Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ПOБEДHИЧKИ ПOPA3И

with 16 comments

Велат дека далеку полошо од тоа да згрешиш е да не ја признаеш грешката и уште пострашно, да не научиш ништо од неа. Бидејќи во политиката зборот „грешка“ се смета за еднаков по значење на  зборот „пораз“, многу порази биле префарбани во победи, и поради тоа, од нив таквите „победници“ не успеале да ги извлечат вистинските поуки. Еве неколку примери низ историјата за такви лажни победи:

1. Триста мртви Спартанци, ама ни една жива поука: благодарение на тоа што старите Грци биле ептен посветени на запишувањето и глорифицирањето на нивната историја, како најславна битка од типот на „победнички порази“ е секако битката кај Термопилите (линкот е до документарец на јутјуб), во која како што сите знаеме 300 храбри Спартанци застанале сами самцати да се борат против барем еден милион Персијци и сите до еден загинале откако неколку денови не им дозволувале на дивите азијатски орди да се пробијат низ теснецот што го бранеле хероите на Грција, и со тоа им дале доволно време на сите други Грци да се мобилизираат и да ја одбранат не само древната Елада ами воедно и западната цивилизација.

Вака барем вели мејнстрим-толкувањето за битката, кое ги има сите елементи на прекрасен мит: мал број храбри луѓе што херојски се жртвуваат за да спасат нешто многу поважно од нивните животи. Ама мејнстрим-толкувањето, како и обично, ја промашува главната работа.

Настрана што не биле само 300 Спартанци бранители (имало барем уште илјада други борци од другите грчки полиси што исто така храбро загинале) и настрана што таа битка не биле пресудна за победата врз Персијците (нешто подоцна, била уништена персиската флота од страна на грчката морнарица и со тоа им била прекината линијата на снабдување на Персијците, па морале да се повлечат).

Главната поука од оваа битка никој не ја извлекол!

А токму тоа ќе биде причината за поразите на две големи и значајни држави во подоцнежната историја на човештвото. Прво, падот на Самуиловата држава започнал по поразот на самуиловата армија во битката кај Беласица. Која се случила речиси идентично како битката кај Термопилите.

Имено, дознавајќи дека византиската војска навлегува кон Македонија низ една тесна долина, Самуил ја заградил таа долина со импровизиран ѕид и така сметал дека ќе ги спречи напаѓачите да пробијат понатаму. Но, исто како Персијците што по совет на еден предавник ги заобиколиле бранителите на Термопилите и ги удриле одзади, така и Византијците нашле заобиколен пат и откако се појавиле зад грбот на чуварите на ѕидот на Самуил, битката била изгубена.

Во нешто помодерни времиња, Французите меѓу двете светски војни вложиле многу пари за да изградат долга одбранбена линија на границата им со Германија, со голем број на тврдини, ровови, тунели и артилериски и митралески гнезда, како и мински полиња и бришан простор преку кој ниту еден Германец не ќе можел да мине без да биде изрешетан, и француските стратези си умислиле дека така проблемот за одбрана од германската инвазија е решен.

Но кога почнала Втората светска војна, Германците само ја заобиколиле таа непробојна линија и – исто како што Персијците ги зафркнале Спартанците, и исто како што Византијците ги победиле кај Беласица самоуиловите војници – така и нацистите ги поразиле на тој начин Французите, удирајќи ги фактички прво од страна а потоа во грбот.

И затоа, има смисла мислата: загинале триста Спартанци, ама ниту една единствена поука не преживеала од начинот на кој тие ја загубиле таа битка. И наместо тоа да се има предвид секогаш, само се глорифицира нивната сосема залудна и непотребна жртва. Исто како што ние денеска го славиме цар Самуил, човекот кој бил толку „генијален“ што не сфаќал дека не му вреди ништо ѕидот на падините на планината Беласица ако Византијците можат околу Беласица да завртат едно полукрукче и да ги нападнат неговите позиции одзади.

