Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ PACEЛOBИOT ПAPAДOKC

with 7 comments

Во многу колумни на блогов го имам употребено раселовиот парадокс како инспирација, и секогаш кога се навраќам на него откривам нов начин да го употребам при оформување на интересен текст полн со провокативни прашања. За жал, статијата за тој фундаментален математички и логички парадокс на википедија е сосема неразбирлива за читателот што не е упатен во тајните на егзотичниот јазик на формулите, равенките и дијаграмите, па за да се разбере барем дел од магијата содржана во парадоксот, се јавува потреба тој да биде објаснет преку примери од реалноста. Еве неколку категории на примери:

1. Кој ги онадува онадувачите? Уште пред две илјади години, во стариот Рим, еден поет по име Јувенал, размислувајќи за жалната состојба со моралните вредности во неговата епоха, правилно заклучил дека ниту едно општество не може да биде одржано чесно со присила, оти откако ќе се постават надгледувачи кои ќе треба да го штитат јавниот морал, веднаш ќе треба да се постави и прашањето „а кој ќе ги надгледува надгледувачите?“.

Ова прашање кое во модернава епоха се јавува под многу форми и верзии, на пример „кој ќе ги контролира контролорите“ или „дали некој ги лустрирал лустраторите“ или пак „кој ли ги регулира регулаторите“ е во својата суштина варијанта на раселовиот парадокс.

Најсликовито се опишува со зборови тој парадокс поврзан со горниве примери, ако прашањето што го дефинирал Јувенал се постави во сферата на економијата. Имено, лекот за излегување од кризата многумина го гледаат во тоа државата да уфрли свежи пари во економијата и со тоа да го поттикне развојот. Со други зборови, државата треба да го стимулира стопанството. Но, прво треба да се одговори на прашањето: „а кој ќе ја стимулира државата?“

Нема друг извор на пари освен или државата да ги зголеми даноците или пак да земе кредити кои ќе ги враќа еден ден од приходот од некои тогашни зголемени даноци. Значи, тоа е налик на обидот човек што стои во кофа да ја зграби рачката и да повлече нагоре, обидувајќи се така себе си да се крене заедно со кофата.

Е таа аналогија е најдобра слика за раселовиот парадокс. За да се крене човек себе си додека стои во кофа треба да ја крене кофата, но за да ја крене неа треба да излезе првин од кофата, ама ако го направи тоа, нема да може да се крене и себе си, бидејќи нема да е во кофата повеќе.

Сликата која го илустрира денешниот текст се состои од двајца страдалници кои очекуваат спас, еден бродоломец на пуст остров а друг бродоломец кој се спасил од коработ што му потонал преминувајќи во мал чамец. Двајцата несреќници се сега среќни оти еден на друг гледаат како на спасител, ама кога ќе се сретнат ќе треба да одговорат на прашањето „кој да го спаси сега спасителот мој?“. А пак ако се случи да се степаат еден со друг, тогаш прашањето ќе се претвори во „кој да ме спаси сега мене од мојот спасител?“.

Врз основа на јувеналските реченици кои имаат општа форма „кој (да) ги онадува онадувачите?“ при што онадување може да се замени со речиси било кој глагол, имам напишано, ако добро паметам, две колумни. Едната се викаше „Ти мене војводо, јас тебе сердаре“ а  другата „Кој го шиша берберот“.

2. Нема слобода за непријателите на слободата: во романот „Квака 22“ на американскиот пистел Џозеф Хелер главниот јунак се соочува токму со една варијанта на раселовиот парадокс вградена во еден параграф од Правилникот на Авијацијата кој се однесува на начинот на кој еден војник може да биде ослободен од учество во крајно опасните бомбардерски мисии над територијата на непријателот.

Имено, оној кој не сака повеќе да оди во мисиите кои се многу често смртоносни за пилотите, мора прво да докаже дека е луд, оти луд човек армијата нема да пушти во воен авион. Е ама, Правилникот вели дека секој оној кој ќе побара да го прогласат за луд со цел да не оди повеќе во речиси самоубиствени мисии, сигурно е сосема здрав човек, оти само луд човек би сакал да продолжи да оди во толку опасни задачи. Значи, само нормалниот може да се прави луд, а ако се прави луд, значи дека не е луд, следствено е доволно здрав за да продолжи да биде праќан во борбите.

И така, од таа логичка замка базирана врз раселовиот парадокс, нема излез. Повеќе слични примери за таа апсурдна логика имав запишано во колумната „Квака 22“.

Патем, истата логика се употребува за да се отфрлат сите барања за легализација на дрогата. Имено, секој слободен човек во едно слободно општество треба да има право да стави што сака во неговото сопствено тело. Значи ли тоа дека треба да биде легално користењето на дрога? Не, бидејќи тие супстанции создаваат зависност, што пак значи дека желбата да се земаат дрогите е доказ за немањето слободна волја на зависникот, па бидејќи тој не е слободен – за него не важи принципот дека треба да има право да става во своето тело што сака.

Овој принцип, дека „нема слобода за непријателите на слободата“ го користат сите револуционерни движења кога тврдат дека се борат за правда и слобода, а истовремено своите непријатели ги убиваат на најподмолни начини, било во терористички активности пред да дојдат на власт, било ако дојдат на власт преку егзекуции без судење или барем без праведно судење.

Бидејќи револуционерите се борат за правда, и бидејќи секој што е нивен противник со тоа е и противник на правдата – нема за него да има правда, па тој ќе биде ликвидиран без судење.

Тоа му доаѓа нешто слично на оној виц за разговорот помеѓу еден садист и еден мазохист. Нели, садист е оној што ужива да ги мачи другите, а мазохист е оној што ужива да биде измачуван. Па така, мазохистот еднаш му рекол на садистот:

– Ајде бе удри ме силно! – на што добил презрив одговор од садистот:

– Нејќам! – што пак го натерало мазохистот да праша:

– Зошто?! – на што уследил одговор:

– Затоа што ти уживаш кога страдаш, а кога не страдаш – не уживаш, што значи дека страдаш уште повеќе. А јас сум садист и сакам ти да страдаш максимално. Затоа нема да те удирам воопшто. За да страдаш!

Примерот со мазохистот е сличен на оној од првата подточка со кофата. Човек што сака да страда ќе страда многу повеќе ако не му се дозволи да страда. Со други зборови, ете го раселовиот парадокс: единствен начин за оној што ужива во страдањето да страда максимално е да не страда, што пак само по себе е – и страдање и нестрадање во исто време!

3. Дали да му веруваме на оној кој вели дека секогаш лаже? Друга верзија на раселовиот парадокс е секако онаа позната загатка за непоправливиот лажго, која пак има врска и со прашањето дали иднината е предодредена или пак ние самите ја создаваме иднината. И особено каков став треба да имаме кон тоа прашање.

Имено, загатката за лажгото вели дека некој човек некогаш рекол: „сѐ што јас ќе кажам е лага“. И сега прашањето гласи – дали овој исказ е вистинит?

Ако е вистинит, значи дека тоа што човекот го рекол во него (дека цело време лаже) е точно, што значи дека и тоа што го рекол е лага што пак значи дека тврдењето не е точно. Ама ако не е точно, тогаш значи дека тој не лаже, што пак значи дека тврдењето е вистина, што пак значи дека е лага. Што пак значи дека е вистина. Следствено дека е лага. Односно вистина.

Сфаќате? Не? Со самото тоа што тврдењето „јас цело време лажам“ е вистина тоа е лага но со самото тоа што е лага е вистина. И така во круг до бескрај. Од оваа замка нема излез оти е парадокс. Раселов парадокс.

Каква врска има ова со предодреденоста или не на иднината и со слободната волја. Па, има теорија која вели дека сѐ што се случува е предодредено и дека ние немаме слободна волја. По таа основа, треба да престанеме да се бориме против сите проблеми со кои се соочуваме, оти ништо не можеме да смениме колку и да се трудиме, оти сѐ е веќе предоредено.

Ама, ако одлучиме да не се откажеме од борбата со судбината, значи ли тоа дека и тоа било предодредено? И по таа основа ако се откажеме од борбата со судбината тоа ќе биде токму пружање отпор кон она што е наша судбина – да се бориме против судбината? За ова прашање на еден многу поздодевен и поразвлечен начин имам чукано празна слама во колумната „Сѐ (ли) е пишано?“.

Еве друг поразбирлив ама сепак ист пример: ако некој човек категорично тврди дека ама баш во ништо не верува, дали во тоа тврдење треба ние да му веруваме, оти очигледно дека ако во ништо не верува – тој не верува ни во тоа дека во ништо не верува, па не треба и ние да му веруваме.

Како одеше вицот: „Јас сум секогаш решителен човек. Или… можеби не сум?! Да, да, сега сум апсолутно сигурен дека баш сега во ништо не сум апсолутно сигурен. А и во тоа не сум баш најсигурен…“

Друг пример со иста логика: Дали човекот што знае сѐ знае и што не знае? Оти ако знае што не знае – очигледно не знае сѐ бидејќи ете има нешто што не знае, ама ако не знае што не знае – евидентно не знае сѐ, оти ете, не знае што не знае!

4. А што ако сите се луди, а само еден е нормален? Замислете дека некој човек ве убедува дека постојат темни центри на моќ кои што контролираат сѐ што се случува во светот. Тие ги држат во своите раце сите политичари, сите медиуми, сета економија е под нивната чизма ставена.

И замислете дека вие му велите дека претерува и дека е параноичен, а тој ви одговора налутено: „секако дека нема да ми веруваш, затоа што и ти си дел од големиот заговор!“

Откако му велите дека ако заговорот е навистина толку моќен, тогаш како тој слободно може да зборува за заговорот без било кој да го спречува, тој заклучува дека тоа што му се дозволува да биде отворено противник на заговорот е јасен доказ за моќта на заговорот и дека темните структури се толку моќни што од никого не се плашат веќе.

Овој тип на размислување е основа за она што јас би го нарекол „парадоксот на Кориоланус“. Неодамна беше снимен филм базиран врз драмата на Шекспир со наслов „Кориоланус“ кој што филм за жал поради употребениот стил на говорење во него (англискиот од пред пет векови) за многу модерни гледачи ќе биде неразбирлив и здодевен, и покрај солидната актерска екипа и акционите сцени.

Ама да го оставиме настрана филмот и драмата и да се осврнеме на парадоксот од кој страда главниот јунак. Историскиот лик Кориоланус бил римски генерал кој извојувал голема победа во една војна па поради тоа го избрале граѓаните да раководи со државата. Но тој сметал дека оние што го избрале не се достојни да го избираат („зарем орелот ќе ги прашува чавките каде смее да колва?“), оти додека тие седеле дома на сигурно тој крварел за татковината на бојното поле, па нема што цивилите да одредуваат дали тој е заслужен Римјанин или не, туку напротив, тој би требало да го има правото да одлучува кој е достоен да биде Римјанин, а кој не.

Кога поради ваквите јавно искажани ставови Римјаните едногласно го протерале од Рим, тој им возвратил презриво „не ме протерувате вие мене, туку јас вас ве протерувам“ (реплика од која сигурно се инспирирал сценаристот на оваа сцена на еден друг филм, кога откако новиот затвореник брутално ќе претепа еден друг затвореник која проба да му објасни кој е газда во затворот ќе рече „не сум јас со вас затворен, туку вие со мене сте затворени“).

Така, Кориоланус сметал дека тој е единствениот патриот во цел Рим, па каде бил тој таму е и Рим. Затоа без грижа на совеста заминал кај непријателот против кој „до вчера“ војувал и му ја понудил својата војничка вештина за да го нападне Рим, убеден дека тргнал да ја ослободува татковината од предавниците што ја окупирале – имено, од сите други Римјани.

Па така, ете го раселовиот парадокс и во ликот на Кориоланус: тој човек станал до тој степен патриот што сите други луѓе во државата почнал да ги смета за предавници, па тргнал против нив да војува со што всушност самиот станал предавник.

Со други зборови одлучил дека за да ја спаси татковината од целиот нејзин народ кој не ѝ бил достоен, неопходно е да го уништи народот а со тоа и татковината!

Вака размислуваат и сите денешни верски и политички фанатици кои немаат поддршка од никого во општеството за чија слобода или победа веруваат дека се борат. Затоа тие немаат проблем да убиваат и невини цивили, оти сите тие се за нив или предавници, штом не сакаат да им се придружат, или пак ако се патриоти тие цивили што гинат, треба да им биде чест што им се дала прилика да се жртвуваат за каузата.

Вака им работи умот на сите лудаци кои себеси се сметаат за единствените нормални, оти доказ дека сите други се луди е тоа што сите други не се сложуваат со лудаците.

*

Раселовиот парадокс, доколку се има на ум, објаснува многу работи и разбива многу претенциозни тврдења. Особено во економијата, секогаш кога власта се фали дека со некоја „донација од владата“ ги чести граѓаните, селаните, пензионерите, студентите, треба да се запрашаме „а кој ја чести владата?“

Или кога во политиката некои маргинални политичари ги обвинуваат сите што не сакаат да им се придружат – а тоа се сите други луѓе во државата – дека се предавници, или пак луѓе што солат памет за некаква легитимност на нивните дозволи, лиценци и дипломи. Кој им дал лиценца на тие што тебе ти дале лиценца? Кој ги признал за релевантни тие што тебе те признале за релевантен?

Раселовиот парадокс има бесконечно многу апликации и варијанти, и како што реков на почетокот, секогаш кога се навраќам на него наоѓам по нешто ново. Се надевам дека денешната колумна ќе ве потикне и вие да го проучувате овој мошне плоден дел на логиката.

.

П.С: Како што забележуваат редовните читатели, во последно време не сум многу редовен и навремен со објавувањето на колумниве. Тоа е последица на сплет на објективни и субјективни околности врз кои немам контрола.

Затоа, за да не доаѓате за џабе на блогов очекувајќи нови содржини а да нема ништо ново, пријавете се за автоматски известувања по мејл. На екранов долу десно има една „икона“ на која пишува „follow” со чие кликање можете да се запишете и на вашиот и-мејл да добивате известување секогаш кога ќе објавам нова колумна на блог. Процедурата за субскрипција е многу едноставна и е навистина корисна и практична.

Не ветувам ништо, ама ќе се потрудам наредниот четврток да објавам тука колумна со наслов „Празнични борби“. Се разбира, како и секогаш, во утрешниот број на неделникот „Фокус“ побарајте ја мојата тамошна редовна политичка колумна.

До четврток (само прашање е кој четврток?) поздрав😉

7 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. I sent the club a wire stating, “PLEASE ACCEPT MY RESIGNATION. I DON’T WANT TO BELONG TO ANY CLUB THAT WILL ACCEPT PEOPLE LIKE ME AS A MEMBER”.
    Groucho Marx

    kirev

    03/05/2012 at 23:27

    • Хаха, одличен приемр.

      Ова му доаѓа како варијација на „не се радувај ако будалите те сакаат, оти тоа значи дека и ти си будала“ или „не тагувај ако душманите те мразат, оти тоа значи дека и ти ним си им станал душман“

  2. “Имено, секој слободен човек во едно слободно општество треба да има право да стави што сака во неговото сопствено тело. Значи ли тоа дека треба да биде легално користењето на дрога? Не, бидејќи тие супстанции создаваат зависност, што пак значи дека желбата да се земаат дрогите е доказ за немањето слободна волја на зависникот, па бидејќи тој не е слободен – за него не важи принципот дека треба да има право да става во своето тело што сака.”- Врв на колумната.
    Сепак во реалноста мора да се смени нешто со дрогата…државите ја изгубија војната.

    Кољо Дијамант

    04/05/2012 at 08:21

    • Ако губиме во војната тоа не значи дека треба да потпишеме капитулација, тоа само значи дека треба да се премени некоја нова стратегија.

      Од друга страна, прашање е што точно би преставувало „победа“ во таа војна?

      Да престанат да користат дрога наркоманите (секогаш ќе има будали, ако не се дрогираат ќе се пијанчат до смрт или ќе бидат зависни од коцкање) или да престане да се шири наркоманијата?

      Ако е второто, има надеж, ама ако е првото она што го очекуваат сите, таа војна никогаш нема да заврши со победа. Еден мал дел од населението секогаш е само-деструктивно настроено..Прашање е само во која насока ќе се упати таа негативна енергија.

  3. Во Сингапур има смртна казна за поседување или трговија со дрога…не верувам дека таму има наркомани. Ако тоа го примениме во Европа и Америка замисли колку треба да убиеме…
    Во Мексико ова сега е како граѓанска војна. Незнам….да не се праам паметен -немам решение

    Кољо Дијамант

    04/05/2012 at 14:34

  4. barem da dobievme edna prostalna kolumna

    Koljo Dijamant

    06/06/2012 at 19:35

  5. “Јас секогаш лажам“,всушност е симплицираниот парадокс на Диоген,кој гласи:“Сите критјани само лажат,а бидејќи и јас сум критјанин и јас само лажам,па значи лажам кога велам дека сите критјани само лажат,односно сите критјани само ја зборуваат само вистината,тогаш јас како критјанин само ја зборувам вистината,а тогаш ја зборувам вистината кога тврдам дека сите критјани само лажат… и така во круг до недоглед,но ова е парадоксот на Диоген и нема ништо со почитуваниот Расел.Ми недостасубаат Вашите колумни во Фокус,сметам дека имате фасцинантен ум и знаете да согледате интригантска концепција во наизглед наивни,невини или бесмислени нешта што ,од моја гледна точка е приказ на бистра мисла,широко отворен ум,а со способност на голема фокусација и способност за анализа.Мило ми е што дознав дека ќе имам можност пак да ја следам Вашата работа!Со почит и поздрав!

    robertcingar

    09/10/2013 at 14:21


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: