Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ KPATKOBИДOCT И ДAЛEKУBИДOCT

with 9 comments

На сликава горе има два лешника. Едниот е скршен а другиот е уште во здрава состојба. Тој што е здрав, може да се засади и од него да никне цело дрво лешниково, кое потоа ќе дава илјадници нови лешници секоја година. Арно ама, оној лешник што е скршен најмногу што може да направи е да послужи како еден единствен залак за некој кому му требаат грицки додека гледа телевизија. Лешникот што ќе се засади ќе даде многу лешници за многу залаци, ама тоа е на долг рок. Обично, речиси секогаш впрочем, за да имаме долгорочна добивка, мораме да се помириме со штета на краток рок. Не многу луѓе се спремни ја направат таквата жртва.

1. Робин Худ во супермаркет: имаше пред неколку години вест за случка во Грција која новинарите ја опишаа како пример за Робин Худ во супермаркет. Имено, група анархисти влегле во некоја голема продавница и откако им се заканиле на продавачките и на менаџерот, ги зеле сите прехранбени продукти и средства за лична хигиена и почнале да им ги делат бесплатно на минувачите. Овие пак, пресреќни што не мораат да плаќаат ништо за работи за кои обично треба да платат, си земале од тоа што им се нудело и гласно им давале поддршка на анархистите, посакувајќи такви случаи да има што почесто.

На прв поглед, многу убава работа е тоа, што на сиромашните некој им раздава бесплатно работи што им требаат, оти кој страда во тој случај? Само богатите газди на супермаркетот, а тие и онака се едни лоши и одвратни луѓе што не заслужуваат никаква почит и разбирање.

Е арно ама, на краток рок она што е добро, на долг рок е многу лошо. Ако некој трговец не може да заработува со продажба на производи од својата продавница, оти некои анархисти постојано ги крадат и им ги делат на сиромасите, тој утре ќе стави клуч на дуќанот или на маркетот што го има и ќе си замине засекогаш од тој град.

Тој можеби прво ќе побара заштита од полицијата или пак ќе вработи дополнително обезбедување, ама ако таквиот „робинхудизам“ е популарен меѓу народот, ниту полицијата ќе сака да го заштити (оти така губи рејтинг власта) ниту пак агенците за обезбедување ќе сакаат со него да си имаат работа оти и тие не се способни да се одбранат од големи толпи на демонстранти кои сигурно ќе навалат да го нападнат себичниот капиталист кој сака да профитира врз грбот на народот.

Значи, нема друг избор освен да си отиде трговецот. Од кого потоа ќе се снабдуваат сиромасите со леб, зејтин, млеко, шеќер, тоалетна хартија и паста за заби?

Државата ќе отвори пункт каде ќе се делат бесплатно такви продукти? Да, ама лебот мора некој да го замеси, од нечие брашно кое некој мора да го смеле од некаква пченица која некој треба да ја засее и ожнее од некоја нива, ставајќи вештачко ѓубриво кое од некоја хемиска фабрика е купено каде пак е произведено со сложени технолошки процеси при кои е употребена струја, како и суровини ископани од некој рудник. Сите луѓе што се вклучени во производниот процес за лебот што бесплатно ќе се дели мора да бидат платени од некого. Така да, лебот нема да биде бесплатен, оти ако не потрошувачите, тогаш барем државата ќе мора да плати за него. А од каде ѝ пари на државата?

Ќе земе од богатите? Па кои се тие „богати“? Газдите на супермаркетите се богати. Кои, како што заклучивме погоре, нема да имаат приходи ако бидат принудени да излезат од бизнисот со трговија.

И така, еден ден на бесплатно изобилие преку пљачкањето на стоката од супермаркетот, води до многу години на немаштија, оти никој нема да сака да отвори супермаркет во област каде трговијата не е безбедна.

2. Фабриките на работниците: една стара заблуда која никако да си замине на буништето на историјата е онаа која вели дека газдите на фабриките ги експлотираат работниците што работат во фабриките и дека тие се практично паразити кои живеат на грбот на трудбеникот. И затоа, праведно е да им се одземат фабриките на капиталистите и да им се поделат на оние кои работат во нив. Ова некогаш било многу популарна идеја која се викала анархо-синдикализам.

Краткорочно, ова изгледа супер, оти на еден газда ќе му се земе богатствто и само тој ќе биде унесреќен, ама пак затоа на стотина сиромашни работници ќе им се подели по парче од капиталот и стотина ќе бидат усреќени. Кај е проблемот тогаш?

Проблемот лежи во долгиот рок. Имено, фабриката не паднала од небо. Некој ја изградил и опремил со машини, а тоа пари чинело, оти и ѕидарите и доставувачите на опрема не работат за џабе. Сопственикот инвестирал во создавањето на погонот, а не работниците.

Така што, да се смета дека е праведно на оној што инвестирал да му се одземе капиталот и да им се даде на оние кои сега работат со машините, е исто како да се смета дека е праведно да им се одземе детето на родителите што го создале и да ѝ се даде на учителката што го воспитува во школо!

Но, не е само занемарувањето на минатото проблем, туку и иднината. Ајде, да им се одземат постојните фабрики на тие што се газди за да им се поделат на тие што се работници. Што ќе се случи утре?

Е па утре, никој нема да се реши да инвестира во градба на нова фабрика, оти секој ќе знае дека може да му го одземат тоа што го изградил. Не само што тој нема да инвестира таму кај што не е безбеден, туку ќе отиде да инвестира таму каде што ќе е безбеден неговиот капитал. Па така во местата каде што капиталот се чува и брани од конфискација во името на некаква си социјална правда, ќе има постојано нови инвестиции, а пак во земјите каде што капиталот систематски се пљачкосува нема да има нови инвестиции и таквата држава ќе тоне сѐ повеќе и повеќе во сиромаштија.

А што станува со можноста штом ќе им припадне фабриката на работниците да станат инвеститори самите тие? Имено, работниците да одлучуваат да не конзумираат многу од приходот, туку да го вложат во нови машини и згради? Или пак можеби државата да инвестира во градба на фабрики од нула и потоа да им ги дава по принципот „клуч на рака“ на невработени што ќе ги вработи на тој начин?

Таков модел имаше во бившата СФРЈ, каде новите капацитети беа основани од власта која потоа им ги даваше на работничките совети на управување, и во нив сите работници учествуваа и одлучуваа што да се прави со заработените пари и каде тие да се инвестираат.

Видовме како заврши тој модел. Со презадолжена до гуша држава која потона во хипер-инфлација и затоа и се распадна, а во фабриките во меѓувреме работниците одлучуваа да не се инвестира во нови технологии туку да се дели к-15 или да се вработуваат нивните деца и братучеди, или ако нешто сепак се инвестираше тоа беше во дејност неповрзана со она на фабриката, имено во работнички одмаралишта, ресторани, транспортни претпријатија и спортски клубови.

Интересно е што истиот тој самоуправувачки модел сеуште го имаме во политиката, т.е. во управувањето со државата во која сега живееме. Имено, народот одлучува на избори за тоа кои политичари ќе управуваат со државниот имот и ќе ги распределуваат парите од буџетот. Како оди таа работа? Исто како и самоуправувањето на времето. Имаме презадолжена држава, имаме гласачи кои се тепаат кој да се вработи во државната управа, а во меѓувреме се фрлаат пари за споменици, стадиони и слични непродуктивни расходи. Да се разбереме сепак, сето тоа е по волја на народот.

*

Во триесетите години на минатиот век, додека Германија под водство на Хитлер постојано барала отстапки од големите сили, тие ѝ дозволувале да прави што си сака, само за да се одржи мирот во Европа. И таа политика на попуштање била ептен популарна кај граѓаните на Франција, Англија и САД, оти така се избегнувала можноста од избивање на нова светска војна.

Ама сепак Втора светска војна избила баш поради тоа што големите западни сили не им застанале на време на пат на апетитите на нацистите. Тоа што на краток рок се чинело како мудра политика, на долг рок се покажало како катастрофално погрешно.

Слично на тоа, многу е убаво кога за мир во државата се дава амнестија на извршители на воени злосторства. Ама со тоа само на краток рок се смирува тензијата, оти секој силеџија потоа ќе си рече дека е доволно да обезбеди доволно силна политичка поддршка и ќе биде амнестиран и тој за сите злодела што ќе ги направи. За ова нешто сме сведоци во изминативе денови.

Мнозина сметаат дека би било кул да се мафијаши и да шетаат низ својот град и да си земаат што си сакаат од скапа роба од било која продавница без да платат како и да пијат и јадат во кафеани и ресторани без да дадат и денар за направениот есап. И тоа навистина е кул, ама на краток рок. Оти трговците и угостителите ќе сфатат многу брзо дека нема за нив никаков ќар во град каде има многу гангстери што никогаш за ништо не плаќаат а постојано земаат, па ќе си заминат од тој град. Каде потоа мафијашите ќе „пазаруваат“ без да плаќаат?

Кул е и да се здружи цело маало или село и да не плаќа струја, и да не дозволуваат никој да ги исклучи. Ама на долг рок, ако не мораат да плаќаат струја, ќе ја трошат неразумно, па постојно ќе прегорува мрежата. А бидејќи никој нема ќар од нив, нема да доаѓа да им ја зајакне таа преоптоварена мрежа. И така, на краток рок ќе уживаат во ефтина (т.е. бесплатна) струја, ама на долг рок ќе останат во мрак. Краткиот рок може да биде и неколку децении, ама кога-тогаш колапсот доаѓа сигурно.

Една од основните задачи на секоја власт и впрочем целата смисла на постоењето на власт со полиција, судови и инспекции, е да се обезбеди луѓето да ги исполнуваат ветувањата што ги дале. Ако си ветил дека ќе плаќаш за струја, ќе ти даваат струја и ќе мораш да ја плаќаш. Воедно, ако отвориш фабрика, државата ти гарантира дека никој нема да ти ја земе, па ќе имаш мотив да отвориш утре и друга фабрика.

Државата која не може да обезбеди сигурност за своите граѓани, за фирмите, за почитување на договорените обврски од сите страни, таквата држава не е држава.

Од друга страна, како пак да се натера државата да ги почитува самата ветувањата што ги дала? Да плаќа и таа на време за тоа што купила и да ја ги обезбедува граѓаните кои од неа очекуваат сигурност.

Ако државата постои за да ги натера сите да си стојат на зборот, кој е тој што треба да ја натера државата таа да си стои на нејзиниот збор? Ако државата државствува врз народот, кој државствува врз државата?

.

П.С: Во последно време имам многу обврски, па не успевам никако да стигнам со објавување на колумните на време. Така да, оние мои најави „во четврток ќе објавам“ или „утре ќе објавам“ не треба да ги земате премногу сериозно.

Затоа, за да не доаѓате за џабе на блогов очекувајќи нови содржини а да нема ништо ново, пријавете се за автоматски известувања по мејл. На екранов долу десно има една „икона“ на која пишува „follow” со чие кликање можете да се запишете и на вашиот и-мејл да добивате известување секогаш кога ќе објавам нова колумна на блогов. Процедурата за субскрипција е многу едноставна и е навистина корисна и практична.

Како и да е, претпоставувам дека наредниот четврток (или можеби не, кој знае?) ќе се обидам да објавам колумна со наслов „Раселов парадокс“. Многу често низ колумни го споменувам тој парадокс и секогаш ставам линк за него до википедија, каде за жал неговата суштина не е објаснета баш многу разбирливо. Затоа решив да го објаснам јас и при тоа да употребам многу поинтересни и попрактични примери.

Така да, не гарантирам ништо, ама до наредниот четврток кога ќе има нова колумна, останете поздравени 😉

9 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Проблемот со државствувањето на државата се решава со Етика…која би требало да се изучува во школо. Владата е составена од луѓе, луѓето можат да бидат воспитани. Порано таа работа ја вршела црквата…Сите работи почнуваат со филозофија која за жал кај нас не е …

    Кољо Дијамант

    22/04/2012 at 14:27

  2. Колку површинско толкување од твоја страна Нено.
    Енда фирма прави профит кој што е разлика од инвестираното и добиеното.
    Проблемот е во тоа како се распределува профитот.
    Да речеме дека 20% оди за плати, 50% за инвестиции и развој, проширување, а останатите 30% одат во џеб кај газдата или неговата фамилија.
    Па од каде им џипови, јахти, позлатени коли, вили и останати срања?
    Знам десетици примери на луѓе кои работат во мали претпријатија, а еден месец пред сезона са одмори има крати по 1000-2000 денари, за да отиде на одмор на Малдивите. Зимоска уште една тура на кратење(пак без образложение), кога гледаш си купила свињата џип. Ај смеј буни се. Имало такви случаеви , и знаеш како завршиле.

    Но, Кога платата ке ти варира од 20000 до 50000 денари на пр., ќе бидеш екстра мотивиран да дадеш се од себе.
    Фиксната плата е убиец на мотивот.
    Кај нас никогаш немало вистинско самоуправување. Директорите имле свои луѓе во одборот кои гласале по наредба, затоа заврши така како што заврши.

    Збориш дека капитализмот е еден и единствен, неприкосновен и најдобар систем во светот,
    Тврдиш дека коњот е најбрзо превозно средство, а не сакаш да ги отвориш очите и да видиш дека постојат авиони на пример.

    малку и офтопик…
    Како е чувството Геро да ти е колега? Си му се пофалил ли со колумните за него и неговата багра?
    Поздрав.

    333

    03/05/2012 at 00:19

    • Што се однесува до економскиот дел на твојот коментар, за тоа имам зборено триста пати, и на блогов, и во Фокус и во книгата „За капитализмот“.

      Да се повторувам ме мрзи.

      Само ќе те прашам, кога велиш за газдата на фирмата дека е „свиња“ чисто ме интересира зошто воопшто сакаш да работиш во фирма чиј газда е свиња? Кој те тера со сила да работиш во таква компанија.

      Си купила кола свињата? Зошто да не си купи, негова е фирмата, негов е и профитот. Отвори си ти своја фирма, води ја ти како што мислиш дека треба, па ако останата пари, купи си и ти џип.

      Што се однесува пак до офтопикот, искрено да ти кажам и мене ме интересира нешто слично на твоето прашање. Имено, како да гласаш за Никола Груевски, и да тврдиш дека си патриот а да му даваш поддршка на политичар кој е во коалиција со Али Ахмети, човек што војуваше против Мекдонија и чии борци вршеа воени злосторства, за кои се амнестирани со гласовите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ?

      Баш ме интересира тоа, зошто мислиш дека е страшно јас да работам во иста фирма со Героски, ама не е страшно ти да гласаш за Груевски другарот на Али. Кој е поголем предавник? Геро или Грујо?

      Ако не те мрзи, ај одговори ми на тоа прашање, оти стварно ме занима какво е чуството да се сметаш за патриот, а да гласаш за човек што им дава амнестија на терористи кои војувале против Македонија и чии водечки луѓе сеуште зборуваат јасвно по интервјуа за Голема Албанија?

      Озбилно бе Драгане, уште од 2001та кога јас бев на браникот на Македонија, немам обичај да им останувам должен на кое-какви ќелепури кои го ставаат под соменавење мојот патриотизам. Јас мојот патриотизам го докажав на фронт кога беше најтешко, каде ти си го докажал својот? Во некој суво-месен комитет кога си пушел за да те вработат во државна фирма со партиска книшка?

