Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ДOБИEHO И И3ГУБEHO

with 29 comments

Се разбира дека секогаш сме радосни кога нешто ќе добиеме, и не ни помислуваме дека за она што сме го потрошиле за добиеното сме можеле да добиеме и многу повеќе. Па таа разлика, која не ја гледаме, не успеваме да ја согледаме како загуба. А тој философски принцип, дека празниот простор помеѓу тоа што сме можеле да го постигнеме и тоа што сме го постигнале е мерило за нашиот пораз, често пати останува неискористен во многу сфери од живеењето.

1. Колку пилиња има во една табла јајца: ајде на почетокот една поучна аналогија. Имено, како преку односот кон една табла јајца може да се споредат менталитетите на типичниот Американец, Европеец (од запад) и Балканец? Еве како:

Во Америка еден човек шета по некоја улица во некој американски град носејќи при тоа табла јајца во рацете. Еден типичен Американец го гледа и си мисли: „еј, цела табла јајца! Па да ги стави нив во инкубатор – триесет пилиња ќе се родат. А тие пак, кога ќе потпораснат во петли и кокошки ќе продуцираат и самите нови јајца, што значи, за една година може барем стотина нови табли јајца да се добијат. Тоа се три илјади пилиња, и за уште една година, од нив пак може да се развие цела живинарска индустрија, за пердуви, месо, јајца, дури и пилешкиот измет за органско ѓубриво може да се продава во вреќи на кои ќе има и реклама за други земјоделски препарати! Боже мој, колкав ли само потенцијал лежи во таа една табла со триесет јајца. Само треба труд и време да се вложи, и приходот може да биде безграничен!“

Во западна Европа еден човек шета по некоја улица во некој западно-европски град носејќи при тоа табла јајца во рацете. Еден типичен западно-Европеец го гледа и си мисли: „еј, цела табла јајца! Па што ќе му се на еден човек толку многу јајца? Барем половина од тоа треба да се земе како данок и да се поделат јајцата на социјалните случаи, студентите и невработените. По три јајца за секого, тоа се пет нахранети луѓе. Од остатокот пак, барем пет нека ги даде доброволно за гладните во Африка, каде што и едно јајце по човек ќе биде доволно за каков-таков појадок. Тоа се значи уште пет луѓе што нема да гладуваат. На човекот ќе му останат десет јајца, ајде нека изеде пет самиот со неговата фамилија на ручек, и пет нека ги стави во инкубатор, при што инкубаторот треба да биде, се разбира, според сите стандарди пропишани од Европската комисија. Од пет јајца ќе се испилат пет пилиња – и ете доволно е тоа за проста репродукција. За неколку месеци пак ќе има табла јајца од тие пилиња и процесот што претходно го опишав, пак може да се повтори“

На Балканот еден човек шета по некоја улица во некој балкански град носејќи при тоа табла јајца во рацете. Еден типичен Балканец го гледа и си мисли: „еј, цела табла јајца! Ух, колку ми е јад што го гледам со тие јајца, додека мене ми кркорат цревата, а немам ни за пола јајце пари, а не пак за цела табла да купам. И глеј го бе педер еден како внимателно оди, небаре му е страв да не се сопне и да не му паднат јајцата. Ај, леле колку ќеф ќе ми направи ако само се сопне и падне и сите јајца му се скршат. Ајде бе, пичка ти материна, сопни се веќе, сопни се од нешто, да те ебам. Ај што нема снег или лед па да се лизнеш, крв ти ебам јајчарска и мамето твое кокошкарско… еј жими све, ако не се сопне самиот, ќе станам и ќе одам јас ќе му турам сопка, само да го поебам, копиле едно, вошкар еден. Он на мене ќе ми се шета со табла јајца пред очи, лајнар смрдлив, кој знае од каде ги украл тие јајца, можда од кокошарникот на дедо ми или прадедо ми ги зел, мамето негово, па тие се мои јајца бре, ја и’ам историско право на нив…“

Па, колку пилиња има во една табла јајца? Ако размислувате како Балканец – ниту едно, оти главна цел ви е сите туѓи јајца да ги уништите толку темелно, што нема не само пилиња, туку ни кајгана да може од нив да се добие. Ако пак размислувате како модерен западно-Европеец, во триесет јајца има пет пилиња кои на среден рок ќе обезбедат пак триесет јајца, а тие пак пет пилиња, и така иако нема напредок, нема ни назадување, ама при тоа се задоволени принципите на социјалната правда и еднаквоста. Кои вам ви се најбитни.

Ако пак размислувате како Американец, при тоа се мисли на оној архетипскиот Американец кому што само за бизнис му е умот насочен (а денешните Американци и не се баш такви) тогаш, знаете ли колку пилиња има во една табла јајца?

Има толку колку што сте спремни да издржите без да ги конзумирате пред време јајцата и пилињата што од нив ќе се испилат. Ако инвестирате долгорочно – можете да добиете од почетните триесет јајца – милиони пилиња!

2. Нема разлика меѓу заштедено и заработено: еве една друга приказна во врска со метафорите околу тоа што е добиено и што е изгубено кога не се размислува околу тоа што може да се добие и што може да се изгуби:

Еден патник од далечна земја одејќи си по патот налетал на стотина луѓе кои со лопати нешто копале, покрај една река. Зачуден од недостатокот на механизација, го прашал патникот оној човек што се чинел како главен (тој што не држел лопата во рацете, туку пенкало и тетратка) околу целта на работењето.

– Што точно работат луѓево? – го прашал патникот надзорникот.

-Како што, нели гледаш дека копаат канал, за од реката да тече водата во нивите и да ги наводнува – одговорил надзорникот.

– Па што не донесете еден багер, многу побрзо ќе ја ископа земјата и каналот ќе биде направен без стотинава луѓе да се мачат тука со лопатите – предложил патникот.

– Ех, колку си ти кратковиден, патнику од далечна земја. Ако викнеме багер да копа, тогаш овие сто луѓе ќе останат без работа бре! – извикал надзорникот презриво.

– Ау, тоа ли било целата, а јас пак мислев дека вие копате канал за наводнување?! А тоа да ти било всушност само изговор за на сто луѓе да им дадете работа. Па тогаш, дозволете ми да ви предложам прекрасна идеја – рекол патникот.

– Кажи, што предлагаш? – побарал да чуе надзорникот.

– Е па, ако целта е што е можно повеќе луѓе да бидат вработени, а не е битно колку канали ќе ископате, земете им ги лопатите, и речете им со голи раце да копаат. Така не само сто, туку сигурно илјада луѓе ќе може да вработите за ископувањето на каналов – објаснил патникот.

– Е, и мене ми текна тоа, ама знаеш што е проблемот, тие луѓето кои ги изработуваат рачките за лопатите ќе останат без работа тогаш – одговорил надзорникот.

– Не е тоа никаков проблем, баш ќе требаат повеќе работници ако се копа со голи раце, па и за нив ќе има вработување – конечно рекол патникот.

– Патнику, па ти си гениј! – извикал надзорникот и го прегрнал, наредувајќи веднаш потоа да се остават сите лопати и копањето да продолжи, буквално рачно.

Што е грешката во логиката на надзорникот? Е па таа е во тоа што со примитивни алатки (или и без алатки), еден канал ќе можат стотина луѓе да го ископаат да речеме за еден ден. Што значи дека ако тие копаат секој ден, за една година од 250 работни денови тоа општество ќе добие 250 канали за наводнување.

Доколку пак се користи модерна механизација, двајца работници ќе можат да ископаат ист таков канал за еден ден, што пак значи дека ако има ептен многу канали за копање, со сто работници колку што општеството одвоило за создавање на својата обемна каналска мрежа, за една година 12.500 канали ќе може да бидат ископани.

Кога се избегнува користењето на нови технологии со цел да се зачуваат работните места на луѓето – тие места се навистина зачувани, ама на сметка на тоа, огромен број на стоки и услуги што можеле да се добијат нема да се добијат. Во случајот со копањето на канали, сто работни места биле зачувани и биле добиени 250 канали за една година. Ама ако биле користени доволен број на багери, не само што тие сто работни места ќе биле сочувани (некој мора да ги управува машините), туку ќе биле создадени педесет пати повеќе канали!

Загубата значи не е на долг рок сто работни места, оти секогаш ќе има работа. Загубата е 12.250 канали кои нема да бидат ископани. Оти некој немал визија да сфати дека за сѐ што е добиено (т.е зачувано) нешто многу поголемо е изгубено.

А пак со помош на новите технологии, не само што се штеди на работна рака, туку и се заработува на работната рака многу повеќе, оти продуктивноста на секој еден работник е зголемена со помош на машините.

3. Атомските бомби спасуваат животи?! Еден од најголемите гревови што на Американците им го припишуваат пацифистите е што во текот на Втората светска војна ги фрлиле двете атомски бомби врз јапонските градови Хирошима и Нагасаки, при што стотици илјади јапонски цивили загинале. Тоа е осудено од пацифистите како сосема непотребно уништување на животите на невини луѓе.

Навистина, точно е, страшна загуба за човештвото е загинувањето и на еден, а камоли пак на стотици илјади луѓе. Ама, тоа е само изгубеното во случајот со фрлањето на бомбите. Што е добиеното?

Ако ги споредите бројките на загинати американски и јапонски војници (и цивили) во битката за островот Окинауа (водена неколку недели пред фрлањето на бомбите), ќе видите дека на тој релативно мал дел од јапонската територија, огромни загуби претрпеле и напаѓачите (Американците) и бранителите (Јапонците) и иако на крајот сепак американските сили извојувале победа, таа била платена во крв со ужасно висока цена.

Кај американските команданти кои ја планирале копнената инвазија врз главните јапонски острови (на кои што живееле десетици милиони луѓе), се јавил по битката за Окинава сосема оправдан страв дека за да се покорат и тие територии, и со тоа да се стави крај на војната, ќе треба да загинат милион американски војници и барем уште толку јапонски војници и цивили.

Затоа, била донесена одлуката да се избришат од лицето на земјата два јапонски града со помош на новото апокалиптично оружје, од кое никој не можел да се скрие, оти неговите ефекти биле смртоносни и по експлозијата, преку радијацијата. Откако виделе јапонските водачи што се случило со Хирошима и Нагасаки, седнале и ја направиле единствената логична математика дека – не вреди да се борат веќе.

Затоа што Американците немале веќе потреба милиони свои војници да жртвуваат во улични борби за секој јапонски град, туку дека оние градови што ќе пружаат отпор ќе ги спржуваат со нуклеарки и ќе ги срамнуваат со земја. Затоа Јапонците решиле да капитулираат.

Па дали Американците кога одлучиле да ги убијат стотиците илјади цивили во Хирошима и Нагасаки направиле зло или добро? Да, стотици илјади луѓе загинале, ама токму благодарение на начинот на кој биле убиени – било спречено продолжувањето на војната која пак ќе резултирала најмалку со милион цивили загинати.

Да не навлегуваме и во тезата дека токму постоењето на атомското оружје го спречи избивањето на Трета светска војна. Сите конфликти меѓу големите сили се водеа преку „сојузнички војни“ т.е. Американците војуваа не директно со Русите, туку со сили поддржани од СССР, а пак Русите не војуваа со Американците директно, туку со сили помагани со пари и оружје од страна на САД.

Во војните кои беа жешки точки на Студената војна загинаа милиони луѓе, ама колку ли ќе загинеа ако избиеше светска војна меѓу СССР и САД, дури и без употреба на атомско оружје (т.е. ако тоа никогаш не беше измислено)? Стотици милиони луѓе? Милијарда?

*

Принципот на „добиено и изгубено“ за прв пат во историјата на философијата систематски го опишал францускиот економист Фредерик Бастијат во неговото генијално дело „Што се гледа и што не се гледа“. Иако тој се ограничил само на грст економски теми, неговата логика е јасна како бел ден и лесно може да се примени за практично сите сфери од животот.

Еве на пример, да се задржам и јас на една актуелна економска тема. Потрошивме 4,5 милиони евра и добивме за тие пари една Триумфална капија. Супер, кој тоа може да тврди дека парите биле фрлени во ветер, кога ете ја среде Скопје си стои цела и бела, украсена и усогласена според стилот ѝ со околните згради „Порта Македонија“.

Е ама, од друга страна, еден двособен стан да се изгради во некоја од не-централните скопски населби би чинел околу 45.000 евра. Во таков еден стан може да се всели и да живее пристојно едно младо семејство со татко, мајка и две мали дечиња. Бидејќи државата ги потрошила парите за една триумфалична капија (во која никој нема да живее) тие исти пари сега нема да може да се потрошат за градење на – две или три станбени згради со вкупно сто двособни станови во нив.

А замислете само, да изградеше владава сто двособни станови и да им ги доделеше на сто млади брачни парови, на кредит со некоја симболична отплата од 40 години без камата, плус грејс период од десетина години? Сто пресреќни и благодарни парови, заедно со нивните родители, исто така преблагодарни за доделениот стан на децата, тоа се барем 500 гласови, ако не и 600 (неблагодарни намќори секогаш има!) за владејачката партија.

Ете затоа, кога ќе поминете друг пат покрај триумфалусната капија, сетете се дека за 4,5 милиони евра добивме една грандиозна капија (која и онака кога ќе се врати СДСМ на власт триумфалбаџиски ќе ја урне) ама загубивме сто станови поради кои ВМРО-ДПМНЕ не доби петстотини нови гласачи.

А петстотини од ваму, петстотини од онаму, и ете ти преполовено гласачко тело, и ете ти паѓање од власт и ете ти ги сите маки и страданија што од тоа ќе произлезат. Но, тоа е тоа: оној што има правилен менталитет нема да ја пропушти шансата од една табла јајца да создаде милион пилиња. Оној што има погрешен менталитет, ќе постапи како типичен Балканец и дури и ако му дадеш милион пилиња – ќе остане на крајот со триесет сматоци.

Поговорката вели дека мудар е оној што ќе постигне и волкот сит да е и овците на број да бидат. Голема мудрост е таа, голема. Штета само што ние си немаме ниту големи мудреци, ниту мудри големци.

.

П.С: Во утрешниот број на неделникот „Фокус“, побарајте ја мојата нова политичка колумна (не дека и оваа тука не беше малку политичка, ама таа во неделникот е уште пополитичка). А пак наредниот четврток, на блогов очекувајте ја колумната „Преторијанци“.

До тогаш, поздрав 🙂

29 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Вие неможе секогаш да упоредувате некои работи во „стилот“: баби и жаби или добиено и загубено, бидејќи за некои работи тоа е невозможно да се направи. Треба детално да се направи анализа со сите параметри за да се добие точен заклучок, инаку се е површно и одговара на оние што сакаат да направат. Се поставува прашање: Дали тие 30 јајца се само за еден човек кој треба да направи кајгана и да ги изеде или се можеби кајгана која треба да се јаде од триесетина луѓе, кои се например гости кај тој човек; или ако американецот не ги изеде јајцата и истите ги претвори во пилиња, а со нив можел да ги јаде секој ден по едно јајце, истиот ќе останел гладен и се разбира за триесет дена ќе умрел…. Знаете овие примери се само за залажување на стварноста, која не е таква. Давате примери и со гладни, Африка и тн. Прашање е пак зошто има гладни и зошто тоа и се случува на Африка? Сигурно не се раѓаат луѓе да бидат гладни, а некој од милосрдие треба да им даде по едно јајце за да преживеат. Примерот што го давате за ПОРТА МАКЕДОНИЈА Ви е исто размислување како опозицијата: демек требало неместо неа да се изградат 100 станови, за да се добиле 500-тини гласови. По таа логика ние треба да градиме само станови, кои треба да ги даваме на социјални млади паров под кирија. Па нели тоа го има во Северна Кореја? Сигурно знаете дека оваа Влада прва се сети за изградба на станови за млади брачни парови и тоа веќе се реализира и се изградени повеќе станбени згради. Потоа, Вие сигурно не ја разбирате поентата за изградба на ПОРТАТА МАКЕДОНИЈА или така ви одговара за да ја напаѓате по секоја цена изградбата на овој триумфален објект. Овој објект е прв ваков објект изграден од Македонци на македонска земја, што ја симболизира независността на Македонија, која потполна независност ја доби дури сега после скоро две илјади години, оспорувана, омаловажувана и негирана од секого, дури и од самите Македонци што живеат сега тука…Исто така и за фрлање на атомската бомба во Втората светска војна, бидејќи за се си има причини и последици. Јас толку засега. Поздрав!

    Драган Игнов

    20/01/2012 at 00:58

    • Станува збор за основна разлика во гледањето на светот.

      Некои велат дека сите работи се различни, и следствено не може ништо со ништо да се споредува. Не само баби со жаби, ами и жаби со жаби не можат, оти секоја жаба е посебна и различна од било која друга жаба.

      Други пак, велат дека се може да се споредува со се друго, бидејќи и жабите се нечии баби (на други, помлади жаби).

      Така да, во право сте, не разбирам која е смислата на Триумфалната капија. А кога ја споменавме и Северна Кореја и што гради таму владата, еве еден убав пример: http://en.wikipedia.org/wiki/Arch_of_Triumph_%28Pyongyang%29

      Хе хе хе, нели 🙂

  2. Граѓанска непослушност! Никој да не плаќа за струја една година. Една нека е, иако неколку години дупло ни наплаќаат!

    Александар

    20/01/2012 at 07:07

  3. Почетокот на 80-сетите започнува со РАБОТНА АКЦИЈА изградба еден локален пат кон една планина во И.Македонија, патот има благослов од локалните комунисти и сите директори ги донираат младинците од цела Југославија кои работат бесплатно.
    Еден млад агроном разговара со директорот во Земјоделско индустрискиот комбинат и вели: друже директоре зарем не е подобро да ги пуштиме двата багери од фирмата да го пробијат патот до планината за три месеци наместо две години омладинциве да копаат со лопати, а ние со нашево производство да ги хранеме со по три оброка дневно, историски во 50-сетите во колективизацијата немало механизација и можеби биле оправдани работничките акции но денес се неекономични.
    Директорот му одговорил како не те е срам да работиш против братството и единството сакаш ли на дисциплинска комисија, никому да не шириш ваква пропаганда.

    лично

    20/01/2012 at 09:36

  4. Овој колега агроном приказната ми ја раскажа на една трибина на ВМРО-ДПМНЕ мислам дека беше 2008 кога беше дојден Кристијан Делев (заменик министерот кој го доведе Моше Баум во Сведмилк за едно евро, а го испрати со милион). Министерот тогаш го фалеше законот за земјоделско земјиште дека добивајки во закуп максимални 10хектари сите ќе бидат задоволни, јас му реков дека површината е мала и нема да бидат конкурентни производителите.
    На оваа моја забелешка еден претседател на М.Комитет ми вели аха па ти сакаш да се збогатиш и да живееш на грбот на некој сиромав селанец како не те е срам да шириш пропаганда против владата.
    Тогаш го запознав постариот колега завршил како стечаец кој зема 5000 денари стечаен надоместок, а ми кажа дека некогашниот директор земал 20000 денари пензија.
    Јас сега обработувам 10 хектари земја и заработувам 6000 денари плата месечно, а сега со минималнава 8050 денари која неможам да си ја исплатам ќе ми ја блокираат сметката и мојата фирма ќе оди во стечај, а претседателот на М.Комитет се вработи во јавна администрација и зема над 20000 денари плата. Во меѓувреме министерството за земјоделство откако ги расцепка површините на по 10 хектари сфати дека се мали и неконкурентни па реши да ги окрупнува со земјоделски задруги, (така било на запад до сега беа на мода семејни земјоделски стопанства, а сега станале на мода задругите) но никој да признае дека грешеле шест години раситнувајки ги површините.

    лично

    20/01/2012 at 09:58

  5. Месниот комитетџија е вработен само затоа што неговата партија победила на изборите, а тоа е само затоа што глуп народ гласал за таа партија.

    Не е крив овчарот, криви се овците.

  6. Помеѓу двете случки иако има поминато три декади се гледа дека менталитетот на партиските војници не се променил иако сега се на власт ДЕСНИЧАРИ сепак кај мнозинството нивни активисти и функционери се гледаат остатоци од комуњарски менталитет, и кај тогашните левичари и денешниве десничари треба да се срамиш ако сакаш да заработиш добро, а целта јавна администрација се наметнува како врвен приоритет.
    Во ,,независна суверена Македонија” ништо немаме добиено и изгубено пред се во нашите глави.

    лично

    20/01/2012 at 21:43

  7. Добра колумна
    1. Точно е дека Македонците имаат проблем со луѓето со ”табла јајца” , тоа е поради тоа што секогаш низ историјата богати , чорбаџии итн биле предавници и крадци. Многу е важно да се прикаже дека има чесни и богати луѓе, инаку тешко ќе ни оди капитализмов.

    2. Во врска со второво ние немаме проблем, бидејќи немаме висока технологија но мислам дека компјутерите во администрацијата сигурно направиле многу административци излишни.

    3. Не се согласувам дека фрлањето на нуклеарната бомба било начин на спасување луѓе бидејќи како имало и други начини да се порази Јапонија бездруго и самата ќе пропаднела без териториите во Азија и пацификот и со трговско ембарго од цел свет. Проблемот со нуклеарната бомба е во тоа што со фрлањето Америкаците го урнаа митот за атомската бомба и ја направија оружје кое смее да се употребува.
    Атомската бомба не смееше никогаш да се употреби како оружје.Точно е дека атомските бомби спречија многу војни да бидат водени. Пример војните меѓу Индија и Пакистан, војната СССР Кина, СССР – САД. Жив пример е Северна Кореја, Американците имаат доволно војници и оружје да им спукаат на комунистите но не го прават тоа, не дека не сакаат зошто знаат дека Северна Кореја ќе фрли нуклеарка на Сеул. Либија немаше нуклеарка затоа ја нападнаа. Е токму ова е злото на нуклеарното оружје, многу земји сега сакаат да направат нуклеарка за да се заштитат од ”борците за човекови права”.За некое време претпоставувам Иран, Сирија, Бразил, Индонезија,Арабија,Мексико, ќе се придружат на нуклеарниот клуб со што светот ќе стане многу поопасно место, особено блискиот исток.На ова се надодаваат и зголемените енергетски потреби на светот кои ќе можат да се задоволат само со нуклеарна енерија, а штом имаш технологија зашто да не си напраиш и нуклеарка. Значи Америка ја скрши етиката на тоа поле.

    Во врска со Триумфалната капија…целиот проект Скопје 2014 е луксуз. Срамота е да увезуваме струја и во исто време инвестираме 300 милиони евра демек во развој на туризам. Никогаш нема да ги извадиме парите од Скопје 2014 . Во овие 6 години на власт да инвестиравме по 200 милиона секоја година денес ќе имавме 1,2 милијарди евра инвестиција во Белене(пример) со што ќе имавме
    1/6 од белене што значи немаше да имаме потреба од увоз на струја, парите одма ќе ни се вратеа.
    Од кај ми текна за струја, хахахахаха :). За становите…па Нено јас мислев дека ти се залагаш за либерален капителизам, градењето на државни станови е тотален интервенционизам, поентата на капитализмот не е државата да ти даде стан туку да му обезбеди услови на стопанството да се развие до тој степен да можеш сам да си купиш стан. Така дискусијата Триумфална капија-станови ми делува како Нацизам-Комунизам дискусија.

    Кољо Дијамант

    21/01/2012 at 15:20

    • Не ми беше поената дека јас се залагам за градење на станови од страна на државата, туку дека на целата работа и пристапив од тесно-партиски аспект, оти токму од тој аспект ја гледаат и фанатичните љубители на ВМРО-ДПМНЕ секоја работа.

      Не им е гајле за државата, туку за партијата, па баш и на тој план сакав да кажам дека – згрешиле со градбата на Капијата.

      Дека повеќе ќар ќе имаше партијата ако владата изградеше станови (500 гласови плус) отколку што изгради Капија (не само што не донесе гласови, туку во општина Центар дури и изгуби вмро од сдсм на последниве избори)

      Тоа ми беше идејата, а не дека јас лично сметам дека најубаво е државата да гради станови. Разбираш Кољо?.Дека дури и од чисто-партиски интерс, попаметно ќе беше за ВМРО-ДПМНЕ како власт да гради станови место капија.

  8. Навистина со становиве за млади брачни парови си ја утнал целата поента на крајот…. 🙂
    Aко веќе ја напаѓаше Триумфалната капија, можеше да одиш со пониски даноци, полиберална економска средина и сл.
    Тие 100 стана на кого ќе му бидат доделени? (А, фактот вели дека оваа влада и навистина гради станови за млади брачни парови)
    Плус ако одиш со партиски напади, од другиот табор ќе ти речат дека моменталната алтернатива на градежниците се крадежниците, односно луѓе кои ниту правеле станови, ниту триумфални капии…

    Лавот

    21/01/2012 at 17:28

    • Ма не сум утнал ништо јас, само тебе тие криво што немаш што да кажеш како валиден аргумент 😀

      Но ако, подобро од Капијата се стоте станови, а подобро од стоте станови се пониските даноци.

      Исто, полошо од градбата на Капијата е ништо да не се гради, туку да се украдат парите.

      Т.е. и од добро има подобро, и од лошо има полошо.

      Зарем треба да сум задоволен што е избрано доброто решение (како да не, добро. Бљак!) кога било запоставено уште подоброто решение?

      • ИИИ не гледаше ракомет?!

        Кољо Дијамант

        22/01/2012 at 12:25

        • Ма не, гледав порнич 😀

          • Сериозно, не ме интересира ракометот сам по себе, туку дали сме победиле или не. А тоа ич не зависи од тоа дали јас ќе го гледам на ТВ или нема да го гледам.

            • Знам и ја сум размислувал за тоа…зашо гледам зашто се нервирам кога и без мене и со мене исто ќе заврши, ама ете не можам да издржам. Инаку да можев да издржам да не гледам којзнае колку време ќе имав +, незнам што ќе праев.

              Кољо Дијамант

              22/01/2012 at 17:30

      • Таман работа да немам валиден аргумент, имам и затоа ти го кажав 🙂

        Муабетот со становите ти е како секој чаршиски муабет, стандарден што би го кажал секој човек кој се крсти на Тито: можеше владата да отвори фабрика или станови. Владата не смее и не треба да гради фабрики, станови и сл. Владата треба да гради инфраструктура, а не станови и фабрики.

        Покрај тоа, становите не се подобри од триумфална капија од многу причини, освен за 100-те пара (веројатно партиски војници) кои ќе се вселат, и за никој друг на планетава Земја.

        Плус тоа, пак да повторам, аргументот ти е уште поневалиден затоа што владата гради станови за млади парови, што е уште пожално.

        Лавот

        22/01/2012 at 12:46

        • Ај уште еднаш истиот коментар и за тебе:

          „Не ми беше поената дека јас се залагам за градење на станови од страна на државата, туку дека на целата работа и пристапив од тесно-партиски аспект, оти токму од тој аспект ја гледаат и фанатичните љубители на ВМРО-ДПМНЕ секоја работа.

          Не им е гајле за државата, туку за партијата, па баш и на тој план сакав да кажам дека – згрешиле со градбата на Капијата.

          Дека повеќе ќар ќе имаше партијата ако владата изградеше станови (500 гласови плус) отколку што изгради Капија (не само што не донесе гласови, туку во општина Центар дури и изгуби вмро од сдсм на последниве избори)

          Тоа ми беше идејата, а не дека јас лично сметам дека најубаво е државата да гради станови. Разбираш Кољо?.Дека дури и од чисто-партиски интерс, попаметно ќе беше за ВМРО-ДПМНЕ како власт да гради станови место капија.“

          Треба ли бре све да пишувам по два пати?

          • Во тој случај ако гледаме теснопартиски (иако во колумната тоа не беше баш така потенцирано), можеби им е гајле и за државата? Бидејќи за партијата веќе изградиле 100 станови, море и повеќе….
            http://sitel.com.mk/dnevnik/biznis/raspredeleni-60-stanovi-za-mladi-brachni-dvojki-i-samohrani-roditeli

            Со 100 станови добиле 500 гласа, со триумфалната капија можеби добиле и 5000. Види на ТВ анкети, има голем број граѓани кои се воодушевени од новиот изглед на центарот на Скопје.

            П.С. Направиле и проект ’купи куќа и дрн дрн’ со кој ќе добијат уште гласови.

            Лавот

            22/01/2012 at 14:20

            • Јас не сум воодушевен од капијата, и бидејќи Сител и Канал 5 не ги гледам, не сум ги видел нивните тв анкети во кои граѓаните се воодушевени.

              Она со „добиле 5000 гласа за капијата“ е непоткрепено со факти. Според последните избори, ВМРО-ДПМНЕ падна од 480.000 (во 2008та) на 440.000 (во 2011та). А СДСМ скокна од 230.000 на 370.000, плус во 2008та беа заедно со ЛДП, а сега ЛДП сам зеде 16.000 гласа.

              Од кај излегоа тие над 200.000 нови анти-груевистички гласови во однос на 2008та не знам.

              Како и да е, муабетов наш чинам полека се движи кон дебата. А мојот став за дебатите го знаеш верувам, но ако треба потсетување еве: https://blogatash.wordpress.com/2010/01/08/♦-сите-дебати-се-потполно-бескорисни/

              • Не мора да гледаш ТВ анкети на Сител и Канал 5, ако веќе толку си упорен, побарај по неколку месеци увид колку луѓе ја посетиле Капијата… И колку за компарација, колку луѓе биле воодушевени од 100-те изградени станови, па ќе видиш што е пополитички или покорисно за партијата.

                Или колку луѓе наши или странци зборуваат за портата, колку за становите. Штом во секоја опозициска колумна се спомнува триумфалната капија, тоа значи дека целта ги оправдала средствата, односно таа погодила таму каде што треба – кај Грците, и кај опозицијата.

                Капијата ќе донесе 100 пати повеќе гласови отколку становите, ако одиме теснопартиски.

                Поздрав

                Лавот

                23/01/2012 at 01:15

  9. Па јас на кирилица чинам дека пишувам и чинам на македонски литературен е:

    „Она со „добиле 5000 гласа за капијата“ е непоткрепено со факти. Според последните избори, ВМРО-ДПМНЕ падна од 480.000 (во 2008та) на 440.000 (во 2011та). А СДСМ скокна од 230.000 на 370.000, плус во 2008та беа заедно со ЛДП, а сега ЛДП сам зеде 16.000 гласа.

    Од кај излегоа тие над 200.000 нови анти-груевистички гласови во однос на 2008та не знам.“

    Зошто морам по два пати да пишувам се? Да не треба со големи букви?!

    • Таман си пишуваш ти, само што аргументов ти е валиден колку теоријата дека Американците ја растуриле Југославија оти се плашеле од СФРЈ.

      Прво, Капијата не беше (до)изградена пред изборите, за да ја споменуваш како фактор за резултатот на изборите и да заклучиш дека заради капијата, власта изгубила 40.000 гласови, а со становите ќе добиела 500.

      Второ, откако се пуштени повеќето објекти од оспоруваниот од Грците и од СДСМ проект Скопје 2014, според сите досегашни анкети порасната е поддршката на власта, а намалена на опозицијата.

      Трето, нормално е во Македонија за време на мандатот да опаѓа популарноста на владата, а да расте поддршката на опозицијата. Тоа што нашата опозиција се задоволи со второ место и се радува дека власта добила помалку гласови е трагикомично.

      Четврто, ако ЛДП на СДСМ му зеде 16.000 гласа, 4-те т.н. десничарски партии на ДПМНЕ му зедоа над 60.000 гласа, што ќе дојде до бројката од над 500.000 гласа.

      Петто, становите никој не ги спомнува, дури и ти си ги ставил во колумна како аргумент дека попожелно би било (за партијата) да се градат, а тие веќе се изградени и доделени. Значи нивниот ефект чисто партиски е нула. Ефектот на проектот Скопје 2014, вклучително и Портата штом толку се зборува за него, во Грција и во нашата опозиција е далеку поголем и со него власта, односно партијата може далеку повеќе да мобилизира гласачи, отколку со 100-те стана.

      Lavot

      23/01/2012 at 13:26

      • …т.н. десничарски партии…

        т.н.? Сега у срце ме погоди бре Лаве. Таканаречени 🙂

        Демек ДПМНЕ е асли десничарска 🙂

        Тука да се врнам на темата. Да ти кажам право имаш право оти прав си.

        Дека партијата ќе привлече повеќе гласачи со давање пари за глупости отколку за паметни работи.

        Еве, земи се себе како жив (се разбира) пример. Ич пари не ти дава владава и партијата за да се рекламира на твојот портал, а ти братче се утепа од бранење нејзино тука. А за тоа време на оваа „лепотица“ плата и даваат, иако на времето ова го имаше лафено за Премудриот и Безгрешниот: http://www.makleaks.com/wp-content/uploads/2011/06/Fokus_2004_Mirka_Velinovska.pdf

        Да не те потсетувам и за Валентина Божиновска и за Весна Јаневска, што говореа за Груевски, а сега тој плата им дава.

        А ти само брани ја капијата. Од 4,5 милиони за неа, ни евренце за тебе не се најде.

  10. Не сум јас никаде во приказнава. Не бранам ни влада, ни капија, ни опозиција. Тврдам само дека аргументот за кој дискутираме ти е невалиден и дека со него си ја утнал колумната. Тоа е мое мислење за кое сметам дека на пријател му се кажува. Не сум од оние против кои си пишувал колумни, кои пред некој велат браво, а зад него нешто друго.

    А, тоа каков став имам кон владата и дали мене ми дала пари или не ми дала е сосема ирелевантно во целава дискусија.

    П.С. и ДПМНЕ е т.н. десничарска, како што СДСМ е т.н. левичарска. Го ставам тоа т.н. колку да се потенцира дека името не им лежи баш….

    Lavot

    23/01/2012 at 19:03

    • Доброоооооо.

      Јас мислам дека аргуменот ми е апсолутно валиден и јас мислам дека колумната не ми е утната ама ич. Ти не се согласуваш со тоа, ама јас не се согласувам со твоето несогласување.

      Јас бројките на еден начин ги толкувам, и чинам дека тоа е валиден начин, ти истите бројки на друг начин ги толкуваш и чиниш дека твојот начин е валиден.

      Како што мудро реков своевремено, влеговме во дебата, која пак – е бескорисна. Оти тоа што јас го сфаќам како очигледен факт за тебе е комплетна небулоза, а тоа што за мене е очигледна небулоза за тебе е недвосмислен факт.

      Така да, ние во суштина се расправаме дали е девица девојката која е родена на 5ти септември и која имала вчера секс. И е девица и не е девица, ама зависи што подразбираш под „девица“.

      Може тука да ја оставиме работава?

      Оти досадно ми стана веќе истите работи што ги кажав во колумната пак да ги кажувам. Сосе коментарите, три илјади зборови потрошив за колумнава. Ако со три илјади збора не сум те убедил, мислам дека ни со уште 33 илјади зборови нема да те убедам.

      На оној што е убеден – не му требаат докази. На оној што не сака да биде убеден – џабе му се и илјада докази.

      • Таман, убаво го кажа ова на крајот: На оној што е убеден – не му требаат докази. На оној што не сака да биде убеден – џабе му се и илјада докази. 🙂

        Lavot

        23/01/2012 at 23:28

  11. Мислам дека математика е најважен предмет во школо.

    Кољо Дијамант

    23/01/2012 at 23:47


Напиши одговор на Нено Богдан Откажи одговор