Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ДАЛИ БУШ НАВИСТИНА БЕШЕ „НАЈЛОШИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ ДО СЕГА“?

with one comment

Орелот го брка зајакот. Но, кој го брка орелот?

Сега, откако Американците го избраа наследникот на Џорџ Буш, веројатно би било интересно да се види дали тој навистина беше најлошиот претседател што таа земја го имала досега, или можеби има и некои други – полоши од него – кандидати за таа непрестижна титула. Еве го мојот избор на претседатели на САД кои по мое мислење, направиле многу поголемо зло од Џорџ, било за Америка било за светот:

* текстов е првично објавен на 8ми ноември 2008 на http://blogatash.blog.com.mk/node/191861

1. Andrew Johnson: овој американски претседател кој владеел од 1865 до 1869 година, можеме слободно да го наречеме американскиот Бранко Црвенковски.

Зошто? Па затоа што тој на функцијата претседател на САД го наследил Ејбрахам Линколн кој бил убиен во атентат само неколку недели откако со успех ја завршил Граѓанската војна во Америка. Но, не само поради сличноста со која Б.Ц. кај нас стана претседател, ами и со други работи кои далеку повеќе ги поврзуваат овие двајца злогласни политичари.

Имено, по победата на силите на Северот во војната против Југот, во САД било предвиден да се започне со широка програма за обнова на териториите кои претрпеле разурнувања во борбите, како и да се казнат оние од Југот кои биле водачи на бунтот против федералната влада, но и да се дадат целосни граѓански права на ослободените робови (војната делумно се водела поради барањето на Северот да се укине ропството на црнците во државите од Југот).

И што направил претседателот? Тој наместо да ги казнува поранешните бунтовници, прво ги амнестирал, па потоа направил коалиција во Конгресот со нивните преставници за да може да ги блокира реформите предложени од политичарите од Северот.

Потоа, со нивна помош упорно ги саботирал сите закони и мерки кои предвидувале зголемување на правата на црнците. Конечно, кога веќе премногу ги налутил политичарите кои биле лојални на Северот во времето на војната, тие решиле да поведат постапка за негов импичмент, но тој, за да ја избегне својата одговорност, склучил неприродна коалиција со своите поранешни политички непријатели нудејќи им места во администрацијата, наместени тендери за нивните фирми и амнестија за разни криминални дела кои нивни пријатели ги извршиле.

Сево ова му помогнало да го истурка својот мандат до крај, но кога решил да се врати во својата партија и да бара тие да го номинираат за нов мандат, тие со огромно мнозинство на својата конвенција го одбиле.

Овој претседател бил толку намразен од гласачите што подоцна не можел да обезбеди да го изберат ни во неговата сопствена држава, Тенеси, како обичен конгресмен. Едвај му успеало со поткупи и чудни коалиции да биде избран за сенатор и тој е единствениот американски претседател кој по својот претседателски мандат станал член на Сенатот. Толку неспособен човек, а толку желен за власт – Америка немала видено ни пред него, ни по него.

Заклучок: тој е виновен за тоа што и покрај победата на Северот во Граѓанската војна, победа добиена со стотици илјади жртви, од војната немало ниту една придобивка – небаре за џабе се водела. Црнците не добиле граѓански права, јужните бунтовници биле амнестирани и неговата сопствена партија се откажала од него. За повеќе информации за овој лузер, кликнете на неговото име – истото важи и за другите во листава подолу – тоа е линк кој води до неговата биографија на Wikipedia.

2. Woodrow Wilson: за неговата политичка биографија нема да образложувам премногу затоа што можете да ја прочитате на Wikipedia, само кликнете на неговото име, ама мислам дека треба да објаснам зошто е ставен во листава.

Тој му доаѓа нешто како Буш пред Буш, оти на власт дошол со ветување дека ќе ја држи земјата надвор од бесмислени авантури во надворешната политика (како Буш што ветуваше во 2000 – та година дека нема да бомбардира странски земји како Клинтон што ја бомбардираше Србија), а за време на неговото владеење ја турнал Америка без било каква причина во најголемата војна до тогаш, во Првата светска војна.

