Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

Posts Tagged ‘опсервација

♦ KAKO TPEБA ДA CE ЧИTAAT MИTOBИTE

with 2 comments

Човекот на сликава која е дел од античка ваза изгледа како во раката да држи лаптоп, што или е доказ за патување низ времето, или пак (што е далеку пореално) е само илустрација на некој антички ученик како фаќа прибелешки на направа која се вика „восочни таблици“ и која била прилично проста технологија. Евидентно, она што го гледаме многу зависи од тоа што сакаме или не сакаме да видиме. Така некако е и со многу древни митови, кои што може да се читаат на многу начини, и од нив да се црпат најразлични поуки, некои валидни не само за антиката кога се создадени, туку и сите времиња воопшто.

1. Вавилонската кула: митот за Вавилонската кула е општопознат, бидејќи е споменат во Стариот завет, кој преку неговото значење за развојот на христијанската религија е извор за еден куп легенди, митови и архетипови што се нераскинлив дел од целата западна цивилизација.

Дотичниот мит, во кратки црти вели дека во древната метропола Вавилон, кога тој град станал многу моќен и влијателен центар на силна империја, тамошните главатари ги обзела тешка ароганција, па умислувајќи си дека после земјата се спремни и небото да го освојат, одлучиле да изградат една екстремно висока кула. Но Бог, сакајќи да ги казни Вавилонците за нивната вообразеност, ги спречил во нивните планови.

Бидејќи кулата била сеуште во процес на изградба, тој повлијаел врз умовите на градителите, кои сите почнале да зборуваат одеднаш на сосема различни јазици (пред тоа збореле сите на ист јазик) и бидејќи никако не можеле да се разберат во новонастанатата ситуација, градбата на кулата престанала и со тоа на водачите на Вавилон им било покажано до каде е границата на човечката способност.

Поуката од овој мит долго време се сметаше дека е чисто етиолошка, т.е. објаснување за тоа како настанала некоја појава, во случајов различните јазици. Друг агол од кој може да се анализира митот за Кулата Вавилонска е дека тоа е предупредување за луѓето да не се замислуваат дека се многу моќни и да не го предизвикуваат Бог, т.е. дека ароганцијата не е само грешка, туку е и грев кој нема да остане неказнет.

Но, мое мислење е дека длабоко во легендата има и една друга, попрактична порака. Имено, ако според митот, Бог сакал да го спречи градењето на кулата, тој можел само да предизвика земјотрес или поплава, но тој тоа не го сторил, туку големиот проект кој требало да ги надминува сите други градби до тогаш создадени од луѓето, бил упропастен затоа што неговите градители престанале да се разбираат меѓусебно.

Тоа е концепт што објаснува, меѓу другите работи, и зошто ниту една револуција не ги остварила очекувањата на револуционерите, и зошто после секоја голема побуна оние кои се бунеле најжестоко бидуваат редовно разочарани од резултатите, а често избиваат и жестоки конфликти меѓу довчерашните соборци.

Тоа е затоа што секоја револуција е голем чин, огромен процес (налик на градбата на Вавилонската кула), која секогаш привлекува луѓе со разнородни, често и меѓусебно спротиставени мотиви. Некои сакаат со револуцијата да се промени светот од темели, други сакаат само својата материјална положба да ја подобрат, трети се вклучуваат само за да можат да крадат и убиваат неказнето во целиот хаос, четврти се шпиони инфилтрирани од разни центри на моќ, петти се подеднакво зли како оној против кого се кренала револуцијата и тие само сакаат да добијат шанса да се одмаздат за претрпените неправди со вршење нови неправди, итн.

Многу мотиви, многу побуди, многу визии за тоа што ќе се случува после победата, а сепак револуцијата не може да испадне и црна и бела истовремено, и златна и дрвена одеднаш. И затоа, како и во Вавилонската кула, така и во сите големи движења и проекти, настануваат спорови меѓу учесниците. Кои може да ескалираат до тој степен што проектот ќе биде предвреме прекинат и ќе заврши со тотален неуспех.

Митот за кулата од Вавилон е предупредување, ама не толку за тоа да не се биде арогантен, туку да се имаат јасни планови околу кои луѓето што ќе се обединат ќе бидат сложни. Премногу магловита цел, премногу недефирани методи на делување, премногу распашана кадровска политика, и тоа е рецепт за внатрешен раздор во редовите на организацијата која се создала да изведе нешто големо.

Ако уште на самиот почеток се дефинира што е што и кој е кој и зошто е зошто, потоа не само што ќе се намали потенцијалот за појава на несогласувања, туку и „кулата“ сама ќе се гради, штом секој знае што треба да прави и нема потреба постојано да се консултира со другите. Чиста сметка – долга љубов, вели поговорката, која воопштена гласи: „јасен план – загарантиран успех“.

2. Нишката на Аријадне: сите знаеме како најлесно може да се најде патот низ некој замрсен лавиринт. Имено, бидејќи има еден куп ходници и еден куп крстосници, и сите тие изгледаат исто, можно е постојано да се вртиме во круг составен од истите ходници низ кои веќе сто пати сме поминале, па затоа е потребно да имаме начин да ги означиме оние места низ кои сме прошле, за да не поминуваме пак низ нив.

Во митот за Минотаурот, кој бил чудовиште затворено во еден сложен лавиринт, јунакот кој влегол во лавиринтот со цел да го најде и убие ѕверот, успеал да не се загуби низ безбројните ходници и да не губи енергија вртејќи се во круг, благодарение на едно клопче волна кое му го дала принцезата Аријадне, и од тоа клопче, од неговата нишка, потекнува изразот „нишката на Аријадне“.

Принцезата го советувала јунакот како што ќе чекори низ ходниците на лавиринтот, да го расплетува зад себе клопчето, па ако наиде пак на ходник каде има конец, да знае дека таму веќе поминал и да бара друг, непоминат до тогаш пат. Со помош на нишката на Аријадне, јунакот бил успешен при пронаоѓањето и убивањето на Минотаурот.

Нишката на Аријадне ја симболизира пред сѐ потреба да се учи од историјата, од своите и од туѓите грешки. За да не се повторуваат постојано истите глупости и заблуди одново и одново. Затоа е неопходно во политиката и во бизнисот, да се знае добро историјата и таа да се разбира темелно.

Но, тоа се покажува постојано како преголем предизвик во многу случаи. Оти, сведоци сме дека некои грешки постојано се повторуваат, па дури и кога луѓето се свесни дека прават исто како што правел некој друг што пропаднал, тие продолжуваат цврсто да чекорат по тој погрешен пат.

Има безброј теории кои се обидуваат да одговорат на прашањето „зошто е толку тешко да се учи од историјата“ но според мене станува збор за неспособноста на луѓето да се погледнат себеси објективно т.е. да сфатат дека нема некоја суштинска разлика меѓу тоа што самите го прават и тоа што другите го правеле пред нив. Од таму, ако на некого што прави грешка му се посочи дека и пред него некој друг истото нешто го направил и тоа се покажало за погрешно, тој ќе одговори: „да, ама тој не бил како мене, јас сум сосема поинаков“. Т.е. она што за другиот било погрешен потег, сега за овој е правилен потег?!

Неспособноста на секоја актуелна генерација да се препознае себеси во претходните генерации е основниот фактор што тера до неизвлекување поуки од историјата. Убеденоста дека „сега е поинаку“, и дека „ние не сме како нив“ мнозина ги довела до катастрофа.

Животот е лавиринт, и во него е речиси невозможно да се најде правиот пат ако се оди на слепо, без да се погледне каде веќе сме поминале, и кои грешки сме ги направиле. Затоа ни е потребна нишката на Аријадне како метафора, нишка која за наша среќа, пред нас и многу други генерации ја послале, кога и тие минувале низ истите ходници од истиот лавиринт.

Ајнштајн, размислувајќи за вселената и за човечката глупост, заклучил дека иако космосот можеби има крај, будалаштината на луѓето сепак е неограничена. Но, Ајнштајн само делумно бил во право. Оти, глупоста е бескрајна во смисла дека е како патека која има кружен облик и дека ако постојано одиме по таквата патека, никогаш нема да ѝ го најдеме крајот, оти крајот на секој круг истовремено е и негов почеток.

Глупоста е бескрајна само затоа што ние не учиме од грешките. Ако цврсто одлучиме не ги повторуваме грешките што сме ги направиле ние или другите луѓе, ќе излеземе од кругот кој нема крај и конечно ќе тргнеме по правиот пат.

3. Хераклес против синот на Геа: според митологијата на древните Грци, во еден зафрлен предел на Либија живеел некој џин кој бил син на Геа, божицата на земјата, и кој што џин се викал Антаеус и кој  што бил многу крвожеден, и по таа основа исклучитлено штетен за луѓето кои ја имале таа несреќа да се најдат на удар на неговите напади. Затоа, јунакот Хераклес, кој бил син на богот Зевс, наумил да отиде кај џинот и да го убие, и со тоа да го спаси човештвото од тој напасник.

Е арно ама, џинот се покажал како тврд орев, дури и за силниот Хераклес. Секогаш кога синот на врховниот бог ќе го треснел на земја џинот, џиновата мајка (божицата Геа) му давала нова сила, и така тој пак се исправал и борбата продолжувала. Иако Хераклес бил многу силен, и сто пати го соборил на тло монструмот, тој со секое паѓање добивал обнова на моќта штом ќе ја допрел земјата, па во еден миг конечно Хераклес сфатил дека така само си го губи времето.

Затоа, со цел еднаш за секогаш да ѝ стави крај на борбата, и сфаќајќи дека својата сила џинот ја црпи од земјата, со која владеела неговата мајка Геа, Хераклес го зграпчил за врат Антаеус и го кренал во воздух, и така го држел одвоен од земјата сѐ додека овој не испуштил душа.

Поуката од овој минорен мит, кој дури и не е еден од дванаесетте главни митови за Хераклес, е дека некои работи е невозможно да се поразат без да се одвојат од изворот на нивната сила и моќ.

Уште старите Грци црпеле поука од митов, кога на пример во војната против Персијците кои ја нападнале нивната земја, прво ги уништиле персиските бродови на кои се носела сета храна и резервна опрема за огромната персиска армија, а потоа лесно се справиле на копно со изгладнетите и деморализирани напаѓачи.

Античките Македонци исто така знаеле која е поуката од наведниот мит, па Александар Велики (кој самиот се сметал за потомок на Хераклес) ја поразил моќната персиска флота не со директна конфронтација на море, туку со заземање на сите пристаништа на азискиот брег. Штом флотата на непријателот останала без пристаништа, таа немала од каде да се снабдува, па се распрснала како меур од сапуница без да направи некоја посериозна штета на македонскиот воен поход.

Во најново време, кога некоја власт сака да ги контролира медиумите, таа не се обидува да ги нападне директно, туку се концентрира врз преземање на изворите на финансирање на медиумот. Или ќе стане самата влада главен огласувач во нив, со што ќе ја купи наклонетоста на газдата на медиумот, или преку закани и прекумерни инспекции од сите надлежни и ненадлежни служби ќе ги принуди комерцијалните огласувачи да престанат да се рекламираат во проскрибираниот медиум. И така, опозциониот медиум навидум не е ни чепнат од страна на власта, но тој мора, поради ударот врз неговите извори на финансии, да почне да слуша наредби.

А тоа е стратегија стара колку што се стари и митовите. Практично, постара од пишаната историја. И како што сме свесни сите, и како што покажуваат и актуелните примери, сеуште таа функционира сосема успешно.

.

П.С: Требаше уште пред десет дена да ја објавам колумнава, ама поради објективни причини не стасав. За празникот пак сакав колумната со наслов „Празнични борби“ да ја објавам, ама од истите причини и нејзе не стасав да ја напишам на време. Но, не гледам зошто утревечер не би ја објавил. Така да, очекувајте ја.

До утре (понеделник) во истово време на истиов блог, поздрав 😉

♦ 3ATBOPEH JA3ИК, 3ATBOPEH УМ

with 8 comments

Очигледно, одлуката на волците да го изедат јагнето е сосема во согласност со демократските норми, бидејќи е донесена со три-четвртинско мнозинство. Демократијата како збор во случајов за волците има многу позитивно значење, ама за јагнето има многу негативно значење

Ако се земе предвид колку време минуваме секој ден во зборување, во читање, во пишување, или накусо „во користење на јазикот“ (при што под „јазик“ се подразбира начинот за комуникација, а не истоимениот орган) би требало да се очекува да бидеме апсолутно свесни за сите негови особини, контексти и конотации. Би требало, ама не сме, оти јазикот толку често го користиме, што го земаме здраво за готово без воопшто да размислуваме за неговите финеси. Па еве неколку работи за размислување во врска со јазикот:

1. Речникот се прави според јазикот, а не обратно: колку често ви се случило во разговор да употребите збор за кој потоа соговорникот ве предупредил дека тој не е македонски збор и дека не треба да се користите со странски зборови толку често, барем не пред да размислите кој е соодветниот наш збор?

Убаво звучи тоа „наш збор“ ама малкумина се тие што воопшто знаат кои зборови се наши и зошто некои зборови не се наши. Земете два општопознати и контроверзни примери, зборовите „велики“ и зборот „сериозно“.

Има луѓе кои со сиот памет Александар Македонски го ословуваат како Александар Големиот, оти сметаат дека „велики“ е чист србизам. Слично, за таквите луѓе, немаме ние никаква Велика Британија, туку треба да станува збор за Голема Британија. А се разбира, им пречи и Велигден. И тоа е сѐ засновано врз заблудата дека зборот „велики“ не е македонски. Но чиј е?

Ако тој збор е навистина србизам, дали значи дека и Бугарите се србомани со нивниот град што се вика Велико Трново? Или можеби сите други словенски јазици трпеле влијанија од српскиот јазик. Дали треба во насока на десрбизација на нивните јазици Украинците да не ја користат титулата Великий князь, Белорусите титулата Вялíкі князь, Чесите титулата Velkokníže и Полјаците титулата Wielki książę?

Значи „велики“ не е српски, туку е општословенски, значи и македонски. Слично е и со зборот „сериозно“ кој има луѓе кои го сметаат за помакедонски збор од зборот „озбилно“ кој наводно бил србизам што треба да се избегнува. Бидејќи и во речникот на литературниот ни јазик го има зборот „сериозно“ ама го нема зборот „озбилно“.

Речникот не е ништо друго освен обична мапа на јазикот, и тој ја опишува само состојбата на вокабуларот на еден народ во даден историски миг. Колку што е глупаво да се тврди дека некој нов пат или нова пруга или ново вештачко езеро не постојат на македонска територија само затоа што ги нема на некоја карта која е направена пред 50 години, толку е глупаво и да се тврди дека некој збор не е македонски само затоа што го нема во речникот изработен пред неколку децении.

Така што за да се види дали некој збор е македонски или не, треба да се оди во неговиот корен. Кој би бил коренот на зборот „сериозно“? Што прави човек што е сериозен? Каква е ситуацијата која е сериозна?

Зборот „сериозно“ има корен само во латинскиот јазик и по таа логика не би требало да има предност пред зборот „озбилно“ кој има корен во македонскиот јазик и во сите словенски јазици впрочем. Озбилно е она што се збило, а се збило она што било, а пак бил, била, биле се помошни глаголи за минато свршено време во нашиот јазик. Хрватите велат „збиља“ за нешто што навистина се случило, или се „збило“. Така што најозбилно треба да се престане со предрасудата дека тоа е србизам, само затоа што некому на времето не му текнало да го стави во речникот на македонскиот литературен јазик.

И на слична тема: зошто е правилно да се пишува „сѐ уште“ наместо „сеуште“ а не е правилно да се пишува „сѐ каде“ наместо „секаде“ и „сѐ кој“ наместо „секој“ како и „сѐ когаш“ наместо „секогаш“? Која е логиката?

Затоа што така рекол Блаже Конески?! Убаво ако така рекол описменувачот на овој народ. Само, кој го описменил па него?

2. Зошто пишуваме на српско-хрватски кога пишуваме на англиски: обидете се македонските имиња Гоце, Јане и Зорица да ги напишете на англиски. Сигурно би пишале Goce, Jane и Zorica.

И никому не му текнува дека така се пишуваат тие имиња на српско-хрватска латиница, а не на англиска латиница. Оти, тие така напишани имиња секој Англичанец ќе ги прочита како Гоус, Џејн и Зорика. Името Маре делува посебно глупаво напишано на англиски според српско-хрватскиот модел, оти се пишува Mare што секој „енглез“ би го изговорил како Ме’р што буквално значи „кобила“.

На англиски буквата „J“ се чита секогаш како „џ“ па редовно на секој англо-амеро-австралиец треба да му се објаснува дека „Skopje“ не е Скопџе туку е Скоупје. Зошто кога пишуваме на англиски пишуваме со српско-хрватска латиница не е јасно. Зошто не пишуваме Skopye? Така, секој што го говори англискиот како мајчин јазик ќе знае дека нашиот главен град се вика Скопје.

Истото треба да се направи и со Gotse, Yane, Zoritsa и Ivitsа како и со Maritsa и со Yonche и со Sasho, иако на ваквиот предлог многумина би рекле дека не е правилен. И навистина, препорачаната транскрипција на нашата кирилица на англиски е според српско-хрватската латиница, а не според англиската латиница. Зошто е такво глупаво правило прифатено?

Затоа што сме биле седум децении колонија на Белград.

Иако во политичка смисла тоа (наводно) не сме веќе подолго време, во лингвистичка смисла уште сме. Англискиот дипломат со презиме Owen кое се чита како Оуен ние во раните деведесети го изговаравме како Овен, па имаше многу мајтапи со тоа презиме. Во англискиот јазик буквата „w“ секогаш се изговара како „у“ па затоа William и Wales, би било логично да ги пишуваме за да бидат поблиску од оригиналниот изговор во јазикот од кој доаѓаат како Уилиам и Уејлс.

Повторно, главна замерка тука е дека тоа е против правилата на македонскиот јазик. Точно, ама тие правила се донесени од луѓе кои биле полтрони на комунистичката власт која немала никаков демократски легитимитет, па зошто тогаш би ги кревале на пиедестал на свети и безгрешни догми таквите правила? Особено кога знаеме дека едноставно не се безгрешни туку се со суштински дефекти.

И затоа, наредниот пат, ако треба на англиски да напишете нешто за човек што се вика Славе, не чудете се кога на Англичанецот или Американецот што ќе го чита тоа писание ќе му се стори дека станува за збор за некој роб (слејв). Можеби најубаво би било да го пишете името на латиница не на српско-хрватски начин (Slave) туку на англиски начин (Slavѐ или барем Slaave или Slaveh).

Логиката е многу лесна за паметење. Кога пишуваш на српско-хрватски, пишувај на српско-хрватски. Ама кога пишуваш на англиски, пишувај на англиски.

3. Хомоними за кои не сме свесни: јазик не е само збир на зборови, туку и збир на општоприфатени значења што секој збор го има. Со други зборови, можеме да зборуваме различни јазици или кога користиме различни зборови, или кога користиме исти зборови, но со различно значење.

На пример, зборот „девица“ има две можни значења во нашиот јазик. Првото е зодијачкото, и означува личност родена во последната третина од месецот август и првите две третини на месецот септември (точните дати варираат, во зависност од тој од кој дневен весник го читате хороскопот). Второто значење на зборот „девица“ е девојка која сеуште немала сексуални односи со маж. Очигледно, иако се користи сосема истиот збор, тој има сосема различно значење во двата случаи.

Сличен збор е зборот „сирена“ што може да означува или митолошко суштество кое е пола риба – пола девојка, или онаа направа за давање на звучен сигнал која ја има во секој автомобил.

Но, не се само таквите зборови двосмислени. Погледнете ги зборовите како „капитализам“, „демократија“, „фашизам“, „социјализам“ или фразите од типот на „во интерес на Македонија“, „социјална правда“ и „светски тренд“ и сличните ним, кои се редовно предмет на дебатирање или се употребуваат обилно во дебатите за да се докаже исправноста на својата гледна точка.

Во некоја дебата едната страна ќе рече дека „ние мораме да го смениме името оти тоа е единствен начин да влеземе во ЕУ и НАТО, значи дека во интерес на Македонија е да го смениме името“. А другата страна ќе рече „во интерес на Македонија е да биде сочуван националниот идентитет и човечкото достоинство на Македонците како народ, и затоа не смее да дојде до промена на името, оти тоа е против интересите на Македонија“.

Очигледно, за едната страна „предавник“ е оној политичар што ќе го жртвува нашето интегрирање во евроатлантските институции, (иако ќе го зачува името и идентитетот), а за другата страна „предавник“ е оној политичар кој што ќе го смени името (иако ќе ја внесе државата во НАТО).

Која е смислата тогаш да се дебатира дали некој е предавник или дали работи за или против националниот интерес, кога уште не сме го дефинирале точното и недвосмислено значење на термините „предавник“ и „национален интерес“?

Има ли смисла дебатата дали некоја девојка е девица, ако оној кој вели дека е девица докажува дека таа е родена на петти септември, а другиот кој вели дека не е девица покажува снимка од нејзиното водење љубов со некој маж?

Кога при дебатите користиме сосема исти фрази и зборови, но ги разбираме сосема различно, па дури и со сосема спротивно значење, тоа значи дека практично зборуваме на два сосема различни јазици. Има ли смисла дебатата тогаш?

Очигледно нема. Затоа што првин треба да се води дебата после која ќе се знае кој збор што значи точно, и што никогаш и никаде не означува тој збор. Ама, како да се води дебата околу значењето на зборовите кога и таа дебата ќе мора да се води со употреба на зборови со многукратно и дури и контрадикторно значење?

Тоа е пример на раселов парадокс кој лежи во суштината на секој спор. Ако зборовите се алатки за наоѓање на смислата на идеите и ако тие алатки се искривени, со кои алатки да ги поправиме зборовите ако тие не ја пренесуваат верно смислата на идеите?

Кој да го лечи лекарот кој додека е болен не може да лечи никого, следствено ни самиот себе? Да викнеме друг лекар?

Во сферата на јазикот и значењето на зборовите, тоа значи дека ни се потребни нови зборови за да ги допрецизираме сите идеи кои сега нѐ збунуваат бидејќи имаме многу случаи на два меѓусебно спротиставени концепти кои окупираат еден ист збор.

Од таму, многу збунетост би исчезнала, ако само ја отфрлиме предрасудата дека јазикот треба да биде затворен и дека не треба да се примаат нови зборови во него. Оти јазикот пред сѐ е алатка на умот. И каде што јазикот е затворен, и умот брзо се затвора. А умот е како падобран. Ако не е отворен, тогаш е бескорисен.

.

П.С: Од нова година па наваму, имаше точно 11 четвртоци за кои сум најавил да објавам по една колумна. Заклучно со оваа што сега ја исчитавте, има точно од нова година па наваму објавено 11 колумни. Значи, сите оние термини што беа пропуштени со денешнава колумна се надополнети. Од таму, блогов е сега подготвен да продолжи со старото темпо на редовно објавување на по една колумна во редовниот термин, секој четврток.

И затоа до четврток, кога на блогов ќе биде објавена колумната „Кога хероите се реформатори“, останете поздравени 😉 

♦ ДOCETЛИB ПИШTOЛЏИJA

leave a comment »

Погледнете го војникот на сликава. Иако на сите ни е јасно дека дупките од куршуми во неговиот шлем не се направени додека тој го носел на главата шлемот, сепак на шега тој може да се фали и дека иако истрелите го пробиле металот, тие сепак не успеале да ја пробијат и неговата очигледно многу потврда глава. Сличен концепт на овој е досетката за „досетливиот пиштолџија која пак има свои не толку очигледни паралели и во некои други, пореални сфери на живеењето. Од пророштвата на Нострадамус преку почетничката среќа која ги напуштила закоравените коцкари до „непогрешливоста“ на експертите.

1. Во што се состои досетката на досетливиот пиштолџија: според приказната, еден пиштолџија во Тексас еднаш ги наполнил своите два револвера со по шест куршуми во секој и кон еден голем лист хартија закачен на ѕид ја испукал целата таа дузина истрели. И потоа пукал уште една тура, и уште една тура. Значи вкупно истрелал 36 куршуми кон листот закачен на ѕидот.

Некои од истрелите сосема го промашиле листот (иако бил голем, сепак пиштолџијата не бил претерано прецизен), некои го промашиле и целиот ѕид, ама шест куршуми сепак направиле дупчиња во едно релативно мало поле околу листот хартија.

Тогаш, пиштолџијата го сокрил едниот од двата му пиштоли, собрал и фрлил во канта 30 чаури оставајќи само шест, па со шестар нацртал круг на листот околу шесте дупки. Потоа го исекол вешто кругот и го поставил на друг ѕид, каде што немало дупки од куршумите што промашиле. Тогаш викнал фотограф и со револверот во едната рака и со шест празни чаури во другата рака, и со метата во која тесно биле збиени шест дупки од куршуми, закачена на ѕидот, се сликал за спомен од времето бил толку вешт стрелец што метата ја погодил шест пати (за што доказ се шесте дупчиња) со само шест куршуми (за што требало да сведочат шесте чаури што ги држел во дланката).

Се разбира, оние луѓе кои го следеле од почетокот на неговиот „подвиг“ само му се изнасмеале оти сфатиле дека ги избришал сите траги од неговите промашувања. Ама, тие луѓе не оставиле фотографии за спомен. Затоа, еден ден, на потомците на револверашот никој нема да може да им докаже дека нивниот предок не бил навистина, супер-прецизен пиштолџија, за што има и автентична фотографија.

2. Зошто секој коцкар има почетничка среќа: еве го принципот на досетливиот пиштолџија што луѓето не го разбираат кога зборуваат дека сите коцкари кога почнувале да се коцкаат имале јасно изразена почетничка среќа.

Имено, од 100 луѓе кои ќе пробаат да се коцкаат, 90 ќе немаат среќа и тие веднаш ќе се откажат од понатамошно занимавање со таа занимација. Ама 10мина ќе имаат среќа и тие охрабрени од тоа, ќе продолжат да се коцкаат. Наскоро среќата и ним ќе им го сврти грбот, но тие ќе се сеќаваат на времето кога „коцката ги сакаше“ и ќе продолжат да очекуваат пак среќата да им се насмевне како на почетокот.

Гледано во целина, револверашот од погоре испукал дури 36 куршуми, а метата (која потоа самиот ја нацртал околу делот каде најмногу случајни погодоци имал) зборува за само 6 од тие 36 истрели. Неуспесите се заборавени и избришани. Така е и со коцкарите, гледано во целина.

Затоа, не постои такво нешто како „почетничка среќа“, оти 90 од 100те првични коцкари ја немале. Оние малкумина што ја имале среќата, продолжиле баш заради тоа да се коцкаат и само тие потоа се разгледуваат како коцкари, па следствено за сите коцкари се чини дека имаат почетничка среќа.

Тоа е многу налик на онаа анкета кога на прашањето „дали некогаш сте биле во странство“ новинарите добиле буквално 100 процентен потврден одговор. Дали тоа значи дека сите луѓе во државата некогаш биле во странство? Не, туку тоа значи дека новинарите својата анкета ја спровеле на граничните премини, прашувајќи ги единствено оние луѓе кои само што влегле во земјата.

Истиот апсолутен резултат ќе се добие ако им се постави на луѓето прашањето „дали користите интернет“ ама под услов тоа прашање да им биде поставено преку мејл. Ќе се добие стопроцентен потврден одговор, ама тоа не значи дека секој човек во целата држава користи интернет, тоа само значи дека сите оние кои користат интернет (за мејл) – користат интернет. Што е очигледно.

3. Како експертите секогаш се безгрешни небаре се Нострадамуси: ако ги погледнете пророштвата на Нострадамус ќе сфатите дека во многу од неговите строфи може да се препознаат многу настани кои навистина се случиле во вековите по неговата смрт. Па затоа изгледа онака гледано случај по случај дека тој навистина бил пророк што ама баш сѐ погодил.

Ама и тука треба да се сетиме на досетливиот пиштолџија. Оти гледани случај по случај, секако дека во повеќето негови пророштва ќе може да се најде некоја паралела со реални збиднувања. Ама гледано хронолошки, неговите пророштва се бесмислени, оти во една строфа ќе најдете паралела со Втората светска војна, веднаш во наредната строфа со Француската револуција, а во третата строфа како тој да го предвидел и стапнувањето на Месечината.

Тоа е исто како некој да зел да пука во ѕид на кој има испозалепено триста мети една до друга, и да се тврди потоа дека тој погодил барем еднаш во неколку мети… иако ретко да погодил во една иста мета неколку пати. И секако, оние истрели што сосема го промашиле ѕидот, оние пророштва на Нострадамус за кои не може да се најде паралела во досегашната историја, ги ставаат неговите верници под графата „допрва ќе се остварат“.

Така некако оперираат и експертите кои даваат предвидувања за можниот исход на некои актуелни процеси. Ако се паметни, тие експерти за да не бидат прикажани како неспособни утре, најдобро ќе направат ако дадат во пет-шест различни прилики пет–шест различни предвидувања.

Ако можат, ќе напишат и една анализа со пет-шест можни сценарија кои ќе бидат сите дијаметрално спротивни едно со друго, па не само што анализата ќе изгледа исцрпна, туку и што и да се случи, ќе можат да тврдат дека тие тоа го предвиделе.

Замислете дека треба да предвидите при фрлањето на коцка за коцкање, кој број ќе се падне. Наместо да викате „единица ќе биде“ или „тројка ќе падне“ или било кој еден број, седнете и смирено и продлабочено напишете дека „можни се шест сценарија според кои ситуацијата ќе се развива, но секако дека не се исклучуваат и непредвидливи изненадувања“. И навистина, тоа се сите можности кои со фрлање на коцка може да настанат. И откако ќе биде фрлена коцката и откако ќе падне еден број (или непредвиденото изненадување ќе се случи), можете да тврдите со полно право дека во вашата исцрпна и темелна анализа сте го предвиделе егзкатно и тој исход.

*

Креативните луѓе кои постојано создаваат дела достојни за паметење, многу добро знаат дека ако сакаат да напредуваат низ кариерата треба да се однесуват како досетливи пиштолџии. Да создаваат постојано дела засновани врз помалку или подобро осмислени идеи и концепти, па од време на време сигурно во сиот тој хаос нешто ќе испадне квалитетно. Па кога ќе треба да се преставуваат пред публика, само оние квалитетните дела да ги нудат. Бидејќи промашувањата ќе поминат незабележани и ќе се заборават, со тек на време, ако има доволен број квалитетни дела, публиката ќе стекне впечаток дека „тој автор не може да згреши“.

Греши море, греши секој што работи, ама умниот знае кога своите грешки да ги држи за себе, а на светот да му ги понуди само успесите.

На мојот блог, имам до сега 230 текстови објавени, и заедно со она што сум го објавил во моите книги и во неделникот „Фокус“, верувам дека од тие збирно 300 и кусур текстови, едвај една третина навистина вредат. Доколку би создал нов блог, само тие сто најдобри би ги ставил во него, па кој и да го посети за прв пат мојот блог тогаш, би заклучил дека јас немам грешка во творештвото.

Ама јас не сакам да бидам досетлив пиштолџија. Мојот блог е како нотес во кој како што ми доаѓаат идеите, така ги обработувам, па ако некоја од нив има потенцијал како концепт, подоцна ѝ се навраќам во друга колумна со други примери, но со истата или подобрена логика.

Човек секако дека не треба да се гордее со своите грешки и неуспеси, ама исто така не треба ни да се обидува да ги избрише од сеќавањето. Оти, токму во моментот кога ќе заборави на грешката, станува подготвен да ја направи повторно.

.

П.С: Утре вечер, уште една колумна на блогов ќе има. Ќе се вика таа „Затворен јазик, затворен ум“.

До тогаш, поздрав 😉

♦ ПA ШTO AKO E ПPИPOДHO

with 11 comments

Дури и кај граѓаните на Ирска, држава чие знаме е тробојно и составено од зелена, бела и портокалова, оваа слика не го буди патриотскиот нагон, туку еден сосема друг нагон буди. Оти, инстинктот е посилен од идентитетот.

Кај Маите и Ацтеките, кога овие народи имале сопствени цивилизации, клучен дел од нивната религија било верувањето дека за да утре сонцето изгрее пак, или за да нема поплави и суши, неопходно е да се принесуваат човечки жртви на боговите. Оваа човечка претенциозност, дека нашите дела можат да влијаат врз функционирањето на природата, до ден денешен не се изгубила, и е основа на скоро сета еколошка хистерија за штетата што цивилизацијата ѝ ја нанесеува на природата. И дека луѓето треба да страдаат, за да Сонцето не ја прегрее планетата. И дека треба ние луѓето да живееме во согласност со природата, за да не исчезнеме. Еве ги моите, како и секогаш, контрашки ставови на таа тема:

1. Што е, и што не е тоа „природно право“: бидејќи зборот „природно“ има позитивна конотација вкорената во секојдневниот муабет, луѓето често пати кога алудираат на нешто добро и убаво, го нарекуваат „природно“. Па така, во сферата на правата и слободите, се зборува редовно за „природно право“, при што под таа графа се наведуваат: правото на живот, на љубов, на слободен избор на место на живеење, на патување, на поседување имот, на слобода на говорот и само-идентификација.

Сите овие права се убави, потребни и навистина вредни за почитување, ама не се воопшто природни. Дури напротив, без постоењето на цивилизацијата наша, сите овие права не би постоеле. Така да, може да се каже дека правата што често ги сметаме за природни се највештачки што може да биде.

Правото на живот не е природно, оти во природата никој нема право на живот. Јагнето ќе си пасе мирно по ливадата (попречувајќи ѝ го правото на тревата да живее), ќе дотрча некој волк од некаде и ќе го задави јагнето и ќе го изеде, одземајќи му го правото на јагнето да живее.

Дали волкот некој „природен суд“ ќе го казни поради тоа прекршување на „природното право“? Не, напротив, волкот ќе страда доколку не убива секој ден јагниња, срни, елени и диви прасиња и зајаци. Дали јагнето има природно право на живот? Ако тоа остане неизедено, тогаш волкот ќе умре, оти нема што да јаде. Дали волкот има природно право на живот? Ако тој сака да живее, мора да јаде месо, а месо може да стекне само ако убива тревопасни животни.

Значи, во природата, правото на живот на еден вид животни е во директна спротивност со правото на живот на други видови животни. Каква правда е тоа!?

Воедно, постоењето на грабливци меѓу животните, остро ги ограничува „природните“ права на животните да се движат слободно низ просторот, како и правото на слободно изразување. Е да, врапчето ќе црцори на гранка, ама ако го чуе соколот, нема да црцори уште долго.

Конечно, правото на свој дом и на приватен имот не го има ниту едно животно, оти еве, ако волкот го улови јагнето во ливадата и почне да го јаде, и ако во тој миг дојде некоја гладна мечка, таа без да го прашува волкот за дозвола едноставно ќе му го украде пленот, и ќе си го изеде самата. Тоа значи дека волкот, иако го уловил јагнето – нема природно право да го задржи, доколку мечката која е посилна од него си го побара за себе.

Очигледно, да се зборува за правата кои треба да ги уживаат сите луѓе е бесмислено, ако тие се дефинираат како природни права. Природно право е правото на посилниот, и друго природно право нема. Правата на живот, слобода на говор и поседување имот, правото на движење и потрага по сопствената среќа се човекови права.

Тоа што тие се неприродни, не ги прави помалку вредни. Напротив, баш затоа што се уникатни за нашиот вид, се уште поскапоцени.

2. Природна храна: постојат екстремни вегетаријанци кои се убедени дека поради тоа што јадењето на сирово месо е речиси енергетски бескорисно за човекот, и дека единствен начин тоа да биде ефикасно употребено од организмот е да се конзумира готвено (печено, варено, пржено, димено) – е доказ дека јадењето на месо е неприродна работа и дека затоа треба да се избегнува за да се живее еден здрав, природен живот.

Во еден дел од својата логика вегетаријанците се во право. Јадењето на месо е неприродно за луѓето, оти (во груби бојки) за да се свари во желудникот на човекот одредено количество сирово месо, од кое ќе добијат 1000 калории, треба да потроши организмот некаде околу 800 калории, па така нето добивката е едвај 200 калории. Доколку тоа месо е приготвено, организмот многу помалку сопствена енергија троши за да го разложи месото, па нето добивката за телото е околу 800-900 калории.

Арно ама – кој вели дека она што е вештачки (јадење готвено месо) е штетно? Има луѓе кои дочекуваат и по сто години возраст, а цел живот јаделе готвено месо, па очигледно, јадењето на готвено месо воопшто не е штетно за здравјето.

Друга забелешка која се упатува кон конзумирањето на  месо е дека за добивање на еден килограм месо потребно е животното од кое ќе се добие тој килограм да конзумира седум до десет килограми жито, со што екстремните вегетаријанци докажуваат дека месото е „прескапо“ во поглед на ресурсите кои се трошат за негово добивање.

Наведениот однос на потрошени житарици и добиено месо е точен, ама тоа е како да споредувате две баби и две жаби и да прашате „што е повеќе?“ Оти за да добиете еден килограм месо навистина треба да потрошите во просек седум до десет килограми жито како сточна храна, ама енергијата која ќе ја добиете со јадење на тој еден килограм месо е еднаква на енергијата што ќе добиете со јадење на пет килограми жито (па и тоа жито првин мора да се доведе до состојба на леб).

Со други зборови, енергијата ја земате од житото и преку животното кое го гоите за месо ја „зипувате“ во поконцентрирана форма – наместо шеќери (скроб) добивате масти. Освен тоа, некои видови растителни состојки (целулоза) е невозможно енергетски да се употребат од човекот, ама тревопасните животни можат да ја претворат целулозата во маст, која пак потоа човечкиот организам може да ја употреби за енергија.

Воедно, некои видови храна не може да се конзумираат неприготвени. Најдобар пример за тоа се компирите, кои ако ги јадете живи ќе добиете труење, ама печени, варени, пржени – се екстремно ефикасен извор на енергија. На сличен начин може да се анализираат и гравот и повеќето видови печурки.

Да, готвењето е неприродно, ама отвора многубројни нови и поефикасни извори на храна за луѓето. Да ја парафразирам француската кралица Мари Антоанет, која во една пригода наводно кажала „ако нема народот леб, нека јаде колачи“: ако немаат луѓето способност да пасат трева, нека чуваат овци, па потоа нека го јадат месото и млекото од тие овци.

3. Технологијата нѐ оддалечува од природата? Екстремните приврзаници на Дарвинизмот се противат на вакцинирањето на децата, и сметаат дека тоа не треба да се прави. Оправдување за ова свое лудило тие наоѓаат во фактот што доколку луѓето не се вакцинирани и со тоа на вештачки начин имунизирани од заразните болести, при епидемии сепак еден дел од популацијата (што има природно повисок имунитет) ќе преживее и дека само таквите луѓе кои се носители на позитивни гени треба да преживеат и да имаат потомци на кои ќе ги пренесат тие гени.

Ова е глупава логика, и е рамна на логиката која противниците на летањето со авион ја имале на времето кога се појавиле првите авиони: „ако Бог сакаше луѓето да летаат, ќе ги создадеше да се раѓаат со крилја“. Овој начин на размислување е уништен со помош на фразата „да сакаше Бог луѓето да летаат еден ден, ќе им дадеше ум и разум во мозокот за да можат да замислат и измислат машина за летање. И бидејќи луѓето измислија машина за летање – тоа е доказ дека Бог им дал ум и разум да ја измислат, па тоа е доказ дека Бог сака луѓето да летаат со авиони“.

Истото важи и за вакцините, само што во случајот со Дарвинистите, Бог мораме да го исфрлиме од дебатата и да го замениме со „природата“. Но не менува ништо суштинско тоа.

Имено, зошто се јавува кај некои луѓе природен имунитет од некоја болест? Па, како последица на еволуцијата е тоа, оти тој имунитет им помага да преживеат, и преку нив, да преживее и видот. Е па така, дарвинистичката фраза: „да сакаше природата сите луѓе да преживеат туберкулоза или полио, ќе им дадеше преку еволуцијата на сите природен имунитет“ се уништува преку фразата: „да сакаше природата луѓето да бидат имуни од туберкулоза и полио, ќе им дадеше во текот на еволуцијата ум и разум еден ден да развијат наука со која ќе создадат вакцини за тие болести, а бидејќи луѓето во текот на еволуцијата очигледно дошле до вакцина за тие болести, тоа е доказ дека природата сакала да не умираат од тие болести“.

Детерминизмот кој е основа за научниот фанатизам (дарвинизмот) и за сите видови верски фантизам е апсурден во својата основна логика: имено, ако бог / природата не сакаат вака да биде како што е, а факт е дека е како што е, и бидејќи ништо не се случува без тоа да го дозволи бог / природата – тогаш е очигледно дека бог / природата сакале вака да биде како што е.

Со други зборови, ако сѐ е предодредено, и ние треба мирно да ја прифатме судбината, дали и тоа што ние не ја прифаќаме мирно судбината е предодредено?  И ако е тоа предодредено, тогаш зошто да ја прифатиме судбината – тоа би било спротивно на судбината која одредила ние да не ја прифаќаме!

Конечно, дарвинистите кои тврдат дека е неприродно луѓето да се штитат од болестите преку вакцини, немаат ништо против тоа да се шетаат облечни зиме и со тоа облеката (која исто така е вештачка) да ги штити од смрт од смрзнување. Зошто е океј да се носи облека која штити од смрт од студ, а е погрешно – демек, неприродно – да се носи во себе имунитет стекнат на вештачки начин преку вакцинација која штити од смрт од болест?

Нешто слично може да се каже и за противниците на генетски модифицираната храна, кои не сакаат да чујат за никакви аргументи дека таа е можеби сосема  здрава. Тие ја одбиваат само затоа што е создадена во лабораторија.

Се прашуваат ли тие некогаш, вакцините кои ги штитат од болести, на дрво ли никнале или и тие се создадени во лабораторија?

Аргументот „ова е вештачко, не е природно“ не е аргумент кој докажува дека тоа нешто е и нездраво. Земјотресите се природни, па не се здрави, шалот е вештачки, па сепак штити од студ и настинка т.е. е здрав.

*

За крај, ајде да видиме што навистина е тоа „природно“. За врабецот, најприродна работа е да собере гранки и листови од околината и да изгради гнездо. За мечката најприродно е да има густо крзно кое ќе ја штити од студ. За кравите и зајаците најприродно е да имаат специјални ензими во желудникот и устата кои им помагаат целулозата од тревата да ја претворат во прости шеќери и масти од кои ја добиваат енергијата што ги одржува во живот. Лавовите и волците природно си имаат остри заби и канџи со кои можат да го убијат пленот кој потоа ќе го изедат.

Човекот нема инстинкт да гради гнезда, ниту пак му расне густо крзно кое ќе го штити од студ, ниту пак може да ја претвори неговиот организам целулозата во енергија. Ниту пак имаме остри заби и канџи со кои би можеле да убиваме диви свињи. Природата тие дарби не ни ги дала.

Но, што има човекот, нешто што му дала природата како инстинкт, како природна дарба за да преживее?

Имаме разум за планирање, имаме јазик за комуникација, имаме слободна волја да размислуваме долгорочно и можеме со помош на овие дарби кои природата ни ги дала да се одржиме во живот и да просперираме и далеку над основните животни потреби.

Немаме инстинкт да изградиме гнездо, ама имаме ум кој во содејство со јазикот што овозможува една генерација да учи од искуството на претходната генерација создал можност да градиме куќи во кои многу поудобно живееме од птиците во нивните гнезда. Немаме крзно, ама умот и јазикот ни овозможиле да создадеме технологии за производство на облека која нѐ штити дури и најполарните студови. Немаме остри заби и канџи за лов, ама имаме ум и разум за да ловиме со оружја кои ги создаваме со помош на тој ум и разум, а и да не ловиме воопшто туку да припитомиме животни и од нив да добиваме повеќе храна отколку што би добиле ако ги ловиме низ дивината.

Па, нашата способност да размислуваме и да го користиме тој ум за да преживееме – нели се природни?

Луѓето не се раѓаат со способнсот да говорат, ами со способност да научат да говорат. Никој не се раѓа со азбуката во глава, ама се раѓа со способноста да научи да чита. Тој потенцијал е природен и уникатен за луѓето, и по таа основа сите продукти на тој потенцијал се природни.

Колку што гнездата на птиците се природни оти се продукт на нивните природни дарби, толку се и облакодерите и автомобилите и бродовите и авионите и вакцините и панталоните и готвената храна природни за нас луѓето, оти ништо од нив не би постоело ако природата не ни даде дарба т.е. ум и разум, за да ги создадеме тие нешта.

Така да, еве го парадоксот на секоја еколошка замисла и идеја за драматични промени во начинот на живот на човештвото: ако сѐ што луѓето прават е вештачко, тогаш тие никогаш не можат да се вратат кон природата, оти тогаш нема да бидат луѓе. Од друга страна, ако сѐ што луѓето прават е природно, тогаш тие нема потреба да се враќаат во природата – оти никогаш не ни излегле од неа.

Нема ништо неприродно во тоа луѓето да живеат како луѓе.

.

П.С: Како и секој петок, така и во утрешниот број на неделникот „Фокус“ ќе можете да прочитете една моја нова колумна која до сега никаде не била објавена, и е специјално напишана за весникот. Ако ви се допаѓаат моите колумни од блогов, сигурно и тие во неделникот ќе ви се допаднат. Затоа, час поскоро, „Фокус“ в рака и – читајте за нештата да станат појасни.

П.П.С: Наредниот четврток, очекувајте нова колумна на блогов со наслов „Изгубени Германци“ во која преку неколку примери, ќе сфатите дека не се само Германците изгубени, иако само нив ги споменува истоимената  пословица.

До тогаш, поздрав 😉

♦ KOГA ИMAШ CAMO ЧEKAH…

with 11 comments

Поговорката вели дека „кога имаш само чекан и никаков друг алат на располагање, целиот свет т.е. секој проблем со кој ќе се соочиш – ти личи на клинец“. Ама со чекан не може да се реши секој проблем, може да се забие клинец ако тоа е потребно, но миење на валкани чинии, на пример, не се прави со чекан. Ова многумина не го сфаќаат, и за илустрација, еве неколку примери:

1. Зарем само УДБа е крива ама баш за сѐ? Една од најинтересните заблуди во модерната македонска историја е дека на десната страна од политичкиот спектар има еден силен антикомунизам. Имено, дека на многу вмровци им пречи комунизмот како идеологија. Тоа не е точно.

На повеќето „десничари“ всушност им пречат комунистите (и „комуњарите“ по екстензија) но немаат некоја посериозна забелешка за комунизмот како идеологија. Единствено тоа што во комунизмот имаше тенденција за некакво „братство и единство“ и негирање на значењето на националноста, но – ако се исклучи тој елемент (заедно со залагањето за атеизам), повеќето луѓе кои себеси се дефинираат како десничари воопшто не можат да најдат замерка на идеологијата која владееше до 1990та во нашата земја.

Направете една микро-анкета (ако така може да се нарече) и запрашајте неколку десничари кои ги познавате дали мислат дека треба да има приватни универзитети, приватни средни школи и приватни основни школи? Повеќето ќе ви кажат дека не треба да има, оти државата треба да го обезбедува и потполно да го контролира образованието, оти според нив само така може да се гарантира квалитет.

Прашајте ги дали треба да се дозволи странци да купуваат земјиште во Македонија и да поседуваат индустриски капацитети – искрено ќе ви речат дека би било најдобро странците да немаат никакво учество во нашата економија. Прашајте ги дали телекомуникациите и енергетиката и транспортот би требало да се во приватни раце, ќе ви речат повеќето самодекларирани десничари дека – не треба, оти тоа се стратегиски гранки и тие треба да се во рацете на државата.

Прашајте ги дали треба да се забранат сите медиуми и новинари и невладини организации кои имаат ставови спротивни од оние на Партијата на која тие (десничарите) ѝ припаѓаат, ќе ви речат дека „предавниците треба да се замолчат, мамето нивно“.

И потоа прашајте ги дали се сметаат себеси за противници на комунизмот – повеќето од нив ќе ви речат уште во првиот миг дека се жестоки антикомунисти и заколнати десничари!

И дури и да им објасните дека нивните ставови за горенаведените прашања се баш комунистички и тоталитарни, и дека немаат врска со десниите идеали за слободен пазар и слободно општество, тие нема да ви веруваат и да признаат дека имаат било што заедничко со комунистите.

Конечно, прашајте ги дали се согласуваат, како заколнати десничари, со констатацијата дека „комунизмот беше добар како идеја, ама за жал на погрешни луѓе им се даде да го управуваат“ и повеќето од нив, заколнати десничари, ќе се согласат со тоа тврдење.

Од каде доаѓа овој апсурд? Па, доаѓа од таму што негативниот впечаток што го имаат за комунизмот е создаден кај нив оти тие или нивни блиски биле репресирани од тајната полиција во ерата на комунизмот, па бидејќи сѐ што виделе од комунизмот како лошо била репресијата, за нив само тоа е лошото во комунизмот.

Од таму, најчесто првиот (и единствен) аргумент во секоја дебата за идеологијата со самонаречените десничари е дека „во комунизмот имаше Голи оток“. Нема сигурно да ви кажат дека негативно од комунизмот е што имаше многу кредити, па сите земаа кредити и високиот стандард беше резултат само на тие кредити.

Сеќавањето на УДБа (и Голи оток, и кодошење) е „чеканот“ метафорички кажано во нивниот случај, кој ги тера на секоја работа да гледаат како на клинец. Имаме политичари во нашата земја кои и покрај тоа што се моментално сосема минорни и маргинализирани, сметаат дека сеуште се надгледувани и следени од Службата, дека против нив постојано некои „штабови“ водат интриги и плетат заговори и дека на Македонија не може да ѝ тргне сѐ додека не се заврши до крај лустрацијата.

Тоа е сѐ убаво, навистина би требало да се заврши лустрацијата (подобро кажано, барем да почне!) но дури и ако ги исчистиме сите судови и државни органи и бизнисот и универзитетите од удбаши, кодоши и предавници – што потоа?

Пак ли ќе се вратиме на етатизмот (кај нас манифестиран како комунизам) во кој нема приватни школи, големите фирми сите се државни, државата кажува какви камати ќе бараат банките за кредите, джравата ќе кажува по која цена ќе се откупуваат земјоделските производи, државата ќе одлучува кој смее да инвестира и во што, државата ќе планира што ќе се гради, истражува, промовира…?

Во Грција немаа удбаши, но имаа етатизам во полна сила, каде државата има(ше) огромна улога во економијата. Еве до кај стигнаа со тоа на економски план. Очигледно, не е УДБа крива ама баш за сѐ што не чини.

Понекогаш оние политики кои се максимално јавни и општоприфатени и изгледаат сосема позитивни имаат на долг рок екстермно лоши последици. Како во шахот, каде што сите потези ги гледате, и вашите и на противникот уште од почетокот на играта, ништо не се крие, но во еден миг сепак бидувате матирани. Повеќе за ова во колумната „Покер или шах“ може да прочита кој не прочитал до сега.

2. Не е исто да даваш закони и да давиш со закони: кога твојот поглед на светот е изграден само од седење во канцеларија откако претходно си завршил правен (или економски) факултет, секој проблем ти личи на „клинец“ кој може и мора да се реши со помош на „чеканот на законодавството“.

И тука, нема врска од која страна на идеолошкиот спектар си поставен. Ако сакаш да се стави крај на мобингот и да не страдаат работниците од малтретирања од страна на нивните шефови – донеси закон против мобинг. И оп – нема веќе да има мобинг. Ама дека тоа не така, објаснив во „Трн во здрава нога“. Дури и ако законот против мобинг се почитува строго, тој ќе биде на штета токму на работниците кои требало да ги заштити!

Ако пак сметаш дека треба да се намали бројот на абортуси што ги прават македонските државјанки – донеси закон со кој остро ќе биде ограничено абортирањето, ќе се отежни процедурата, ќе се смали бројот на локации каде може да се прави или сосема ќе се забрани! И оп – веќе нема да има абортуси. Ама, тоа не е така едноставно, како што во една од точките на колумната „Процес или резултат“ поопширно објаснив.

Сакаш работниците да земаат поголеми плати? Донеси закон за минимална плата. Се разбира, ако тој закон се почитува строго, ќе предизвика сто илјади нови невработени да добиеме откако ќе доживеат колапс текстилната и чевларската индустрија, но, сме донеле закон, сме го решиле проблемот, тоа е битното!

Сакаш да се смали пушењето оти е негативна појава? Донеси закон со кој ќе забраниш во кафулињата да се пуши. Се разбира со тоа ама баш ништо нема да се постигне во поглед на зацртаната цел, оти луѓето ќе си пушат дома повеќе, или уште поверојатно во кафулиња каде што газдите се пријатели со инспекторите, ама нема врска – сте донеле закон, тоа се важи!

Кога имаш само метла – секој проблем ти личи на трошка кој може да се реши ако се турне под тепихот, каде што нема да се гледа.

3. И што ако се создаде Голема Албанија? Во општините со доминантно албанско население во западна Македонија, не е можно некој да стане ниту советник во општинскиот совет, а камо ли пак градоначалник на таа општина, ако не е цврст поборник за албанските национални интереси. При тоа, како врвен албански национален интерес е се разбира – обединувањето на сите Албанци во една држава т.е. создавањето на Голема Албанија.

Арно ама, откако политичарот кој цела кампања ја минал во зборење колку е тој голем албански патриот ќе стане функционер на локалната власт, ниту еден од проблемите со кои ќе се соочи во општината нема да има врска со сонот за Голема Албанија. Ниту еден.

Некој градоначалник бил на времето командант во УЧК. Браво, алал да му е, прав патриот. Сега не знае една санитарна депонија да отвори во која ќе се фрла ѓубрето од неговата општина. Или не знае отворен канал од атмосферска канализација да покрие. Или не знае да изгради резервоарска станица за неговите гласачи од некоја повисока населба во општината да имаат непречено снабдување со вода и лете.

Очигледно, една работа е да се залагаш за создавање на голема Албанија, а сосема друга е да решаваш големи инфраструктурни проблеми.

Воедно, луѓе од албанската емиграција во Швајцарија или Америка може да ти дадат пари за да купиш калашникови и зољи за војна, ама со калашникови и зољи не се метат улици. Лесно е да се копаат ровови за војна, ама ајде ископај ровови за водоводни цевки. Тие за водовод треба да се со точно одредена длабочина (ако се премногу плитки ќе замрзнува водата зиме, ако се премногу длабоки дефектите тешко ќе се откриваат) и со точно одреден наклон (за да тече водата слободно), а за тоа си треба инжинер, а не командант.

Оние емигрантите – патриоти нема да ти дадат пари за купување на багер за копање одводни канали. Едноставно, тоа нема врска со борбата за голема Албанија. Ама има врска со секојдневниот живот.

Никој не може да оспори дека некогашните лидери на Ослободителната Војска на Косово кои денеска се главните луѓе во политичката елита на Косово се бореле за албанските национални интереси. Убаво тоа, ама нивната држава сега има речиси 70% невработеност. Албанија е практично на работ на граѓанска војна меѓу двете водечки партии, Социјалистите и Демократите. Кај нас, обичните Албанци јавно сонуваат за голема Албанија, ама уште повеќе тајно сонуваат да си заминат во Белгија или Швајцарија.

Кога имаш само зоља, секој проблем ти изгледа како „борба за човекови права“. Но, улици со зољи не се асфалтираат, може само да се раскопаат.

4. Една бројка не е доволна: во текот на 2010та објавив неколку колумни посветени на разбивањето на митовите и заблудите кои ги имаме за бројките, и не би сакал тука да се повторувам. Ако не сте ги прочитале, почнете со колумната „Бројкофилија“ и продолжете со колумната „Под просекот, над просекот“ во кои има и линкови до другите колумни од таа тема.

Еве накусо само неколку општи насоки. Во човековата ДНА има 46 хромозми, од кои кај мажите (и само кај мажите) еден од тие хромозоми е и хромозомот Y, кој очигледно, се наследува само од татко на син. Благодарение на таа уникатна врска, може да се утврди дали некој денешен маж е потомок по директна машка линија на некој маж чија ДНА е зачувана и испитана, иако тој умрел пред неколку векови.

Арно ама, така може да се утврди само директната машка линија. И ништо повеќе. Од 46 хромозоми што ги имаме, само еден е Y хромозом, но само тој може да се употреби за некакво поврзување со некои од предците и од таму, како што многу поелоквентно објаснив во колумната „Апсурдноста на генетското одредување на националноста“ се користи само тој за некакво генетичко докажување на нашето потекло на овие простори.

Па така, благодарени на погрешното разбирање на некои сензационалистички пренесени информации за некои паушални исражувања од анонимни институти за составот на Y хромозомите кај балканските народи, се проширија во изминативе години еден куп идиотски заблуди за некаква чиста раса, за Македоноиди, за Грци од Етиопија, Бугари од Кореја и слични глупости. Кога имаш информации само за Y хромозомот, целиот свет ти личи на лабораторија за еугеника.

Сосема идентичен случај имаме и со одредувањето на интелектуалната способност кај луѓето, пред сѐ кога тие аплицираат за некакво вработување. Единствен начин да се измери прецизно коефициентот на интелигенцијата е преку тестови за таа намена, но нема никаква гаранција дека тоа прецизно мерење е и точно. За суштинската разлика меѓу поимите „прецизно“ и „точно“ зборував повеќе во колумната „Меѓу слонот и јарето“.

Конечно, таа опсесија со еден извор на логика, една наука, една идеја, една мисла, е најчесто видлива кај обожавателите на Фридрих Ниче, Карл Маркс, Ричард Докинс, па и на Библијата.

Кога си го читал само Ниче, целиот свет ти личи на некаков мегдан каде се судираат „ропскиот морал на обичните луѓе со волјата за моќ на надчовеците“. Ако само Маркс си го прочитал, за секој проблем решение гледаш во некаква класна борба меѓу капиталот и трудот. На пример, своевремено во Советскиот Сојуз имал водечка улога во науката еден шарлатан по име Трофим Лизенко, кој сериозно сакал да ја базира генетиката врз – основите на марксизмот и ленинизмот!?

На времето, Галилео Галилеј, грст луѓе кои само Библијата ја имале прочитано, го суделе оти се осмелил да тврди дека Земјата се врти околу Сонцето. А има денеска атеисти кои сериозно сметаат дека со експериментите во ЦЕРН од областа на нуклеарната физика ќе се докаже дека не постои Бог и потоа, од нуклеарните физичари ќе треба да учиме врз кои принципи да ги базираме нашите сфаќања за тоа што е правда и кои морални вредности треба да се следат.

Кога немаш прочитано ни една книга тогаш си неинформиран. Кога имаш прочитано само една книга, тогаш си дезинформиран.

*

Колумнава ќе ја завршам со македонскиот патриотизам и екстремно тесната дефиниција што ја имаме за него. Ако сте искрен и посветен македонски патриот, во нашата земја се очекува да мислите дека „Грците се педери, Бугарите се Татари, Шиптарите се дилери на дрога, Србите се криви за комунизмот и удбашите, Американците имаат план да ја уништат Македонија, само во Русија е спас кај брат Путин, оти таму се нашите браќа Словени и православни“.

Воедно, ако сте искрен македонски патриот, од вас се очекува да го сметате за најголем наш херој Александар (кој не бил ни православен, ниту пак христијанин), да верувате дека ние немаме врска со Словените, дека Русија сакала преку Санстефанскиот договор да им ја даде Македонија на Бугарите, дека Србите се единствен народ на Балканот со кој можеме да живееме во мир, дека е добро да се има бугарски пасош (за секој случај) или барем да се вози бугарска кола, дека нема друга иднина освен да влеземе во ЕУ и НАТО каде што е член Грција а не е член Русија и конечно да гласате за партијата која е во цврста коалиција со некогашните учки кои беа финансирани во најголем дел од дилери на дрога.

Јасно ви е колку е македонскиот патриотизам не само тесно дефиниран ами и контрадикторен?

Никој не може да каже дека политичарите во Грција не се грчки патриоти, или дека во Хрватска тамошната десница (која владее со земјата веќе две децении и која ја создаде државата) е предавничка. Арно ама, и во двете посочени држави моментално има исклучително тешка економска криза, која нема да заврши убаво за граѓаните на тие земји. Криза за која се виновни патриотските политичари.

Ако си овца, целиот свет ќе ти личи на ливада, а секој со стап и шарена торбичка на рамото ќе ти личи на овчар. Очигледно, да бидеш патриот е далеку покомлексно прашање од тоа „кого мразиш?“. Патриотизмот е одговор на прашањето „каква земја сакаш да биде твојата татковина?“.

Одговорот е: „Нема успешна Македонија без успешни Македонци, и нема успешни Македонци без успешна Македонија

Тоа е патриотизмот.

.

П.С: Во утрешното издание (од 18ти февруари) на неделникот „Фокус“, имаат објавено моја колумна со наслов „Така говореше мудрецот Конфузие“. И во претходниот број имаше моја колумна, онаа за политичките бројки, но таа веќе ја имаше на мојот блог. Оваа сега што е објавена е специјално напишана за весникот, и нема да се најде на мојот блог уште барем десетина дена (додека да ѝ помине рокот во „Фокус“ т.е додека да излезе нов број). Доста е интерсна, духовита, луцидна, и како што реков, необјавена тука, па најдете си „Фокус“ и прочитајте ја, час поскоро.

П.П.С: Наредниот четврток, на блогов ќе биде објавена нова колумна, со наслов „Врат и шија“. Меѓу овие два термини нема разлика, но меѓу други навидум синоними има, а за кои точно термини станува збор – во четврток, во редовниот термин.

До тогаш, поздрав 😉

♦ ПOЛИTИЧKИ БPOJKИ

with 11 comments

Во политиката, било секојдневна, било висока, постојано се користат разни бројки при аргументацијата на сопствените ставови, при фалењето за сопствените достигнувања, напаѓањето на идеите на противникот, како и за анализа на ситуацијата и за планирање на иднината. Се разбира, како и во секоја сфера каде се користат бројките – се прават грешки, не толку при утврдувањето на точните параметри, ами при нивното разбирање. Па затоа, еве во колумнава што следува – нешто за бројките во политиката.

1. Земај често по малку, давај ретко по многу: како што покажува и илустрацијата на денешниот мој текст, многу е битно големите бројки кои се непријатни (ако станува збор за трошење или земање од народот) да се разбијат на најмали можни компоненти, со цел да изгледаат што е можно побезболни.

Од таму, најпаметна форма на оданочување е данокот на додадена вредност, кој секој од нас го плаќа кога купува производ за кој добива фискална сметка, при што секоја поединечна сума која од цената на секој производ оди како данок е минијатурна и сосема безначајна сама по себе. Капка во морето. И затоа никој не се секира за денар или два или пет кои на фискалната сметка ги пишува дека отишле на ставката ДДВ.

А најглупа форма на данок се разбира е данокот на доход, приход, персоналец, на дивиденда или на имот, кога еднаш во годината морате да платите огромна сума и се разбира, тоа ви создава лутина и гнев. А математички гледано, не би требало.

Оти, ако секој ден трошиш по 200 денари за купување на прехранбени производи (со данок од 5%) и средства за лична хигиена (со стапка од 18%), секој ден за де-де-ве ќе плаќаш отприлика 20 до 30 денари. За една година, тоа се околу 150 евра што на државата ќе ѝ ги дадеш како данок, дури и ако трошиш само 100 до 150 евра месечно за храна и сапуни и шампони и тоалетна хартија и за плаќање сметки за струја и вода.

Од таму, кога на некое сиромашно семејство кое живее со една плата од 100 до 150 евра месечно ќе му дојде решение да плати данок на имот од илјада денари, се секира, се нервира, и почнува да ја мрази власта која нема усул штом толку многу бара. Без да се сети главата на тоа сиромашно семејство дека десет пати повеќе во текот на годината дава за де-де-ве, ама тие пари не ги чуствува.

Слично на ова се и кредитите т.е. финансирањето на буџетските дефицити преку задолжување во странство. Имено, државата денеска ќе земе неколку десетици милиони евра и ќе ги потроши за пет – шест големи проекти да исфинансира, а потоа, со години, ќе го враќа по неколку милиони годишно тој кредит. Па така, нема ни да се осети кога после десет години, вкупно за враќање на кредитот ќе отидат два пати повеќе пари отколку што се земени.

А луѓето кои ќе добијат плата или профит од трошењето на кредитот, ќе ги добиваат парите одеднаш, и ќе почуствуваат дека добиваат многу. Иако се разбира, во текот на наредните години, токму тие преку плаќањето на малите секојдневни даноци, ќе ги вратат сите пари, па и повеќе од тоа што добиле.

Тоа е големата нумеричка мудрост во политиката: да земаш малку секој ден, а да даваш многу еднаш месечно или еднаш годишно. Затоа, оние на кои им земаш немаат баш мотив да ти заблагодарат ако им ги скратиш тие даноци, ама оние на кои им даваш, имаат ептен силен мотив да се бунат ако престанеш да им даваш ним, намалувајќи ги буџетските расходи.

2. Бројките не се луѓе, луѓето не се бројки: во оваа точка ќе стане збор за бескорисноста на статистиките за економските параметри со кои политичарите многу сакаат да се расфрлаат, било за фалење, било за критикување на политичкиот непријател.

Имено, нема ништо поглупо од тоа да излезе преставник некој на власта и да се пофали дека во изминатите години откако се тие на власт, се намалила невработеноста и да додаде плус некоја бројка, од неколку проценти на намалување. Зошто?

Затоа што тие бројки ги слушаат реални луѓе и секој од нив за време на периодот за кој се однесуваат кажаните бројки или: 1) се вработил или 2) останал на рабата или 3) ја изгубил работата, или 4) не се вработил.

Ако се вработил, која е поентата да му кажуваш дека имало не знам колку проценти намалување на вработувањето, кога тој и самиот знае дека добил работа. Таман да се смалува бројот на вработени, нему тоа не му значи ништо, оти тој не е во тие што ја изгубиле работата, туку се вработиле. Тој е веќе убеден дека е подобро оти нему му е подобро и нема потреба него да го убедуваш со убави брјки.

Од тука, партиските војници кои се вработени во бирократијата ама баш не ги тангира што нивните вработувања се непродуктивни. За нив лично се продуктивни, оти плата земаат!

Ако оној што ги слуша бројките за тој период бил и си останал вработен, што ќе си каже тој, освен дека во неговиот случај не се променило ништо. Да биде благодарен за „статус кво“ – никој не е способен. Така да кога премиерот се фали оти Македонија поминала релативно безболно низ рецесијата светска, никому не му е гајле и никој „фала“ нема да му каже за тоа. Бранко во 1998та се фалеше дека од војните во Југославија нашата Македонија излегла како оаза на мирот – и покрај тоа сепак ја изгуби власта.

За промена на полошо те пцујат дури и ако не си крив, за промена на подобро ти благодарат, но за останување на стаус кво – луѓето се сосема рамнодушни.

Ако ја изгубил работата, како оние вработените во кафулињата кои беа отпуштени поради падот на прометот по забраната за пушење во угостителските објекти, тој сигурно нема да биде среќен што – тој останал без работа, ама ете други се вработиле (оти нели паднала невработеноста). Ќе си рече веднаш: од мојата уста крадете, за на вашите партиски војници да им дадете работа.

Ако пак не се вработил во меѓувреме додека нели, според власта, се смалувала бројката на невработени – тој ќе биде најлут. Ќе си рече: ако секој ден нови луѓе се вработуваат, значи има работни места, но зошто нема за мене? Или власта лаже па не се зголемува вработеноста, или – вистина е дека се вработуваат луѓе, ама мене власта ме дискриминира па за мене нема вработување. Подетално овој начин на размислување го опишав во колумната „Долевање масло во огнот“.

Значи, тотално бескорисно е во било кој случај да се фали власта со бројки и факти и аргументи во подобрувањето на економските параметри. Ако мене ми е подобро, јас тоа ќе го почуствувам и не ми треба бројка за да ме убеди дека ми е подобро. Ако мене ми е полошо, а бројките велат дека во просек е подобро, се прашувам зошто мене ми е полошо и на кого тоа му е подобро  (и зошто баш нему?) ако мене ми е полошо?

Истото важи и за критикувањето на економските параметри кое го прави опозицијата, кога вели колкумина останале без работа поради некоја владина мерка или на колку семејства им е укината социјалната помош или колку земјоделци не зеле субвенции. Тие што не зеле пари и што изгубиле помош или работа – си знаат најубаво дека им е полошо. Ним не им требаат бројки за да сфатат дека не им е арно. А за другите граѓани пак важи она „ситиот на гладниот не му верува“. Така да ним џабе им се пласираат бројките за неуспесите на владата, кога самите лично не ги чуствуваат.

Ако пак самите виделе дури и ќар од владата, ептен е џабе да им се збори за бројки и факти и аргументи во однос на големата слика. Како може да е полошо кога мене ми е подобро? Сите седат по кафеани по цел ден, сите пијат скапи пијалоци и возат скапи коли – значи не е точно дека е полошо.

Вели поговорката: кога тагуваш, сѐ околу тебе ти изгледа потмурно отколку што навистина е, а кога си задоволен сѐ околу тебе ти изгледа посреќно отколку што навистина е. А друга слична поговорка вели: секој човек светот го гледа низ својот прозорец.

3. Не е исто „колку вреди“ и „колку чини“: еве едно многу едноставно прашање: „што може да се купи за 4,4 милиони евра“? При тоа имајте во предвид дека што и да купите за тие пари ќе чини исто (4,4 милиони евра) ама нема да вреди исто. Понекогаш, тоа што најмногу чини не вреди ич, а понекогаш она што сте го купиле скапо не само што нема да ви заврши работа, ами и подоцна ќе ве чини уште повеќе пари.

Еве за наведените 4,4 милиони евра можете да купите една Триумфална капија и да ја изградите среде Скопје. Или пак, да ја финансирате изградбата на сто двособни станови кои ќе ги поделите на млади брачни парови со мали деца. И едната капија и стоте станови чинат сосема исто, ама не вредат исто. Особено ако сте политичар кој сака да добие гласови за наредните избори.

Ајде, градежните работници кои ќе добијат работа и плата ќе ги добијат тие нешта и ако градат Капија и ако градат зграда со сто станови. Значи, за нив вредноста на двете варијанти е иста, оти ќе работат и ќе бидат платени и во двата случаи идентично.

Ама не и за оние сто млади брачни парови и за нивните родители. За околу 200 луѓе кои немаат стан (и за нивните 300-400 родители) не е иста вредноста на 4,4, милиони евра потрошени за Триумфална капија и потрошени за станови. Во Триумфалната капија не можат да живеат, а во становите можат.

Така да, еве да одговориме на прашањето: 4,4 милиони евра си чинат 4,4 милиони евра. Но 4,4 милиони вредат една Триумфална капија и нула гласачи, или сто станови и околу 500 гласачи.  Со други зборови, изградете една Триумфална капија и нема да добиете 500 гласови. Изградете сто станови, поделете ги на сто брачни парови и нивните и гласовите на нивните родители скоро сите ќе ги добиете, ама нема да имате Капија.

Љубчо Георгиевски кога беше премиер изгради Крст на Водно и го обнови Плашник и го спаси Дојранското Езеро преку системот за полнење со вода. И покрај тоа, ја изгуби власта оти не доби доволно гласови за да остане на власт. На изборите во 2002та доби помалку гласови од конкуренцијата дури и во Охрид (каде што е Плаошник и обновената Самуилова тврдина) и во Дојран (каде што е езерото).

Една рекламна кампања од типот на „Ти си Македонија“ чини околу 400 илјади евра, ама не вреди ништо, оти со тие пари може да се изгради нешто корисно кое ќе се „даде“ за стекнување на неколку десетици гласови плус. А никој не верува во пораките на таа кампања кога гледа каков однос има власта кон бранителите, кои навистина беа (поточно, бевме) Македонија кога тоа беше најпотребно. Па уште кога ќе рече власта дека нема пари за остварување на некои барања на бранителите – а има пари за секакви глупости (како бронзени шмизли на пример) – е тогаш не само што не стекнува гласови, ами и губи. И никакви милиони дадени за реклами и кампањи нема да ги убедат тие луѓе да гласаат за оној кој им вели дека нема пари за нив.

На избори не можат да гласаат бронзените луѓе. Но живите луѓе можат. Ако некој не ги изеде во меѓувреме 🙂

4. Не е битно колку членови има партијата, битно е колку гласачи има: а токму за партијата во која членува моментално најекспонираниот „јадач на живи луѓе“ ќе стане збор во оваа точка. Имено, опседнати се во ес-де-есот со тоа колку луѓе донеле тие на некој митинг, и дали бројот на луѓето на нивниот митинг бил поголем и колку пати бил поголем од оној број луѓе што се собрале на некој митинг или манифестација на владеачката партија.

Па што има чудно во тоа партија која на избори добила 200 илјади гласови на митинг да собере 50 илјади? Или нека собере и 190 илјади, колкав што митинг никогаш немало во Македонија, па што со тоа? На изборите ако добие пак 200 илјади, пак нема да ја освои власта. Не е битно колку луѓе сте собрале на митинг, ниту пак колку членови имате во партијата, битно е колку гласачи имате на изборите.

Еве на слична линија може да се анализираат и протестите во Египет кои се случуваат деновиве. Сите гледаме на теве-екраните снимки од огромни толпи народ кои се излезени на улиците и бараат Мубарак да си замине. Но, во текот на најголемите протести се проценува најоптимистички дека имаше два до три милиони присутни. Во држава во која живеат 80 милиони жители, што се два или три милиони? Да, три милиона протестираат, ама 77 милиони не протестираат. Веројатно токму ова сознание му дава кураж на Мубарак и на неговите верни приврзаници (колку и да ги има) да не попуштаат пред барањата на демонстрантите.

Арно ама, и тој треба да знае дека и само сто илјади луѓе, ако се доволно решителни и добро организирани, се доволни за да го соборат од власт. Впрочем, за овој принцип пишував опширно во „Еден ама вреден“.

Да се вратиме во нашата политика, каде што постои еден мит дека „Груевски е водач на целиот народ и дека сите Македонци стојат зад него“. Не знам од каде е овој мит произлезен, оти наједноставна анализа на бројките од изборите и пописите ќе ни каже дека не стојат не само сите, ами ни половина од етничките Македонци зад политиката на премиерот.

Имено, во Македонија има околу милион и триста илјади етнички Македонци, од кои, поради нискиот наталитет кај Македонците, над еден милион се постари од 18 години т.е. се гласачи. Да претпоставиме дека на изборите во 2008та кога владеачката партија доби најголема подршка воопшто во својата историја, ама баш сите гласови за неа биле од етнички Македонци. Што во голема мера е точно, иако имаше и мал број гласачи од етничките партии во коалицијата.

Ако има милион етнички Македонци, а само 480 илјади гласале за партијата на Груевски на парламентарните избори, па тоа значи дека помалку од половина од етничките Македонци ја подржале неговата политика и програма за преродба. Да, според анкетите дури 60 од гласачите ги подржуваат ставовите на премиерот (а тоа е околу милион луѓе) ама кај се тие милион Македонци на избори да покажат дека навистина го подржуваат премиерот?

На фејсбук имаше на времето една акција за собирање на пари за операцијата на некое болно дете, и „лајк“ кликнале на таа група 25 илјади луѓе. Арно ама, преку мобилен донирале пари само 2.500 луѓе па беа собрани 250.000 денари само. И сега, што му врдат на тоа дете оние 22.500 подржувачи кога не дале пари? Што му вредат на премиерот оние 60% подржувачи што во анкетите (сликовито кажано) кликнале на лајк, ама не планираат да гласаат за неговата партија?

Зоран Заев можеби има амбици некој ден да касне живи луѓе, ама во меѓувреме да не заборавиме дека тој победи уште во првиот круг на локалните избори во Струмица. Оти знае како пред да ги изеде живите луѓе може да ги „угои“ со тоа што ќе им заврши некоја услуга, ќе им најде работа, ќе им издаде дозвола за градба, ќе ги упати на право место кај правиот човек со убава препорака.

Од друга страна, битните фаци од партијата на власт имаат обичај на секое барање за услуга или нешто слично да одговараат со „тоа е ситница, не се замарам со ситници“. Е па, секој барател на услуга ќе си рече тогаш: „ако е стварно ситно, што не ми завршиш работа, туку ме моташ. Ако не ми вршиш работа, или не е ситно за тебе (значи слаб си и зошто тогаш го креваш носот) или, можеш да ми завршиш работа, ама не ми завршуваш оти ме мразиш“.

*

Конечно, во политиката многу работи се релативни. Како на пример, резултатите од изборите. Оти луѓето кои нема да излезат да гласаат, нема да се бројат при распределбата на пратеничките мандати, па од таму, ирелевантно е што на опозицијата не ѝ расне рејтингот, ако во меѓувреме на власта ѝ паѓа рејтингот.

Во услови на низок одзив на изборите, кога најголемиот број од апстинентите ќе бидат оние кои се разочарани од владеачката партија, односот меѓу добиените гласови на едниот и на другиот табор ќе биде потесен отколку на претходните избори, иако најверојатно ес-де-ес ќе добие ист број гласови како и во 2008та.

Па така, малите десни партии како онаа на Љубчо, онаа на Љубе и најновата на Филип Петровски, дури да не влезат во парламентот, пак ќе го смалат бројот на гласови што ќе ги добие ВМРО-ДПМНЕ, со што пропорцијата меѓу нив и СДСМ ќе се смали. Па во соодветна коалиција со неколку албански партии (поттикнати од странскиот фактор на кој му се лојални), може да се повтори ситуацијата од првите избори во 1990та, кога вмровците добија најмногу пратеници ама не можеа да формираат влада оти се создаде коалиција против нив од скоро сите помали партии.

Така да, сѐ е релативно. Оти, ако градите брана за да ја преградите реката, не се прашувате само колку материјал имате за градење на браната. туку и колкава река треба да преградите. Лете, реката е ниска и не изгледа дека ќе надојде и ќе однесе сѐ пред себе, но на есен или напролет, може да надојде ако заврне доволно дожд. Џабе голема брана, ако реката надојде уште поголема.

.

П.С: Минатиот четврток, по грешка, најавив дека денеска ќе биде објавена колумна со наслов „Претерани бројки“. Таа е планирана за неколку недели од денеска, а всушност сакав оваа што ја објавив да ја збунам, ама се најавив. Оти имаат многу сличен наслов двете.

Како и да е, наредниот четврток, на блогот ќе има една колумна со византиска тема, налик на „Белисариус“ и „Теодора и Ника“. Ќе се вика таа „Роман“ а за што станува збор во неа – ќе видите наредниот четврток.

До тогаш, поздрав 😉