Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

Posts Tagged ‘ненциклопедија

♦ УШTE HEKOЛKУ PEЦИKЛИPAHИ APTEФAKTИ

with 2 comments

Обично предметите со историска важност завршуваат во музеи, веднаш штом ќе им помине мигот на нивното учество во создавењето на историјата. Некои од тие предмети сепак, не само што добиваат нов живот кога настаните повторно ќе почнат да брануваат, туку дел од нив завршуваат и на спротивната страна од конфликтот. Еве, како продолжение на колумната „Рециклирани артефакти“ грст такви примери:

1. Еден ист вагон за две различни капитулации: кога во 1918та година завршила Првата светска војна, поразената Германија морала да ја потпише капитулацијата во еден обичен железнички вагон, кој сосема случајно тогаш бил избран за да се одржи во него средбата на стручните комисии испратени од главните штабови на двете спротиставени армии. По војната, како дел од нивниот триумф, Французите го сместиле дотичниот вагон во музеј и тој таму со години привлекувал многубројни посетители.

Е арно ама, минале години, па избила и Втората светска војна и во неа Германците извојувале победа врз Французите. Според правилата и обичаите на војувањето, од главниот штаб на француската армија била испратена делегација составена од високи офицери за да потпише капитулација и со тоа да се стави крај на борбите.

Германците, по специјална наредба на Хитлер, избрале чинот на потпишувањето на капитулацијата на Франција пред Германија да биде изведен ама баш во истиот вагон во кој што само 22 години претходно, Германија капитулирала пред Франција. Специјална единица на германски командоси била испратена во музејот каде што бил сместен историскиот вагон и откако го извадиле од таму (за што морале да урнат дел од еден ѕид од музејската зграда), го донеле ама баш на истото место каде што била потпишана германската капитулација. Бидејќи во вагонот ништо не било променето од денот кога се случил големиот миг, во сосема идентични услови, било де факто поништено најголемото до тогаш понижување за германските народ, армија и држава. Еве тука на овој линк едно кусо клипче кое го опишува и документира моментот.

Друга рециклирана работа што ги поврзува француската и германската воена историја е секако маршот на германските тенковски единици, прв пат компониран за потребите на нацистичката армија во јуни 1933та година, едвај пет месеци по доаѓањето на власт на Хитлер. Овој марш и до ден денешен е официјална химна на оклопните единици на сегашната германска армија, ама интересно е што е прифатен во меѓувреме и како официјален марш на француската легија на странците, со други стихови се разбира. Вакви примери на преземени песни од непријателот, има многу, а за некои такви зборував во колумната „Квадрига

Во француската легија на странците пак, непосредно после Втората светска војна, најголемиот број од странците кои доброволно се пријавиле за служба во неа биле токму – поранешни војници од поразената германска армија, кои навикнати на војување не гледале што друго би можеле да работат освен да војуваат. Нив ги праќала француската влада во Алжир и Виетнам да задушуваат таму анти-колонијални востанија, но легионерите и покрај големото искуство што го имале од големата војна, сепак во тие мали војни повторно биле поразени од локалните герилци, најспектакуларно во легендарната битка кај Диен Биен Фу. Така што, рециклираните „артефакти“ во облик на поранешни нацисти освен што биле поразени кога војувале за Германија биле поразени и кога војувале за Франција. Од некои луѓе очигледно не може да се добие квалитет, без разлика колку и да се рециклираат.

2. Поразениот вграден во споменикот на победникот: освен што при победата победникот на поразениот му ги зема сите богатства и делови од територијата, како чест обичај при освојувањето се практикува на места на најголемите битки да се изгради и некој достоен споменик кој идните генерации ќе ги потсетува на големите и славни подвизи од минатото.

Таков еден величествен паметник изградиле Русите во Берлин откако ја добиле Втората светска војна и воспоставиле своја окупација врз голем дел од територијата на Германија.

Интересно кај тој споменик е што дел од него е поплочен со првокласни скапоцени мермерни и гранитни плочи, кои што плочи градителите не ги купиле со пари, ами со животите на нивните војници кои загинале во битката за Берлин. Имено, плочите се земени токму од канцеларијата на Адолф Хитлер, од оние кои останале неоштетени при сето пукање и бомбардирање, и потоа се употребени да се обложи споменикот посветен на борците што го поразиле истиот тој Хитлер.

Многу сличен принцип на овој примениле уште древните Грци, конкретно граѓаните на градот-држава Атина, кога после една голема поморска битка во која пуздер ја сториле персиската флота, од заробените бродови на непријателот ги искорнале најубавите парчиња греди и штици и од нив го изградиле својот нов театар, познатиот Одеон, збор што и до ден денешен се користи како синоним за луксузна сала за специјални приредби. Кога ветераните на поморската битка години подоцна седеле во театарот и гледале некоја престава со тематика од таа војна, седеле токму на клупи изработени од штиците на персиските бродови кои биле поразени во таа битка токму од страна на гледачите на преставата! Ако тоа не е пример за автентичен амбиент – не знам што е.

Конечно, финансирањето на уметнички зданија со помош на рециклирање на непријателски артефакти најспектакуларно било изведено при изградбата на едно од седумте чуда на стариот свет, познатиот Колос од Родос. На егејскиот остров Родос имено, после една голема победа на локалните жители против една инвазија, победниците кренале огромна статуа на влезот на пристаништето, потфат сосема финансиран од продажбата токму на остатоците од оружјето и опремата на поразените напаѓачи!

Македонскиот освојувач што го нападнал Родос, со цел да ги пробие ѕидините на градот што го опсадувал, изградил колосална воена кула од дрвени греди, кожи, метал и други вредни материјали, и по неговиот неуспех, таа кула Родјаните ја заплениле и откако ја растуриле на делови, ги продале тие парчиња низ целиот Медитеран. Бидејќи кулата била навистина огромна, се собрале многу пари од продажбата на нејзините делови, па со тие дел од тие пари било платено создавањето на монументалниот Колос.

Во нешто поново време, од многубројните возила, соборени авиони и хеликоптери и милиони празни чаури на топовски гранати што Американците ги беа оставиле во Виетнам при повлекувањето по поразот им во Виетнамската војна, со години голем број сиромашни Виетнамци заработуваа за живот, собирајќи ги и продавајќи ги како старо железо, од кое се лееја меѓу другото делови за автомобили, во кои често се возеа токму американските ветерани од виетнамската војна!

Очигледно, многу е слатко да се заработува токму од она што непријателот кого си го поразил сакал да го употреби за да те порази тебе.

3. Со свој камен по своја глава: кога во 1776ата година во американските колонии тамошните доселеници тргнале во борба за независност од Британија, со муниција понекогаш се снабдувале и на еден многу уникатен начин. Имено, со рециклирање на уметничките артефакти на нивните непријатели.

Во Њу Јорк на пример, стоела со години една голема статуа на англискиот крал Џорџ III која штом граѓаните се кренале на востание против неговата власт, веднаш ја собориле од постаментот и бидејќи била изработена од некоја соодветна легура, ја одвлекле во леарница, па откако ја стопиле, од металот нејзин излеале точно 42,088 куршуми!

Тие исти куршуми биле само неколку месеци подоцна искористени за да се гаѓа со нив врз војниците што ги пратил кралот, и иако голем дел од напаѓачите загинале сепак битката била загубена, па Американците морале да се повлечат од градот и до крајот на војната за независност Њу Јорк бил под британска окупација. Што значи дека рециклирањето на статуата во муниција ич не им помогнало во борбата на востаниците.

А нешто слично на ова, само во антиката, направил и еден крал на Египет од македонската династија, кој што крал со помош на многубројна војска од платеници успеал да дојде на власт, по куса граѓанска војна против негови роднини кои го узурпирале престолот. Но, по победата тој се соочил со голема дупка во буџетот, па решил за да може да им плати на војниците што го донеле на власт, да го осквернави гробот на Александар Велики што бил во Александрија, и од златниот саркофаг во кој било телото да ги префрли коските на големиот освојувач во обичен стаклен сандак, а златото да го претопи во монети со кои конечно ги подмирил сите свои долгови.

Со ова нешто кралот се надевал дека си ги решил сите финансиски проблеми, ама сепак гадно се излажал. Оти штом слушнале каков грев направил кралот, граѓаните на Александрија, кои Александар го чествувале како еден вид бог и духовен заштитник на градот им, се кренале на општонародна револуција и не само што го собориле од власт, туку и го линчувале непромислениот им владетел.

Како и во примерот со американските револуцинери што од статуа на англискиот крал сакале да ја финансираат својата борба против англискиот крал, така и во примерот со златниот ковчег на Александар, Птоломеј IX не видел ништо аир од рециклирањето на артефактите. Интересна работа сепак е што дури и по убиството на кралот – осквернавител, златниците што тој ги исковал не биле повлечени од оптек и пак претопени во златен ковчег во кој би било вратено телото на Александар Велики. Не, телото си останало во новиот саркофаг изработен од стакло, а на златниците – им се изгубила секаква трага.

Впрочем, тоа е еден редовен принцип низ историјата. Кога ќе се крене бунт против некоја неправда, дури и по победата на бунтовниците, неправдите во голема мера остануваат на сила. Ете, Американците своевремено се кренале на револуција оти сметале дека плаќаат преголеми даноци, ама од денот кога ја стекнале независноста па сѐ до ден денешен никако не престануваат да се жалат дека на својата сопствена држава се принудени да ѝ плаќаат – преголеми даноци.

*

Јасно е дека еден артефакт кој бесконечно голем број пати може да се „рециклира“ се парите. Било да се златни, сребрени или хартиени, тие редовно се префрлаат од една на друга рака, и од еден во друг џеб и од една на друга сметка и истите пари што ќе финансираат денеска една активност утре може да финансираат токму спротивна, на претходната, активност.

Така е и со многу луѓе. Оние кои денеска се непријатели, утре може да бидат сојузници, баш против луѓето со кои до вчера биле сојузници, а сега се закрвавени душмани. Политичари, новинари, војници, криминалци, гласачи, адвокати, консултанти – денеска се борат за едните, а утре за другите против првите. Или обратно. Ништо ново, или необично. Така е низ историјата, а таа има навика да се повторува, одново и одново и одново, и пак уште еднаш, и повторно.

.

П.С: Наредниот четврток очекувајте ја на блогов колумната „Како треба да се читаат митовите“. Во неа ќе биде објаснето, преку конкретни примери, дека легендите од древноста не се само интересни приказни, туку дека тие во себе кријат и длабоки мудрости и пораки со безвременска поука. Во меѓувреме, во неделникот „Фокус“, како и секогаш побарајте ја мојата нова политичка колумна.

До четврток, поздрав 😉

Written by nenobogdan

19/07/2012 at 17:09

♦ УШTE HEKOЛKУ ПOБEДHИЧKИ ПOPA3И

with 4 comments

Во минатонеделната колумна насловена „Победнички порази“ пишував за неколку битки кои подоцна оние што биле во нив поразени ги толкувале како морални победи, без од нив да се обидат да извлечат корисна поука, и тоа не само тие, туку од тие порази ништо не научиле и други цивилизации и лидери кои слушнале за нив. Во денешната колумна, која е продолжение на онаа од пред седум дена, еве и за неколку други победнички порази.

1. Аламо и Вуковар, намерно жртвувани: знаете ли што имаат заедничко Косово и Тексас? Освен што жителите и на двата региона имаат голема љубов кон употребата на лично воооружување и што баш затоа се синоними за каубојско т.е. криминално однесување, и начинот на кој Косово станало доминантно албанско а Тексас доминантно американски се многу слични.

Имено, како што САД се ширела кон запад и како што на оригиналните 13 држави постепено се додавале нови држави со консолидацијата на новонаселените територии, постепено стасале американските колонисти и ранчери и до дивата територија на Тексас кој во тоа време, според сите меѓународни договори бил во состав на Мексико. Арно ама, во Тексас не живееле многу Мексиканци, оти бил прилично негостољубива територија па од таквите чисто економски причини бил сосема запоставен од страна на мексиканската влада, што пак им овозможило на американските доселеници безгрижно да се населуваат на неговата територија.

Земјата што Мексиканците не ја сакале, очигледно Американците ја сметале за употреблива и постепено нивниот број толку многу нараснал, што владата на Мексико почнала да се обидува и да им наплаќа даноци иако ништо не одвојувала за развојот на тој регион, ниту за градба на патишта, мостови или училишта, а ниту пак праќала трупи да ги бранат колонистите од нападите на домородните индијански племиња. Гледајќи дека Мексико сака само да зема од нив а ништо да не им дава, Тексашаните се кренале на револуција и брзо ги протерале мексиканските војници што пристигнале таму да ги соберат даноците и да го одржуваат аворитетот на мексиканската влада.

Како свој команден центар бунтовниците ја одбрале зградата на една напуштена католичка мисија (комбинација на манастир и фарма) која се викала Аламо, и токму таму биле нападнати тие од страна на голема мексиканска казнена експедиција испратена да го задуши нивниот бунт.

И покрај очајничките молби на бунтовниците испратени до другите Тексашани да дојдат на помош за да го одбијат нападот, скоро никој не се одзвал и така предадени и оставени на цедило Американците биле скоро до последен човек испоубиени при продорот на мексиканските војници во Аламо.

Откако се случило ова, скоро сите американски доселеници во Тексас побегнале зад границата во САД и на сите страни ја рашириле веста за масакрот кај Аламо и така брзо го придобиле јавното мислење и не само што им биле дадени многу оружје и пари од донатори, туку и голем број на американски доброволци се пријавиле за инвазијата за конечно протерување на Мексиканците од Тексас. Во една крвава битка, мексиканските сили биле практично збришани од надмоќната тексашко-американска доброволечка војска, по што Мексико му дал независност на Тексас. За прв претседател бил избран херојот од востанието, Сем Хјустон, по кого и денеска најголемиот град во Тексас го добил името. Бидејќи немало никаква разлика во културата и јазикот и правниот систем кај Тексашаните и жителите на САД, по неколку години самостојност Република Тексас се припоила кон Соединетите Американски Држави.

Споредете го тоа со текот на настаните на Косово, и обидете се да најдете паралела меѓу падот на Аламо и масакрот кај Рачак во 1999та со кој војната за независност на Косово го привлече вниманието на меѓународната зедница.

Битно е да се нагласи тука дека кога бранителите на Аламо побарале помош – никој не им дошол и биле оставени на цедило. Но нивната жртва, нивниот херојски пораз подоцна бил вешто употребен во пропагандни цели, со помош на паролата „Сетете се на Аламо!“ со која биле повикани илјадници Американци да се приклучат како доброволци во тексашката ослободителна армија.

Нешто слично на Аламо му се случи и на градот Вуковар во почетокот на хрватската војна за осамостојување од СФРЈ. Имено, многу хрватски патриоти буквално преку ноќ се најдоа блокирани во градот откако во околните села српското население поддржано од паравоени формации дојдени од Србија прогласи отцепување од Хрватска и припојување на регионот кон Србија.

Хрватите се бореа доста долго за одбрана на Вуковар и успеаја да го одржат некое време во хрватски раце, но од Загреб не им беше праќана скоро никаква помош или засилување, па на крајот мораа да капитулираат.  Дури неколку години по војната, командантот на одбраната на градот, Миле Дедаковиќ, јавно обелодени дека самиот хрватски претседател му рекол во еден муабет дека намерно го оставил Вуковар да падне во српски раце со цел така да се крене моралот на хрватскиот народ со создавање на жед за одмазда, како и за да се стекнат симпатиите на меѓународната заедница и така да се олесни увозот на оружје за хрватските сили.

Од примерите со намерното жртвување на востаниците кај Аламо (од страна на лидерите на тексашкото востаничко движење со цел да се стекнат со симпатии во САД) и на хрватските бранители на Вуковар (од страна на владата во Загреб) се покажува дека понекогаш поразите не само што може да се предвидат туку и дека се посакувани од страна на самите врховни команданти за да се остварат повисоки политички цели. Колку ли само ќе биле спремни борците на теренот да се борат до смрт, ако знаеле дека се намерно жртвувани од страна на нивните лидери – е големо прашање.

Од друга стрна, нашите Солунски атентатори, барем како што ни кажува официјалната историографија, ги извеле нивните бомбашки напади токму со цел да се жртвуваат херојски и така да го привлечат вниманието на меѓународната заедница кон страдањето на македонскиот народ под турско ропство. Така да, можеби и не треба да ги жалиме секогаш луѓето што биле жртвувани за повиски цели. Понекогаш, тие самите тоа го бараат.

2. И неуспешната револуција сепак може да биде успешна: како што во Македонија ние го имаме Илинденското востание од 1903ата, така во Ирска си го имаат Велигденското востание од 1916ата година, кое иако како и нашето „празнично востание“ не било успешно, сепак за разлика од кај нас, долгорочно придонело за ослободување на земјата од туѓинското ропство.

Ирските патриоти си умислиле дека додека трае зафатеноста на Британија со војната против Германија, е најдобриот момент да кренат бунт буквално зад грбот на нивниот поробувач, и да ја искористат таа поволна меѓународна ситуација за да ја извојуваат слободата на нивната татковина. Дури, во поглед на снабдување со оружје и муниција, добиле и одредена минијатурна поддршка и до самата Германија, која се надевала преку диверзија во заднината на непријателот, да го намали притисокот врз своите позиции на Западниот фронт.

Како и да е, се чини дека ирските борци за слобода биле некои ептен тешки дилетанти за војување, оти и покрај зафатеноста на британската армија во Првата светска војна, владата во Лондон сепак смогнала сили за да го задуши многу брзо кренатото востание кое и онака не се проширило повеќе од неколку квартови во централен Даблин. Она што сепак го загубиле на фронтот т.е. во уличните борби, борците за независност го добиле на полето на пропагандата.

Додека траело востанието (едвај седум дена) ирската јавност не покажала некои преголеми симпатии кон востаниците, па мнозина Ирци не се одзвале на повикот за општонародна револуција. Но, по сломот на бунтот и по исклучително глупавиот начин на кој британската власт реагирала, со драконски мерки за репресија врз целиот ирски народ, сите се свртеле против Лондон, и само две години подоцна, по завршувањето на Првата светска војна, во Ирска скоро и да немало Ирец кој не бил цврсто определен за независност по секоја цена.

Пак избила војна, позната во историјата како Војната за ирска независност и по борбите во периодот од 1919та до 1921та ирските герилци успеале да ја убедат британската влада дека нема да може никогаш да воспостави ред и контрола врз еден народ кој не ја сака нејзината доминација, и бил постигнат договор да ѝ се даде прво автономија на Ирска, која потоа прераснала во независност.

Северниот дел на островот бил населен со доминантно протестантско население (лојално на Лондон) и затоа тој регион не бил вклучен во рамките на новосоздадената независна ирска држава, но интересно, на знамето на Република Ирска останала „запишана“ надежта за конечно приклучување и на тој регион. Имено, знамето  е составено од три бои: зелена (симол на католичкото население), бела (знак на помирување) и портокалова (бојата на ирските протестанти, која денеска е бојата и на „Портокаловиот ред“ во Северна Ирска).

Интересно е да се нагласи дека откако изгубиле во Велигденското востание, и откако победиле (не со шах-мат туку со пат-позицијата во која ги донеле Британците) во војната за независност, на Ирците како малку да им се видело војувањето, па веднаш по осамостојувањето избила и граѓанска војна меѓу водачите на движењето за независност, во кое победиле умерените сили, кои се залагале за постепено преминување на автономниот статус кон статус на потполна независност, а поразени биле екстремистите, кои барале веднаш прогласување на независност. Слична поделба на општеството имаа и во Косово, со мејнстрим политичарите кои беа умерени и стрпливи во барањата за целосна самостојност наспроти движењето „Самоопределување“ кое беше далеку поекстремно во пристапот.

Слична на ирската неуспешна револуција која сепак довела на долг рок до автономија и независност, била и унгарската револуција од 1848та година која толку многу блиску дошла до работ на успехот што владата во Виена морала да повика и воена помош од Русија за да го задуши тоа востание. Нешто што ги заладило односите меѓу двата народа, кои пак дополнитлено се влошиле и по вториот пат кога Руси задушиле унгарска револуција, онаа од 1956ата година.

Сепак, како најинтересен дел од целата унгарска револуција е што човекот кој учествувал во нејзиното задушување и командувал во еден период и со сите контра-револуционерни трупи, хрватскиот аристократ Јосип Јелачиќ, за Унгарците до ден денешен е еден од најголемите злосторници во нивната историја, но за Хрватите кои добиле многу привилегии поради тоа што останале верни на страната на владата од Виена во текот на револуцијата, истиот тој Јосип Јелачиќ е најголемиот им херој, и неговата коњичка статуа гордо го краси центарот на денешен Загреб.

Но, што станало со Унгарците по револуцијата? Па, по неа, тие едно време биле подложени на жестока репресија, ама само по неколку години сфатиле властите од Виена дека „со сила убавина не бидува“ па тогашната Хабсбуршка монархија ја реформирале уставно и таа станала двојна монархија под името Австро-Унгарија, со тоа што истиот човек ја носел и титулата „цар на Австрија“ и титулата „крал на Унгарија“, ама Унгарците добиле свој парламент со многу поголеми овластувања, со што се задоволиле нивните апетити за суштинска автономија. И така значи, револуцијата од 1848ата иако дирекно била неуспешна, сепак имала некаков позитивен резултат индиректно, на долг рок.

Во недостаток на други херои од тогаш па наваму, лидерите на неуспешната револуција од 1848та Унгарците ги слават како нивни најголеми национални јунаци. Тоа што за нас е Александар Велики за Унгарците буквално е нивниот Атила, а пак тоа што за нас се Илинденците, за нив се хероите од 1848ата.

*

Кога судбината ти дала пораз, барем направи мит од него е можеби генералната поука од сите порази што некој човек, народ, организација или држава може да ги има, и која што мисла е инспирирана од изреката „ако животот ти дава лимон, барем направи си лимонада од него“.

Од многу случаи на неуспешен обид за пуч, итрите политичари извадиле доволно ќар преку пропагандниот ефект за да подоцна се реорганизираат и со нови сили пак да јуришаат и тогаш да ја освојат власта. На пример, „Пучот од пивницата“ од 1923та сигурно ќе бил потполна катастрофа за поразените бунџии ако нивниот млад лидер Хитлер на судењето не го искористел вниманието што го свртел врз себе за да одржи серија блескави говори кои му овозможиле по излегувањето од затвор да стане една од најнадежните ѕвезди на германската екстремистичка сцена, основа врз која ќе ја изгради својата партија со која конечно ќе дојде на власт во 1933ата, пред сѐ искористувајќи ја светската економска криза во своја полза.

Фидел Кастро бил еден од водачите на обидот за пуч во Куба во рамките на „Движењето од 26ти јули“ и по поразот на тој бунт, бил изведен на судење каде наместо да дозволи да биде понижен од неуспехот, тој ја искористил присутноста на кубанските и странските медиуми да одржи брилијантен говор со кој ги стекнал симпатиите на мнозинството Кубанци кои само неколку години потоа ќе го прифатат со драго срце неговиот втор обид за револуција, по чиј успех тој ќе завладее со Куба. Слично искуство имаше и Хуго Чавез кој како армиски офицер прво беше дел од обидот за воен удар во 1992та, кој и покрај неуспехот му помогна на тогаш младиот Чавез да стане медиумска звезда и со неговите пламени говори да им стане миленик на милиони сиромашни Венецуелци кои само седум години подоцна преку избори го доведоа на власт.

Така да, од поразите треба човек, ако веќе не може да ги избегне, барем да извлече некоја корист, главно во облик на поука, или на сожалување и симпатии од околината. Еве, нашите константни срамни порази во фудбал од аматерски репрезентации какви што се Андора или Луксембург, ако ништо друго треба да ни помогнат конечно да престанеме да фрламе пари за спорт во кој никогаш нема да бидеме реална конкуренција на велесилите како Германија, Бразил, Аргентина или Италија, и да ги насочиме ресурсите на развој на други, поперспективни спортови, како ракомет или кошарка.

Од друга страна, можеби никој не може човека да го порази толку колку што самиот може да си ја ускратува победата преку својата страшливост и малодушност. Томас Едисон кога после скоро две илјади експерименти не успеал да најде начин да направи трајна електрична светилка, рекол: „точно е, не најдов сеуште барем еден начин како се прави сијалица, ама барем најдов скоро две илјади начини како не се прави сијалица!“.

Колку пати ние ќе треба да бидеме поразени за да сфатиме дека целата смисла на учењето од грешките е еден ден да почнеме и да победуваме?

.

П.С: Како што гледате, оваа и претходната колумна доколку беа објавени како една, ќе создадеа текст преголем за читање. Затоа и го раздвоив на два дела, на две колумни. Се надевам дека ви се допаднаа, и дека ќе сурфнете и на линковите што ги дадов и кои подетално ќе ве информираат за секој од наведените примери.

Во утрешниот број на неделникот „Фокус“ побарајте ја мојата редовна колумна, а наредниот четврток на блогов очекувајте ја колумната „Ресурси и намери“.

До четврток, поздрав 😉

Written by nenobogdan

01/03/2012 at 20:31

♦ ПOБEДHИЧKИ ПOPA3И

with 16 comments

Велат дека далеку полошо од тоа да згрешиш е да не ја признаеш грешката и уште пострашно, да не научиш ништо од неа. Бидејќи во политиката зборот „грешка“ се смета за еднаков по значење на  зборот „пораз“, многу порази биле префарбани во победи, и поради тоа, од нив таквите „победници“ не успеале да ги извлечат вистинските поуки. Еве неколку примери низ историјата за такви лажни победи:

1. Триста мртви Спартанци, ама ни една жива поука: благодарение на тоа што старите Грци биле ептен посветени на запишувањето и глорифицирањето на нивната историја, како најславна битка од типот на „победнички порази“ е секако битката кај Термопилите (линкот е до документарец на јутјуб), во која како што сите знаеме 300 храбри Спартанци застанале сами самцати да се борат против барем еден милион Персијци и сите до еден загинале откако неколку денови не им дозволувале на дивите азијатски орди да се пробијат низ теснецот што го бранеле хероите на Грција, и со тоа им дале доволно време на сите други Грци да се мобилизираат и да ја одбранат не само древната Елада ами воедно и западната цивилизација.

Вака барем вели мејнстрим-толкувањето за битката, кое ги има сите елементи на прекрасен мит: мал број храбри луѓе што херојски се жртвуваат за да спасат нешто многу поважно од нивните животи. Ама мејнстрим-толкувањето, како и обично, ја промашува главната работа.

Настрана што не биле само 300 Спартанци бранители (имало барем уште илјада други борци од другите грчки полиси што исто така храбро загинале) и настрана што таа битка не биле пресудна за победата врз Персијците (нешто подоцна, била уништена персиската флота од страна на грчката морнарица и со тоа им била прекината линијата на снабдување на Персијците, па морале да се повлечат).

Главната поука од оваа битка никој не ја извлекол!

А токму тоа ќе биде причината за поразите на две големи и значајни држави во подоцнежната историја на човештвото. Прво, падот на Самуиловата држава започнал по поразот на самуиловата армија во битката кај Беласица. Која се случила речиси идентично како битката кај Термопилите.

Имено, дознавајќи дека византиската војска навлегува кон Македонија низ една тесна долина, Самуил ја заградил таа долина со импровизиран ѕид и така сметал дека ќе ги спречи напаѓачите да пробијат понатаму. Но, исто како Персијците што по совет на еден предавник ги заобиколиле бранителите на Термопилите и ги удриле одзади, така и Византијците нашле заобиколен пат и откако се појавиле зад грбот на чуварите на ѕидот на Самуил, битката била изгубена.

Во нешто помодерни времиња, Французите меѓу двете светски војни вложиле многу пари за да изградат долга одбранбена линија на границата им со Германија, со голем број на тврдини, ровови, тунели и артилериски и митралески гнезда, како и мински полиња и бришан простор преку кој ниту еден Германец не ќе можел да мине без да биде изрешетан, и француските стратези си умислиле дека така проблемот за одбрана од германската инвазија е решен.

Но кога почнала Втората светска војна, Германците само ја заобиколиле таа непробојна линија и – исто како што Персијците ги зафркнале Спартанците, и исто како што Византијците ги победиле кај Беласица самоуиловите војници – така и нацистите ги поразиле на тој начин Французите, удирајќи ги фактички прво од страна а потоа во грбот.

И затоа, има смисла мислата: загинале триста Спартанци, ама ниту една единствена поука не преживеала од начинот на кој тие ја загубиле таа битка. И наместо тоа да се има предвид секогаш, само се глорифицира нивната сосема залудна и непотребна жртва. Исто како што ние денеска го славиме цар Самуил, човекот кој бил толку „генијален“ што не сфаќал дека не му вреди ништо ѕидот на падините на планината Беласица ако Византијците можат околу Беласица да завртат едно полукрукче и да ги нападнат неговите позиции одзади.

Патем, ако се погледне и битката што Самуил ја изгубил претходно кај реката Сперхејос, се забележува една јасна тенденција кај овој средновековен владетел редовно да ги потценува способноста на неговите непријатели да наоѓаат друг пат за доаѓање до него. Во наведениот пример, тој застанувајќи пред надојдената река, и гледајќи ги Византијците залогорени на другиот брег, го поставил својот камп баш спроти нив, сметајќи дека нема да можат да ја преминат реката и да го нападнат. Но, тие ја преминале и го нападнале и тој едвај спасил жива глава. Неколку години подоцна, пак не можел Самуил да замисли дека Византијците ќе најдат друг пат околу неговата непробојна барикада и затоа пак бил поразен.

Ако Самуил не можел да учи од старогрчката историја (немал пристап до тие книги?) зошто од својата сопствена грешка кај Сперхејос не можел да научи па пак ја повторил истата глупава стратегија кај Беласица?

2. Залудни жртвите на Масада: просто е неверојатно колку често низ историјата луѓето одбиваат да учат не само од туѓите туку и од сопствените грешки. Еве на пример, некаде кон крајот на првиот век од нашата ера, Римјаните кои владееле и со земјата на Евреите, решиле еднаш „ничим изазвани“ да ги навредат домородците врз религиска основа, обидувајќи се да вршат пагански ритуали пред еврејските храмови и тоа довело до нереди кои брзо ескалирале во отворена побуна против римската власт.

Секако, римските легии успеале за брзо време да го задушат востанието и да ги изолираат последните бунтовници во рамките на една планинска тврдина позната под името Масада, каде што по една долга и мачна опсада за да не паднат живи во рацете на душманите, сите неколу стотици бранители се самоубиле, откако претходно си ги убиле сопствените жени и деца за кои знаеле дека по победата, самите Римјани и онака ќе ги масакрирале. Еве тука, на јутјуб документарец и за таа опсада.

Во дваесетиот век, по формирањето на државата Израел, Масада станала национален симбол, оти во жртвата на античките бунтовници, модерните Евреи виделе убава метафора за денешната им држава, која постојано е под „опсада“ од непријателските арапски соседи. Малку е бесмислена таа метафора, оти на крајот Масада паднала и сите Евреи во неа завршиле мртви, ама во недостаток на друг симбол на ептен херојски отпор (ако се исклучи востанието во варшавското гето за време на Втората светска војна) морале да градат воено-национален мит врз тоа што го имале. Меѓу другото, денешните израелските регрути одат таму да даваат свечена заклетва, нешто што да речеме македонските војници не го прават на нашата Масада во Крушево т.е. на Мечкин Камен. Тоа кажува колку всушност ние немаме осет за сопствената ни историја.

Интересно е што по задушувањето на востанието од крајот на првиот век, ниту Римјаните ниту Евреите кои останале да живеат во Јудеја не извлекле никакви поуки. Шеесетина години откако било задушено првото востание, почнало второ востание, и тоа ама баш од истите причини поради кои избило и првото. Имено, Римјаните пак ги навредиле религиозните сентименти на Евреите, со тоа што пробале да им го сквернават со пагански симболи нивниот главен храм во Ерусалим. И тоа востание легиите крваво го задушиле, по што преживеаните Евреи се разбегале низ целиот тогаш познат свет, и од тоа време всушност и започнува вековната голгота на тој народ.

Што ли тоа ги натерало Римјаните да им се ругаат на еврејските верници? Малку ли им било што редовно добивале даноци од нив, па уште требало и сол на рана да им ставаат?

Во нешто помодерниве епохи, кога Британците владееле со Индија и од тамошните хиндуси и муслимани не само што прибирале огромни даноци, туку и имале многубројни локални регрути за армијата, им текнало на Англичаните (едно попладне додека пиеле чај!?) да се пошегуваат на сметка на религијата на своите поданици во Индија, и таа глупава шега набрзо ескалирала во огромен проблем.

Имено, водени од некаква бизарна смисла за хумор, Британците на муслиманските војници во индиската колонијална армија им дале маст за подмачкување на пушките направена од свинско сало (!), а пак на хиндуските војници им била дадена маст за подмачкување на пушките произведена од говедски лој. Англичаните сметале дека нивните локални помагачи ќе го сфатат вицот, ама овие тоа го сфатиле како тешка навреда (за хиндусите говедата се свети животни, а муслиманите имаат верско табу да употребуваат било што што има врска со свињи) и затоа заеднички и муслиманите и хиндусите се кренале на големо востание, за чие задушување биле жртвувани многу британски животи.

За наша среќа, пред неколку недели во Македонија беше со жестока амбасадорска интервенција оладена потенцијално експлозивната ситуација која настана по вевчанскиот карневал, и која исто така имаше потенцијал да прерасне во голема беља. Поуките од целата таа работа треба сите да ги имаме на ум во иднина. Ако нѐ мрзи да се запознаеме со причините за римско-еврејските војни од пред две илјади години или за поводот за најголемото востание против британската колонијална власт во Индија, барем од своите грешки да учиме.

3. Дали косовка-девојка се викала Марица: една од најголемите кланици на Македонци за интересите на туѓинските господари со нашата земја секако е битката кај реката Марица која српските феудалци со босанско потекло Вукашин и Углеша (кои владееле со територии во Македонија што им ги подарил царот Стефан Душан како награда за нивното учество при освојувањето на нашата земја) ја изгубиле оти не знаееле ништо за начинот на кој тогашните Османлии војуваат, па сметајќи дека имаат работа со префинети европски витези, тие биле сосема изненадени кога биле нападнати (и уништени) без претходно да им биде најавено и да се договорат џентлменски за местото и времето на одржувањето на битката.

Не само што од таа катастрофа ништо не научиле Србите за методите со кои Турците ги воделе војните, па речиси истите тактички грешки ги направиле пак неколку децении подоцна во битката на Косово, туку се чини дека од најголемиот херојски пораз во нивната историја, подоцнежните генерации Срби не извлекле ама баш никакви поуки.

Како главна причина за српскиот пораз на Косово поле, се наведува ненадејното повлекување на еден голем дел од српските сили, контингентот предводен од феудалецот Вук Бранковиќ, кој ги оставил другите српски сили да изгинат во борбата со Турците, за да може потоа тој лесно да завладее со териториите на загинатите феудалци, имајќи ја зачувано нечепната сопствената му армија.

Во модерниве времиња, откако се распадна Југославија, Србите не сфатија дека во нивната држава во ликот на Слободан Милошевиќ го имаа токму модерниот Вук Бранковиќ, кој за да остане на власт, сите патриотски настроени Срби ги испрати во војните во Хрватска и Босна да изгинат или да останат осакатени, со цел на мира да си владее со Србија опкружен со неговите добро воооружени соработници во тајните служби.

Додека патриотите умираа на фронтовите искрено верувајќи дека животот го даваат за „отачбината“, дома мафијашите што ги произведе од своите редови Тајната Полиција ја приграбија сета власт, сите фирми си ги презедоа, а народот го втурнаа во беда и мизерија.

Поразот на Косово Поле од 1389ата во колективната меморија на српскиот народ оставил длабоки траги и во нивните народни песни до ден денешен името на Вук Бранковиќ кого повеќе му било гајле за личниот интерес отколку за слободата на татковината, е синоним за предавник. И при толку песни, приказни, легенди и преданија, со кои израснале генерации и генерации Срби, толку ли не научија да ги препознаваат актуелните вукбранковиќи?

Очигледно не, оти на престојните избори во Србија за фаворити важат токму националистичките партии кои ветуваат дека ќе го сочуваат „по секоја цена“ Косово. Не разбираат ли српските гласачи дека ако еден цел кнез Лазар и еден цел Слободан Милошевиќ не го сочуваа (а тие и војни водеа за таа цел), како ли бре тоа сегашните големи српски родољуби ќе го сочуваат тоа „срце на Србија“?

Играта инаку е иста како од стратегијата на Вук Бранковиќ. Додека патриотите ќе се туфкаат и нервираат за иднината на Косово, мафијашите ќе си крадат и пљачкаат слободно од буџетот, врз кој контролата ќе им ја дадат гласачите што уште веруваат во митови.

.

П.С: Колумнава беше најавена уште за минатиот четврток, ама испадна премногу голема поради многубројните примери. Поради други обврски, толку голема не можев да ја напишам во целост според предвидениот ми концепт, ама и да ја напишев немаше да има смисла цела да ја постирам одеднаш. Затоа, вториот дел од неа, насловен „Уште неколку победнички порази“ ќе биде објавен наредниот четврток. До тогаш, доколку мал ви се виде текстов, потсетете се на сличната по дух колумна „Војни со рок на траење“.

Во утрешниот број на неделникот „Фокус“ побарајте ја мојата нова тамошна колумна, а до наредниот четврток кога ќе се комплетира темава за победничките порази – останете поздравени 😉

Written by nenobogdan

23/02/2012 at 20:09

♦ PEAЛHИ ЛИKOBИ

leave a comment »

Обично сме склони да тврдиме дека некои луѓе имаат „бујна фантазија“ и дека нема што не може да биде измислено, ама доста често во секоја приказна колку и да делува таа неверојатно, има по некое зрно вистина кое доаѓа токму од фактот што било приказната, било некои од ликовите во неа биле реални. Вампири како што приказните ги опишуваат никогаш не постоеле, ама реални луѓе кои многу наликувале по карактерот и навиките на вампири имало. Исто така, Атлантида никогаш не постоела во формата што ја опишал Платон, ама нешто многу слично на неа сепак егзистирало, додека Итар Пејо и Марко Крале иако се ликови од нашите народни приказни, сепак се чини дека се инспирирани од реални луѓе од нашата историја.

1. Вампир или вампирка: тврдењето дека некогаш во Романија живеел еден гроф кој се викал Влад Цепеш и кој пиел човечка крв е сосема точно, со неколку мали забелешки. Имено, не бил во Романија, туку во Унгарија, не станува збор за гроф туку за грофица, и името на тој вампир што не бил вампир туку вампирка не е Владимир туку е Ержебет.

Вистинскиот Влад Цепеш (со прекар Дракула т.е „син на Змејот“ при што „Змеј“ бил прекарот на неговиот татко, според витешкиот ред во кој членувал) бил многу брутален и суров воин (и со војводска, а не со грофовска титула), кој своите непријатели откако ќе ги победел во битка имал обичај да ги набива на кол, а и за многу кривични дела на неговите поданици редовно изрекувал драконски казни (зборот „драконски“ пак доаѓа од старогрчкиот државник Дракон), ама тоа е сѐ. Не пиел крв, не каснувал девици, не спиел во мртовечки ковчег и сигурно не се плашел од лук. Баш напротив, ако се знае составот на типичната балканска и средноевропска кујна од таа епоха (пред откривањето на Америка од која се донесени доматите, пиперките, компирите, гравот и пченката), сигурно тој секојдневно јадел лук.

Двеста години по него сепак, живеела унгарската грофица Ержебет Батори (унгарска варијанта на името Елизабета) која поради еден куп причини, почнала да се интересира за окултизам, и тој нејзин интерес во комбинација со големото богатство и моќ што го имала како член на едно од најугледните унгарски аристократски фамилии, ја одвела во некои сосема морбидни застранувања.

Да не пишувам само зборови, зборови и зборови, еве еден линк до документарец на јутјуб каде убаво е раскажана нејзината крвава приказна. Се зборувало дека преку 600 млади девојки тајно киднапирале нејзините соработници и дека таа редовно се капела во свежата крв на тие заклани девојки со намера да ја зачува сопствената младост и убавина преку окултистички ритуали кои вклучувале жртвување на што е можно помлади луѓе. Изгледајте го документарецот, кој е заснован врз многу повеќе историски факти, отколку што се приказните за романскиот Дракула, кој воопшто не бил никаков вампир.

Многу интересно е што се смета дека сите гласини за вампирлакот на романскиот аристократ Влад Цепеш ги пуштил во тогашната јавност токму унгарскиот крал (од политички причини) а два века подоцна, токму една унгарска благородничка (инаку роднина со кралското семејство на Унгарија) станала вистинската вампирка, ама нејзините современици не само што не ја споменувале многу-многу во тој контекст, туку за нејзините грозоморни злодела не била ни егзекутирана, туку само затворена во една соба каде била и редовно хранета, па цели четири години поминале дури да почине.

Романците пак, во раните години на нивната независност го кренале првин Влад Цепеш до ниво на национален херој оти тој бил еден од најуспешните бранители на нивната татковина од напирот на Турците, ама подоцна сфаќајќи дека повеќе пари ќе ќарат од туристите од Запад ако го ребрендираат како крволочен вампир, ја баталиле сосема приказната за неговото јунаштво и денеска дури и самите Романци го сметаат за негативен лик од историјата им.

Така да, оние туристички агенции што нудат посета на замокот на Дракула во Трансилванија – нудат чиста лага и бесрамен фалсификат, оти не само што тој замок нема врска со Влад Цепеш туку и тој човек нема врска со вампирите. Имено, замокот Бран, бил обична запуштена тврдина која во минатиот век романскиот крал ја реновирал од темели и ја претворил во своја викендичка, а само поради архаичниот стил во кој кралот решил да ја уреди, подоцна на комунистичките власти им се чинело како соодветна за нејзино ребрендирање во „вампирски замок“. Во таа палата значи, не само што Дракула никогаш не престојувал, ами и самиот гроф Дракула (кој не бил гроф, туку војвода) не бил никаков вампир.

Кога сме веќе кај морбидниве работи, тука може да се каже и дека за ликот на докторот Франкенштајн од истоимениот роман (доктор што од делови на мртви тела создал чудовиште кое потоа се свртело против него) инспирација бил најверојатно анатомот Јохан Дипел, кој што се родил во германскиот замок со името Франкенштајн. Арно ама тој човек само бил ексцентричен научник, и поради тоа што времето во кое живеел не гледало со симпатии кон неговите (или било чии) медицински експерименти, околу неговиот лик се создал морбиден имиџ, кој подоцна се зацементирал за век и векови со успехот на романот „Франкенштајн“.

2. Никој не сака лоши вести: пред неколку векови во Шкотска живеел еден морнар кој се викал Александер Селкирк, кој во една пригода се качил на брод и тргнал на прекуокеанско патување. Арно ама, тој многу брзо по испловувањето почнал да забележува дека бродот е со многу слаба конструкција и дека при првата посилна бура сигурно ќе потоне. Тој ги предупредил неколку пати за опасноста другите морнари, но тие не сакале да го сослушаат, сметајќи дека на бродот на кој пловат ништо не му фали. Толку многу почнал да им станува досаден Селкирк со своите постојани предупредувања, што во еден миг решиле да го остават на првиот пуст остров на кој ќе наидат, што и го сториле. Тој на островот останал неколку години додека не бил спасен од друг британски брод што случајно поминал низ тие води, по што се вратил во родната Шкотска каде дознал дека бродот од кој бил симнат – навистина и потонал и дека скоро сите негови морнари загинале при првата поголема бура.

За својот престој на пустиот остров тој напишал и книга од која подоцна црпел инспирација за романот „Робинзон Крусо” и авторот Дениел Дефо, кој сепак многу од неинтересните факти променил (островот реално бил во Пацификот, ама во романот е сместен во топлото Карипско Море) а додал и други ликови, првенствено другарот на Робинзон, црнецот Фрајдеј (т.е. Петко во македонскиот превод на романот) кои во реалната приказна на Селкирк ги немало.

Од романот не може ништо корисно да се научи, ниту пак некоја метафизичка или философска поука да се извлече. Тоа е чиста авантура, занимација, белетристика за поминување на слободното време. Арно ама, од приказната на Селкирк, може да се извлече поука. А тоа е дека луѓето не само што не ги слушаат предупредувањата за престојната опасност, ами дури и ги казнуваат „кучињата што среде ноќ ќе залајат“. Иако тие кучиња ги повикуваат газдите им да се разбудат пред крадецот да им влезе в куќи, сепак  често газдите фрлаат со камења по нив, само затоа што ги мрзи да станат и да видат зошто Шарко лае.

Некако така може да се гледа и на биографијата на „вистинскиот Џејмс Бонд“ т.е. на германскиот шпион Душко Попов (не е нашинец, ниту Бугарин, туку е од Војводина) кој во 1941та добил задача од германската тајна служба да замине во САД и да ги проучи американските одбранбени инсталации во Перл Харбур на Хаваите, со цел тие информации подоцна Германија да ѝ ги пренесе на Јапонија, која што планирала токму таму да ги нападне САД. Свесен дека со тоа што го пратиле да ја проучи баш таа поморска база, де факто му кажале Германците каде сакаат Јапонците да ги нападнат Американците, Попов веднаш по пристигнувањето во САД се обидел таа информација да им ја продаде на американските безбедносни служби, но тие водени од принципот “ти ли бе нас ќе ни кажуваш, ние сме професионалци?” не го ни сослушале.

Па така, Американците биле сосема изненадени и претрпеле огромни загуби кога неколку месеци подоцна Јапонците навистина ги нападнале американските воени бродови закотвени во базата во Перл Харбур на Хаваите. Да не должам, неговиот карактер и стил на живот и работа му биле подоцна инспирација на писателот Иан Флеминг за креирањето на ликот на британскиот таен агент Џејмс Бонд, а повеќе информации за Душко Попов има во документарецов на јутјуб.

Впрочем, од ерата на Втората светска војна, доаѓа и реалната инспирација за сите акциони херои од холивудските филмови, од Рамбо до Чак Норис, препознатливи по тоа што влетуваат во опасни ситуации и со сплет на неверојатни командоски вештини прават пуздер околу себе. Таков реален лик, со крајно неверојатна ама сосема вистинита и сосема спектакуларна биографија бил германскиот командос Ото Скорцени, кој освен што ги замислил и предводел некои до најлудите потфати на специјални единици во историјата воопшто, по војната откако бил затворен, на спектакуларен начин побегнал од затворот и населувајќи се во Шпанија каде ги обучувал и нивните командоси, доживеал длабока старост.

Се разбира, до крајот на животот останал убеден нацист, ама поради неговата корисност за Западот во обучувањето на диверзантски и герилски одреди кои би се бореле во текот на Студаната војна против комунистичките герилиски сили, бил амнестиран во Германија и слободно можел да се шета низ светот без грижа. Каков Чак Норис, какви бакрачи, Ото Скорцени бил правиот, вистинскиот, реалниот ултра-екстра-супер- специјалец. Еве еден документарец и за неговиот живот од јутјуб.

3. Каде е Атлантида: прв пат како термин Атлантида влегува во историјата благодарение на грчкиот философ Платон, кој во неговите дела ја споменал како пример,  како метафора за тоа дека една сила може ненадејно да пропадне баш во моментот кога ќе го достигне својот зенит. Не се знае дали и самиот Платон навистина знаел за некоја дамнешна исчезната цивилизација, или пак само ја измислил како метафора (бидејќи во ниту еден друг текст од тоа време не се споменува ништо за неа) ама според она што археолозите го знаат, се чини дека цивилизацијата на островот кој денеска се вика Санторини (во Егејското Море) која исчезнала неколку векови пред Платон да се роди, и која сигурно оставила некакви траги во фолклорот на старите Грци, била реалната Атлантида.

Таа цивилизација била навистина многу развиена за нејзиното време, и сите елементи од митот што го раскажал Платон во антиката и од она што археолозите го откриваат денеска за неа, се совпаѓаат. Имено, станувало збор за остров со силни трговски врски со околината, со доста префинет урбан живот, но сѐ пропаднало во една ноќ „на оган и вода“ кога по ерупцијата на вулканот врз кој се наоѓал островот на „Атлантидците“ нивниот град потонал во длабочините на морето. Еве и за потрагата по Атлантида еден убав документарец од јутјуб, а патем на таа тема има и многу други документарци на јутјуб, но сите со истиот заклучок – дека Атлантида била всушност на денешниот остров Санторини, кој е сѐ што останало по ерупцијата од некогаш многу поголемиот остров на кој егзистирала славната цивилизација.

Е сега, ако „Атлантида“ т.е. цивилизација која била инспирација за тој мит била и центарот на културата на Пелазгите, кои биле прото-балканците од кои настанале и античките Македонци, како и старите Словени, ние денеска треба да престанеме да пееме песни за некаква си „Гоцева раса“ и да почнеме да комбинираме стихови од типот на „…нека разбере секоја грчка гнида, ние сме потомци и на Атлантида…“ или нешто во тој стил.

*

Деновиве во земјава ќе го прославиме празникот на Свети Трипун (Трифун), православниот светец во чие житие ама скоро ептен ништо не се споменува за некаква негова лозарска или овоштарска дејност. А сепак, народот неговиот празник го слави со ритуали полни со пиење, веселби под дејство на алкохол, и грижа за лозјето. Што пак многу потсетува на ритуалите што во пред-христијанската епоха се правеле во чест на богот на виното Дионис, кој под едно или друго име (Римјаните го викале Бахус, од таму и ритуалите „баханалии“) бил замислуван со истите карактеристики во секоја земја каде што се одгледувала винова лоза.

Значи, кога нашите пагански предци го прифатиле христијанството, сосема истите ритуали што ги имале за Дионис ги префрлиле врз ликот на Свети Трипун и ништо друго освен името не смениле.

Нешто слично на тоа може да се види и во легендата за митолошкиот јунак Персеј кој спасил една принцеза што била окована на карпа чекајќи да дојде и да ја голтне ламјата, и христијанската легенда за светецот Ѓорги кој спасил една принцеза која била окована на карпа чекајќи да дојде и да ја голтне ламјата. Сосема истиот мит – само различни имиња, усогласени со промените во религијата.

Впрочем, што имаат заедничко близнаците Ромул и Рем (митските основачи на градот Рим) со пророкот Мојсеј од Библијата, ако не тоа што и близнаците и пророкот биле како бебиња фрлени во река во кошница, нешто што има свој пандан во грчкиот мит за Персеј кој бил фрлен како новороденче во буре а тоа пак во морето.

И така, дојдовме до Крале Марко и до Итар Пејо. Историскиот Марко, кралот на Прилеп, бил обичен никој-и-ништо кој по поразот на татко му и чичко му во битката кај Марица, за да ја задржи власта, морал да им стане вазал на Турците. Подоцна, како нивен верен слуга, тој загинал во една битка против христијаните во Романија (кои биле предводени токму од дедото на Влад Цепеш) борејќи се на страната на Турците!

Зошто овој во суштина предавник останал запаметен во легендите како голем јунак, ослободител на три синџири робје, голем пијаница, непобедлив воин кој дури и со необични животни т.е. ламји се борел додека јавал на коњ што и самиот бил уникатен?

Од друга страна, зошто Александар Велики, кој навистина бил голем јунак, ослободител од персиско ропство на Мала Азија и Египет и Феникија (три синџири робје), голем пијаница, непобедлив воин кој дури и против необични животни т.е. слонови се борел додека јавал на коњот кој бил уникатен… (о)станал сосема заборавен од македонскиот народ?

Па, како и Дионис што се претопил во Свети Трипун, како што Персеј се претопил во Свети Ѓорѓи, така и митовите и легендите што се создале околу реалниот лик Александар се претопиле во легендите за последниот каков-таков-ама-сепак-христијански владетел на овие простори пред да настапат петте века отоманска темнина. Сите елементи од легендите за Марко Крале се без основа во историскиот крал Марко Мрњавчевиќ, ама затоа имаат основа во историските факти за животот на Александар Велики.

Така да, Александар не бил заборавен од Македонците, само бил прекрстен (буквално „крстен“ оти бил паганин, па го замениле со христијанин) во Марко.

А што се однесува до неговиот татко, лукавиот крал Филип, што мислите, дали и тој останал запаметен кај народот, ама само под друго име? Па, можеби Итар Пејо не е баш сосема измислен лик и можеби во неговиот карактер има доста елементи преземени од постарите легенди за итрината на најголемиот македонски државник на сите времиња? Тоа е прашање за компаративна митологија, кое може да има прекрасен одговор…

.

П.С: Во утрешниот број на неделникот „Фокус“ побарајте ја мојата нова политичка колумна. А на блогов, наредниот четврток очекувајте ја колумната „Победнички порази“. Нешто како експанзија на концептот за Крале Марко кој бил обичен страшливец и предавник, а сепак останал запаметен како голем јунак. Слично на тоа, имало низ историјата многу порази, кои се запаметени како победи и од кои се напојувала националната митологија на народите кои ги претрпеле.

За дури десетина такви порази кои се слават како победи, наредниот четврток. До тогаш, поздрав 😉

♦ ПPETOPИJAHЦИ

with 7 comments

Секој кој што има моќ има и потреба да ја зачува таа моќ од нападите на оние кои немаат моќ, а би сакале да му ја земат неговата. Најпрактично е чувањето да им се препушти на професионалци, при што пак неминовно се појавува парадоксот содржан во прашањето: „кој ќе го чува моќникот од оние што му ја чуваат моќта“. Историски гледано, решавањето на овој проблем се движело од ад-хок импровизација до невозможна задача.

1. Римски преторијанци и српски специјалци: под поимот „преторијанци“ обично не се подразбира било која служба за обезбедување на владетелот, ами само онаа која ќе се сврти против својот газда и ќе почне да пројавува аспирации да го замени со свој човек. Така, за Швајцарската гарда во Ватикан не може да се каже дека преставува форма на преторијанска гарда бидејќи од нејзиното формирање пред неколку векови па до ден денешен не е познато дека таа некогаш се побунила против својот работодавец или пак се обидела да го симне од власт и го замени со свој фаворит.

Но во Рим пред два милениума постоела слична според престижот и професионалноста владетелска гарда, која се нарекувала Преторијанска гарда и која за прв пат ја вовел наследникот на Цезар, императорот Октавијан кој што не сакал да заврши како неговиот претходник, убиен на седница на римскиот сенат од страна на самите сенатори со кои си имал политички недоразбирања.

Бидејќи Октавијан бил многу интелигентен политичар, никогаш не дозволил со неговата гарда да раководи само еден човек, туку при нејзиното создавање поставил веднаш двајца паралелни команданти нарекувани „преторијански префекти“, со цел ако едниот почне да кове планови за државен удар, другиот да биде оној што ќе го спречи во тоа. Благодарение на оваа мудра одлука, Октавијан не само што никогаш не бил жртва на атентат од неговите душмани, туку и никогаш не доживел неговите телохранители да тргнат во заговор против него. Имајќи двајца еднакви по ранг водачи на гардата, Октавијан дури не морал ни да се занимава лично со нејзина контрола, оти едниот со другиот командант практично секојдневно се кодошеле кај императорот и така ефективно се контролирале меѓусебно.

Наследникот на Октавијан, императорот Тибериус, не сакал да ја продоложи итрата политика на балансирано командување со гардата, и поставил само еден човек да раководи со неа, веројатно затоа што поради преголема параноја, тешко му било да најде дури двајца на кои ќе им верува. И токму тој едниот кому му верувал подоцна се свртел против него, организирајќи заговор за државен удар со помош на гардата со која самостојно командувал. По задушувањето „за влакно“ на обидот за преврат, пак бил вратен обичајот со царската гарда да командуваат истовремено двајца еднакви по авторитет команданти.

Сепак, императорот Калигула бил бетер параноичен од Тибериус, и сосема ја маргинализирал преторијанската гарда, доверувајќи им ја својата лична безбедност на странски платеници (варвари од Германија), што придонело и двајцата шефови на преторијанската гарда да се обединат против него и да му организираат заедно еден успешен атентат.

По ова, Преторијанците поставиле свој човек за император, и од тој момент натаму, почнала практиката не царот да ги именува главатарите на гардата му, туку тие самите да именуваат од своите редови кој да ги раководи, обичај кој што резултирал со постепена комплетна разузданост на оваа единица која не одговарала пред никого, ни пред императорот ниту пред другите институции на државата. До тој степен се раскомотила гардата што еднаш, откако го убила императорот, за позицијата на нов цар организирала вистинската лицитација!

Во модерниве времиња, многу слична на Преторијанската гарда беше Единицата за специјални операции формирана во Србија во ерата на Милошевиќ, која што иако верно му служеше на својот основач кога требаше да се убиваат опозициони политичари, новинари и бизнисмени што беа непријателски насочени кон неговиот режим, откако виде дека геополитичкиот ветер задувал во друга насока и дека самиот српски народ веќе му имаше свртено грб на човекот што го водеше низ четири воени порази за само десет години, и самата учествуваше во неговото соборување од власт, како и подоцна во апсењето и испраќањето во Хаг, каде тој и почина.

Чуствувајќи дека тие се најзаслужни за доаѓањето на Зоран Ѓинѓиќ на власт, овие модерни Преторијанци (познати под прекарот „црвени беретки“) одеднаш помислија дека ниту една сила во Србија не може да ги контролира, и умислувајќи дека се над законот, меѓу другото загосподарија со криминалот во државата. А кога владата реши да им застане на патот, по примерот на римските преторијанци, го убија и новиот владетел, кого самите го беа поставиле на власт.

Иако црвените беретки никогаш не беа повеќе од 300 на број, тие се беа умислиле дека можат да владеат самостојно со држава од околу девет милиони жители, логика која се покажа за сосема погрешна. На следниот линк од јутјуб можете да го изгледате документарецот на српски јазик „Јединица“ кој ја раскажува приказната за српските преторијанци, од формирањето нивно па до конечниот им разгром. Доста поучен филм, и ако прочитате повеќе за нивните колеги од ерата на стариот Рим ќе сфатите дека имаат доста заеднички елементи, што пак значи дека нивните постапки можеле да бидат предвидени на време, доколку некој релевантен фактор обрнел внимание врз проучувањето на историјата и паралелите што се јавуваат низ неа.

Но, така е тоа секогаш: кој не ја разбира добро историјата, на добар пат е и самиот да стане дел од неа.

2. Кога робовите стануваат владетели, владетелите стануваат робови: терминот „данок во крв“ во нашата историја обично го поврзуваме со феноменот на јаничарите од отоманската епоха, но интересно е што таа практика (да се грабнуваат деца кои потоа во специјални училишта ќе бидат израснати и обучени до елитни војници) само во првите три века од постоењето на јаничарите се користела. Имено, првите јаничари ги регрутирал султанот Мурат I во 1365ата година собирајќи како данок дечиња од неговите христијански поданици, но тој обичај бил прекинат после 1638ата година од кога во редовите на јаничарите биле примани само децата на веќе постојните јаничари.

Што значи дека данокот во крв оставил мошне силен печат кај христијаните штом и неколку векови по неговото укинување тој сеуште бил споменуван во нивните песни, поговорки и приказни.

Но, да се вратиме на самите јаничари, кои иако де јуре биле робови на султанот, поради тоа што биле користени за војување како и за одбрана на неговиот живот од можните атентати, со тек на време станале де факто преторијанци, и секогаш кога по смртта на еден султан друг требало да го наследи од редовите на неговите многубројни деца (од многубројните жени во харемот) токму јаничарите биле пресудниот фактор при изборот на новиот султан, бидејќи оние кандидати што не им биле по волја, тие ги ликвидирале по градините и ходниците на палатата.

Сфаќајќи дека во нивните раце е клучарот од царскиот трезор (т.е. самиот цар) јаничарите сфатиле и дека во нивните раце е и клучот од трезорот, па така секој султан што тие ќе го поставеле на престолот морал да се повинува на нивните барања за сѐ поголеми и поголеми плати, награди, привилегии и бенефиции. До тој степен се разуздале јаничарите, што кон крајот на XVIIIиот век и почетокот на XIXиот век нивните команданти познати како „дахии“ буквално владееле сосема автономно со цели области од империјата, како и со самиот главен град Истанбул, што во Србија придонело до кревање на Првото српско востание, а во престолнината до решителна акција на султанот во насока за нивно уништување. Бидејќи со векови јаничарите биле фактичката власт во царштината, кога султанот Махмуд II во 1826та година успешно ги елиминирал, современиците тоа го нарекле „државен удар на султанот против јаничарите“.

Интересна работа е што некои од најзначајните луѓе во историјата на балканските земји биле јаничари. Кај Албанците, најголемиот им јунак Скендер-бег бил јаничар што се побунил против султанот и враќајќи се во родната земја кренал успешно востание против турската власт.

Во Србија пак, многу почитуваната од народот Српска православна црква, сегашниот континуитет го носи уште од возобновувањето на Пеќската патријаршија која била укината во еден краток период по освојувањето на Србија од страна на Турците, ама била пак вратена во живот по наредба на еден влијателен јаничар од српско потекло, познатиот Мехмед Паша Соколовиќ, кој за прв поглавар на таа нова српска православна црква го назначил – својот брат(учед).

Со албанско потекло освен Скендербег, друг првично војник на Турците, а потоа баш бунтовник против нив бил и возобновителот на независноста на Египет, Мехмет Али Паша, кој иако не бил јаничар, сепак е добра илустрација за тешкотиите кои се јавуваат во поглед на контролирањето на луѓето на кои им е дадена команда врз силна војска. Патем, со кариерата на овој човек е поврзана и неговата борба против Мамлуците во Египет, кои пак го имале своето потекло токму во истиот систем на регрутирање на војници како со јаничарите во Турција.

Имено, и Мамлуците оригинално започнале како деца-робови што биле купувани од владелот на Египет за да бидат тренирани како елитни војници, но со тек на време, гледајќи дека без нив владелот е никој и ништо, ја презеле фактичката власт.

До некаде, слични на египетските Мамлуци и на отоманските Јаничари, во поглед и на регрутирањето и на презамањето на власта (според преторијанскиот модел) биле и Гилманите од епохата на багдадскиот калифат.

*

Пред да стане потпретседател и потоа и претседател на САД, Џорџ Буш постариот беше шеф на шпионската служба на САД, фамозната и озлогласената ЦИА. Сегашниот лидер на Русија пак, Владимир Путин, својата кариера ја започна во тајната полиција на Советскиот Сојуз, чиј што некогашен шеф Јури Андропов своевремено накратко беше застанал и на чело на државата. По кратка пауза додека владееја Горбачов и Јелцин, во ликот на Путин повторно од редовите на службата задолжена за чување на поредокот дојде владетелот на тој поредок.

Во социјалистичка Југославија, познат беше примерот со елиминацијата на Александар Ранковиќ, кого лично Тито го отстрани од раководната положба во УДБа, откако сфати дека тој во своите раце концентрирал преголема моќ со која лесно можел (и наводно веќе работел на тоа) да завладее самиот со државата. Во Советскиот Сојуз пак, се смета дека токму поради стравот од моќта на тајната полиција и војската, Сталин редовно и систематски ги елиминирал сите водечки раководители на Црвената армија и на безбедносните служби.

Според она што можеме да го согледаме од историјата на Преторијанската гарда на стариот Рим, како и од примерот со модерна Србија и некогашната Отоманска империја, единствениот точен одговор на прашањето „кој да ги контролира контролорите?“ е само „други контролори, со сосема иста моќ како оние што треба да ги контролираат, кои пак истовремено ќе ги контролираат оние што нив ги контролираат“.

Како воопштена поука, не треба никогаш на власт да има ниту една партија, која сите институции ќе ги стави под своја контрола. Секогаш треба да се гледа во државата, покрај јаката власт да има и јака опозиција. Можеби на тој начин нема да може власта сите свои идеи да ги реализира, ама тоа е мала цена која секој народ треба да ја плати за да не може власта да ги реализира и оние свои замисли кои не се за доброто на народот. Оти моќата секогаш ги расипува луѓето, а потполната моќ потполно ги распипува луѓето.

Па затоа, еве еден мудар заклучок од приказната за преторијанските гарди низ историјата. Кога и некој политичар ќе побара од народот да му биде дадена апсолутна власт, со ветување дека само така ќе ја спаси земјата, треба да му се постави логичното прашање: „убаво е што ти ќе ја спасуваш земјата од неволјата во која е, ама кој потоа ќе ја спасува земјата од тебе?“

.

П.С: Требаше колумнава да биде објавена минатиот четврток, но мене лично толку многу ми се бендиса онаа колумнана од пред две недели што ја објавив, со наслов „Добиено и изгубено“, што решив да ја оставам малку подолго да стои на врвот на листата на колумни. Оддамна немав напишано ништо толку елоквентно и продлабочено. Како и да е, бидејќи не мислам дека оваа денешнава е на тоа ниво според квалитетот, веќе наредниот четврток, во редовниот термин, се враќам на стариот ритам, со колумна на блогов насловена „Реални ликови“ во која ќе биде направен обид да се најде врската помеѓу вампирите, Итар Пејо, акционите филмови, Крале Марко и Атлантида со Филип Втори, Александар Велики, Чак Норис и Џејмс Бонд.

Тоа значи е за наредниот четврток, а во меѓувреме, во утрешниот број на неделникот „Фокус“ побарајте ја мојата редовна политичка колумна.

До четврток, поздрав 🙂

♦ OДJABAA KOH 3AJДИCOHЦETO

with 4 comments

Обично во филмовите приказната завршува со сцена од типот на „одјаваа кон зајдисонцето“ или „отпловија кон морската шир“ или нешто слично на тоа, што треба да побуди чуства кај гледачите дека главните јунаци од тој миг па натаму „си живееја среќно до крајот на животот“ и дека од приказната за нив – нема веќе ништо интересно. Арно ама, после секое зајдисонце има ноќ, а после ноќта ново изгрејсонце и со него, нови настани. Што пак значи дека секоја приказна може да има свое продолжение, често во сосема неочекуван правец. Еве неколку примери:

1. Што се случило со бунтовниците од бунтот на бродот „Баунти“: во текот на XVIIIиот век на многу бродови се случувале многу бунтови на морнарите против нивните капетани, и практично ниту еден од тие бунтови не е забележан од историјата како нешто посебно значаен. Не би бил значаен ни бунтот што на англискиот брод „Баунти“ се случил во 1789ата година, ако тој бунт не бил раскажан во неколку популарни книги и филмови, па поради нив, кога и да се спомене бунт на брод, широката јавност веднаш добива асоцијација за бродот „Баунти“.

Накусо, што се случило во текот на бунтот? Па, морнарите на тој брод додека пловеле низ Пацификот сфатиле дека се доволно далеку од Британија и од било каква власт, па решиле дека е дојден вистинскиот миг да го исфрлат од бродот бруталниот капетан и да ја преземат контролата врз пловилото. Капетанот бил принуден да заплови по океанот во мал чамец заедно со неколкуте морнари што му останале лојални, и тој поради значајната навигаторска способност што ја поседувал – успеал да се спаси допловувајќи по многу перипетии до копно и потоа и до Англија.

Побунетите морнари пак, со бродот заминале на еден тихоокеански остров каде што киднапирале неколку полинезијски девојки од островот и ги однеле на друг остров, пустиот гребен Питкејрн, на кој засновале мало село. Не биле свесни тогаш Англичаните и нивните домородни невести дека всушност засноваат нов народ – и тоа по примерот токму на Римјаните од антиката, кои според легендите исто така започнале да постојат со чинот кога група бандити си грабнале жени и се населиле во градот што го основал шефот на бандата Ромул, и кој што град и народ по неговото име се наречени Рим (поточно Рома) и Римјани соодветно.

Арно ама, островот Питкејрн бил премногу мал за на него да може да преживее поголема група луѓе (а групата доселеници почнала да расне со раѓањето на децата на морнарите и полинезијските жени) и така, откако првата генерација речиси изумрела, немало веќе ниту еден од жителите на островот што би бил сметан за криминалец од страна на британските поморски власти (кои по кусо барање успеале да ги најдат избеганите бунтовници) и според принципот „децата не треба да се виновни за грешките на татковците“ британската влада им доделила на потомците на бунтовниците на бродот „Баунти“ друг, поголем остров, на кој продолжиле да се раѓаат нови генерации, и денеска, речиси два века подоцна, на островот Норфолк (помеѓу Нов Зеланд и Австралија) живеат околу две илјади луѓе, од кои скоро сите се или директни или индиректни потомци на оние дузина морнари што на времето се бунтувале на бродот „Баунти“.

Вакви примери, каде што многубројни денешни потомци сосема прецизно може да се одредат за неколку (или дури и еден) луѓе од минатото има едвај неколку, при што најславни се потомците на пророкот Мухамед и потомците на Џингис Кан. Првите се познати документирано (не преку генетски анализи) во исламската традиција како шарифи, сајиди, хабиби или најчесто како ашрафи. Значи, за овие луѓе (кои се низ целиот свет денеска неколку десетици илјади) се знае дека се потомци по било која линија, на Мухамед, поточно на неговата ќерка Фатима.

До некаде сличен пример има кај Евреите, каде што оние лица од еврејската заедница кои го носат презимето Коен, Кохен, Кан, Каган или некоја варијанта на таа, се смета дека сите се потомци по директна машка линија на братот на пророкот Мојсеј, првиот еврејски свештеник Арон. Во поново време дури и се вршени обемни генетски испитувања на Y-хромозомот на Евреите кои се сметани традиционално (според презимето) за потомци на Арон и навистина, кај многумина од нив е пронајдена доста силна заедничка врска, иако такви мажи денеска има стотици илјади ширум светот.

И конечно, точно детерминирани потомци и по генетска линија и по традиционална линија има и кај големиот монголски лидер од средниот век Џингис Кан, кој благодарение на фактот што имал полови односи со многу стотици жени од неговиот харем, и плус поради фактот што сите негови синови биле добро обезбедени финансиски од негова страна па можеле и самите да имаат многу деца, денеска има неколку милиони потомци (!) главно во централна Азија, распрскани низ десетина тамошни народи од монголско потекло. Ние имаме песна која вели дека „чеда сме на Александар, гордост наша македонска“ ама за многумина Казахстанци, Туркменистанци, Киргистанци, Узбекистанци и Монголи, навистина може да се испее песна со стиховите „чеда сме на Џингис Кан, гордост наша монголска“ и тие зборови да бидат буквално точни. За потомците на канот, во централноазиската традиција дури имаат и посебно име „алтан ураг“ што значи „златно потекло“.

2. Откако го распнал Исуса, Пилат станал светец: иако пред некој ден го прославивме раѓањето на Исус, сепак како далеку поголем празник христијанството го смета неговото воскресение, до кое очигледно не би можело да дојде да не бил убиен најпрвин тој, со распнување на крст. А како што практично сите знаеме, Библијата за убиец на Исус го наведува римскиот гувернер на Јудеја од тоа време, извесниот Понтиј Пилат. За човеков нема практично никакви податоци историски, и во голема мера скоро сѐ што знаеме за него го дознаваме од записите на раните христијани. Се чини дека бил толку безначаен, што и самите негови Римјани не се потрудиле баш премногу да напишат било што за неговите години поминати во империјалната администрација.

Е арно ама, и тоа малку што можеме да го дознаеме за Пилат од христијанските извори е – неочекувано, барем на прв поглед. Православната црква ја смета неговата жена, Клаудија Прокула за светица, бидејќи во самиот Нов Завет е споменат нејзиниот сон, непосредно пред осудувањето на Исус, кога таа сонила дека тој е сосема невин за сѐ за што бил обвинет, и му пратила порака на својот маж да не го осудува, туку да го пушти.

На 9ти ноември, меѓу другите светци што се одбележуваат на тој ден, православната црква ја слави и Праведна Прокла, жената на Пилат, а кај христијаните во Етиопија, се смета не само таа туку и нејзиниот маж за светител, па на 25ти јуни таму се слави денот на Светите Пилат и Прокла.

Тоа што Пилат кој го распнал Исус подоцна се сторил христијанин не е ништо необично, барем кога е во прашање нашава религија. Најславен е примерот со апостолот Павле кој од најголем прогонувач на младата вера, станал после еден натприроден настан, главен следбеник на христовото учење и токму тој во зрелите му години ќе биде најзаслужниот за изгледот и духот на христијанството какво што го знаеме денеска. Меѓу другото тоа што христијаните не се обрежуваат, иако Евреите се обрежуваат, е по совет токму на мудриот стратег Павле кој сфатил дека од новите христијани не треба да се бара премногу, па со концептот дека „ако имаш вера не ти треба обрежување, а ако немаш вера џабе ти е обрежување“ ги поставил темелите за колосалната експанзија на христијанството низ вековите од дузина луѓе до денешните речиси две милијарди верници.

Арно ама, од Новиот завет има и еден лик што денешните христијани го сметаат само за свој светител, но до ден денешен има потомци на следбениците негови што го сметаат токму него за најзначаен лик во нивната вера, а Исус скоро и да не го споменуваат. Станува збор за Јован Крстител (чиј празник е престојниот Водици), кој уште пред Исус да започне да ја шири својата верзија на Божјото слово, собрал околу себе мнозина ученици и по неговата смрт, тие побегнале на Исток и продолжиле да го слават споменот негов, под името Мандеанци. Нив ги има денеска едвај стотина илјади, главно населени во Ирак и во Иран.

Секако, од таа епоха не може а да не се спомене и Јуда, кого христијанската традиција го смета за оној апостол што го предал Исус на непријателите му. Е арно ама, уште во антиката се појавиле многубројни негови следбеници, кои се обидувале да ја наметнат тезата дека тој воопшто не бил предавник, туку дека бил сосема чесен и верен следбеник на Исус. Неговите поддржувачи не биле баш организирани како што треба, па не ја прошириле својата идеја подалеку од тесните гностички кругови, ама сепак од нив, до ден денешен преживеало нивното „Евангелие по Јуда“. Кое не се смета за официјално и не е дел од христијанскиот канон, ама интересно е да се знае дека и тој лик од Библијата не исчезнал туку-така „кон зајдисонцето“, ами си имал свои следбеници што и по неговата смрт го одржале во живот неговиот спомен.

Секако, освен неговото непризнато од официјалната црква евангелие, невнесени во Новиот завет (каде има само четири евангелија) се и еден куп други евангелија поврзни со другите ликови од опкружувањето на Исус, кои долго време беа заборавени или изгубени, а излегоа на светлото на денот дури во последниве неколку децении. Ете, еднаш им зајдело сонцето, па некое време во мрак биле, и сега пак ги огреала светлината.

*

Како што гледате, почитувани читатели, многу приказни имаат свое продолжение и во суштина ништо не исчезнува без трага.

Потомците на Џингис Кан кој освоил огромна империја денеска ги има милиони и главно се населени во земји каде владеат диктатори што своите народи ги држат во состојба на очајна сиромаштија. Па што му вреди на некој си баш директен потомок на големиот кан славното му потекло, кога сега тој страда под чизмата на некој малечок тиранин на некој централноазиски  ваков-или-онаков-стан.

На блискиот исток на времето десетици најразлични религиозни лидери се обидувале да ја проповедаат своја верзија на „најголемата вистина“, ама сепак повеќето од нив биле поразени во борбата со конкуренцијата и на крајот триумфирала онаа религија која денеска ја има лојалноста и довербата на стотици милиони, па и милијарди христијани. Што само докажува дека не е само битно што се проповеда, ами и кој го проповеда тоа што се проповеда. За успехот на една идеја не е битна само самата идеја, туку и луѓето кои ја застапуваат и промовираат. Па макар тоа биле и нејзините некогашни противници што се премислиле.

Па така, секој кој што планира да направи некоја работа, било мала, било голема, не треба премногу да се радува ако самиот постигне успех, оти тоа не е гаранција дека неговите наследници ќе го одржат успехот. Воедно и обратното. Ако некој пропадне, не значи дека и тоа за што се борел пропаднало. Можеби некаде ќе остане трага, запис или дури и живи почитувачи за да сведочат за неговиот храбар обид.

Што пак нѐ води до деновиве околу нас. Оставивме зад себе цела една година, со многу започнати, но и недовршени и пропаднати дури проекти. Дали во новата година ќе заборавиме на нив? Дали ќе се потрудиме да им дадеме втора шанса, и дали навистина се тие пропаднати, или можеби надвор од нашиот видокруг сеуште тлее по некое жарче од нивниот некогашен пламен.

Тоа не можеме да го знаеме, оти иднината никој не може да ја знае. Но, велат дека најдобар начин да ја предвидиме иднината е да ја создадеме самите. Па затоа, во годинава што е пред нас, ви посакувам на сите – многу работа и многу успеси.

.

П.С: Во четврток блогов се враќа на стариот добар ритам на објавување, па тогаш очекувајте ја колумната „Сѐ (ли) е пишано“. Има врска темата со последните редови од денешната колумна, околу предвидувањето на иднината и дали е тоа можно, важно, па дури и потребно и корисно.

До четврток, поздрав 😉

Written by nenobogdan

09/01/2012 at 21:09