Оваа војна не била како Втората, каде што светот војувал против нацизмот, чисто зло кое морало да биде победно, туку била само војна меѓу разните колонијалистички европски сили, кои војувале со едноставен мотив меѓу себе – кој да заграби поголема и побогата колонија за себе, на сметка на другиот.

Америка немала колонии и немала потреба да ги освојува оти имала огромна територијата преполна со природни богатства, но имала и моќни и богати банкари кои за време на првите години од војната во Европа им позајмувале милијарди долари на Франција и Англија, а воедно им продавале и оружје.

Кога во 1917 година поради револуцијата во Русија таа земја излегла од војната, банкарите во САД сфатиле дека војната нема да заврши со победа на било кого, туку веројатно со мировен договор по кој Англија и Франција сигурно ќе одбиеле да ги вратат долговите. Дури и тоа да не се случело така, да прифателе да ги вратат парите, овие земји, поради завршувањето на војната сигурно немало да продолжат со купување на оружје од американските фирми. Затоа, за да се осигураат дека долговите ќе им бидат вратени и дека ќе продолжи продажбата на оружје, моќните американски банкари предводени од пребогатиот J.P. Morgan го „убедиле“ претседателот да ја вовлече Америка во војната на страна на нивните должници Франција и Англија.

Без никаква национална и политичка причина, загинале над сто илјади Американци во таа војна, а поради целосниот пораз на Германија благодарение на американската помош, таа била принудена да потпише понижувачки мировен договор поради кој неколку години подоцна, во Германија на власт дошла нацистичката партија која ја почнала Втората светска војна, со пет пати поголеми жртви и разурнувања од Првата светска војна.

Заклучок: овој претседател бил негативец бидејќи ја вовлекол Америка во глупава и бесмислена војна во која загинале стотина илјади Американци кои ги дале животите за да може американските банкари и производители на оружје да заработат повеќе пари. Благодарение на американската интервенција, Првата светска војна не завршила со мировен договор меѓу исцрпените држави, туку како диктат на победници врз поразени. Со тоа било посеано семето за Втората светска војна.

3. Harry S. Truman: овој американски претседател е значаен по две исклучително лоши работи што ги направил за времето на своето владеење. Првата е што наредил да се фрлат атомските бомби врз Хирошима и Нагасаки, а втората е неговата Труманова доктрина, според која Америка за да го запре ширењето на комунизмот била задолжена да ги подржува сите антикомунистички сили во светот, па вклучително и оние кои не биле ни малку демократски. Било битно само да се борат против комунисти, а токму поради таа доктрина за време на граѓанската војна во Грција во 1949 година, македонските борци во редовите на ДАГ биле бомбардирани со бомби произведени во САД.

Прво за атомските бомби: во 1945 година веќе било јасно дека Јапонија ќе ја изгуби војната против САД и дека било прашање на месеци кога таа земја ќе капитулира. Но, овој претседател, во желба да го тестира новото оружје кое го развиле американските воени научници – атомската бомба, како и да ги исплаши Русите со практична демонстрација на својата воена сила и безмилосност, решил да бидат фрлени двете атомски бомби врз два големи града во Јапонија.

Биле избрани Хирошима и Нагасаки, градови не многу стратегиски битни, оти немале некоја развиена воена индустрија која би било паметно да се уништи ниту пак имало големи воени сили стационирани во нив. Едноставно, тие биле доволно големи и полни со цивилно население и доволно незаштитени – оти немало воена индустрија и армија во нив – за да бидат безбедно (безбедно за американските авиони, а не за цивилите во тие градови) бомбардирани. Стотици илјади невини луѓе биле убиени, а последиците од радијацијата биле чуствувани со децении по војната.

Интересна работа со овој претседател е што слично на Буш кој во 2003 – та почна војна во Ирак и во 2004 – та беше повторно избран за претседател, така и Труман, во 1945 година наредил да се фрлат атомските бомби врз Хирошима и Нагасаки, а во 1948 година пак победил на изборите за претседател. Очигледно на Американците не им пречи кога нивниот претседател масакрира невини луѓе во странство, сѐ додека не ги изнервира на домашен терен, во економијата или во некој секс – скандал.

Вториот грев на овој претседател е неговата посветеност на бескомпромисна борба против комунизмот и против било што поврзано со таа идеологија. Тој ја создал ЦИА и ѝ дал одврзани раце и полн буџет за да може во земјите од Европа и Латинска Америка и подоцна и Африка и Азија да спроведува тајна војна против левичарските политичари, подржувајќи ги нивните политички противници, без оглед на нивната посветеност на демократијата и човековите права.

Десетици државни удари, десетици наместени избори, десетици економски блокади ширум светот биле организирани од администрацијата на овој претседател за да се спречи ширењето на комунизмот.

Токму под тој изговор, грчките монархофашисти во втората половина на ’40 – ите години од минатиот век, побарале и добиле обилна воена помош од САД во облик на модерно оружје и муниција, со кои можеле да ги победат полесно грчките комунисти и нивните сојузници, македонските партизани.

Заклучок: тој е негативец на светско ниво бидејќи наредил да се употреби нуклеарно оружје против недолжните цивили во Хирошима и Нагасаки, но и негативец за нас, Македонците бидејќи благодарение на неговaта помош кон грчките националисти, Македонците биле поразени и протерани од Егејска Македонија.

4. Lyndon B. Johnson: овој претседател е негативец во светската историја по тоа што наредил американските воени советници во Виетнам да бидат засилени со директно воено присуство, чин со кој била дефакто вовлечена Америка во Виетнамската војна.

Таа војна била внатрешна – граѓанска војна во самиот Виетнам, помеѓу комунистичкиот Север, и Југот предводен од група на виетнамски генерали и богаташи, кои биле темелно корумпирани и омразени од сопствениот народ.

Сепак, Џонсон сметал за водачите на Јужен Виетнам дека „иако се кучкини синови, тие се наши кучкини синови“ па сторил сѐ за да им помогне во нивната војна со Северен Виетнам. Биле испратени стотици илјади американски војници, со најсовремено оружје, авиони, хеликоптери, биле употребувани најбрутални методи и стратегии за уништување на комунистичките герилци, села и градови биле збришувани од лицето на земјата, но – за џабе!

И покрај сите напори на САД да го победат Северен Виетнам, виетнамската војна била загубена. Последиците од неа биле ужасни, не само за Виетнамскиот народ (загинале три милиони луѓе, а исто толку биле осакатени) туку и за самите Американци, чии загуби биле околу 58.000 загинати војници, многу повеќе физички, и неброено многу повеќе психички осакатени луѓе. Со децении по крајот на војната, низ Америка трауматизираните ветерани ќе предизвикуваат проблеми со дрога, криминал и други форми на асоцијално однесување.

Како тоа да не било доволно, на внатрешен план администрацијата на овој претседател ја оштетила Америка за децении нанапред со проширувањето на програмите за социјална помош со што милиони луѓе добиле наместо шанса да се стекнат со подобро образование кое ќе им помогне да застанат на свои нозе, само поголема социјална помош и бесплатни станови од државата, поради што најголемиот дел од нив сфатиле дека нема потреба да работат за да преживеат.

Оваа реформа била направена само за да се добијат повеќе гласачи за партијата на Џонсон (чиј рејтинг бил тешко оштетен поради војната во Виетнам) но на долг рок овие „реформи“ придонеле да се зацементира на дното една голема класа од вечно сиромашни луѓе.

Заклучок: овој претседател е полош од сегашниот, Џорџ Буш, оти ја вовлекол Америка во Виетнамската војна, во која загинале милиони Виетнамци и десетици илјади Американци. Како капак на тоа, токму во времето на неговото претседателствување, Америка била потресена од многубројни политички атентати врз луѓе како Роберт Кенеди и Мартин Лутер Кинг. А и самиот тој дошол на власт по атентатот врз претседателот Џон Кенеди.

5. Richard Nixon: е овој претседател можеме да го нaречеме Обама пред Обама оти тој успеал да го победи својот противкандидат (од партијата на Џонсон) со едно единствено ветување – дека ќе стави крај на војната во Виетнам, и ќе ги повлече американските војници од таа земја. Исто како што сега Обама ги доби изборите против кандидатот од партијата која ја вовлече Америка во ирачката војна, така и Никсон победил и – ако мојата прогноза е точна – токму исто како Никсон ќе заврши и Обама.

Никсон, веднаш штом станал претседател, наместо да нареди да се започне со подготовки за повлекување од Виетнам, тој сторил сѐ за да се оствари победа. И за таа цел, наредил американски воени авиони да почнат да ја бомбардираат територијата на Лаос и Камбоџа, две соседни држави на Виетнам, за кои имало разузнавачки показатели дека биле подржувачи на герилците.

Така некако се зборува и за војната во Ирак, дека Иран и Сирија ги подржуваат герилците во Ирак против Американците. Никсон сметал дека ако ги уништи базите на герилците во Камбоџа и Лаос, дека со тоа ќе ги порази и во Виетнам, но бомбардирањето на тие земји придонело само кон стотици илјади убиени цивили и апсолутно никаква корист за американската армија во Виетнам.

Стратегијата се покажала толку промашена, што кон крајот на својот прв мандат Никсон бил принуден да потпише мировен договор со Северен Виетнам со што американските сили почнале да се повлекуваат од таа земја. Само две години по потпишувањето на тој договор, Јужен Виетнам оставен сам на себе, ја изгубил војната. Снимките на американски хеликоптери како ги фрлаат во море од носачите на авиони во водите покрај брегот на Виетнам и до ден денешен се антологиски за еден пораз во една војна на една голема светска сила.

Заклучок: овој претседател е негативец, и тоа поголем од Буш затоа што ги излажал своите гласачи, и ветувајќи им дека ќе ја запре војната во Виетнам тој напротив – ја проширил, бомбардирајќи две соседни држави на таа земја, при што биле убиени стотици илјади цивили. Поради незадоволството на Камбоџанците од сојузништвото на нивната тогашна влада со САД, на власт во Камбоџа дошле радикалните комунисти познати како Црвени Кмери под водство на Пол Пот, чиј режим ќе биде одговорен за над два милиони масакрирани Камбоџанци, убиени во име на социјалистичката револуција во таа земја.

Како ова да не било доволно, на внатрешен план, Никсон е до сега единствениот американски претседател кој бил принуден да даде оставка од функцијата, поради неговата вмешаност во скандалот со прислушнување на опозицијата (види Watergate).

Barack Obama? е сега, не знаеме никој што ќе се случува за време на неговиот мандат кој формално, ќе започне на 21 јануари наредната година, но веќе може да се насетат некои од предизвиците на кои тој тешко дека ќе може да одговори, ако се има во предвид неговото неискуство и особено надежите што кон него ги имаат неговите гласачи.

Како што тоа редовно се случува во политиката во било која земја, тој успеа да победи не затоа што народот гласаше за него, туку затоа што гласаше против неговиот претходник, за продолжувач на чија политика неправедно се сметаше противкандидатот на Обама.

Затоа, многу луѓе сега се надеваат дека Барак Обама ќе биде човекот кој ќе направи чуда во политиката, ама за беља, во политиката многу ретко се случуваат чуда.

Набрзо тој ќе мора да се соочи со вистинските проблеми кои не може да се решат со инспиративни говори и величествена реторика. Финансиската криза која го зафати светот е предизвик доволен сам по себе за да уништи било чија политичка кариера, а не помалку се предизвици за новиот американски претседател и недовршените војни во Ирак и Афганистан.

