Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ПPETOPИJAHЦИ

with 7 comments

Секој кој што има моќ има и потреба да ја зачува таа моќ од нападите на оние кои немаат моќ, а би сакале да му ја земат неговата. Најпрактично е чувањето да им се препушти на професионалци, при што пак неминовно се појавува парадоксот содржан во прашањето: „кој ќе го чува моќникот од оние што му ја чуваат моќта“. Историски гледано, решавањето на овој проблем се движело од ад-хок импровизација до невозможна задача.

1. Римски преторијанци и српски специјалци: под поимот „преторијанци“ обично не се подразбира било која служба за обезбедување на владетелот, ами само онаа која ќе се сврти против својот газда и ќе почне да пројавува аспирации да го замени со свој човек. Така, за Швајцарската гарда во Ватикан не може да се каже дека преставува форма на преторијанска гарда бидејќи од нејзиното формирање пред неколку векови па до ден денешен не е познато дека таа некогаш се побунила против својот работодавец или пак се обидела да го симне од власт и го замени со свој фаворит.

Но во Рим пред два милениума постоела слична според престижот и професионалноста владетелска гарда, која се нарекувала Преторијанска гарда и која за прв пат ја вовел наследникот на Цезар, императорот Октавијан кој што не сакал да заврши како неговиот претходник, убиен на седница на римскиот сенат од страна на самите сенатори со кои си имал политички недоразбирања.

Бидејќи Октавијан бил многу интелигентен политичар, никогаш не дозволил со неговата гарда да раководи само еден човек, туку при нејзиното создавање поставил веднаш двајца паралелни команданти нарекувани „преторијански префекти“, со цел ако едниот почне да кове планови за државен удар, другиот да биде оној што ќе го спречи во тоа. Благодарение на оваа мудра одлука, Октавијан не само што никогаш не бил жртва на атентат од неговите душмани, туку и никогаш не доживел неговите телохранители да тргнат во заговор против него. Имајќи двајца еднакви по ранг водачи на гардата, Октавијан дури не морал ни да се занимава лично со нејзина контрола, оти едниот со другиот командант практично секојдневно се кодошеле кај императорот и така ефективно се контролирале меѓусебно.

Наследникот на Октавијан, императорот Тибериус, не сакал да ја продоложи итрата политика на балансирано командување со гардата, и поставил само еден човек да раководи со неа, веројатно затоа што поради преголема параноја, тешко му било да најде дури двајца на кои ќе им верува. И токму тој едниот кому му верувал подоцна се свртел против него, организирајќи заговор за државен удар со помош на гардата со која самостојно командувал. По задушувањето „за влакно“ на обидот за преврат, пак бил вратен обичајот со царската гарда да командуваат истовремено двајца еднакви по авторитет команданти.

Сепак, императорот Калигула бил бетер параноичен од Тибериус, и сосема ја маргинализирал преторијанската гарда, доверувајќи им ја својата лична безбедност на странски платеници (варвари од Германија), што придонело и двајцата шефови на преторијанската гарда да се обединат против него и да му организираат заедно еден успешен атентат.

По ова, Преторијанците поставиле свој човек за император, и од тој момент натаму, почнала практиката не царот да ги именува главатарите на гардата му, туку тие самите да именуваат од своите редови кој да ги раководи, обичај кој што резултирал со постепена комплетна разузданост на оваа единица која не одговарала пред никого, ни пред императорот ниту пред другите институции на државата. До тој степен се раскомотила гардата што еднаш, откако го убила императорот, за позицијата на нов цар организирала вистинската лицитација!

Во модерниве времиња, многу слична на Преторијанската гарда беше Единицата за специјални операции формирана во Србија во ерата на Милошевиќ, која што иако верно му служеше на својот основач кога требаше да се убиваат опозициони политичари, новинари и бизнисмени што беа непријателски насочени кон неговиот режим, откако виде дека геополитичкиот ветер задувал во друга насока и дека самиот српски народ веќе му имаше свртено грб на човекот што го водеше низ четири воени порази за само десет години, и самата учествуваше во неговото соборување од власт, како и подоцна во апсењето и испраќањето во Хаг, каде тој и почина.

Чуствувајќи дека тие се најзаслужни за доаѓањето на Зоран Ѓинѓиќ на власт, овие модерни Преторијанци (познати под прекарот „црвени беретки“) одеднаш помислија дека ниту една сила во Србија не може да ги контролира, и умислувајќи дека се над законот, меѓу другото загосподарија со криминалот во државата. А кога владата реши да им застане на патот, по примерот на римските преторијанци, го убија и новиот владетел, кого самите го беа поставиле на власт.

Иако црвените беретки никогаш не беа повеќе од 300 на број, тие се беа умислиле дека можат да владеат самостојно со држава од околу девет милиони жители, логика која се покажа за сосема погрешна. На следниот линк од јутјуб можете да го изгледате документарецот на српски јазик „Јединица“ кој ја раскажува приказната за српските преторијанци, од формирањето нивно па до конечниот им разгром. Доста поучен филм, и ако прочитате повеќе за нивните колеги од ерата на стариот Рим ќе сфатите дека имаат доста заеднички елементи, што пак значи дека нивните постапки можеле да бидат предвидени на време, доколку некој релевантен фактор обрнел внимание врз проучувањето на историјата и паралелите што се јавуваат низ неа.

Но, така е тоа секогаш: кој не ја разбира добро историјата, на добар пат е и самиот да стане дел од неа.

2. Кога робовите стануваат владетели, владетелите стануваат робови: терминот „данок во крв“ во нашата историја обично го поврзуваме со феноменот на јаничарите од отоманската епоха, но интересно е што таа практика (да се грабнуваат деца кои потоа во специјални училишта ќе бидат израснати и обучени до елитни војници) само во првите три века од постоењето на јаничарите се користела. Имено, првите јаничари ги регрутирал султанот Мурат I во 1365ата година собирајќи како данок дечиња од неговите христијански поданици, но тој обичај бил прекинат после 1638ата година од кога во редовите на јаничарите биле примани само децата на веќе постојните јаничари.

Што значи дека данокот во крв оставил мошне силен печат кај христијаните штом и неколку векови по неговото укинување тој сеуште бил споменуван во нивните песни, поговорки и приказни.

Но, да се вратиме на самите јаничари, кои иако де јуре биле робови на султанот, поради тоа што биле користени за војување како и за одбрана на неговиот живот од можните атентати, со тек на време станале де факто преторијанци, и секогаш кога по смртта на еден султан друг требало да го наследи од редовите на неговите многубројни деца (од многубројните жени во харемот) токму јаничарите биле пресудниот фактор при изборот на новиот султан, бидејќи оние кандидати што не им биле по волја, тие ги ликвидирале по градините и ходниците на палатата.

Сфаќајќи дека во нивните раце е клучарот од царскиот трезор (т.е. самиот цар) јаничарите сфатиле и дека во нивните раце е и клучот од трезорот, па така секој султан што тие ќе го поставеле на престолот морал да се повинува на нивните барања за сѐ поголеми и поголеми плати, награди, привилегии и бенефиции. До тој степен се разуздале јаничарите, што кон крајот на XVIIIиот век и почетокот на XIXиот век нивните команданти познати како „дахии“ буквално владееле сосема автономно со цели области од империјата, како и со самиот главен град Истанбул, што во Србија придонело до кревање на Првото српско востание, а во престолнината до решителна акција на султанот во насока за нивно уништување. Бидејќи со векови јаничарите биле фактичката власт во царштината, кога султанот Махмуд II во 1826та година успешно ги елиминирал, современиците тоа го нарекле „државен удар на султанот против јаничарите“.

Интересна работа е што некои од најзначајните луѓе во историјата на балканските земји биле јаничари. Кај Албанците, најголемиот им јунак Скендер-бег бил јаничар што се побунил против султанот и враќајќи се во родната земја кренал успешно востание против турската власт.

Во Србија пак, многу почитуваната од народот Српска православна црква, сегашниот континуитет го носи уште од возобновувањето на Пеќската патријаршија која била укината во еден краток период по освојувањето на Србија од страна на Турците, ама била пак вратена во живот по наредба на еден влијателен јаничар од српско потекло, познатиот Мехмед Паша Соколовиќ, кој за прв поглавар на таа нова српска православна црква го назначил – својот брат(учед).

Со албанско потекло освен Скендербег, друг првично војник на Турците, а потоа баш бунтовник против нив бил и возобновителот на независноста на Египет, Мехмет Али Паша, кој иако не бил јаничар, сепак е добра илустрација за тешкотиите кои се јавуваат во поглед на контролирањето на луѓето на кои им е дадена команда врз силна војска. Патем, со кариерата на овој човек е поврзана и неговата борба против Мамлуците во Египет, кои пак го имале своето потекло токму во истиот систем на регрутирање на војници како со јаничарите во Турција.

Имено, и Мамлуците оригинално започнале како деца-робови што биле купувани од владелот на Египет за да бидат тренирани како елитни војници, но со тек на време, гледајќи дека без нив владелот е никој и ништо, ја презеле фактичката власт.

До некаде, слични на египетските Мамлуци и на отоманските Јаничари, во поглед и на регрутирањето и на презамањето на власта (според преторијанскиот модел) биле и Гилманите од епохата на багдадскиот калифат.

*

Пред да стане потпретседател и потоа и претседател на САД, Џорџ Буш постариот беше шеф на шпионската служба на САД, фамозната и озлогласената ЦИА. Сегашниот лидер на Русија пак, Владимир Путин, својата кариера ја започна во тајната полиција на Советскиот Сојуз, чиј што некогашен шеф Јури Андропов своевремено накратко беше застанал и на чело на државата. По кратка пауза додека владееја Горбачов и Јелцин, во ликот на Путин повторно од редовите на службата задолжена за чување на поредокот дојде владетелот на тој поредок.

Во социјалистичка Југославија, познат беше примерот со елиминацијата на Александар Ранковиќ, кого лично Тито го отстрани од раководната положба во УДБа, откако сфати дека тој во своите раце концентрирал преголема моќ со која лесно можел (и наводно веќе работел на тоа) да завладее самиот со државата. Во Советскиот Сојуз пак, се смета дека токму поради стравот од моќта на тајната полиција и војската, Сталин редовно и систематски ги елиминирал сите водечки раководители на Црвената армија и на безбедносните служби.

Според она што можеме да го согледаме од историјата на Преторијанската гарда на стариот Рим, како и од примерот со модерна Србија и некогашната Отоманска империја, единствениот точен одговор на прашањето „кој да ги контролира контролорите?“ е само „други контролори, со сосема иста моќ како оние што треба да ги контролираат, кои пак истовремено ќе ги контролираат оние што нив ги контролираат“.

Како воопштена поука, не треба никогаш на власт да има ниту една партија, која сите институции ќе ги стави под своја контрола. Секогаш треба да се гледа во државата, покрај јаката власт да има и јака опозиција. Можеби на тој начин нема да може власта сите свои идеи да ги реализира, ама тоа е мала цена која секој народ треба да ја плати за да не може власта да ги реализира и оние свои замисли кои не се за доброто на народот. Оти моќата секогаш ги расипува луѓето, а потполната моќ потполно ги распипува луѓето.

Па затоа, еве еден мудар заклучок од приказната за преторијанските гарди низ историјата. Кога и некој политичар ќе побара од народот да му биде дадена апсолутна власт, со ветување дека само така ќе ја спаси земјата, треба да му се постави логичното прашање: „убаво е што ти ќе ја спасуваш земјата од неволјата во која е, ама кој потоа ќе ја спасува земјата од тебе?“

.

П.С: Требаше колумнава да биде објавена минатиот четврток, но мене лично толку многу ми се бендиса онаа колумнана од пред две недели што ја објавив, со наслов „Добиено и изгубено“, што решив да ја оставам малку подолго да стои на врвот на листата на колумни. Оддамна немав напишано ништо толку елоквентно и продлабочено. Како и да е, бидејќи не мислам дека оваа денешнава е на тоа ниво според квалитетот, веќе наредниот четврток, во редовниот термин, се враќам на стариот ритам, со колумна на блогов насловена „Реални ликови“ во која ќе биде направен обид да се најде врската помеѓу вампирите, Итар Пејо, акционите филмови, Крале Марко и Атлантида со Филип Втори, Александар Велики, Чак Норис и Џејмс Бонд.

Тоа значи е за наредниот четврток, а во меѓувреме, во утрешниот број на неделникот „Фокус“ побарајте ја мојата редовна политичка колумна.

До четврток, поздрав🙂

7 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Ми даде мотив да си го препрочитам ВЛАДЕТЕЛОТ од Макијавели само да успеам да си ја најдам книгата.

    лично

    02/02/2012 at 22:58

  2. Ова е всушност тажна приказна 2000 години-никаков напредок. Кај нас шефот на ТП му е братучед на премиерот. Изгледа дека довербата заоѓа надвор од семејството.

    Кољо Дијамант

    03/02/2012 at 00:18

    • Така е. Така е отсекогаш, така е сега, а така се чини дека и вечито ќе остане.

      • Но, не е најголемиот феномен и проблем што истото се повторува 2000 год. Најголемиот проблем е што после толкава достапност на информации и мислители кои го имаат „разобличено” вистинскиот лик на Власта/Државата (како најмоќна институција во општеството), ние сеуште ја гледаме како добра Мајка и паметен Татко. Сеуште мнозинството бара милостина од нејзе!
        Никако неможат да ги поврзат работите дека Државата Е Власта, моќта, Преторијанци! Не сме НИЕ Државата-ние сме дел од Општеството, но Државата е институција која е антипод на се што претставува Општество и Пазар.
        Али биче болје … со развојот на модерниот либертаријанизам во последните 20-30 год. мн работи се менуваат. Пред некој период ретки беа кои прогледуваа низ маските и оделата на Власта-денеска ова е веќе сериозна бројка, која може да смени нешто во насока на либерализација и деполитизација на општеството.

        Колку ќе ни успее во ова, и колку време ќе биде потребно, и одпосле, колку време ќе се задржи либералното општество е прашање на голем број фактори. Но, работите стануваат појасни на се поголем број луѓе.
        Уште да не беа „реакционерни” толку Марксистите и другите социјалистички варијации, и да паднат Кензијанците, и патот ќе биде поплочен за деполитизација.

        R.

        08/02/2012 at 03:03

        • Државата ти дала образование и здравство, систематски прегледи. Децата го моделираат однесувањето на родителите, ако не си бил во образовниот систем сега ќе си бил овчар како татко ти.

          adfafafaf

          08/02/2012 at 11:32

          • Државата ти дала образование и здравство?

            Сакаш да кажеш, таа им дала плата на учителите и лекарите, од буџетот?

            Ако е така, а така е, прашај се сега од каде државата го полни буџетот со пари?

            Од даноците што родителите ги плаќаат.

            Така да, државата ништо не им дава на децата што претходно дупло не им го зема преку даноци на нивните родители.


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: