Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ 3ATBOPEH JA3ИК, 3ATBOPEH УМ

with 8 comments

Очигледно, одлуката на волците да го изедат јагнето е сосема во согласност со демократските норми, бидејќи е донесена со три-четвртинско мнозинство. Демократијата како збор во случајов за волците има многу позитивно значење, ама за јагнето има многу негативно значење

Ако се земе предвид колку време минуваме секој ден во зборување, во читање, во пишување, или накусо „во користење на јазикот“ (при што под „јазик“ се подразбира начинот за комуникација, а не истоимениот орган) би требало да се очекува да бидеме апсолутно свесни за сите негови особини, контексти и конотации. Би требало, ама не сме, оти јазикот толку често го користиме, што го земаме здраво за готово без воопшто да размислуваме за неговите финеси. Па еве неколку работи за размислување во врска со јазикот:

1. Речникот се прави според јазикот, а не обратно: колку често ви се случило во разговор да употребите збор за кој потоа соговорникот ве предупредил дека тој не е македонски збор и дека не треба да се користите со странски зборови толку често, барем не пред да размислите кој е соодветниот наш збор?

Убаво звучи тоа „наш збор“ ама малкумина се тие што воопшто знаат кои зборови се наши и зошто некои зборови не се наши. Земете два општопознати и контроверзни примери, зборовите „велики“ и зборот „сериозно“.

Има луѓе кои со сиот памет Александар Македонски го ословуваат како Александар Големиот, оти сметаат дека „велики“ е чист србизам. Слично, за таквите луѓе, немаме ние никаква Велика Британија, туку треба да станува збор за Голема Британија. А се разбира, им пречи и Велигден. И тоа е сѐ засновано врз заблудата дека зборот „велики“ не е македонски. Но чиј е?

Ако тој збор е навистина србизам, дали значи дека и Бугарите се србомани со нивниот град што се вика Велико Трново? Или можеби сите други словенски јазици трпеле влијанија од српскиот јазик. Дали треба во насока на десрбизација на нивните јазици Украинците да не ја користат титулата Великий князь, Белорусите титулата Вялíкі князь, Чесите титулата Velkokníže и Полјаците титулата Wielki książę?

Значи „велики“ не е српски, туку е општословенски, значи и македонски. Слично е и со зборот „сериозно“ кој има луѓе кои го сметаат за помакедонски збор од зборот „озбилно“ кој наводно бил србизам што треба да се избегнува. Бидејќи и во речникот на литературниот ни јазик го има зборот „сериозно“ ама го нема зборот „озбилно“.

Речникот не е ништо друго освен обична мапа на јазикот, и тој ја опишува само состојбата на вокабуларот на еден народ во даден историски миг. Колку што е глупаво да се тврди дека некој нов пат или нова пруга или ново вештачко езеро не постојат на македонска територија само затоа што ги нема на некоја карта која е направена пред 50 години, толку е глупаво и да се тврди дека некој збор не е македонски само затоа што го нема во речникот изработен пред неколку децении.

Така што за да се види дали некој збор е македонски или не, треба да се оди во неговиот корен. Кој би бил коренот на зборот „сериозно“? Што прави човек што е сериозен? Каква е ситуацијата која е сериозна?

Зборот „сериозно“ има корен само во латинскиот јазик и по таа логика не би требало да има предност пред зборот „озбилно“ кој има корен во македонскиот јазик и во сите словенски јазици впрочем. Озбилно е она што се збило, а се збило она што било, а пак бил, била, биле се помошни глаголи за минато свршено време во нашиот јазик. Хрватите велат „збиља“ за нешто што навистина се случило, или се „збило“. Така што најозбилно треба да се престане со предрасудата дека тоа е србизам, само затоа што некому на времето не му текнало да го стави во речникот на македонскиот литературен јазик.

И на слична тема: зошто е правилно да се пишува „сѐ уште“ наместо „сеуште“ а не е правилно да се пишува „сѐ каде“ наместо „секаде“ и „сѐ кој“ наместо „секој“ како и „сѐ когаш“ наместо „секогаш“? Која е логиката?

Затоа што така рекол Блаже Конески?! Убаво ако така рекол описменувачот на овој народ. Само, кој го описменил па него?