Обама вети дека ќе ги повлече американските војници од Ирак, но што ќе се случи потоа во таа земја? Сигурно, бидејќи домашните бунтовници таму не се поразени, ќе дојде до граѓанска војна меѓу сегашните фракции на Сунитите, Шиитите и Курдите и таа војна, кога нема да има Американци да ги разделуваат трите етноси и десетиците бунтовнички групи, ќе биде исклучително крвава и брутална.

Обама вети дека ќе ги засили американските сили во Афганистан со цел да биде фатен Бин Ладен и уништена неговата терористичка армија и Талибанците, но ако се земе во предвид дека таа земја се граничи со Иран и Пакистан, и двете држави каде што американското влијание е речиси никакво или ако го има тоа е во драматичен пад, тешко дека тоа ветување ќе биде остварено.

Колку и да е посветен на градењето на мир во светот и соработка и дијалог со сите досегашни противници, Обама ќе мора да започне војна со Иран за да го спречи атомското вооружување на таа земја. А поради падот на цените на нафтата на светските берзи, некои влијателни фактори (Русија?) сега немаат друг избор освен да со помош на Иран ги засилат тензиите во глобалната политика, со што цените на нафтата, од која буквално живее Русија ќе се зголемат пак. Следствено, можеме да очекуваме поширока нуклеарна соработка меѓу Иран и Русија, со што нема да може да биде избегната конфронтацијата меѓу САД и Иран.

Што се однесува до нашите односи со Грција, јас многу не би се секирал околу изборот на Обама. Може да се случи САД да го променат решението за признавање на нашата земја како Македонија и да ја користат пак референцата FYROM ама тоа не е толку страшно и ќе можеме да го преживееме тоа до 2012 година кога Обама веројатно, откако ќе ги разочара сите свои сегашни гласачи, ќе падне од власт и пак ќе се вратат во Белата куќа Републиканците.

Тоа што во предизборната кампања Обама им се додворуваше на грчките лобисти во САД и не мора сега да се преслика во надворешната политика. Сепак, не мафта никогаш опашката со кучето, ами редовно, кучето со опашката.

Што ќе биде со новиот претседател на САД не знам јас и никој не знае, бидејќи иднината е скриена од сите и никој не може да ја знае со сигурност. Но, како се наредени картите во светот, новиот американски претседател го чекаат тешки искушенија и можности да направи големи грешки. По мое мислење, овој човек брзо ќе ги разочара своите подржувачи, како што впрочем сите харизматични политичари тоа секогаш низ историјата го направиле. Останува да се надеваме дека нема да направи нешто поради кое ние Македонците ќе страдаме.

Но, и да направи такво нешто, ова не е светот каков што беше досега. Времето кога САД беа единствената светска сила помина и за многу децении во иднината нема да се врати. На нас останува да градиме позитивни односи со сите кои можат да бидат наши сојузници и помагачи.

Јас мислам дека Обама наскоро ќе ја оплеска работата, но искрено се надевам дека ние нема да ја оплескаме нашата работа. Оти, Американците можат да си изберат и друг претседател, ама ние друга држава не можеме да избереме.

П.С: Кога веќе зборуваме за Америка и Американците, ви го препорачувам (ако ви се допадна денешната моја колумна) мојот неодамнешен пост со наслов „Ќе пропадне ли Америка?“, а ако ви се чини тоа како премногу политички наслов, за релаксација погледнете го моето убаво, мало, интересно постче со интересна идеја содржана во неговиот наслов кој гласи: „Пет причини за воведување на бејзбол во Македонија

Written by nenobogdan

06/01/2010 at 19:34

One Response

Subscribe to comments with RSS.

  1. mojata prognoza e tocna hha ama ti si mnogu glup za da davas prognozi I ti si eden od vojskata platenicinja vo makedonija za zal od takvite kako tebe otidovme u kurax

    zena ti

    28/01/2015 at 00:31


Напишете коментар