Патем, ако се погледне и битката што Самуил ја изгубил претходно кај реката Сперхејос, се забележува една јасна тенденција кај овој средновековен владетел редовно да ги потценува способноста на неговите непријатели да наоѓаат друг пат за доаѓање до него. Во наведениот пример, тој застанувајќи пред надојдената река, и гледајќи ги Византијците залогорени на другиот брег, го поставил својот камп баш спроти нив, сметајќи дека нема да можат да ја преминат реката и да го нападнат. Но, тие ја преминале и го нападнале и тој едвај спасил жива глава. Неколку години подоцна, пак не можел Самуил да замисли дека Византијците ќе најдат друг пат околу неговата непробојна барикада и затоа пак бил поразен.

Ако Самуил не можел да учи од старогрчката историја (немал пристап до тие книги?) зошто од својата сопствена грешка кај Сперхејос не можел да научи па пак ја повторил истата глупава стратегија кај Беласица?

2. Залудни жртвите на Масада: просто е неверојатно колку често низ историјата луѓето одбиваат да учат не само од туѓите туку и од сопствените грешки. Еве на пример, некаде кон крајот на првиот век од нашата ера, Римјаните кои владееле и со земјата на Евреите, решиле еднаш „ничим изазвани“ да ги навредат домородците врз религиска основа, обидувајќи се да вршат пагански ритуали пред еврејските храмови и тоа довело до нереди кои брзо ескалирале во отворена побуна против римската власт.

Секако, римските легии успеале за брзо време да го задушат востанието и да ги изолираат последните бунтовници во рамките на една планинска тврдина позната под името Масада, каде што по една долга и мачна опсада за да не паднат живи во рацете на душманите, сите неколу стотици бранители се самоубиле, откако претходно си ги убиле сопствените жени и деца за кои знаеле дека по победата, самите Римјани и онака ќе ги масакрирале. Еве тука, на јутјуб документарец и за таа опсада.

Во дваесетиот век, по формирањето на државата Израел, Масада станала национален симбол, оти во жртвата на античките бунтовници, модерните Евреи виделе убава метафора за денешната им држава, која постојано е под „опсада“ од непријателските арапски соседи. Малку е бесмислена таа метафора, оти на крајот Масада паднала и сите Евреи во неа завршиле мртви, ама во недостаток на друг симбол на ептен херојски отпор (ако се исклучи востанието во варшавското гето за време на Втората светска војна) морале да градат воено-национален мит врз тоа што го имале. Меѓу другото, денешните израелските регрути одат таму да даваат свечена заклетва, нешто што да речеме македонските војници не го прават на нашата Масада во Крушево т.е. на Мечкин Камен. Тоа кажува колку всушност ние немаме осет за сопствената ни историја.

Интересно е што по задушувањето на востанието од крајот на првиот век, ниту Римјаните ниту Евреите кои останале да живеат во Јудеја не извлекле никакви поуки. Шеесетина години откако било задушено првото востание, почнало второ востание, и тоа ама баш од истите причини поради кои избило и првото. Имено, Римјаните пак ги навредиле религиозните сентименти на Евреите, со тоа што пробале да им го сквернават со пагански симболи нивниот главен храм во Ерусалим. И тоа востание легиите крваво го задушиле, по што преживеаните Евреи се разбегале низ целиот тогаш познат свет, и од тоа време всушност и започнува вековната голгота на тој народ.

Што ли тоа ги натерало Римјаните да им се ругаат на еврејските верници? Малку ли им било што редовно добивале даноци од нив, па уште требало и сол на рана да им ставаат?

Во нешто помодерниве епохи, кога Британците владееле со Индија и од тамошните хиндуси и муслимани не само што прибирале огромни даноци, туку и имале многубројни локални регрути за армијата, им текнало на Англичаните (едно попладне додека пиеле чај!?) да се пошегуваат на сметка на религијата на своите поданици во Индија, и таа глупава шега набрзо ескалирала во огромен проблем.

Имено, водени од некаква бизарна смисла за хумор, Британците на муслиманските војници во индиската колонијална армија им дале маст за подмачкување на пушките направена од свинско сало (!), а пак на хиндуските војници им била дадена маст за подмачкување на пушките произведена од говедски лој. Англичаните сметале дека нивните локални помагачи ќе го сфатат вицот, ама овие тоа го сфатиле како тешка навреда (за хиндусите говедата се свети животни, а муслиманите имаат верско табу да употребуваат било што што има врска со свињи) и затоа заеднички и муслиманите и хиндусите се кренале на големо востание, за чие задушување биле жртвувани многу британски животи.

За наша среќа, пред неколку недели во Македонија беше со жестока амбасадорска интервенција оладена потенцијално експлозивната ситуација која настана по вевчанскиот карневал, и која исто така имаше потенцијал да прерасне во голема беља. Поуките од целата таа работа треба сите да ги имаме на ум во иднина. Ако нѐ мрзи да се запознаеме со причините за римско-еврејските војни од пред две илјади години или за поводот за најголемото востание против британската колонијална власт во Индија, барем од своите грешки да учиме.

3. Дали косовка-девојка се викала Марица: една од најголемите кланици на Македонци за интересите на туѓинските господари со нашата земја секако е битката кај реката Марица која српските феудалци со босанско потекло Вукашин и Углеша (кои владееле со територии во Македонија што им ги подарил царот Стефан Душан како награда за нивното учество при освојувањето на нашата земја) ја изгубиле оти не знаееле ништо за начинот на кој тогашните Османлии војуваат, па сметајќи дека имаат работа со префинети европски витези, тие биле сосема изненадени кога биле нападнати (и уништени) без претходно да им биде најавено и да се договорат џентлменски за местото и времето на одржувањето на битката.

Не само што од таа катастрофа ништо не научиле Србите за методите со кои Турците ги воделе војните, па речиси истите тактички грешки ги направиле пак неколку децении подоцна во битката на Косово, туку се чини дека од најголемиот херојски пораз во нивната историја, подоцнежните генерации Срби не извлекле ама баш никакви поуки.

Како главна причина за српскиот пораз на Косово поле, се наведува ненадејното повлекување на еден голем дел од српските сили, контингентот предводен од феудалецот Вук Бранковиќ, кој ги оставил другите српски сили да изгинат во борбата со Турците, за да може потоа тој лесно да завладее со териториите на загинатите феудалци, имајќи ја зачувано нечепната сопствената му армија.

Во модерниве времиња, откако се распадна Југославија, Србите не сфатија дека во нивната држава во ликот на Слободан Милошевиќ го имаа токму модерниот Вук Бранковиќ, кој за да остане на власт, сите патриотски настроени Срби ги испрати во војните во Хрватска и Босна да изгинат или да останат осакатени, со цел на мира да си владее со Србија опкружен со неговите добро воооружени соработници во тајните служби.

Додека патриотите умираа на фронтовите искрено верувајќи дека животот го даваат за „отачбината“, дома мафијашите што ги произведе од своите редови Тајната Полиција ја приграбија сета власт, сите фирми си ги презедоа, а народот го втурнаа во беда и мизерија.

Поразот на Косово Поле од 1389ата во колективната меморија на српскиот народ оставил длабоки траги и во нивните народни песни до ден денешен името на Вук Бранковиќ кого повеќе му било гајле за личниот интерес отколку за слободата на татковината, е синоним за предавник. И при толку песни, приказни, легенди и преданија, со кои израснале генерации и генерации Срби, толку ли не научија да ги препознаваат актуелните вукбранковиќи?

Очигледно не, оти на престојните избори во Србија за фаворити важат токму националистичките партии кои ветуваат дека ќе го сочуваат „по секоја цена“ Косово. Не разбираат ли српските гласачи дека ако еден цел кнез Лазар и еден цел Слободан Милошевиќ не го сочуваа (а тие и војни водеа за таа цел), како ли бре тоа сегашните големи српски родољуби ќе го сочуваат тоа „срце на Србија“?

Играта инаку е иста како од стратегијата на Вук Бранковиќ. Додека патриотите ќе се туфкаат и нервираат за иднината на Косово, мафијашите ќе си крадат и пљачкаат слободно од буџетот, врз кој контролата ќе им ја дадат гласачите што уште веруваат во митови.

.

П.С: Колумнава беше најавена уште за минатиот четврток, ама испадна премногу голема поради многубројните примери. Поради други обврски, толку голема не можев да ја напишам во целост според предвидениот ми концепт, ама и да ја напишев немаше да има смисла цела да ја постирам одеднаш. Затоа, вториот дел од неа, насловен „Уште неколку победнички порази“ ќе биде објавен наредниот четврток. До тогаш, доколку мал ви се виде текстов, потсетете се на сличната по дух колумна „Војни со рок на траење“.

Во утрешниот број на неделникот „Фокус“ побарајте ја мојата нова тамошна колумна, а до наредниот четврток кога ќе се комплетира темава за победничките порази – останете поздравени😉

Written by nenobogdan

23/02/2012 at 20:09

16 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Во оваа текст „Победнички порази“ може да се вклопи и Илинденското востание од 1903 година. Иако ова востание заврши со пораз во последната битка на Мечкин камен во Крушево, Македонија го празнува како да е извоевана блескава победа. Јас не сакам да коментирам околу тоа востание и пораките што ги дава, но фактички тоа востание е задушено во крв, но ние го прославуваме како да е извоевана победа, слично како што било востанието на Евреите во Масада. Ова го разбирам само како тоа дека иако сме биле поразени, востанието го славиме од некакви национални интертеси. Се сќавам дека еднаш, пред многу години, прочитав во дневниот печат дека една странска делегација поставила прашање: зошто го славиме денот на поразот, а не денот кога сме победиле?! Не знам само каков одговор добиле на тоа прашање.

    Драган Игнов

    24/02/2012 at 15:02

    • Ај вака…тоа било најголемото организирано востание на Македонскиот народ и ќе било многу поголемо да се вклучиле браќата од серскиот округ чии презимиња завршувале на -ов како твоето.
      Создадена е првата република на балканот.

      Кољо Дијамант

      25/02/2012 at 15:57

      • Кољо Дијамант на што целиш со овој пост, во каков контекст не ставаш нас што до денес сме ги задржале дедовите презимиња кои завршуваат на ОВ или ЕВ?
        Дали ние кои не сме го додале она СКИ сме помалку македонци од другите?
        Членови на главниот штаб на востанието биле: Даме ГруЕВ, Борис СарафОВ и Атанас ЛозанчЕВ, а нивни заменици се Георги Поп ХристОВ, Петар АцЕВ и Лазар Поп ТрајкОВ.
        Раководител на Серскиот (Пиринска со истокот од Егејска Македонија) револуционерен округ во тој период е Јане СанданСКИ кој баш спротивно немал презиме на ОВ туку на СКИ.

        лично

        26/02/2012 at 15:28

        • А на АСНОМ (меѓу другите) ги имаме и Методија АндонОВ Ченто и Панко БрашнарЕВ кои биле како што секое дете знае – големи анти-Македонци🙂

          Во денешна Македонија пак, го имаме Љубчо ГеоргиЕВСКИ кој ама ич нема никаква бугарска жичка во своите ставови🙂

          • Ова е некаква иронија или навистина сметаш дека Љупчо нема жички. иначе ова со љубчо и љупчо ме нервирало од секогаш.

            Кољо Дијамант

            28/02/2012 at 02:14

        • Ок ова со презимињава се однесуваше повеќе за денешната дистрибуција на -Ов презимиња.
          Порано поголемиот дел од Македонија имале надимаци, презимињата започнале со бугарските и српските пропаганди.
          Ова омаловажување на Илинденското востание е СРАМОТА.

          Кољо Дијамант

          28/02/2012 at 02:12

      • Прва република на Балканот?

        А оваа република кај била http://hr.wikipedia.org/wiki/Dubrovačka_Republika , на Пиринеите можеби?

  2. Големата прослава на Илинденското востание и славењето на Гоце Делчев е создадена од Комунистичката партија на Македонија за потребите на содавањето на македонската нација бидејки, како што е познато, за создавање на една нација е потребен мит како подлога.

    gragjanin

    24/02/2012 at 18:01

    • Па не баш. Членовите на ВМРО од 1919та до 1934та кои ептен биле анти-комунистичи исто така ги славеле Илинденското востание и Гоце Делчев.

      Така да, не го измислија комунистите Илинден. Тоа е нашата Масада. Херојски пораз. Во недостаток на победа, дај-што-даш се користи како повод за славење.

      Патем, македонската победа од 2ри август 338 п.н.е во битката кај Хаеронеја е поголем повод за славење. http://en.wikipedia.org/wiki/Battle_of_Chaeronea_(338_BC)

  3. Провери може и тебе те создала Комунистичката партија.
    Можеби и универзумот го создала.

    Кољо Дијамант

    25/02/2012 at 16:08

  4. Точно е Нено, дека најголемата одлучна битка се водела на 2.Август 338 година (пред н.е.) на Херонеја, кога фалангата на Филип II Македонски, заедно со неговиот млад син Александар на 19 годишна возраст, во брилјантна победа ја поразиле здружената војска на елинските градови – државиТеба и Атина, со што престанала да постои т.н.Светата чета и Теба и по која битка Македонија ги припоила кон себе елинските државички заедно со Атина. Во чест на таа победа Филип изградил монументален споменик во форма на огромен лав на постамент во мермер, кој само тој бил висок 6 метри. Се сеќавам, кога порано одевме со мојата сопруга во Атина (негде околу 1968 година) сме се фотографирале пред тој монумент, кој за жал денес не постои, бидејќи е разрушен од сегашните Грци за да не се сеќаваат на нејзиниот пораз од страна на Македонците. Оваа битка се изучува во сите воени академии во светот како брилјнтна битка.
    И навистина треба да се слави тој голем ден – 2 август. Инаку Македонија имала многу и многу победи во својата историја и не би сакал сега да пишувам за тоа. Само напоменувам дека нашите водачи не случајно го одбрале 2 Август, како во 1903 год. за ден за почеток на Илинденското востание, така и во 1944 година како ден на АСНОМ-прогласување на самостојна Република Македонија. Инаку, за да имаме право да го славиме и тој ден на победата од 338 година (пред н.е.) треба да изврши ДНК-а анализа за нашето потекло на сите Македонци како кај нас така и во светот, со кое ќе се констатира дали сме некои или не потомци на Античка Македонија и за секогаш да се затвори тоа прашање, како за нас – така и за старнство, а кое испитување е направено за Евреите. На овој начин сметам дека ќе се потврдат истражувањата од Институтот ИГЕНЕА од Женева-Швајцарија, дека во наште жили тече крвта на Античките Македонци во процент од 30%, како и истражувањето од Институтот во болницата „12 октомври“ во Мадрид-Шпанија, од страна на проф. Антонио Арнаиз- Вилена, дека сме европски народ со посебен постар медитерански супстрат, за разлика од сегашниве Грци, кои се поврзани со супсахарскиот (етиопски)народ.

    Драган Игнов

    26/02/2012 at 23:27

    • Добро бе тоа сето го знаеме. Ти кажи како 24 годишен Македонец од Кратово со завршено електро-техничко може да живее социјално здрав живот, да формира фамилија, да купи куќа-кола и да изгледа и да школува три деца.
      ОВА е денешната Херонеја ако не победиме ќе останат само спомениците.

      Кољо Дијамант

      28/02/2012 at 01:43

    • Aman dosta so ovie budlastini za Anticki Makedonci.Samo nepismen covek moze da lupeta za geni,DNK i slicni budalastini.Za zal ovaa zemja e prepolna so nepismeni lugje.

      Spiridon Kopicl

      29/02/2012 at 11:39


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: