Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ УШTE HEKOЛKУ PEЦИKЛИPAHИ APTEФAKTИ

with 2 comments

Обично предметите со историска важност завршуваат во музеи, веднаш штом ќе им помине мигот на нивното учество во создавењето на историјата. Некои од тие предмети сепак, не само што добиваат нов живот кога настаните повторно ќе почнат да брануваат, туку дел од нив завршуваат и на спротивната страна од конфликтот. Еве, како продолжение на колумната „Рециклирани артефакти“ грст такви примери:

1. Еден ист вагон за две различни капитулации: кога во 1918та година завршила Првата светска војна, поразената Германија морала да ја потпише капитулацијата во еден обичен железнички вагон, кој сосема случајно тогаш бил избран за да се одржи во него средбата на стручните комисии испратени од главните штабови на двете спротиставени армии. По војната, како дел од нивниот триумф, Французите го сместиле дотичниот вагон во музеј и тој таму со години привлекувал многубројни посетители.

Е арно ама, минале години, па избила и Втората светска војна и во неа Германците извојувале победа врз Французите. Според правилата и обичаите на војувањето, од главниот штаб на француската армија била испратена делегација составена од високи офицери за да потпише капитулација и со тоа да се стави крај на борбите.

Германците, по специјална наредба на Хитлер, избрале чинот на потпишувањето на капитулацијата на Франција пред Германија да биде изведен ама баш во истиот вагон во кој што само 22 години претходно, Германија капитулирала пред Франција. Специјална единица на германски командоси била испратена во музејот каде што бил сместен историскиот вагон и откако го извадиле од таму (за што морале да урнат дел од еден ѕид од музејската зграда), го донеле ама баш на истото место каде што била потпишана германската капитулација. Бидејќи во вагонот ништо не било променето од денот кога се случил големиот миг, во сосема идентични услови, било де факто поништено најголемото до тогаш понижување за германските народ, армија и држава. Еве тука на овој линк едно кусо клипче кое го опишува и документира моментот.

Друга рециклирана работа што ги поврзува француската и германската воена историја е секако маршот на германските тенковски единици, прв пат компониран за потребите на нацистичката армија во јуни 1933та година, едвај пет месеци по доаѓањето на власт на Хитлер. Овој марш и до ден денешен е официјална химна на оклопните единици на сегашната германска армија, ама интересно е што е прифатен во меѓувреме и како официјален марш на француската легија на странците, со други стихови се разбира. Вакви примери на преземени песни од непријателот, има многу, а за некои такви зборував во колумната „Квадрига

Во француската легија на странците пак, непосредно после Втората светска војна, најголемиот број од странците кои доброволно се пријавиле за служба во неа биле токму – поранешни војници од поразената германска армија, кои навикнати на војување не гледале што друго би можеле да работат освен да војуваат. Нив ги праќала француската влада во Алжир и Виетнам да задушуваат таму анти-колонијални востанија, но легионерите и покрај големото искуство што го имале од големата војна, сепак во тие мали војни повторно биле поразени од локалните герилци, најспектакуларно во легендарната битка кај Диен Биен Фу. Така што, рециклираните „артефакти“ во облик на поранешни нацисти освен што биле поразени кога војувале за Германија биле поразени и кога војувале за Франција. Од некои луѓе очигледно не може да се добие квалитет, без разлика колку и да се рециклираат.

2. Поразениот вграден во споменикот на победникот: освен што при победата победникот на поразениот му ги зема сите богатства и делови од територијата, како чест обичај при освојувањето се практикува на места на најголемите битки да се изгради и некој достоен споменик кој идните генерации ќе ги потсетува на големите и славни подвизи од минатото.

Таков еден величествен паметник изградиле Русите во Берлин откако ја добиле Втората светска војна и воспоставиле своја окупација врз голем дел од територијата на Германија.

Интересно кај тој споменик е што дел од него е поплочен со првокласни скапоцени мермерни и гранитни плочи, кои што плочи градителите не ги купиле со пари, ами со животите на нивните војници кои загинале во битката за Берлин. Имено, плочите се земени токму од канцеларијата на Адолф Хитлер, од оние кои останале неоштетени при сето пукање и бомбардирање, и потоа се употребени да се обложи споменикот посветен на борците што го поразиле истиот тој Хитлер.

Многу сличен принцип на овој примениле уште древните Грци, конкретно граѓаните на градот-држава Атина, кога после една голема поморска битка во која пуздер ја сториле персиската флота, од заробените бродови на непријателот ги искорнале најубавите парчиња греди и штици и од нив го изградиле својот нов театар, познатиот Одеон, збор што и до ден денешен се користи како синоним за луксузна сала за специјални приредби. Кога ветераните на поморската битка години подоцна седеле во театарот и гледале некоја престава со тематика од таа војна, седеле токму на клупи изработени од штиците на персиските бродови кои биле поразени во таа битка токму од страна на гледачите на преставата! Ако тоа не е пример за автентичен амбиент – не знам што е.

Конечно, финансирањето на уметнички зданија со помош на рециклирање на непријателски артефакти најспектакуларно било изведено при изградбата на едно од седумте чуда на стариот свет, познатиот Колос од Родос. На егејскиот остров Родос имено, после една голема победа на локалните жители против една инвазија, победниците кренале огромна статуа на влезот на пристаништето, потфат сосема финансиран од продажбата токму на остатоците од оружјето и опремата на поразените напаѓачи!

Македонскиот освојувач што го нападнал Родос, со цел да ги пробие ѕидините на градот што го опсадувал, изградил колосална воена кула од дрвени греди, кожи, метал и други вредни материјали, и по неговиот неуспех, таа кула Родјаните ја заплениле и откако ја растуриле на делови, ги продале тие парчиња низ целиот Медитеран. Бидејќи кулата била навистина огромна, се собрале многу пари од продажбата на нејзините делови, па со тие дел од тие пари било платено создавањето на монументалниот Колос.

Во нешто поново време, од многубројните возила, соборени авиони и хеликоптери и милиони празни чаури на топовски гранати што Американците ги беа оставиле во Виетнам при повлекувањето по поразот им во Виетнамската војна, со години голем број сиромашни Виетнамци заработуваа за живот, собирајќи ги и продавајќи ги како старо железо, од кое се лееја меѓу другото делови за автомобили, во кои често се возеа токму американските ветерани од виетнамската војна!

Очигледно, многу е слатко да се заработува токму од она што непријателот кого си го поразил сакал да го употреби за да те порази тебе.

3. Со свој камен по своја глава: кога во 1776ата година во американските колонии тамошните доселеници тргнале во борба за независност од Британија, со муниција понекогаш се снабдувале и на еден многу уникатен начин. Имено, со рециклирање на уметничките артефакти на нивните непријатели.

Во Њу Јорк на пример, стоела со години една голема статуа на англискиот крал Џорџ III која штом граѓаните се кренале на востание против неговата власт, веднаш ја собориле од постаментот и бидејќи била изработена од некоја соодветна легура, ја одвлекле во леарница, па откако ја стопиле, од металот нејзин излеале точно 42,088 куршуми!

Тие исти куршуми биле само неколку месеци подоцна искористени за да се гаѓа со нив врз војниците што ги пратил кралот, и иако голем дел од напаѓачите загинале сепак битката била загубена, па Американците морале да се повлечат од градот и до крајот на војната за независност Њу Јорк бил под британска окупација. Што значи дека рециклирањето на статуата во муниција ич не им помогнало во борбата на востаниците.

А нешто слично на ова, само во антиката, направил и еден крал на Египет од македонската династија, кој што крал со помош на многубројна војска од платеници успеал да дојде на власт, по куса граѓанска војна против негови роднини кои го узурпирале престолот. Но, по победата тој се соочил со голема дупка во буџетот, па решил за да може да им плати на војниците што го донеле на власт, да го осквернави гробот на Александар Велики што бил во Александрија, и од златниот саркофаг во кој било телото да ги префрли коските на големиот освојувач во обичен стаклен сандак, а златото да го претопи во монети со кои конечно ги подмирил сите свои долгови.

Со ова нешто кралот се надевал дека си ги решил сите финансиски проблеми, ама сепак гадно се излажал. Оти штом слушнале каков грев направил кралот, граѓаните на Александрија, кои Александар го чествувале како еден вид бог и духовен заштитник на градот им, се кренале на општонародна револуција и не само што го собориле од власт, туку и го линчувале непромислениот им владетел.

Како и во примерот со американските револуцинери што од статуа на англискиот крал сакале да ја финансираат својата борба против англискиот крал, така и во примерот со златниот ковчег на Александар, Птоломеј IX не видел ништо аир од рециклирањето на артефактите. Интересна работа сепак е што дури и по убиството на кралот – осквернавител, златниците што тој ги исковал не биле повлечени од оптек и пак претопени во златен ковчег во кој би било вратено телото на Александар Велики. Не, телото си останало во новиот саркофаг изработен од стакло, а на златниците – им се изгубила секаква трага.

Впрочем, тоа е еден редовен принцип низ историјата. Кога ќе се крене бунт против некоја неправда, дури и по победата на бунтовниците, неправдите во голема мера остануваат на сила. Ете, Американците своевремено се кренале на револуција оти сметале дека плаќаат преголеми даноци, ама од денот кога ја стекнале независноста па сѐ до ден денешен никако не престануваат да се жалат дека на својата сопствена држава се принудени да ѝ плаќаат – преголеми даноци.

*

Јасно е дека еден артефакт кој бесконечно голем број пати може да се „рециклира“ се парите. Било да се златни, сребрени или хартиени, тие редовно се префрлаат од една на друга рака, и од еден во друг џеб и од една на друга сметка и истите пари што ќе финансираат денеска една активност утре може да финансираат токму спротивна, на претходната, активност.

Така е и со многу луѓе. Оние кои денеска се непријатели, утре може да бидат сојузници, баш против луѓето со кои до вчера биле сојузници, а сега се закрвавени душмани. Политичари, новинари, војници, криминалци, гласачи, адвокати, консултанти – денеска се борат за едните, а утре за другите против првите. Или обратно. Ништо ново, или необично. Така е низ историјата, а таа има навика да се повторува, одново и одново и одново, и пак уште еднаш, и повторно.

.

П.С: Наредниот четврток очекувајте ја на блогов колумната „Како треба да се читаат митовите“. Во неа ќе биде објаснето, преку конкретни примери, дека легендите од древноста не се само интересни приказни, туку дека тие во себе кријат и длабоки мудрости и пораки со безвременска поука. Во меѓувреме, во неделникот „Фокус“, како и секогаш побарајте ја мојата нова политичка колумна.

До четврток, поздрав 😉

Written by nenobogdan

19/07/2012 at 17:09

2 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Ве молам посветете колумна за рециклираните биографии на некои современи политичари во стилот ,,Од конгрес во Солун до откажување од државни територии” или ,,Од комунист до креатор на комунистички олигарси” или ,,Од социјалист до феудалец со доживотен пратенички мандат” или ,,Од брендиран Coca-Cola пратеник преку затвор до повторен мандат” или ,,Од дијагностициран параноиден шизофреничар во слободно време терорист до борец за човекови права”

    ЛИЧНО

    21/07/2012 at 22:10

    • А не, на блогов сум решил да избегнувам политика, оти таа ми е резервирана за колумните во „Фокус“.

      Плус, нема смисла цело време само за полтика и за полтика па политика и пак околу политика. Животот се состои и од други теми.


Напишете коментар