Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ PECУPCИ И HAMEPИ

with 4 comments

Една од најелементарните заблуди од која многу луѓе страдаат (на нивна голема штета) е увереноста дека делата имаат нераскинлива врска со зборовите, или дека резултатите имаат логичка конекција со намерите или пак дека бизнисот е цврсто детерминиран од карактерот на бизнисмените. Кинескиот мудрец Конфучие, кога мудрувал за видовите на луѓе и за нивното знаење, набројал дури четири категории. Тој бил мудрец, па правилно сфатил дека освен „луѓе кои знаат и знаат дека знаат“ и „луѓе кои не знаат и не знаат дека не знаат“, има и такви кои „знаат дека не знаат“ но и такви кои што „не знаат дека знаат“. Во денешната колумна, ајде да ја адаптираме оваа матрица на Конфучие за да разјасниме некои основни работи од политиката и економијата.

1. Зошто на волкот му е дебел вратот, а кучето е гладно како пес? Погледнете ја горе првата матрица, онаа левата. Во неа се ставени четирите комбинации кои може да се појават при менаџирањето на било какви ресурси.

Полињата лево-горе и десно-долу се јасни и не бараат многу објаснување. Кога човек троши свои ресурси за свои потреби (било да е ресурсот пари, време или сила) тој ќе се труди највнимателно да ги ангажира своите ресурси за да извади од нив најголем можен ќар. Оти тој ќар оди за неговите потреби. Исто, кога човек троши туѓи ресурси за задоволување на туѓи потреби (на пример, тоа е случај со секоја влада која зема даноци од граѓаните и потоа ги распределува за потребите на граѓаните) тогаш најмалку се внимава во ефикасноста на трошењето, оти и онака ресурсите се земени од некој друг, и колку и да се внимава, сепак тој некој друг ќе ќарува од нивното трошење.

Затоа на волкот му е дебел вратот – оти сам си ги дави овците, а на кучето кое верно го чува стадото секогаш му се чини дека газдата не му дава доволно, баш затоа што овците ги коле овчарот кој мисли прво за себе, а потоа за кучето.

Другите полиња во матрицата се однесуваат на хуманитаризмот (горе десно) и наследувањето (долу лево). При вршењето на добротворни активности, каде што свои пари или време или сила човек менаџира за да им помогне на други луѓе, иако внимава, сепак тоа не е на нивото кога работи за себе, оти сепак други луѓе се во прашање.

При трошењето за себе на ресурси стекнати преку наследство оној што ги употребува парите што му ги оставиле родителите не се грижи премногу за нив, оти иако сега се негови, сепак тој не вложил ништо за да ги стекне, па не ги ни чуствува како нешто посебно вредни и значајни за него лично.

Последните две полиња од матрицата објаснуваат и зошто е секогаш лоша идеја да се остава некоја добротворна фондација во наследство на децата, оти тие не само што ќе треба да трошат туѓи пари (наследени и незаработени од нив самите) туку и ќе треба да ги користат за задоволување на нечии туѓи потреби. Па на некој начин, наследените хуманитарни фондации имаат многу (негативни) сличности со државата и трошењето на пари од буџетот.

2. Не сакам да ти помогнам – баш затоа што сум ти пријател: од другарите и роднините кои имаат позитивни емоции кон нас очекуваме да ни помогнат кога ќе се најдеме во мака и тогаш нивните добри намери обично резултираат и со добри последици. Воедно, од душманите и непријателите не очекуваме да нѐ сакаат, па кога тие работат против нас, од нивните лоши намери обично со право очекуваме да произлезат и лоши последици по нас. Тие две опции се запишани во средната матрица, во горното лево и долното десно поле.

Но, дали само две опции се можни? Дали можеби некогаш не се случува и од лоши намери да дојдат добри последици, или пак од сосема добри намери да излезат лоши последици? За тоа предупредуваат останатите две полиња од средната матрица.

Еве на пример, во повеќето развиени држави има закони кои забрануваат лицата кои се хендикепирани или пак жените што ќе забременат да бидат отпуштени од работното место, барем додека се во состојбата на намалена работна способност. Тоа е секако производ на најдобри намери на законодавците, кои сакаат со таквите хумани закони да ги заштитат ранливите категории граѓани. Неспорно е дека намерата е добра. Но дали и последиците од таквите намери се добри?

Па, секој работодавец, доколку знае дека нема да може да има ќар за фирмата додека работникот зема плата а не работи во полн капацитет, а истовремено и не смее таквиот работник да го отпушти и неговата плата да ја дава на некој друг, попродуктивен, што би направил уште на старт? Нема да вработува лица од ризичните групи!

На пример, доаѓа некоја жена кај некој работодавец и бара работа. Дали тој би ѝ дал работа, ако знае дека утре таа може да остане бремена, да оди на трудничко отсуство со месеци, а при тоа тој да мора да ѝ дава плата иако од неа за тој период никаква корист нема да има фирмата му? Очигледно нема да ѝ даде работа, па така испаѓа дека законот кој таа жена ја заштитува од отпуштање, истовремено уште повеќе ја „заштитува“ и од вработување!

Намерата е добра, ама резултатот од таа добра намера ете може да се случи да биде лош.

Сличен пример, ама со обратна логика (од лоши намери да има добри последици) е секако концептот на конкуренција, кој што е основен темел на капитализмот. Имено, ако на пазарот има само еден снабдувач со леб, тој ќе има монопол и ќе може да наплаќа голема цена за своите векни, а истовремено квалитетот на тие лебови ќе биде за никаде, оти тој ќе нема мотив да прави подобар и поефтин леб. Ако не купиш од него, од кого ќе купиш?

Но, ако на пазарот се дозволи конкуренција, и ако влезат повеќе производители на леб во борбата за профит, таа сосема лоша намера (не им е гајле ним за ништо друго освен да си го наполнат џебот) ќе резултира со појава на поквалитетни лебови по пониски цени.

На почетокот секако ќе има глупави пекари кои ќе мамат со тежината и содржината на лебот, ама таквите брзо ќе ги изгубат муштериите, пред сѐ и поради тоа што нивните алчни и сурови конкуренти ќе направат сѐ купувачите да станат свесни какво ѓубре нуди другиот пекар. И така, водени само од својата алчност која е негативна особина, пекарите ќе придонесат во создавањето на многу позитивна ситуација – ефтин и квалитетен леб за сите.

Многу често луѓето не разбираат дека добрите намери што ги имаат искрените социјалисти секогаш водат кон лоши последици, додека пак лошите капиталисти ако се пуштат на слободен пазар секогаш ќе продуцираат добри резултати, иако се водени од сосема себични мотиви.

Дали треба еден општествен систем да се цени според неговите намери или според резултатите што ги дава? Што вредат и најдобрите намери, ако последиците секогаш се исклучително лоши?

3. А бе ако треба и со сила ќе ти ставам пари во џебот: обично ја поврзуваме демократијата со благосостојба, а пак тоталитарните недемократски општества ги сметаме редовно за места каде што луѓето се бедни и страдаат.

Обично е тоа така, онаму каде што власта е чесна и го слуша гласот на народот се постигнуваат чесни цели (економски просперитет) и обратно, каде што владата е тиранска и не ја есапи волјата на народот ни два посто, обично се создава елита составена од грст богаташи и раја во која се собрани милионите сиромашни луѓе.

Тоа се очигледните случаи опишани во десната матрица, во горното лево (демократија која води до благосостојба) и долното десно поле (диктатура која води до беда). Ама има уште две полиња!

 Јужна Кореја, Тајван и Чиле во еден клучен дел од нивната историја воопшто не биле демократски општества. Тие биле владеани од цврстораки диктатори, кои сепак биле доволно умни да воведат темелни економски реформи со кои значително напреднало стопанството во овие држави, и денеска сите тие имаат висок стандард за нивните граѓани. Методите со кои бил постигнат просперитетот не биле воопшто убави, напротив, често вклучувале и екстремни случаи на нарушување на човековите права и слободи, ама сепак се постигнала на крајот, една многу благопријатна цел.

Од друга страна, земете ја Грција. Таа во изминативе 30 години откако во неа се врати повеќепартизмот беше земја барем за етничките Грци апсолутно демократска. Ниту една влада која владееше во Грција во изминативе три децении не беше нелегитимна, напротив сите беа резлултат на секогаш најслободно изразената волја на грчките граѓани на фер избори. Па, еве како завршија тие сосема чесни методи за одредување на државниот курс на Грција. Со тотална катастрофа на економски план и потполно губење на националните гордост и достоинство.

Сѐ што сега ѝ се случува на Грција е логична последица на кратковидоста на грчките гласачи кои избираа политичари што искрено им ветуваа и навистина остваруваа по доаѓањето на власт великодушни социјални реформи за полесен живот на граѓаните. Грците никогаш не гласаа против повисоките пензии, против новите вработувања во државните фирми, поголеми субвенции… никогаш.

Што има лошо во тоа да имаат земјоделците поголеми субвенции? Што има лошо во тоа пензионерите да земаат повисоки пензии, или младите луѓе да студираат што сакаат и потоа да очекуваат да им биде најдена работа во некоја државна служба? Што има лошо во тоа?

Особено ако сето тоа е постигнато на сосема законски и легален начин, со доследна примена на закони донесени од парламентот чии членови се избрани на најдемократски избори со најчесни методи за одредување на волјата на гласачите. Се било чесно и законски, ама на крајот – колапс?!

Впрочем и во нацистичка Германија повеќето поддржувачи на Хитлер не биле лоши луѓе, туку чесни и искрени германски патриоти, ама следејќи го лудиот фирер (кој и самиот искрено сакал Германија да биде светска сила), ја довеле својата земја до потполна катастрофа.

.

Конфучие имал и една друга поговорка која мене ми е една од најомилените и која вели дека „мудриот човек повеќе ќе научи и од најглупавото прашање, отколку што глупавиот човек ќе научи дури и од најмудриот одговор“.

Во матриците што ги дадов погоре може да се види и разликата меѓу немањето и имањето визија. Кратковидни мислители се оние кои размислуваат линеарно, во стилот дека „од добро доаѓа секогаш само добро и од лошо доаѓа секогаш само лошо“. Визионерите сфаќаат дека работите не се линеарни, туку се разгрануваат. Па знаат дека понекогаш и од нешто лошо може да испадне нешто добро, но исто така и дека од доброто може да излезе нешто многу лошо.

Затоа, секогаш треба да внимаваме кога размислуваме за тоа какви закони ни се потребни во сферата на економијата или во кој правец треба да се движи нашата надворешна политика. Понекогаш, законите донесени со најчесни и најхумани намери даваат грозни резултати и ги повредуваат најмногу баш оние кои би требало да ги заштитат, а исто така, често и луѓето кои настапуваат со искрени и чесни намери може наивно да поддржуваат политика која ја води државата во амбис.

Комбинирајќи го Конфучие со нетрпеливоста на многу луѓе кон било каква критика упатена кон нив, еве една адаптација на неговата мисла која исто така има врска со матриците од денешнава ми колумна:мудриот народ повеќе корист ќе има од оние што искрено му укажуваат на недостатоците, отколку што простиот народ ќе има полза од оние кои постојано лажливо го фалат и воспеваат“.

Сепак, и тука проблемот лежи во она што Конфучие го рекол. Имено, за човекот што не знае и не знае дека не знае нема надеж, додека не сфати дека не знае. Ама дури да сфати, може да стане и предоцна.

.

П.С: Поради презафатеност во првите неколку месеци од годинава, испуштив неколку редовни термини во кои требаше да објавам колумни. Во меѓувреме сепак, се растеретив од обврските толку многу, што дури имав и време нова книга да објавам. Побарајте ја во книжарите.

А веќе утре, во истово време, во насока на надополнување на пропуштеното мое блогирање во изминативе месеци, ќе објавам и нова колумна. Ќе се вика „Досетливиот пиштолџија“. Куса ама многу интересна колумна ќе биде тоа. Не пропуштајте ја, а воедно не заборавајте дека во неделникот „Фокус“, кака и секогаш, можете да ја најдете и мојата тамошна редовна политичка колумна. Читајте „Фокус“, за нештата да станат појасни.

До утре вечер, поздрав😉

4 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Бизнисот е во прв ред детерминиран од карактерот фамилијата на бизнисменот.
    Во Македонија благонадежни се само челнови на србомански фамилии.
    Сите други се само „посматрачи„!

    Nikola

    23/03/2012 at 10:16

  2. Нели ти е срам да ги лажеш децата?

    Nikola

    23/03/2012 at 13:43

  3. Апропо муабетот од малку погоре.
    Налетав на информацијава во врска со „ПРОМОЦИЈАТА„ на „Леб и Сол„ во бивша Југославија.
    Случаааајно, мајките на Влатко, Бодан и Кокан биле Србинки.

    Nikola

    27/03/2012 at 07:45

  4. ne e muabet, monolog e, icc ne mi e gajle.

    Nikola

    27/03/2012 at 09:05


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: