Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ АПСУРДНОСТА НА ГЕНЕТСКОТО ОДРЕДУВАЊЕ НА НАЦИОНАЛНОСТА

with 15 comments

Текстот што следува е инспириран од една расправија која ја имав пред неколку денови со еден пријател кој неодамна беше дознал за истражувањата на институтот „Игенеа“ и беше станал опседнат со мислата да дознае дали и самиот тој е директен потомок на античките Македонци. Ме прашуваше како да стапи во контакт со нив за да им даде примерок од својата крв за да му направат тестирање и да му дадат потврда дека потекнува од античките! Морав да му ја нацртам следнава скица на неговиот можен (претпоставен) родослов, за да му докажам дека нацијата е чисто културолошки поим а никако генетски. Потоа, му ја раскажав и приказната за неговите можни „предци“. И го убедив дека и ако предложениот родослов е точен, тој сепак има право да се чуствува дека е 100% Македонец!

* текстов е првично објавен на 28ми јуни 2009 на http://blogatash.blog.com.mk/node/236197

кликнете на сликата за да ја видите поголема

Прво, основни податоци за методите на Игенеа: за оние кои не биле внимателни на часовите по биологија, да потсетам за два факти кои се научно апсолутно точни и кои им служат на експертите од Игенеа да го одредат делумното (баш така!) потекло на луѓето од кои имаат земено примероци ткиво.

Дали двајца браќа се синови на ист татко може да се утврди со испитување на нивните Y хромозоми. Имено, секој човек во јадрото на секоја клетка од своето тело има 46 хромозоми, од кои два хромозома се таканаречените „полови“ хромозоми кои можат да бидат или двата од типот Х или еден да е X а другиот Y. Кај жените и двата полови хромозоми се од типот Х а кај мажите едниот е Х а другиот е Y.

Кога се создава сперматозоид, тој настанува со цепење на едни „нормални“ клетки кои имаат 46 хромозоми, меѓу нив еден X и еден Y, на два сперматозоида од кои едниот носи низа од 23 хромозоми со X хромозом, а другиот низа од 23 хромозоми со Y. Јајце-клетките се формираат на сличен начин, само што кај нив, бидејќи настануваат од женска телесна клетка кај која и двата полови хромозоми се X, и двете јајце-клетки ќе имаат по 23 хромозоми и во двете низи ќе има само X хромозоми!

При оплодувањето на јајце-клетката (која содржи само 23 хромозоми) од страна на сперматозоид (кој исто така содржи само 23 хромозоми) доаѓа до комбинирање на генетскиот материјал во едно јадро кое има точно 46 хромозоми. Доколку од милионите сперматозоиди клетката ја оплоди токму некој со низа која содржи Y хромозом, ембрионот што ќе се создаде е машки, и ако сѐ оди нормално, за девет месеци жената ќе роди син. Ако пак сперматозоидот кој ќе ја оплоди јајце-клетката има низа со X хромозом, ембрионот ќе биде женски, и за девет месеци ќе се роди ќерка.

Од тука заклучокот е многу едноставен. Синовите од своите татковци го наследуваат задолжително Y хромозомот, тие потоа го предаваат на своите синови и тие на своите синови и така натаму сѐ додека има продолжување на родот. По таа основа, со генетското тестирање на Y хромозомот кај двајца мажи може да се утврди дали имаат заеднички директен машки предок до практично стотици генерации наназад. Ова сепак не може да оди наназад до бескрај оти со секоја генерација во Y хромозомите се случуваат мали мутации, кои после стотина генерации доведуваат до сосема различни Y хромозоми. Чекор по чекор – расчекор!

Слична процедура се прави и при тестирањето на таканаречената митохондријална DNA која што кај синовите и ќерките се пренесува директно од мајката, а синовите не ја пренесуваат на своите синови и ќерки, бидејќи и тие ја добиваат од мајката. Ова од таму што сперматозоидите ја оставаат надвор својата митохондријална DNA кога продираат во јајце-клетката и во ембрионот има само митохондријална DNA од мајката.

На тој начин, со тестирање на таа DNA може да утврди кај две жени дали имаат пред десетици или стотици генерации наназад заеднички женски директен предок. Ова директен предок значи мајка на мајката на мајката на мајката на мајката…. на денешните две жени за кои се тестира нивната митохондријална DNA.

Заклучок: со денешните сознанија на генетиката, може да се утврди само директниот машки заеднички предок на мажите и само директниот женски заеднички предок на жените. Значи, ако Сара тврди дека е ќерка на Ана која е ќерка на Донка која е ќерка на Милка, а пак Христина вели дека е ќерка на Благица која е ќерка на Марија која е ќерка на Милка, тоа може да се докаже со генетско тестирање на митохондријалната DNA кај Сара и Христина. Истиот синџир составен исклучиво од машки членови може да се утврди и кај мажите со тоа што ќе се тестира Y хромозомот.

Но! Со овие методи е невозможно да се утврди дали е точно дека Стефан и Горан се четврти братучеди, ако Стефан тврди дека е син на Игор кој е син на Весна која е ќерка на Зоран кој е син на Трајко, а Горан тврди дека татко му Борис е син на Илинка која е ќерка на Благоја кој е син на Благуња која му е сестра на оној Трајко од родословот на Стефан. Бидејќи синџирот не е по само машки или само женски предци – генетиката, барем на денешното ниво на развој не може да ги потврди тврдењата на Стефан и Горан. Иако, во реалноста апсолутно тие може да се навистина четврти братучеди!

И такааааа… сега да објасниме како е можно Крсте да е син на синот на синот на синот на синот на синот на еден црнец од Танзанија и истовремено да е син на ќерката на ќерката на ќерката на ќерката на ќерката на една Монголка од Казахстан! И ако е тоа така, за што би требало да се смета по националност Крсте?

Патот на Y хромозомот: Кон крајот на 1806та година на територијата на денешна јужна Танзанија еден млад човек по име Т’кабеле сфатил дека во неговото село среде саваната нема иднина за еден амбициозен и интелигентен човек како него, па решил да замине во големиот град на брегот на океанот, во величествениот Занзибар, каде што очекувал да најде добро платена работа. Со својата бремена жена тој пристигнал во големиот град каде што неговиот чичко му нашол работа како надзорник на пристаништето.

Во првите денови на 1807та година му се раѓа синот М’дризи кој, поради тоа што родителите одлучиле да го прифатат исламот за своја религија (пред тоа биле пагани, какви што многу од жителите на Африка и до ден денешен се), набрзо добил ново име, во духот на исламот, а воедно и слично на оригиналното – Идриз. Презимето не е познато, оти кога Идриз пораснал и влегол во семејниот бизнис – надзорник на пристаништето – таму во 1841та му го спасил животот на еден трговец дојден од Египет кој бил нападнат од банда локални рекетари. Рекетарите, иако здробени од ќотек, му се заканиле на Идриз дека ќе го убијат кога ќе ја доведат целата своја банда, па затоа заедно со трговецот чиј живот го спасил побегнал во Египет. Таму Идриз бил формално – правно посвоен од трговецот и го зел неговото презиме Ал-Тахир.

Во Каиро Идриз не само што му бил посвоен син на трговецот туку и станал негов личен телохранител, оти и Каиро бил опасен град со многубројни улични гангстери. Поради својата физичка сила и брзи рефлекси, Идриз неколку пати го извлекол својот „татко“ од животна опасност, па во 1842та година, една млада и многу сиромашна девојка по име Рашида (со арапско-египетско потекло) била договорена за да се ожени со Идриз. Тие имале неколку ќерки и два сина, меѓу нив и помладиот, роден во 1844, Омар.

Омар како син на црнец од Танзанија и на Арапка од Египет не бил толку црн како татко му, но по својата мускулна маса далеку го надминувал. Се велело дека еден удар од десницата на Омар Ал-Тахир е доволен да убие човек! Од обична шлаканица возрасни мажи паѓале во несвест!

Овој Омар бил убеден од страна на еден негов пријател да заминат во Истанбул каде што и двајцата веднаш нашле работа како обезбедувачи во еден елитен бордел, каде што редовни гости биле западно-европските трговци и дипломати присутни во престолнината на Отоманската империја. Омар и другар му воделе сметка гостите да не прават проблеми и секогаш да си ги плаќаат сметките, и во тоа биле толку успешни што газдата на борделот (инаку брат на еден од најблиските советници на султанот!) им плаќал голема плата и значителни бонуси.

Омар се оженил со Турчинката Ѓулистан, убавата ќерка на бескрајно сиромашните родители Јусуф и Сертаб кои немале ништо против тоа ќерка да ја дадат за црномурест човек, оти тој бил многу богат, се познавал со битни луѓе во политичката елита во Стамбол и можел нејзе (и ним посредно, а и на нивните други деца) да им обезбеди излез од очајната сиромаштија. Омар и Ѓулистан имале едно седум ќерки, и само еден син по име Јонуз, роден во 1866та година.

Јонуз со помош на врските и познанствата на татко му со соодветни луѓе, станал офицер во армијата на султанот и брзо напредувал до ранг еквивалентен на полковник. Во 1903та година, овој Јонуз Ал-Тахири, кој по бојата на кожата бил многу побел од татка си (само дедо му Идриз бил црнец, другиот дедо и двете баби му биле белци), бил дел од војската која го задушила Илинденското востание во Македонија. Како полковник, имал можност да силува неколку млади моми во селата кои биле уништени при задушувањето на востанието, и една од тие девојки, по име Елена (ќерка на Лука и Бисера, при што Лука бил Влав од Крушево, син на Јани и Марина, а Бисера била Македонка, ќерка на Томе и Блашка) ја забременил.

Таа девет месеци подоцна го родила синот на силувачот и оти не сакала да чува дете од таков татко, го оставила бебото крај чешмата во едно село и заминала во непознат правец, од кога ѝ се губи секаква трага.

Детето го нашле во пелени како плаче крај чешмата жените кои дошле да наполнат наутро вода, и сфаќајќи дека е напуштено, решиле да се распрашаат низ околните села дали има некои луѓе без деца кои сакаат да посвојат најденче. Се јавиле двајца сиромашни, маж и жена, кои не можеле да имаат свои деца, па го посвоиле. Од што чешмата кај која го нашле се викала Петрова чешма, го крстиле детето Петре. Петре бил роден во 1904та година.

Во 1922та година, младиот Петре се жени со младата вдовица Петранка чиј маж загинал во Првата Светска Војна (бил присилно мобилизиран за српската војска и бил убиен во самиот почеток на познатата битка на реката Колубара). Петре и Петранка биле скромни луѓе и многу сиромаси, но имале неколку деца, меѓу нив и синот Јордан, роден 1925 година.

Овој Јордан уште од најмали нозе имал авантуристички карактер и кога започнала окупацијата на Југославија во Втората Светска Војна, тој одејќи си по некој пат нашол десетина пушки од кралската југословенска армија кои ги фрлиле војниците кои бегале од налетот на бугарската армија. Овие пушки заедно со многубројната муниција Јордан ги собрал и ги скрил на скришно место во планината.

Во 1942та година, на Јордан му се пружила прилика да замине во партизаните и со себе како „мираз“ ги понел десетте пушки и муницијата што ги собрал во 1941та, и со тоа го привлекол вниманието на командирот на партизанскиот одред. Јордан во НОБ бил присутен при формирањето на македонската војска на Славеј Планина, се борел во Февруарскиот поход, му го спасил во една пригода животот на Михајло Апостолски, бил меѓу првите борци кои влегле да го ослободуваат Скопје, при што бил опасно ранет во ногата и до крајот на војната ќе остане во Скопје да се „опоравуе и да заздравуе“.

Во 1948 година го наоѓаме Јордан – народниот херој и личен пријател на Михајло Апостолски – како како битен човек во новата локална власт во слободно Скопје. Толку многу се сметал за заслужен што почнал да се кара со кого стигне, па откако се замерил со погрешните луѓе, му се заканиле со водење во затвор. Сепак, Апостолски интервенирал и наместо во затвор, бил пратен да биде шумар во неговото родно село. Таму, во 1950та година се запознава со една убава девојка по име Стојанка, бегалка од Егејска Македонија, па се жени со неа и имаат четири деца меѓу нив и близнаците Павле и Павлина.

Павле бил горд на своето потекло од партизан и народен херој, и особено го ценел тоа што татко му никогаш не дозволил некој да му кажува како да мисли и што да збори. Павле бил авто-механичар, а на свадбата на сестра му Павлина се запознал со девојка по име Калина (наставничка по англиски) која исто така била ќерка на партизан од Егејска Македонија по име Оливер. Наоѓајќи многу заеднички точки, Павле и Калина се заљубиле, се венчале и имале син по име Крсте, кој е роден во 1977 година, и една ќерка родена две години потоа.

Овој Крсте е член на ВМРО-ДПМНЕ од 1995та година, во 2001та беше бранител и учествуваше во битката за Арачиново, потоа беше припадник на „Лавовите“ а од 2003та работи како телохранител на еден од скопските „сомнителни“ бизнисмени кој има одлични врски со сегашната владеачка гарнитура. Крсте е фанатичен патриот, непоправлив оптимист, апсолутно е убеден дека денешените Македоноци се во најголема мера потомци на Македонците на Филип и Александар, и баш пред еден месец дозна дека некоја си институција со светско реноме по име Игенеа утврдила од какви предци потекнуваат денешните Македонци, и сега бара начин да стапи во контакт со нив за да им прати свој примерок крв или што треба, за да му дадат „црно на бело“ дека и тој, внук на двајца дедовци партизани и самиот бранител на Македонија е – чист потомок на античките!

Крсте тежи 110 килограми во кои нема ни грам сало – сѐ сами мускули, а за него се вели дека еден удар од неговата десница е доволен да убие човек. Од шлаканица возрасни мажи паѓаат во несвест. Омилена му е рап музиката на Фифти Сент и најмногу се пали на еротски стомачни ориентални танци!

Иако станува збор за реален лик кого лично го познавам, сите имиња во горната приказна се изменети, а за предците на „Крсте“ пред Втората Светска Војна нема никакви податоци, па затоа ги измислив (инспирација за танзаниско-арапската врска ми беше музичкиот вкус на Крсте). Иако измислен делумно, родословот од машка страна апсолутно е можно да е вистинит, оти ништо не докажува дека не е вистинит.

Патот на митохондријалната DNA: Во декември 1820 година во степата на денешен североисточен Казахстан млад човек по име Умбалуге, Монголец, случајно при лов умира паѓајќи од својот коњ, неполн месец пред да се роди неговата помлада ќерка, која поради тоа што се родила после смртта на таткото, го добива името Тама’ар (за кое што локалниот шаман ја убедил мајката на Тама’ар дека има посебна магиска моќ да го заштити семејството од слични несреќи). Но, само една година по раѓањето на Тама’ар, умира и мајката, па Тама’ар е оставена да ја чуваат нејзината вујна и вујко. Таа нема многу среќно детство, па кога во 1840ата година еден украински Козак по име Пјотр Николаев ќе помине како придружник на една експедиција низ тој регион, вујкото (и старател) на Тама’ар со задоволство ќе се согласи да му ја даде за жена.

Пјотр ќе ја одведе Тама’ар во своето родно село во Украина и таму откако таа ќе ја прими православната вера и ќе се прекрсти во Тамара, му станува жена и му раѓа многу деца, меѓу нив и ќерката Ирина, која поради среќната комбинација на благо закосените очни капаци наследени од мајката и златно-русата коса од гените на својот татко, била вонредно убава па го привлекувала вниманието на момчињата од соседните села со десетици километри во околината.

Сепак, татко ѝ Пјотр, строг но внимателен, не сакал својата најубава и најинтелигентна ќерка да ја даде за некој локален младич оти знаел дека неговите Козаци се најчесто непоправливи пијаници од кои угледни домаќини не бидува. Неговите синови уште во тинејџерските години почнале да пијат и да се тепаат, а Пјотр кој цел Сибир го имал прошетано во младоста сакал барем едно од неговите деца да види во аир во животот.

Шансата за аир се појавила во ликот на младиот и згоден и богат Јохан Густавсон, син на преставникот на една шведска фирма за производство на оружје, Кнут Густавсон (работел подоцна и во фирмата на таткото на Алфред Нобел, основоположникот на Нобеловата награда и откривач на динамитот) и на една холандска аристократка, убавата но тврдоглава Герта, со моминско презиме Ван Димен (кое и покрај бракот со Кнут го задржала!).

На овие необичности во фамилијата на Јохан, козакот Пјотр не се осврнал премногу, оти момчето било богато и убаво, умно и од фамилија која на човекот што сиот исток го видел му делувал „западно“ и по таа основа егзотично, па се согласил Ирина да му стане жена на Јохан (кој се разбира бил маѓепсан од нејзината беспрекорна убавина).

Јохан и Ирина се населиле во Санкт Петерсбург и имале шест ќерки и (за чудо) ниту еден син, а една од ќерките се викала Елена (родена 1869та година) и била уште поубава од мајка си. Толку убава што била вистинска ѕвезда на приемите во салоните на аристократите и индустријалците во Санкт Петерсбург, па извесниот Сергеј, син на генерал, се заљубил во неа и по долго и мачно додворување конечно успеал да ја убеди да се омажи за него.

Тие, по многу обиди, успеале да добијат само една ќерка, Наташа, родена точно десет минути по полноќ на први јануари 1901 година. Некои велат дека таа била првото дете што се родило во XXиот век во целата Санкт-Петерсбуршка губернија – ама за тоа нема доволно документи, па сѐ останува на ниво на шпекулации.

Прва љубов на Наташа ѝ бил еден српски студент во Санкт Петерсбург кој со завршувањето на Првата Светска Војна се враќа во Србија и со себе ја води и својата девојка, без да бара од татко ѝ дозвола да се омажи за неа. Сергеј му се заканил дека ако треба до Србија ќе го гони тој „крадец на ќерки“ но само три дена по заминувањето на ќерка му, во Русија бољшевиците ќе го стрелаат Сергеј под обвинение дека е „гнасен буржуј и непријател на работничката класа“.

Наташа со нејзиниот љубовник Милутин, кој пак има комплексно хрватско – српско – унгарско потекло, во Србија првично се населуваат во Белград, а во 1921та година Милутин како службеник на Министерството на Полицијата (работното место го добил по ургенција на татко му, во неколку наврати министер во разни ресори и пратеник во парламентот) добива работа во Македонија, во командата на жандармеријата за „Јужна Србија“ (т.е. Македонија). Во 1922 година, во Скопје им се раѓа ќерката Олга.

А Олга била слободен дух, практично комбинација на слободниот дух на мајка ѝ и на татко ѝ, и никој не можел да ја стави под контрола. Во 1940 година своеволно и самостојно заминува за Атина (со само 18 години!) каде што со својата убавина за помалку од една година ќе ги заведе најпосакуваните ергени во главниот град на Грција, дури на еден министер и бракот ќе му го растури, за да на крајот се вљуби и самата во еден грчки комунист и анархист по име Константинос.

Со падот на Грција во 1941та година под окупација на Германија и Италија, младите љубовници Олга и Константинос се кријат во зафрлените села во планините во северо-западна Грција каде што еден зимски ден кон крајот на 1942та година Константинос напрасно и без објаснување ќе си замине од селото оставајќи ја Олга да се снаоѓа сама како знае и умее.

Олга се запознава веќе наредниот ден со еден локален жител по име Оливер, мрачен и меланхоличен тип кој што за разлика од сите мажи до тогаш во нејзиниот живот воопшто не ѝ обрнувал внимание. Обидувајќи се да ја дознае тајната за неговата меланхолија, Олга дознава (после речиси три години постојана комуникација со него) дека како мал, Оливер бил сведок како грчки жандарми го заклале неговото семејство и тоа врз него оставило неизбришливи трауми.

Со почетокот на граѓанската војна во Грција, Оливер станува партизан и со задоволство пука на секој Грк што ќе му излезе пред нишанот. Во 1949та година, сфаќајќи дека поразот е близу, ја собира својата пријателка Олга, и заедно ја преминуваат границата со Југославија и се населуваат во Битола. Во Македонија Олга дознава дека татко ѝ се самоубил уште во 1941та, кога сфатил дека кралска Југославија ја загубила војната, а на нејзината мајка Наташа ѝ се губи секаква трага после 8ми септември 1944та. Некои поранешни соседи ѝ кажале на Олга дека со свои очи ја виделе мајка ѝ како се качила во камион полн со бугарски војници и заминала за Софија – да живее таму со некој бугарски офицер во кого се заљубила после смртта на Милутин. Други пак велат дека, од жал по мажот, се фрлила во Вардар уште во 1941та. Трети велат дека ништо ниту виделе, ниту знаат!

Олга и Оливер имаат две ќерки, од кои едната, Калина, родена во 1953та година, станува наставничка по англиски и на една свадба на една нејзина пријателка се запознава со братот на пријателката, инаку син на еден партизан и една бегалка од Егејска Македонија и почнувајќи од таа заедничка основа тие постепено сѐ подлабоко се запознаваат и се заљубуваат, и се венчаат, имајќи го синот Крсте, роден во 1977 година (и една ќерка која сега живее во Америка), за кој што Крсте погоре објаснив со што се занимава денеска и какви ставови има за одредени прашања.

Е сега, дојдовме до прашањето за националноста на Крсте! Тргнувајќи од тезата дека нацијата е концепт создаден во XIXти век, ќе претпоставиме дека оние 64 предци на Крсте кои се родени после 1800та година се припадници на чисти нации и од нив ќе тргнеме во дефинирањето на националноста на Крстета.

Од вкупно 64 предци во шестата генерација наназад, Крсте има, според националноста:  1 црнец од Танзанија, 1 Арапка од Египет, 2 Турци (Турчин и Турчинка де!) од Истанбул, 2 Власи од Крушево, 1 Монголка од Казахстан, 1 Украинец – Козак, 4 Руси, 1 Швеѓанец, 1 Холанѓанка, 2 Хрваткињи, 4 Срби, 2 Унгарци и 42 Македонци, или во проценти од „чистите нации“ Крсте е 65,6% Македонец, а 34,4% мешавина од разни немакедонски нации (од кои повеќето се сепак словенски).

Тука не го земаме во предвид можното мешано потекло на предците пред шестте колена на Крсте, оти на пример е можно Швеѓанецот да има баба Норвежанка, Русите да се делумно по потекло од Украинци а делумно од Полјаци, една од Хрваткињите да има дедо Италијанец, а другата баба Германка… ама рековме дека оти нациите се производ на XIXти век, ќе ги сметаме само луѓето родени после 1800та година за оригинално чисти според нацијата.

И значи, Крсте има две третини крв од чисти Македонци, и една третина „нечиста“ крв! И сега, Крсте Македонец ли е?

Игенеа ако му ја тестира крвта или слузницата за да провери каков Y хромозом има сигурно ќе утврди и ќе го шокира Крстета дека неговиот Y хромозом го споделува со стотици илјади мажи од Јужна Танзанија – припадници на племето од кое потекнувал прадедото на неговиот прадедо!

Од друга страна кога ќе му ја провери митохондријалната DNA (која Крсте ја наследил од мајка му, но која на неговите синови и ќерки ќе им ја пренесе жена му на Крсте), ќе излезе дека токму тој код на митохондријалната DNA кој е застапен во секоја од десетиците трилиони клетки во телото на Крсте е – најчесто застапен кај жените од Монголија, Сибир, Северна Кина и делови од Казахстан!

За другите предци Игенеа на Крсте ништо не може со сигурност да му каже. Само по директна машка и по директна женска линија може да се добијат одговорите. И сега, Крсте што треба да чуствува за себе: дека е производ на црнечко – татарско мешање, или дека поради своето потекло од двајца дедовци партизани и поради својот сопствен придонес кон одбраната на татковината во 2001та и поради својот безграничен патриотизам и потполна љубов кон Македонија е – сто проценти Македонец?

Можеби е вистина дека нацијата како поим со кој се определува идентитетот на група луѓе потекнува од XIXтиот век. Но, јас сум цврсто убеден дека националното чуство кај индивидуалните луѓе потекнува од оној момент кога тие самите ќе одлучат за себе, по свој избор и слободна волја – што сакаат да бидат.

Written by nenobogdan

08/01/2010 at 00:38

15 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Прекрасно! 🙂

    Мартинка

    21/05/2010 at 18:21

    • Јака е колумнава, нели?

      Лично ја сметам за најдобро нешто до сега од мене на блогов 🙂

      Да имам време, би можел да ја развијам во цела книга, патот на сите 64 предци од шесте колена наназад да го опишам во детали.

  2. Друже, не те знам, али ме воодушеви! Секоја чест! Одиш на ФБ… 🙂

    Emil

    22/06/2011 at 15:06

  3. Да не се вообразиш многу…па да почнеш да пишуваш за Св.Павле? Додуше можеш и да перпишуваш по нешто затоа што многу за него е нпишано во Библијата, а тоа што го нема во неа јас го простудирав низ разни книги и неговите писма…( За да го составам сценариотот за филмот…

    Coci

    25/06/2011 at 23:03

  4. Pa kaj ima makedonci vo makedonia,bugari se i srbij,ne postoelo nikat.

    aby

    08/07/2011 at 18:16

  5. Mnogu citliv i inteligenten tekst .Cestitki do avotorot

    George Simonovski

    12/07/2011 at 08:21

  6. Aplauz,aplauz…stoecki ovacii 🙂

    DeJaN

    24/10/2011 at 23:55

  7. Nacionalnosta ne mozhe genetski da se odredi, toa e vistina, no verojatno raspravijata so tvojot prijatel bila od druga priroda, odnosno ste se nafatile so reshavanje na seriozno i teshko prashanje a toa e kako nastanala i sto e vo osnovata na nejzinoto postoenje. Tuka igraat verojatno mnogu faktori vo koj definitivno eden od niv e i posebnosta na plemeto od kade poteknuvaat neshtata. Da go nabljuduvame fenomenot nacija neobremeneti od nashata domashna situacija, nekako sme osetlivi i teshko debatirame. Genetikata ne dava odgovor za postoenjeto na nacionalnost, toa e NEMOZHNO i APSURDNO no se obiduva po NAUCHEN PAT da dade odgovor za distribucija na genot niz vremeto ne mnogu razmisluvajki za debatata na BOGDAN I PRIJATELOT i nivnite problemi. Igenea, Institutot za imunologija i humana genetika i National Geographic ( https://genographic.nationalgeographic.com/genographic/index.html ) se samo del od prikaznata koja se obiduva da frli svetlo vrz prasahnjeto DISTRIBUCIJA NA GEN. Odnosno kako genot na chovekot se distribuiral niz svetot, odnosno kako chovekot migriral i kako po patot na migracijata se menuval, na koja osnova se zdruzhuval, shto znachi toa vo antropoloshka i lingvistichka smisla itd itd. Plemeto ( grupa na lugje koe zhivee zaedno podolg period ) ima svoi karakteristiki koi del se steknati a del genetski posebni.
    Nacionalnosta e chuvstvo i kako takvo stoi na sprotivnata skala na FENOMENOT GEN koj e podatok. Chuvstvoto na nacionalnost Makedonecot verojatno kako i kaj mnogu drugi nacionalnosti na zemjinava topka se gradelo vo tek i pri krajot na 19 tiot vek preku likovite kako Krste Petkov Misirkov itd itd. Istite likovi gi analizirale neshtata, frlale svetlo vrz istite i taka doagjale do odredeni soznanija. Primer uvidele deka na ovie prostori postoi grupa na lugje so poseben jazik, kultura, pesna, itd. Vednash se nametnuva prashanjeto od kade ovie lugje so ovie karakteristiki, na ovie prostori. Pa se raschepkuva minatoto i sekoe sluchuvanje na ovie prostori do poznati vreminja pa se debatira i taka chekor po chekor se razbudila nacionalnata svest kaj makedonecot zaedno so nacionalnosta na site ostanati grupi okolu sebe. Toa e osnovata/potrebata vrz koja se temeli postoenjeto na drzhavata Makedonija. Dobivanjeto na podatoci za grupata od minatoto vkluchuva nauchni soznanija od mnogu granki ANTROPOLOGIJA, FILOLOGIJA, ISTORIJA no vo posledno vreme so razvojot na ushte edna nauchna disciplina, se povekje a toa e GENETIKATA.
    Spored mene za chovekot i negovoto bitisuvanje na zemjinata topka, postoenjeto na DRZHAVA NACIJA i RELIGIJA e TOTALEN KAPRIC no sum dovolno golem da razberam deka istiot postoi pa duri i ja definira sudbinata na grupi lugje.
    Na zhalost vo mojata drzhava vo momentov grupa na lugje so isto nacionalno chuvstvo imaat razlichno viduvanje kako toa chuvstvo se razvilo. Ednite velat deka vo potekloto na grupata koja go gradi nacionalnoto chuvstvo se SLOVENITE dojdenci od karpatite a drugite velat deka se ANTICHKI MAKEDONCI starosedelci na ovie prostori od damneshni vreminja iako bitisuvale vo dva razlichni VREMENSKI PERIODI do stepen da ne se iskluchuvaat edni so drugi no ete na nekoj huden nachin DENESHNIOT MAKEDONEC LJUBI DA DEBATIRA DALI POTEKNUVA OD 3 vek pred nasha era ili e dojden vo 6 vek posle nasha era. ???????????????????
    Nema nishto losho dokolku edna nauka uspee da dade pridones na vakvi prashanja, i dava odgovri, i odgvorot e mnogu OCHEKUVAN odnosno naogja deka na ovie prostori ima distribucija na gen od starossedelci vo pogolem procent i distribucija na gen na dojdenci vo pomal procent isto kako i vo tvojata prikazna.
    Prikaznata za potekloto na grupata e jasna, miks na starosedelci i dojdenci kako i nasekade niz svetot…….!!!

    Pozdrav, tekstot ti e odlichen…

    Igor

    11/04/2012 at 07:26

  8. Цел живот мислев оти сум полу Влав, полу Македонец… сега ме депримира фактот дека најверојатно најсродна земја ми е меѓународната територија на ООН во Њујорк 😀

    Мартин

    16/07/2012 at 09:32

  9. Малку ги помеша поимите… Точно е дека НАЦИИТЕ и НАЦИОНАЛНИТЕ ДРЖАВИ се појавуваат во 18 и 19 век. НАЦИОНАЛНА ПРИПАДНОСТ во цел свет (освен на Балканот) се дефинира како припадност кон државата, без разлика на ЕТНИЧКОТО ПОТЕКЛО.
    ЕТНИЧКАТА СВЕСТ е припадност кон еден народ, свест за своето ПОТЕКЛО, ПЛЕМЕНСКО, ЕТНИЧКО. Македонштината на Крсте тука претставува сознание за неговото потекло, аманет кој со генерации го пренесувале тие 42 предока и сите предтоа.
    Македонците и пред 19 век биле свесни за своето ЕТНИЧКОТО ПОТЕКЛО, има 10-тици сведоштва за тоа.

    Слободан Иванов

    30/03/2013 at 02:32

    • Иако колумнава е навистина “spot on” коментар за една од нашите клучни „општествени слабости“ (непотребно и комплетно погрешно насочено оптеретување со потеклото), мислам дека Слободан има право.
      Значи first things first. Националноста е избор на секоја личност и тука си 100% во право. Но исто така е точно е дека таа најчесто таа се избира токму според „процентот“ кој доминира кај личноста во согласност со местото на раѓање, живеење, родителите, предците, образованието, карактерот… но сепак на крај е право на избор – одличен пр. се посвоени деца жртви на воени, економски и други непогоди или деца на родители од различна националност кои избрале националност на еден од родителите.
      Второ, потеклото, односно хронолошката линија на потекло на преците само покажува и докажува колку сме сите слични и поврзани. Она што единствено има смисла како резултат од испитувањата на Igenea е научниот факт дека во секој населен крај на Земјата во подолг временски период престојувале/доминирале одредени генетски блиски народи кои претходно дошле таму или подоцна заминале негде (некаде во помала, некаде во поголема мерка). Уште повеќе, некој можеби сака да дознае зошто е со црна, светла коса, си/не си личи на родителите или слично. Во конкретниот хипотетички случај на Крсте, овие резултати би биле најефективен начин да се разбуди од неговата романтична затупеност.
      Back to the point, единствена легитимна намена јавно да се користат овие резултати е со научен пристап (никако политички, кој самиот по себе е секогаш сомнителен) да се замолчаат еднаш засекогаш во 21-от век сите искомплексирани будали и говеда во светот кои сакаат да негираат или избришат постоење или историја на некој народ кој чувствува одредена национална припадност без никакви желби за агресија или враќање со иста мерка.

      Андреј

      31/03/2013 at 00:21


Напишете коментар