      • Зошто избегнуваш да одговориш на прашањето?
        Според тебе во ред е газдата да им сече од плата на работниците затоа што требало да купи џип, нели? Велат, дај му на човек власт и ќе видиш каков е. Тебе ти посакувам никогаш да не станеш газда.

        А за второво прашање, искрено не очекував дека толку ќе пламнеш.
        Но гледам сепак дека совеста работи во тебе. И не, не се сомневам дека не си патриот, знам дека си, и како таков сигурен сум дека ти е тешко да работиш во таа околина.
        Но сепак си попримил нешто, а тоа е чудниот начин на одбрана на своите постапки – обвинувањето и лепењето етикета на вмровец и послушник на Никола Груевски.

        Тотално ист темплејт како коментаторите на скај, инфо+ … Архетип на некој начин.
        Очекував нешто подобро од тебе.

        Досега не сум гласал на избори, од причина што главна религија на партиите им се НАТОизмот и ЕУизмот.
        Еве јас ке те прашам тебе, за кого да гласам, кој е најдобар според тебе?
        Гледам за Грујо не си загреан ко порано што беше, така да ти кажи кој е најдобар.

        Ако направиме ааналогија на тоа како ги сврте своите ставови, 2001 си бил Бранител(патем ти благодарам за тоа), утре може Учка да станеш, или пак најголем поборник за промена на името.
        Важи ли законот за пушење кај Гејро во редакција?
        Цигари мислам, она другото по тебе гледам дека не важи.

        Поздрав.

        333

        03/05/2012 at 21:33

        • Леле, за темплејтот реши да се фатиш?

          Ајде да ја играме така таа игра ако така сакаш.

          Јас лани гласав за Достоинство. Една од причините беше љубовта на Грујо кон учките. Следствено реално ли е утре јас да станам про-учка? Ако сакав да станам тоа, немаше на Грујо да му се наљутам, нели? Утре да има избори, сеуште би гласал за Достоинство.

          Друга причина беше фрлањето стотици милиони за врби, шмизли, капии и барокни палати. Мислам дека тие пари подобро ќе се употребеа за други намени.

          Инаку, во Фокус јас пишував пред Геро да стане таму заменик-уредник. Така да твојата теза околу пушењето не-цигари некако паѓа во вода, нели? Јеби га, не си ти крив што не си доволно паметен. Толкав ти е капацитетот.

          Пишував што сакав, мои идеи. Откако тој стана заменик-уредник продолжив да пишувам што сакам јас, мои идеи, ставови и размисли.

          Значи според тебе, треба да му бидам љут на Геро затоа што – ме остава да пишувам што сакам?

          У право си, како не му е срам да не ми се меша во пишувањето.

          Патем, баш ме занима по кој основ Героски е предавник? Да, има тој идеи со кои не се согласувам јас. Имам јас идеи со кои тој не се согласува.

          Сепак, тој своите ставови ги објавува. Дали ќе биде подобар во твоите очи ако лицемерно лаже и глуми патриот? Не знам за тебе, ама јас хипокрити што ме гледаат в очи и ми кажуват бајки не сакам.

          Онаму каде што искреноста се смета за грев, безгрешни можат да бидат само лицемерите.

          Со оваа мисла те оставам да се чудиш. Оти знам дека ќе ти се види сложена за разбирање. Има премногу зборови, па тоа ќе те буни ваљда.

          Немам никаква желба да дебатирам со тебе. Јас нема да те убедам во моите ставови, ти уште помалку ќе ме убедиш во твоите. Така да, само ќе си ги мериме на кого му е поголем интелектуалниот капацитет. А мојот е поголем, така да не вреди да се трудиш.

          Со други зборови, блог ми е, двор ми е.

          Ако не ти се свиѓа што пишувам, не мораш да читаш. Ако ти се свиѓа – читај. Ако имаш прашање, постави го пристојно.и ќе се обидам да ти одговорам пристојно, Ако не ти се свиѓа одговорот – баш ми е гајле.

          Ова значи дека коментарите кои ќе содржат навреди кон мене или во кои ќе препознаам малициозност, ќе бидат игнорирани во иднина. Ако премногу се лајнарски, ќе бидат и избришани. Така да, биди културен. Ако немаш култура, џабе ќе си го губиш времето тука.

          • Ај пошто ме влечеш за прст.
            цитирам:

            “Патем, баш ме занима по кој основ Героски е предавник?”

            Твои коментари во колумната Експертутки:

            ——————————————————————
            “Видиш, тоа ГЕМ не значело Граѓани за Европска Македонија, туку Гниди за Елиминација на Македонизмот.
            Или Глупави Експертски Морони.

            ОД: НЕНО БОГДАН, 27 ФЕВРУАРИ, 2009 – 22:34”

            Го викнав Героски тука да остави коментар, а тој се навреди…

            Не знае дека токму тоа ми беше намерата

            ОД: НЕНО БОГДАН, 1 МАРТ, 2009 – 01:24
            ——————————————————————–

            Постскриптум:: Нема да ти се лутам ако не го објавиш коментаров…
            Поздрав.

            333

            03/05/2012 at 22:58

            • Но, ете го објавив твојот коментар, па уште една твоја теза паѓа во вода.

              Патем не ми е јасно што сакаш да (до)кажеш со ова што си го копи-пастирал? Дека своевремено сум бил приврзаник на Груевски и дека сум користел навредлив речник кон оние што тој ги прогласувал за непријатели?

              Пууу, бреее, ја откри Америка бре друже.Па во Фокус уште во тоа време (2009та) почнаа да го користат терминот „експертутки“ и тоа со линк до мојот тогашен блог, при што бев пофален како „луциден блогер“. И овој мој колаж беше објавен во Фокус во септември 2009та https://blogatash.files.wordpress.com/2010/01/od-branko-vo-ljubcho-za-15-sliki.jpg

              Можеби ти пречи тоа што дека со тек на време сум ја согледал мојата заслепеност, сум ги коригирал политичките ми определби и сега не се служам со толку навредлив говор? Па и тоа е очигледно, но не гледам што има погрешно во тоа.

              Муабетот ти се сведува значи на одење кај некој човек кој сега има нормална телесна тежина и пристојни гастрономски манири, и ти му вадиш фотографија од пред неколу години кога бил дебел и плус на сликата е прикажан како јаде како свиња, и му викаш „гледај на времето каков си бил!“

              И што треба да ти каже тој освен: „да бев порано дебел и не јадев полека, но држев диета во меѓувреме, па еве ослабнав, плус и у теретана идам, имама многу подобра линија од тогаш и сега јадам како културен човек, полека и со нож и вилушка“

              Очекуваш он да се срами од тој прогрес свој? Бил дебел, јадел како свиња, но сега има витка снага и јаде како господин. Треба ли да се срами од напредокот што го постигнал?

              Тоа ти е целиот концепт на дебатата? Не е некој јак концепт, мораш да признаеш.

              • Зависи како гледаш на работите. Можеби си бил слаб, сега си дебел.
                ЈАс каде што плукам не лижам, и едноставно не можам да ги сватам тие што го прават тоа.
                А признавам дека муабетов не води никаде.

                Зборувавме за самоуправувањето…?

                333

                05/05/2012 at 00:48

  3. Ne se soglasuvam so site primeri, ima malce dupka vo logikata, ama se soglasuvam so poentata koja se krie zad ovoj tekst. Amnestija im dadoa na lugje shto napravile zlostor vrz chovestvoto, a na dolg rok sakame da gradime mir i multietnichka drzava. Osnovata ni e trula za takvo neshto.Kako moze ubici da gradat dolgorochen mir – onie koi go ubija mirot sega da go gradat?

    ZL

    27/05/2012 at 16:38


Напишете коментар