многу бунење ревносно им ги полнеле џебовите на британските гувернери.

Но во Америка, тамошните колонисти ич не сакале да чујат за некакви високи даноци со кои би се финансирал удобниот живиот на граѓаните во Британија. Во тоа време, само жителите на Англија и Шкотска имале право да гласаат на изборите за британскиот парламент, ама даноците што ги трошел преку буџетот тој парламент се собирале од целата британска империја, најмногу од колониите. Под мотото „не сакаме да не оданочувате без да бидеме застапени во парламентот“ и барајќи или да им се укинат даноците или да можат и тие да гласаат за пратеници во парламентот, колонистите во Америка почнале да демонстрираат.

На нивната исклучително бенигна буна Британците одговориле многу насилно, па овие зеле и самите оружје в рака и се кренале на востание. И, после многу перипетии – ја извојувале победата во војната против светската сила и се нашле во ситуација да треба да прават своја држава. Со многу аматеризам, многу дилетантство, без план и без програма, повлечи – потегни, поранешните колонисти изградиле не само саглам држава, туку и голема светска сила која ја знаеме од тогаш па наваму како Соединети Американски Држави.

А сѐ почнало со поплака против високите даноци. Да знаеле до каде ќе излезе работата, Британците сигурно ќе им попуштеле на барањата на колонистите, оти тие првично и не барале многу. Воедно, да знаеле колонистите што можат да постигнат ако се обидат само, немало ич да се замараат со некакви палијативни барања за пониски даноци или избори, ами веднаш ќе оделе на востание до безусловна независност.

Америка како континент е поврзана со приказна за ненамерно откритие во потрага по нешто друго. Колумбо, кој тргнал кон запад за да стигне до Индија, налетал на Америка за која тој не знаел дека е сосема нов, непознат за Европејците континент. И не само што не можел да сфати дека ја открил „мечката“ барајќи го „зајакот“, туку до крајот на животот инсистирал дека земјите што ги нашол на своите патувања биле дел од Индија.

Еден друг морепловец сфатил што точно нашол Колумбо, па откако ги објавил картите на таа нова територија токму по неговото име континентите се наречени Јужна и Северна Америка. Да сфател Колумбо што нашол, сега ќе се викаа тие Јужна и Северна Колумбија.

4. Чисти раце, нечиста совест: најголемата корупциска афера и воедно најголемата акција за сузбивање на валканата политика во Италија започна толку бенигно, што да не беше вистина, би помислил човек дека е дел од некое сценарио за некој третокласен филм.

Имено, во 1992та еден сосема локален и безначаен италијански политичар по име Марио Киеза бил уапсен заради примање некакво ситно мито со кое требало да среди еден минорен тендер за чистење на некои јавни канцеларии (!) да го добие фирмата на човекот кој го дал митото. Ова ќе се завршело со некаква минорна судска пресуда за политичарот, ама откако неговите сопартијци одлучиле да се дистанцираат јавно од него, тврдејќи дека тој е единствениот валкан член во партијата им и дека треба да оди и да скапе во затвор, тој се налутил и на истражителите им раскажал за едно чудо случаи на корупција во кои заедно со сопартијците но и со функционери од коалициони партнери на власта  учествувал. Клопчето почнало да се одмотува водејќи до фамозната акција „Чисти раце“ која ја потресе Италија во 1992та од и од темел ја промени политичката сцена во таа земја.

Откако поради многубројните уапсени политичари од скоро сите партии, народот сосема ја загуби довербата во постојната политчка елита, до тогаш минорната Северна Лига, како и новопечениот политичар Силвио Берлускони можеа да се пробијат до самиот врв на власта и да бидат доминантни скоро цела деценија.

Не дека и Силвио Берлускони беше чист, па како иронија на судбината, најголема штета на неговата кариера и углед предизвика една афера која почна исто така бенигно како и „Чисти раце“ од раните деведесети. Откако една девојка со прекар Руби ја беа уапсиле поради обичен сообраќаен прекршок, таа им се развикала на полицајците дека му е лична пријателка на премиерот Берлускони, по што брзо се открило и дека како малолетна проститутка таа имала неколку пати секс со него. Од таму тргна лавина скандали, кои на палавиот Силвио не само бракот туку и политичката кариера му ја уништија.

Слично, најпознатата политичка афера на сите времиња, по чие име многу афери ширум светот го добиваат сеуште името е аферата Вотергејт, поради која американскиот претседател Ричард Никсон морал да поднесе оставка.

А таа афера почнала кога во хотелот „Вотергејт“, полицијата уапсила неколку навидум обични провалници за кои откако се утврдило дека ништо не сакале да украдат, истрагата покажала дека тие поставиле уреди за прислушнување во еден хотелски апартман во кој бил сместен изборен штаб на опозиционата партија. Откако случајов се обиделе да го заташкаат лица од власта преку свои луѓе во ФБИ, на кои директно наредбите им доаѓале од Белата куќа, и откако за сево ова дознале новинарите, пукнала толку голема афера што на крајот, после расчистувањето на сите бизарни детали, самиот претседател Никсон морал да поднесе оставка од функцијата.

Од овие случаи поуката што сите политичари што сакаат да прават криминал и злоупотреби на функцијата треба да ја извлечат е содржана во следнава кинеска поговорка: „ако налеташ на голем камен, ќе го заобиколиш без мака, ама ситното камче нема да го видиш и ќе ти влезе во чевелот и токму тоа ќе те натера да се собуеш и да останеш бос“

*

Многу има примери во технологијата и политиката за ситни работи кои неочекувано прераснале во големи нешта кои потоа фундаментално го промениле светот.

Кога пред многу милениуми во ќесе направено од животинско чкембе некој праисториски човек носел млеко, поради ензимите од чкембето млекото се згуснало и се претворило во еден вид сирење, бил означен почетокот на видот храна што денеска на млекарниците им носи поголеми профити од млекото. Барајќи начин за полесен транспорт на млекото, некој значи налетал на сирењето.

Барутот бил измислен во древна Кина од страна на лекар кој го барал еликсирот за бесмртноста. Не го нашол тоа што го барал, ама поради технолошката револуција што барутот ја предизвикал во сферата на производството на оружје, војните ќе станат многу покрвави и стотици милиони луѓе ќе загинат низ вековите по откривањето на барутот. Барајќи еликсир на вечниот живот, бил најден прашокот што носи смрт.

Хероинот го започнал своето постоење како лек, ама откако сфатиле лекарите дека тој предизвикува зависност кај пациентите што го користеле, веќе било предоцна да се спречи неговото ширење до степенот денеска да е најпрофитабилната дрога во светот.

Стрипот за Супермен почнал како саркастично потсмевање со расистичките теории за „надлуѓе“, идеи што доминирале со свеста на луѓето непосредно пред Втората светска војна, и во првиот број на стрипот Супермен бил негативец кој сака да го освои и да го пороби целиот свет, ама откако сфатиле колку добра идеја имаат во рацете, креаторите на ликот го испозитивизирале и го претвориле во комерцијално најуспешниот супер херој во историјата на стриповите.

Од една случајна средба, цел живот може да се промени. Од ситна инвестиција во право време – може милионско богатство да се створи. Од една искра може да настане пожар што цела шума ќе ја сотре. Од еден мал орев може да никне огромно дрво.

Никогаш не можеш да знаеш што носи денот, но денот нема ништо корисно да донесе ако не знаеш како да го зграпчиш во вистинскиот миг. Има многу мапи кои водат до многу скриени богатства. Но што вреди мапата, ако човека го мрзи дури и да ја прочита?

.

П.С: За денеска беше најавена колумната „Полесно се градат ѕидови отколку мостови“ но поради оправдани причини таа е одложена за наредниот четврток. Значи, тогаш очекувајте ја неа. А во утрешниот број на неделникот „Фокус“ побарајте ја мојата нова политичка колумна.

До четврток, поздрав😉

Written by nenobogdan

15/12/2011 at 22:16

9 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Пред стотина години во кралството на СХС живеело сиромашно момче од многудетно семејство кое маката го искалила во физички силен човек кој не се описменил туку од мал работел како аргат за да преживее. Ова момче излезот од сиромаштијата го гледало во државна служба да се вработи како пандур. Откако ѓи минал сите тестови за физичка подготвеност, јавање на коњ и управување со запрега паднал на тестот за писменост бидејќи бил неписмен. Откако не успеал во намерата со заштедата купил карта во еден правец кон земјата Америка за која слушал дека ќе може да живее подобро од својот труд. Во Америка работел на ранч како каубој-кравар, а по десетина години заштедил доволно пари да купи свој ранч, но бидејќи немал доволно пари за квалитетна бонитетна земја слушнал дека на југ има земја со пониска класа за поевтина цена во државата Тексас која од пред некоја декада ја изгубила независноста и била дел од САД.
    Во Тексас за парите што ги имал купил голема површина евтина земја која никој не ја сакал со малку извори на вода и многу извори на сурова кал (НАФТА) која сеуште немала практична примена.
    По десетина години се нашла практична примена на нафтата, а нашиов балканец станал милионер според сегашни критериуми. При едно потпишување на договор со крст новинарите кои го интервјуирале забележале дека е неписмен и го запрашале:
    ШТО БИ СТАНАЛ ВО ЖИВОТОТ АКО СЕ ОПИСМЕНИЛ ШТОМ СТАНАЛ МИЛИОНЕР КАКО НЕПИСМЕН?
    МИЛИОНЕРОТ БЕЗ ОБЈАСНУВАЊЕ ИМ ОДГОВОРИЛ: ПАНДУР У КРАЉЕВИНИ ЈУГОСЛАВИЈИ.

    лично

    16/12/2011 at 09:17

  2. Odnapred se izvinuvam što pišuvam so latinica, bidrjći sum momentalno vo Belgrad.
    Vie, ako može da Vi se obratam so Neno, mnogu suptilno gi odbirate temite što gi pišuvate. Kaj nas nema intelektualci koi razmisluvaat kako vas da pišuvaat originalni temi za koi potoa te teraat za razmisluvanje. So zadovolstvo gi čitam Vašite kolumni, koi potoa me teraat da razmisluvam za seto napišano vo niv. Bravo. Vie ste pisatel po moj vkus…. Vo vrska so ovaa tema, moe razmisluvanje e: deka se vo životot se slučuva slučajno od rađanjeto-do smrtta. Toa e interesno kako fenomen, deka nekogaš na prv pogled “izgubeno” se vraća so “triumfalna pobeda”. Sekoj uspeh ili neuspeh vo životot ne zavisi sekogaš samo od nas, tuku i od splet na okolnosti, koi ne pratat celiot svoj život.

    Dragan Ignov

    18/12/2011 at 20:21

    • Така е

    • Еве сега на вести слушам, во Драчево отишле пожарникари да гасат пожар во магацин, а налетале на фабрика за марихуана. А пак пожарот почнал поради една искра од неисправна сијалица.

  3. licno mnogu ti e dobra prikaznava ,samo imas greska kralstvoto SHS bilo formirano posle prva svetska vojna posle 1918 ili 19 godina ne sum siguren, a teksas stanal del od SAD na 29 dekemvri 1845 godina

    filip

    22/12/2011 at 21:17

  4. Пишував по сеќавање на нешто што сум го прочитал пред неколку години па затоа ми се избледени фактите. Во текстот кој го читав стоеше името на момчето, местото од кое потекнувал и колку години поминале од настан до настан, а имаше повеќе настани, но ова ми остави впечаток.
    Веројатно живеел на територијата на некоја монархија која подоцна станала дел од СХС.

    лично

    23/12/2011 at 11:56

  5. dada extra e prikaznata, ili srbija ili avstro-ungarija

    filip

    23/12/2011 at 18:22


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: