Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ МАКЕДОНСКИ БЕЗ ГРЧКИ

with one comment

Чичко пушти летки, ама гледај на македонски да се испечатени

Идејата во овој текст е да ве запознаам со одредени грцизми во нашиот македонски говор кои не само што ни го нагрдуваат јазикот, туку и нѐ понижуваат со тоа што и покрај тоа што имаме сосема убави наши зборови за тие поими, ние ги употребуваме грцизмите, сметајќи дека тоа е знак за повисоко образование на оној кој ги употребува. А не е така!

* текстов е првично објавен на 16ти јули 2008 година на http://blogatash.blog.com.mk/node/170115

Како прво, пред да се наведат најприсутните зборови во нашиот јазик дојдени од грчкиот, а кои сосема лесно можеме да ги замениме со наши, македонски, да кажеме дека двата главни и речиси единствени извори на грцизми во македонскиот говор се:

1. православната црква и нејзините институции

2. технологијата и науката

Православието во нашата земја, за разлика од првите почетоци на христијанството, кое кај нас е поврзано директно со учениците на Исус („апостол“ е грцизам, извинете), е воведено и зајакнато во времето на Византиската империја, чиј што официјален јазик бил грчкиот (иако во одредени периоди, со тоа царство владееле и луѓе по потекло од Македонија).

Токму затоа, речникот на поими и термини присутни во православието делува како да е составен од неколку скинати (или фотокопирани) страници од речникот на грчкиот јазик.

Почнувајќи од титулите (митрополит, арихепископ, протереј, патријарх, монах, игумен и сл.) преку имињата на објектите (манастир, црква, параклис) и обредите (панихида, парастос, литургија…) па се до разните верски симболи и институции (икона, синод, догма, символ и сл.), македонската православна црква е институција која се чини и покрај својот осведочен патриотизам низ повеќе векови, е темелно наполнета со грцизми.

Но, за бришење на поимите кои потекнуваат од грчкиот јазик во рамките на една институција толку стара и конзервативна колку што е црквата тешко дека може да стане збор.

Ајде „митрополит“ или „епископ“ и може да стане „владика“, и наместо „попе“ на локалниот свештеник да му се обраќаме со „оче“ (од отец, како што поп е од „папа“ – татко), ама како да го нарекуваме манастирот во кој живеат монасите? И двата збора (манастир доаѓа од монастир) доаѓаат од коренот „моно“ во грчкиот јазик што пак значи „едно“ или „само“. Хрватите манастирите ги нарекуваат „самостан“ (што е буквален превод на грчкиот збор) и тоа донекаде има смисла, ама како монахот да го наречеме – самотник? Самостанар?

Во англискиот јазик она што се нарекува „ч’рч“ во германскиот се нарекува „кирх“, а во македонскиот се вика „црква“. Но сите овие зборови водат директно потекло од грчкиот „кириакон“ каде што буквално значи „зграда која му припаѓа на Господарот“ (при што господарот е, очигледно, Господ) па така црква е „божји дом“ или „божја куќа“. Е, ама ај објаснете им на македонските православни христијани дека „црква“ е грцизам во нашиот јазик.

Ако институциите на православието не можете да ги преименувате поради тоа што тие се со исклучително долга традиција, уште потешко е да се променат така наречените „православни имиња“ т.е. имињата од календарот на МПЦ, кои одредени луѓе своевремено (па и денеска) ги сметале за единствено погодни и правилни за давање на христијански деца и со сите сили се обидувале да ги потиснат оние нецрковни (словенски) имиња. Наместо Живко правилно било Атанас. Наместо Крсте, требало по календар да се вика детето Ставре.

Овие два примери ви ги давам како илустрација дека имињата кои во суштина значат сосема исто, многу луѓе под влијание на православните догми сметале дека е подобро да им ги даваат на своите деца грчките преводи на имињата, наместо македонските оригинали. Но, како што кажавме, имињата на луѓето и на институциите на религијата е речиси невозможно да се променат.

Од друга страна, во нашиот јазик имаме и вистинска поплава од поими со грчко потекло на зборот кој ги опишува, кои кај нас дошле во форма на научно – технолошки термини. Кај некои од нив, се чини дека има надеж, а има и традиција од времето кога се воведувале, па можеме да се навратиме на тие македонски поими. Еве неколку примери:

Во денешните училишта децата учат географија, предмет кој се занимава со изучување и опишување на земјата. Зарем треба да нѐ чуди што на времето, пред неколку децении, во нашите училишта токму овој предмет се викал „земјопис“? И зарем тоа не е еден убав збор, кој сосема лесно можеме да го презаковаме врз зборот „географија“ и барем во тој дел да се ослободиме од грчкото влијание врз нашиот јазик?

Економијата како што знаеме е една суштински битна работа. Кога се работи со пари, секогаш треба да се постапува мудро, паметно, внимателно, така да се каже – домаќински. Зарем треба да чуди тогаш што самиот збор „економија“ доаѓа од грчките зборови „оикос“ (што значи „куќа“ или „дом“) и „немеин“ (што значи „управување“ или „одржување“)?

Кој впрочем би се спротиставил министерот за економија да се вика министер за домаќинско работење? Зборот „министер“ е од латинскиот јазик и затоа ние нема да го менуваме, оти со Латините не сме скарани, ама економија е грцизам, и затоа, искрено, зарем нема да звучи поубаво кога наместо да ве прогласат за дипломиран економист ќе ве прогласат за дипломиран домаќин? Зарем тоа нема да ве направи да се чуствувате, некако – подомаќински? Наместо поекономично?

Зборот „диплома“, инаку, исто така, може да звучи како грцизам, ама по мое мислење тоа можеби е всушност македонизам во грчкиот јазик, останат уште од времето на Филип и Александар. Имено, зборот „диплома“ кој оригинално се однесувал на парче кожа превиткано (здиплено) и на кое парче кожа пишувало некакво овластување од некој крал или моќна институција за носителот на парчето кожа дека тој (носителот) е овластен со некоја функција или знаење, значи тој збор е корен на зборовите „дипломирање“ (од некоја образована институција) и „дипломатија“ (во служба на некоја држава).

Можеби старите Грци кога ги читале документите со кои македонските кралеви ги овластувале своите преставници да преговараат со нив, не можеле да го изговорат она „зд“ па од „здиплена“ станало „диплома“ и така си останало во сите јазици кои позајмувале потоа зборови од грчкиот?

Конечно, зарем лошо звучи наместо „дипломиран економист“ да викаме „здипломиран домаќин“ т.е. човек кому домаќинлакот му е здиплен во џеб и знае сѐ за управувањето со парите, објектите и луѓето?

Во нашиот образовен систем, се случува да добиете диплома и ако завршите само гимназија. Еве јас на пример, пред многу години, завршив природно – математичка гимназија. И бев многу среќен поради тоа, барем сѐ додека не сфатив дека самиот збор “гимназија“ доаѓал од грчкиот „гимназион“ што во стара Грција буквално значело „место каде што луѓето се голи“ и се однесувало на тогашните објекти за изведување физички вежби, кои физички вежби оние кои вежбале ги изведувале сосема голи.

И токму тоа ме растажи, ви велам, кога сфатив дека јас четири години поминав во гимназија, а некои свои многу убави соученички (па и професорки) никогаш не ги видови голи. Дури и не мораа да прават физички вежби.

Каква е таа гимназија? Врска нема со оригиналното значење на зборот, и затоа, да го исфрлиме од употреба тој лажен збор, кој, оние кои колку – толку знаат грчки ги тера во заблуда и ги води во разочараност, кога ќе сфатат дека во модерните гимназии, нема голотија.

Би рекол дека не ми е по ќеф тоа што е тоа така, но и тој збор „ќеф“ не е македонски оригинално, туку е грцизам. Зборот доаѓа од грчкиот „кефалос“ што значи „глава“ и од таму доаѓа и помот „автокефалност“ кој буквално значи „своеглавост“. Зборот „ќеф“ толку многу се раширил и деформирал патувајќи по светот и разните јазици, што кај нас влегол и по втор пат, преку францускиот „шеф“ (што нели значи „главен човек“) и кој во јазикот на Французите влегол – од грчкиот јазик.

Е ако сте вистински македонски патриот и не ги сакате Грците и нивниот јазик, немојте да се чудите ако вашиот шеф не ви е по ќеф. Има лингвистичка причина за тоа.

Во нашата земја како што знаете владее олигархијата која сега засега се чини дека е во хармонија со владеачката хиерархија. Е ама ниту еден од овие зборови: „олигархија“, „хиерархија“ и „хармонија“ не е македонски, туку е грчки збор. Како што впрочем не се ниту аеродром, хиподром, стадион, академија, библиотека и уште еден куп други зборови.

Катастрофа, нели? Е не е, бидејќи и тоа е грчки збор! Или можеби е патетично? За жал, најпатетично во тоа е што дури и „патетично“ е грчки збор! И немојте да кажете дека сум премногу драматичен и дека правам театар од нешто што не битно, и кое го преставувам како некоја трагедија. Затоа што и „драма“ и „театар“ и „трагедија“ се грцизми!

Некои од грцизмите не можат да се преведат, но други можат многу елегантно да се исфрлат од употреба и да се заменат со македонски. Еве го мојот омилен пример:

Зборот „библиотека“ доаѓа од старогрчкиот збор кој исто се изговарал, а кој пак значел „место каде што има книги“. Книга пак, на старогрчки е „библион“.

Зошто местото каде што можете да најдете нега се вика „негувалиште“, каде што можете да најдете одмор се вика одморалиште, а каде што можете да најдете книга не се вика книговалиште, туку – библиотека.

Зарем зборот „книгователка“ не би бил посекси (ако ништо друго) од зборот библиотекарка? Да има само примероци од Библијата во библиотеките и ќе има смисла да се викаат така, но што правиме со другите книги? Особено затоа што во многу наши библиотеки и не можете да ја најдете Библијата!

И конечно бре почитувани Македонци, доста плаќате кирија! Почнете да плаќате наемнина. Кој знае, ако на газдата на вашиот стан му објасните дека „кирија“ доаѓа од грчкиот збор „кириос“ (стопан, газда, господар) можеби тој, ако е патриот, и ќе ви ја намали сумата која што треба да ја платите? А ако не е, ако инсистира да продолжите да плаќате кирија, па тоа е уште една причина да го исфрлите тој одвратен збор, грчки збор, од вашиот секојдневен говор, и кога веќе нема да можете да плаќате помалку пари за наемнина, барем да користите помалку грцизми во зборувањето.

Written by nenobogdan

05/01/2010 at 20:49

One Response

Subscribe to comments with RSS.

  1. In case you’ve discovered them to become snug in their game,
    performing the bluff at the start of the game could terrify them down.

    Rosemary

    06/04/2019 at 12:39


Напишете коментар