2. Зошто пишуваме на српско-хрватски кога пишуваме на англиски: обидете се македонските имиња Гоце, Јане и Зорица да ги напишете на англиски. Сигурно би пишале Goce, Jane и Zorica.

И никому не му текнува дека така се пишуваат тие имиња на српско-хрватска латиница, а не на англиска латиница. Оти, тие така напишани имиња секој Англичанец ќе ги прочита како Гоус, Џејн и Зорика. Името Маре делува посебно глупаво напишано на англиски според српско-хрватскиот модел, оти се пишува Mare што секој „енглез“ би го изговорил како Ме’р што буквално значи „кобила“.

На англиски буквата „J“ се чита секогаш како „џ“ па редовно на секој англо-амеро-австралиец треба да му се објаснува дека „Skopje“ не е Скопџе туку е Скоупје. Зошто кога пишуваме на англиски пишуваме со српско-хрватска латиница не е јасно. Зошто не пишуваме Skopye? Така, секој што го говори англискиот како мајчин јазик ќе знае дека нашиот главен град се вика Скопје.

Истото треба да се направи и со Gotse, Yane, Zoritsa и Ivitsа како и со Maritsa и со Yonche и со Sasho, иако на ваквиот предлог многумина би рекле дека не е правилен. И навистина, препорачаната транскрипција на нашата кирилица на англиски е според српско-хрватската латиница, а не според англиската латиница. Зошто е такво глупаво правило прифатено?

Затоа што сме биле седум децении колонија на Белград.

Иако во политичка смисла тоа (наводно) не сме веќе подолго време, во лингвистичка смисла уште сме. Англискиот дипломат со презиме Owen кое се чита како Оуен ние во раните деведесети го изговаравме како Овен, па имаше многу мајтапи со тоа презиме. Во англискиот јазик буквата „w“ секогаш се изговара како „у“ па затоа William и Wales, би било логично да ги пишуваме за да бидат поблиску од оригиналниот изговор во јазикот од кој доаѓаат како Уилиам и Уејлс.

Повторно, главна замерка тука е дека тоа е против правилата на македонскиот јазик. Точно, ама тие правила се донесени од луѓе кои биле полтрони на комунистичката власт која немала никаков демократски легитимитет, па зошто тогаш би ги кревале на пиедестал на свети и безгрешни догми таквите правила? Особено кога знаеме дека едноставно не се безгрешни туку се со суштински дефекти.

И затоа, наредниот пат, ако треба на англиски да напишете нешто за човек што се вика Славе, не чудете се кога на Англичанецот или Американецот што ќе го чита тоа писание ќе му се стори дека станува за збор за некој роб (слејв). Можеби најубаво би било да го пишете името на латиница не на српско-хрватски начин (Slave) туку на англиски начин (Slavѐ или барем Slaave или Slaveh).

Логиката е многу лесна за паметење. Кога пишуваш на српско-хрватски, пишувај на српско-хрватски. Ама кога пишуваш на англиски, пишувај на англиски.

3. Хомоними за кои не сме свесни: јазик не е само збир на зборови, туку и збир на општоприфатени значења што секој збор го има. Со други зборови, можеме да зборуваме различни јазици или кога користиме различни зборови, или кога користиме исти зборови, но со различно значење.

На пример, зборот „девица“ има две можни значења во нашиот јазик. Првото е зодијачкото, и означува личност родена во последната третина од месецот август и првите две третини на месецот септември (точните дати варираат, во зависност од тој од кој дневен весник го читате хороскопот). Второто значење на зборот „девица“ е девојка која сеуште немала сексуални односи со маж. Очигледно, иако се користи сосема истиот збор, тој има сосема различно значење во двата случаи.

Сличен збор е зборот „сирена“ што може да означува или митолошко суштество кое е пола риба – пола девојка, или онаа направа за давање на звучен сигнал која ја има во секој автомобил.

Но, не се само таквите зборови двосмислени. Погледнете ги зборовите како „капитализам“, „демократија“, „фашизам“, „социјализам“ или фразите од типот на „во интерес на Македонија“, „социјална правда“ и „светски тренд“ и сличните ним, кои се редовно предмет на дебатирање или се употребуваат обилно во дебатите за да се докаже исправноста на својата гледна точка.

Во некоја дебата едната страна ќе рече дека „ние мораме да го смениме името оти тоа е единствен начин да влеземе во ЕУ и НАТО, значи дека во интерес на Македонија е да го смениме името“. А другата страна ќе рече „во интерес на Македонија е да биде сочуван националниот идентитет и човечкото достоинство на Македонците како народ, и затоа не смее да дојде до промена на името, оти тоа е против интересите на Македонија“.

Очигледно, за едната страна „предавник“ е оној политичар што ќе го жртвува нашето интегрирање во евроатлантските институции, (иако ќе го зачува името и идентитетот), а за другата страна „предавник“ е оној политичар кој што ќе го смени името (иако ќе ја внесе државата во НАТО).

Која е смислата тогаш да се дебатира дали некој е предавник или дали работи за или против националниот интерес, кога уште не сме го дефинирале точното и недвосмислено значење на термините „предавник“ и „национален интерес“?

Има ли смисла дебатата дали некоја девојка е девица, ако оној кој вели дека е девица докажува дека таа е родена на петти септември, а другиот кој вели дека не е девица покажува снимка од нејзиното водење љубов со некој маж?

Кога при дебатите користиме сосема исти фрази и зборови, но ги разбираме сосема различно, па дури и со сосема спротивно значење, тоа значи дека практично зборуваме на два сосема различни јазици. Има ли смисла дебатата тогаш?

Очигледно нема. Затоа што првин треба да се води дебата после која ќе се знае кој збор што значи точно, и што никогаш и никаде не означува тој збор. Ама, како да се води дебата околу значењето на зборовите кога и таа дебата ќе мора да се води со употреба на зборови со многукратно и дури и контрадикторно значење?

Тоа е пример на раселов парадокс кој лежи во суштината на секој спор. Ако зборовите се алатки за наоѓање на смислата на идеите и ако тие алатки се искривени, со кои алатки да ги поправиме зборовите ако тие не ја пренесуваат верно смислата на идеите?

Кој да го лечи лекарот кој додека е болен не може да лечи никого, следствено ни самиот себе? Да викнеме друг лекар?

Во сферата на јазикот и значењето на зборовите, тоа значи дека ни се потребни нови зборови за да ги допрецизираме сите идеи кои сега нѐ збунуваат бидејќи имаме многу случаи на два меѓусебно спротиставени концепти кои окупираат еден ист збор.

Од таму, многу збунетост би исчезнала, ако само ја отфрлиме предрасудата дека јазикот треба да биде затворен и дека не треба да се примаат нови зборови во него. Оти јазикот пред сѐ е алатка на умот. И каде што јазикот е затворен, и умот брзо се затвора. А умот е како падобран. Ако не е отворен, тогаш е бескорисен.

.

П.С: Од нова година па наваму, имаше точно 11 четвртоци за кои сум најавил да објавам по една колумна. Заклучно со оваа што сега ја исчитавте, има точно од нова година па наваму објавено 11 колумни. Значи, сите оние термини што беа пропуштени со денешнава колумна се надополнети. Од таму, блогов е сега подготвен да продолжи со старото темпо на редовно објавување на по една колумна во редовниот термин, секој четврток.

И затоа до четврток, кога на блогов ќе биде објавена колумната „Кога хероите се реформатори“, останете поздравени😉 

8 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Многупати сум се прашувал зошто за половите органи како анатомски дел од телото ги нарекуваме со медицинските називи во спротивно ако употребиме македонски збор велат дека вулгаризираме.

    пр: вагина или путка (под+кака)

    лично

    25/03/2012 at 15:07

    • Слична појава имаат во англискиот јазик. Простачките зборови се од саксонско потекло, а културните зборви за истата рабата се од норманско потекло. Ова затоа што Норманите кога ги покориле Саксонците, својот јазик го сметале за господски, а оној на поробените им поданици за сељачки.

      Така, елен е deer ама месо од елен не е deer meat туку e venison. Слично Pig e саксонски и значи свиња (валкна, смрдлива) ама месото од неа се вика по норманскиот термин „pork“ што нема никаква нечиста конотација.

      Имаат англичаните два збора за слобода. едниот е саксонски „freedom“, а другиот е нормански „liberty“. И вториот збор до ден денешен се смета за порафиниран.

      Борци за слобoда се нарeкуваат обично freedom fighters и асоцијација за нив е луѓе со бради, валкани, крвави, ама ако се постигне некоја декларација за слобода, таа редовно се вика declaration of liberty. Демек саксонскиот збор е за валаканиот дел, а норманскиот е за светлиот, идеалниот дел дел на истиот концепт.

  2. Бидејќи првиот литературен јазик на Словените потекнува од подрачјето на Солун ние можеме да бидеме послободни во дискусијата кои зборови се наши а кои не.
    Но тоа не значи дека можеме да го правиме руска салата од јазикот. Нашиот литературен јазик е стандардизиран после втората светска војна и треба да се придржуваме кон тие стандарди.
    Според мене јазикот е најважната карактеристика на националниот идентитет. Неодговорниот однос на македонците кон јазикот е аналоген на неодговорниот однос на македонците кон националниот идентитет.
    За да одредиме дали некој збор е македонски или не(а го нема во Речникот), треба да видиме во колку градови го има. Гатанка-Зборот “озбилно” го има само во Скопје,Куманово и Тетово. Чиј збор е озбилно?(Тоа што нема да наидам на разбирање е очекувано.)
    Точно дека речниот се прави според јазикот ама се прави само еднаш, а не секој ден.(тука очекувам да ми кажеш дека англискиот секоја година го дополнуваат).
    Колку еден народ се придржува кон речникот е доказ колку е тој образован.(тука очекувам да ми кажеш дека гермаците од север и од југ не се разбираат).
    Речникот треба да биде столб врз кој ќе се развива јазикот. ”Речникот се прави според јазикот а не обратно” е луксуз кој ние не змееме да си го дозволиме. Поради неодговорниот однос кон нашиот јазик заслужено српските шовинисти не нарекуваат -Срби со говорна мана- , а бугарските шовинисти го нарекуваат нашиот јазик – западноблгарски дијалект-. Ние сме криви.

    Кољо Дијамант

    27/03/2012 at 13:41

    • Ме заболе како не нарекуаат Србите и Бугарите.

      Нема сигурно да си го стерилизирам јазикот заради нив.

      Она другите работи ти се изјави истресени од ракав, без многу логика во нив.

      Јазикот многу зборува за менталниот склоп на народот. Нашиот колективен ум е затворен и и окован со прангите на наметнатите догми и предрасуди. Кога ќе го тфрлиме култот кон догмите, ќе го смениме и менталитетот на подобро.

  3. Првиот дел од колумната за нас е поучен,ама Бугарин/ка да го чита ќе биде беспредметен.Ние за инает на нив не го правиме тоа.Голем ни е инаетот. пр.Не поставувавме знак сообраќаен Децата
    немаат кочници(сопирачки),оти во Бг го гледавме тоа….Легнат полицаец (нема корист голема) не-
    поставувавме,оти во Бг видовме за прв пат итн.итн.

    aleksandar najcheski

    03/04/2012 at 10:49

    • Мислам дека она што го правиме најмалку треба да зависи од тоа како Бугарите ќе гледаат на тоа.

  4. Here, here за колумната Нено! (и баш ми е гајле ако некој има проблем што користам англиски зборови🙂
    Еве како расте најпопуларниот/универзален јазик на светот: http://www.languagemonitor.com/no-of-words/
    Претпоставувам тоа е и една од причините зошто е најпопуларен, а самата отвореност (без комплекси и предрасуди) креирала повратна спрега помеѓу постојаното збогатување и растење на популарноста.
    Од аспект на транскрипцијата јас сум за хрватскиот модел – имињата се пишуваат во оригинал на латиница, ние треба да најдеме паметно решение во нашата кирилица или да комбинираме – зошто мора се’ да биде на латиница или се’ на кирилица, во 21 век на човек кој не знае да чита и пишува латиница јас немам што да му кажам или напишам.
    Во однос на изговорот, при транскрипција во латиница на наши зборови, правилниот изговор можеме да им го ставиме во заграда кога првпат се среќава поимот, тоа често го прават и другите јазици. Идеално би било останатите да знаат кирилица, но за жал (ако ги изземе Русите) ние сме малцинството.

    Андреј

    30/03/2013 at 02:35


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: