Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ПOЛECHO CE ГPAДAT SИДOBИ OTKOЛKУ MOCTOBИ

with 7 comments

За разлика од животинчињата на сликава, кои не би требало воопшто да се пријатели, ама ете решиле да бидат, кај луѓето често токму соседите и роднините се обидуваат да се раздвојат едни со други и да немаат никаква меѓусебна комуникација, бидејќи се сметаат едни со други за најголеми душмани. Па градат ѕидови, често толку монументални колку што, како што покажува времето – се бескорисни. Еве неколку примери:

1. Забранет влез: практично најпознатиот од славните големи ѕидови е секако Кинескиот ѕид. Ова здание толку многу ги има фасцинирано луѓето, што повеќето неупатени во темата, се убедени дека „дури и од Месечината со голо око може да се види Кинескиот ѕид“. Што апсолутно не е точно!

Ѕидот е линеарен објект, значи многу долг ама и многу тенок, и поради неговата широчина од едвај 10 метри, тврдењето дека може да се види од Месечината која е оддалечена 384 илјади километри е идентично на тврдењето дека конец дебел колку влакно од човечка коса може да се види од врвот на планината Водно додека лежи на скопскиот асфалт – и тоа со голо око, без двоглед. Дури и со двоглед не би можел да се види толку тенок конец од таа оддалеченост, а камо ли пак од Месечината да се види ѕидот во Кина.

Таа заблуда ја има проширено еден археолог од доцниот XVIIIти век, кој очигледно немал осет за димензиите на ѕидот и оддалеченоста на Месечината, ама поради спектакуларноста на изјавата му, други луѓе (новинари – сензационалисти) ја употребувале во своите написи и таа постепено прераснала во општопознат факт. Кој што не е факт, туку најочигледна заблуда.

Како што била заблуда и изградбата на систем на ѕидини и тврдини во северна Кина од кој се очекувало да ја одбрани земјата од наездата на северните варвари, Монголите и Манчуријците. Поради должината на ѕидот, и потребата на секоја точка да биде подеднакво јак, Кинезите никогаш не можеле да го решат задоволително проблемот за наоѓање на доволно стражари, па иако целиот ѕид бил импресивен, со огромен број војници што го бранеле, тие биле расштркани низ илјадници километри, па за напаѓачите било доволно само на една точка да удрат, да пробијат релативно лесно низ неа и потоа сите стражари вдолж целиот ѕид биле бескорисни, штом непријателот веќе бил влезен длабоко на кинеската територија.

Така да, концепциски Кинескиот ѕид бил како некој вид на балон, за кој е доволно само едно мало трнче да го боцне и потоа сета гума што го држи воздухот внатре ќе стане бескорисна оти низ тоа едно мало дупче сиот внатрешен воздух ќе избега. Кај Кинескиот ѕид, „балонот“ го држел надворешниот „лош воздух“ надвор и штом на едно место ќе бил пробиен ѕидот, тој варварски гас ќе се влеел во кинескиот простор.

Сличен принцип на Кинескиот ѕид, кој требало цивилизацијата да ја брани од наездите на варварите бил во западна Европа фамозниот Хадрианов ѕид, наречен така, оти бил подигнат по наредба на римскиот цар Хадриан. Тој се протегал преку средината на Велика Британија од едно до друго море со цел да ги спречува келтските варвари од денешна Шкотска да навлезат во денешна Англија каде што во тоа време живееле други Келти, под власта на Римската Империја која демек, работела на тоа нив да ги цивилизира.

Овој римски ѕид никогаш не бил пробиен, не за друго, туку благодарение на тоа што бил доволно краток за ефективно да може да се брани со силен гарнизон. Но, тоа траело сѐ додека римските легионери, поради потреба во друг дел од империјата не биле повлечени и засекогаш не ги напуштиле своите караули покрај ѕидот.

Доволно биле сепак само три века разделеност на истиот народ – Келти на север и Келти на југ, за да се создаде трајна културолошка разлика меѓу нив, и од тоа време па до ден денешен, токму линијата на некогашниот Хадрианов ѕид е во голема мера границата помеѓу шкотскиот и англискиот народ.

Во модерно време, нешто слично на Хадриановиот ѕид се гради на границата меѓу Мексико и САД со цел, сиромашните „варвари“ од Мексико да не можат илегално да се доселуваат на територијата на „цивилизираните“ и богати Американци. Она што е смешно кај овој ѕид е што голем дел од надзорот не го прават стражари од стражарски кули, туку контролори што седејќи во канцеларии гледаат цело време во монитори поврзани со камери поставени вдолж целиот ѕид. Тоа не е смешното, туку она што дури е бизарно е што голем дел од контролорите на тие монитори се токму Мексиканци (!), кои се спремни за мали плати да ја вршат таа безмерно здодевна работа, која малкумина „бели Американци“ би сакале да ја работат.

И конечно, најконтроверзен анти-варварски ѕид во денешно време е ѕидот на Западниот Брег (териториите западно од реката Јордан), едно здание долго неколку стотици километри, што Израел го подигна за да ги спречи терористите од палестинските територии да се уфрлаат во населбите со еврејско население и да изведуваат таму крвави напади. Овој ѕид иако многумина го сметаат за главна пречка за напредокот во мировниот процес меѓу Израелците и Палестинците, сепак е очигледно дека го редуцираше драстично бројот на терористички напади врз Израел, до тој степен што било каква неприфатливост од правен аспект на неговото постоење се занемарува во интерес на безбедноста на изрелските граѓани.

Се разбира, ѕидот може да спречи само поминување низ линијата, но не и над ѕидот или под ѕидот, па терористите се префрлија на копање тунели под ѕидот како и испукување ракети од палестинските територии кон израелските територии. Така да, бидејќи никој веќе не се обидува преку ѕидот да помине, испаѓа дека тој во голема мера се претворил во своевиден раселов парадокс – толку е ефикасен, што воопшто не се употребува.

2. Забранет излез: не се сите големи и славни ѕидови изградени за да ги држаат непријателите на државата надвор од неа. Имало фамозни ѕидови низ историјата кои служеле за држење на граѓаните на државата внатре во нејзините граници, со цел да не му побегнат на режимот кој ги угнетувал. Класичен пример за тоа беше Берлинскиот ѕид од ерата на Студената војна, кој што ѕид има некаков свој пандан повторно на далечниот исток, со утврдената граница меѓу Северна и Јужна Кореја, фамозната „демилитаризирана зона“ која и покрај името ѝ, воопшто не е без воено присуство, бидејќи од двете страни на граничниот простор има стотици илјади тешко вооружени војници кои водат сметка ни пиле да не смее да прелета од едната во другата земја.

Како берлинскиот така и корејскиот ѕид го има изградено токму онаа страна во конфликтот која сака своите граѓани да ги држи во потполна изолација, оти се плаши да не ѝ побегнат. И во двата случаи станува збор за исти народи поделени на две држави поради идеолошки разлики на нивните елити, при што интересна работа е што и во двата случаи оние  Германци (односно Корејци) кои што живеат под комунистичка власт бегале (бегаат) во оној дел од земјата во која има капиталистичко уредување. Никогаш не е случај обратното!

Берлинскиот ѕид не исчезна затоа што беше пробиен од надвор, туку затоа што државата која го изгради и одржуваше пропадна од внатре. Во доцните осумдесети години од минатиот век, комунизмот во светски рамки веќе беше идеологија во коматозна состојба, комплетно банкротирана не само на морален и политички план туку и најважно – на економски, и сите гледаа дека ништо од ветениот социјалистички „рај на земјата“ не постоеше во ниту една комунистичка држава. Вклучително и во нашата СФРЈ која баш поради хипокризијата врз која беше изградена, потона во серија крвави меѓуетнички војни.

Во источна Германија комунизмот пропадна откако сосема колабираше довербата на граѓаните во него, а со неа падна и берлинскиот ѕид кого го урнаа десетици илјади Германци напаѓајќи ги со обични шила и чекани неговите испразнети стражарници и караули од двете страни на линијата. За само неколку денови, ѕидот кој застрашувачки разделуваше цела една нација речиси сосема го снема од лицето на земјата.

Она што е куриозитет со падот на комунизмот (и на секоја диктатура воопшто) е што во делот на Германија што некогаш беше под комунистичка управа, сеуште има голем број на луѓе кои со носталгија се сеќаваат на „добрите стари времиња“ од таа ера, и токму тие се главните подржувачи на естремно левичарските партии во денешна Германија. Исто како што впрочем и во Србија сеуште има луѓе кои гласаат за Социјалистичката партија со која некогаш раководеше Милошевиќ. Исто како што во Либија сигурно многу луѓе сеуште тагуваат по тиранинот Гадафи, и како што кога еден ден конечно ќе падне комунизмот во Северна Кореја, ќе има милиони Корејци кои ќе го паметат првиот и вториот (па и третиот) Ким како голем и добар лидер, во чие време се живеело добро.

Ако се има во предвид ваквата честа појава која во голема мера е политичка форма на Стокхолмскиот синдром (кога заложниците почнуваат да имаат позитивни чуства кон своите киднапери) јасно е дека не се толку страшни ѕидовите од бетон и бодликава жица кои лесно се уриваат дури и со најобични чекани и клинови, туку ѕидовите во главите на луѓето. Создадени со неколкудецениска пропаганда и систематско и институционално перење на мозоци, тие ѕидови многу тешко се уриваат.

*

На некој начин, за „голем и славен ѕид“ можеме да го сметаме  и системот на тврдини и бункери и ровови што Франција го изградила вдолж границата со Германија во периодот меѓу двете светски војни како начин полесно да го запре надирот на германските војски.

Интересно со овој бедем кој се викал „Линијата Мажино“ е што тој истовремено се покажал и како оправдана инвестиција и како бескорисна работа. Имено, неговата функција била да го спречи нападот на Германците што навистина и се случило, оти хитлеровите војски никогаш не удариле на делот од  границата што бил обезбеден со таа линија. Линијата била премногу добро утврдена и било каков напад ќе бил непродуктивен.

Затоа, Германците едноставно ја заобиколиле линијата и Франција ја нападнале преку Белгија, а меѓу Франција и Белгија немало воени утврдувања. На некој начин, погоре споманатиот раселов парадокс се покажал за валиден и во случајот со линијата „Мажино“. Таа била толку многу ефикасна одбранбена структура што воопшто не била нападната и по таа логика испаѓа дека не била воопшто искористена.

Нешто слично на начинот на кој била поразена одбраната на Франција, токму во Втората светска војна се случило на далечниот исток. Кога Јапонците тргнале да го напаѓат градот Сингапур, тие биле свесни дека тој остров е заштитен од напад од окенот со неверојатно моќни топови кои можеле било која инвазиона флота да ја потопат пред да се доближи до брегот. Па затоа – нападнале не од страната која е отворена кон морето (кон каде биле насочени огромните топови), туку од страната каде што е Малезија која со Сингапур ја дели само еден тесен проток. Топовите на Сингапур се покажале толку застрашувачки, што градот воопшто не бил нападнат од страната која ја чувале тие, па следствено испаднале како сосема бескорисни.

Очигледно, ако имаш само половина ѕид – исто како да немаш ѕид. Оти непријателот ќе те нападне од онаа страна од која не си заштитен. Тоа е многу битна поука за секоја власт која преку пропаганда се обидува да го држи својот народ изолиран. Или за секој човек кој не сака да признае дека постои друга вистина освен онаа што му му ја диктираат неговите предрасуди.

Половичен ѕид – не е ѕид. Половична пропаганда – не е пропаганда. Половична сигурност – не е сигурност. Половична верба – не е верба. Половично знаење – не е знаење. Меѓутоа, и половична глупост е – премногу глупост.

.

П.С: Во утрешниот број на неделникот „Фокус“ како и секогаш побарајте ја мојата редовна колумна. А на блогов, наредниот четврток ќе биде објавена пригодна новогодишна колумна со наслов „Џокерот како архетип“.

До четврток, поздрав😉

7 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Убава и поучна тема за размислување за сите наши глупости што ги правиме во својот животот. Ако малку повеќе размислиме за нас Македонците, ние сепак мислам да градиме мостови. После скоро по педесет години градиме нови мостови во Скопје преку Вардар, со што го поврзуваме градот во една целина, симболично сакајќи да кажеме дека нема од што да се „браниме“. Дури и плоштадот „Македонија“ се гради и на левиот брег. Ние сакаме да градиме мостови, кои треба да не поврзуваат и да не зближуваат, а не да градиме ѕидови, кои треба да не разделуваат. Мислам дека тоа многу добро го разбираме во однос на нашите соседи, без разлика од која страна се, кои со нивните политики градат ѕидови, кои не не поврзуваат (Грција, Албанија, Бугарија, а и Србија). Јас бев овие денови во Србија и доживеав да ми се каже дека: „Зошто градиме споменици на Грчки јунаци, како на Александар Македонски, Филип Трети и др. кои наводно се Грци…. и дека сме ние Срби и т.н. и т.н…“. А истото е и во Грција, Бугарија и Албанија. Грција со сегашната политика спрема нас се барикадира, градејќи „непробоен ѕид“ со своите тврди ставови. Истата таа Грција сака да изгради ѕид спрема Турција во должина од околу 100 км. Нели е тоа градење на ѕидови. Тие се плашат од вистината што треба да ја чујат и која треба да се учи и во нивните училишта по часовите на историја. Каде се тие мостови на соживот?…

    Драган

    26/12/2011 at 00:21

    • Мостот „Око“ што го гради владава сегашна, како и спомениците со надувани цени мислам дека се повеќе за молзење пари од буџетот и префрлање во личните џебови на грст лопови, отколку со некаква си искрена културно-историска намера.

  2. Не знам која е целта на старата европа да гради толку пријателски мостови со северна Африка во последниве години. Доволно е некој мароканец, алжирец, тунижанин, либиец да рече дека е гладен и без граѓански права кога ќе се најде на европска територија и веднаш без проблем заминува во Германофранција.
    Е сега се поставува прашањето зошто на Германофранцуската стара европа толку време и требаше да го уважи правото и источно европјаните слободно без визни ѕидови да патуваат, а се повеќе ми се чудни старо европските држави дека муслиманската Турција не треба да стане членка на ЕУ како северно африканците да се будисти, дека Бугарија и Романија не треба да влезат во шенген групата како да се второ класни членки, Македонија, Србија, Босна и Косово ќе добиваат какви ли се неразумни барања за исполнување над пропишаните досега критериуми, а за огромната Украина не би ни размислувал што ќе им бараат.
    Досега мислев дека никој не дава јадење без платно ама ете грците јаделе со години бесплатно, а сега им го простија пола долг, а наскоро ќе почнат да го јадат и платното од кое нозете им висат бидејќи не ѓи испружиле нозете колку им е долга циганската черга.
    Значи да заклучам ако некој гладен циган во северна Африка отиде во Франција ќе добие (платен)ручек во ЕУ, а ако некој гладен циган во Бугарија и Романија отиде во Франција ќе добие (платен)билет во еден правец назад на Балканот.
    Ако македонски услов за уривањето на ѕидот кој не дели со ЕУ е недвосмислен крај на македонското постоење By nationality се поставува прашањето дали да градиме мост кон ЕУ или паралелно да градиме мост и кон други страни кои го уважуваат нашево постоење безусловно.

    лично

    27/12/2011 at 13:38

    • Никој не ни го уважува нашето постоење безусловно, само што прво чекаат да им паднеме на колена и да ги помолиме да не засакаат, па да ни ги кажат дури тогаш условите.

      Граѓаните на Белорусија ништо фајде немаат од дружбата со Русија, а граѓаните на Северна Кореја ништо немаат фајде од дружбата со Кина.

      Подобро живеат Полјаците од Белорусите, и подобро живеат Јужните од Северните Корејци.

      Во глобалната политика нема ниту правда ниту љубов, има само интереси. Некогаш државни, ама најчесто лични и деловни на одделните политичари.

      Тоа што Грција добивала муфте пари со децении, е знак дека од буџетите на богатите држави им се давале парите на Грците, а политичарите од тие богати држави добивале провизии за тоа од страна на грчките политичари.

      А тоа што народот во Франција и Германија не гледал што му прават пред нос неговите лидери, е исто како кај нас со Скопје 2014 и парите што се прелеваат од него во непознат правец. Ние демек градиме култура и идентитет, а Европејците градеа заедничка унија, па никој не се бунеше. Ако некој се буни – ќе го наречат предавник и комуњар, т.е. националист и ксенофоб во европскиот случај.

      Иста лоповска финта, само други специјални ефекти.

  3. Тоа дека С. Корејците и Белорусите не живеат добро повеќе е резултат на нивните режими отколку на нивната дружба со Кина или Русија.
    Во политиката и бизнисот владеат интересите, а кои се нашите интереси? Да плакаме за секој грчки штрајк оти не сме поврзани автопатно и железнички со Јонското Море и Црното Море.
    И Грците имаат еден вид споменици од нивното ,,златно време”, а тоа се нивните одлични автопати, магистрални и локални патишта кои ќе им останат корисни, а ние кога ќе се свртиме назад во 2014 година ќе го имаме ,,Скопје 2014″, завршен коридор Србија-Грција со автопат и железница, ниту еден километар автопат во Источна Македонија и не започнат коридор
    исток-запад.
    На крај пак ќе зависиме од грчките штајкови на пристаништата ама поважно ни е да имаме нови административни згради во Скопје место да се направи автопат до Бугарија и Албанија.
    И поважно е да го градиме економско правниот систем паралелно со европскиот бирократски-капитализам место да земеме пример од некои успешни системи кои не се до тој степен бирократизирани, а сепак се функционални.

    лично

    27/12/2011 at 23:15

    • Секако, во право си за се што кажа. Има само еден проблем… Скопје 2014 вреди 300-400 милиони евра, а Коридор 8(автопат+железничка) вреди 4 милијарди евра.
      Само размисли Демир Капија- Смоквица е 28 километри околу 200 милиони евра. Поентата е ние немаме пари за Коридор 8 да имавме одамна ќе беше завршен па затоа се бафтаме со фасади како Скопје 2014.
      Парите за Коридор 8 можеме да ги добиеме само и само од ЕУ. Па затоа и не е голема штета да се потрошат 300 милиони. Големата штета во Скопје 2014 е во тоа што тој проект не спречува да влеземе во ЕУ.

      Кољо Дијамант

      29/12/2011 at 19:11

  4. Ако Скопје 2014 не спречува да влеземе во сегашнава бирократизирана ЕУ тогаш тоа е најдобрата индиректна придобивка од него.
    Скопје 2014 би бил во ред како Скопје 2020. Не им требаше толкаво вложување на пари за толку краток период во административни згради, споменици и мостови на 200 метри.
    Ако деклариран приоритет на секоја влада во изминативе 15 години беше мостот Албанија, Бугарија и имаше континуитет за оваа цел градејќи 6-7% годишно до трасата досега ќе имавме изграден коридор.
    Бугарија пред седумдесетина години со тогашната техничка опременост за неколку години изградила пруга со тунели до пред Делчево на исток, а на запад изградила пруга во 1917 до Охрид која функционирала до 1966. Ако Србите од нивни стратешки интереси не вложувале во мостот исток-запад се прашувам чиј интерес до денес застапуваат владиве по 1991.
    Пред некој ден Оливер Дерковски директор на железница изјави дека од Кичево до Албанска граница може да се пробие пруга за 6-7 години за 300 милиони евра, а за целиот железнички дел од коридорот-8 ни биле потребни вкупно 700 милиони евра.

    лично

    30/12/2011 at 09:47


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: