Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♣ AHTИMETAБOЛИ

with 3 comments

Од сите стилски фигури, мене лично најомилени ми се антиметаболите, т.е. оние мудри мисли во кои вториот дел од реченицата е составен од речиси истите зборови како и првиот дел, само со поинаков (а сепак сосема логичен) распоред. Без некој посебен повод и без некоја посебна причина, еве неколку антиметаболни изреки, некои од нив кажани од познати историски ликови, а некои смислени од мене.

Секое стадо има своја црна овца, само во Македонија секоја црна овца има свое стадо. Ова е моја адаптација на познатата мисла „секоја држава си има своја мафија, но овде мафијата си има своја држава“ која пак и самата е адаптација на описот на некогашната Прусија кој гласел: „секоја држава има своја армија, само во Прусија армијата има своја држава“.

Скоро сите мафијаши се негови пријатели, и скоро сите негови пријатели се мафијаши. Оваа мисла може да се адаптира во безброј варијанти, на пример за етничка-расна навреда во стилот „скоро сите од таа заедница се криминалци, и скоро сите криминалци се од таа заедница“ или пак на политичка основа „скоро сите што ќе гласаат за вашата партија се будали, и скоро сите што се будали ќе гласаат за вашата партија“. Воедно, можна е и негацијата: „не се сите патриоти членови на таа партија, и уште поважно, не се сите членови на таа партија патриоти“ или пак „не се сите таму само предавници, и уште поважно, не се сите предавници само таму“.

Повеќе ќе трае пријателството засновано врз бизнис, отколку бизнисот заснован врз пријателство. Ова наводно го рекол еден член на фамилијата Рокфелер.

Богат си кога можеш ама не мораш, а беден си кога мораш ама не можеш. Исто, подобро е да смееш, а да не сакаш, отколку да сакаш, а да не смееш. Ова пак доаѓа од философијата на таоизмот.

Тој е познат и почитуван бизнисмен. Ама не истовремено оти тие што го познават – веќе не го почитуваат, а пак тие што го почитуваат – сеуште не го познаваат. Ова нешто за многу македонски бизнисмени може да се каже и да биде сосема точно.

Светот не е праведен, и праведноста не е света. Ова е максима која секој што води надворешна политика треба да ја знае на памет, оти секогаш и секаде „правото на силата е поважно во пракса од силата на правото“.

Подобро паметен човек без образование, отколку образован човек без памет. Оваа е фраза смислена од мене и јас ја сметам за мисла-водилка. Слично на неа ми звучат и изреките „подобро патриоти без своја држава отколку држава без свои патриоти“ како и „подобро верници без своја црква отколку црква без свои верници“, а воедно и „подобро е глумци без свој театар, отколку театар без своите глумци“. Или конечно „читателите без својот весник се тажни, ама весникот без своите читатели е мртов“

Разликата меѓу алчниот и себичниот човек е во тоа што првиот гледа пари во сѐ, а другиот гледа сѐ во парите. Слично на тоа, алчниот е способен да го гледа својот ќар во секоја работа на која ќе се посвети, додека себичниот во секоја работа на која ќе се посвети го гледа само својот ќар.

Среќна држава е онаа во која идеалистите се обезбедени материјално, а материјалистите идеално. Ама како да се постигне тоа кога скоро сите крадци се и политичари, а истовремено скоро сите политичари се и крадци?

Една работа е кога власта ќе се разочара од својот народ, а сосема друга е кога народот ќе се разочара од својата власт. Бидејќи далеку полесно е да го прифатиш она што не можеш да го промениш отколку да го промениш она што не можеш да го прифатиш. И затоа, подобро е да погрешиш гласно, отколку да гласаш погрешно.

Иако е точно дека од секој човек не бидува добар водач, уште поточно е дека од секој водач – не бидува добар човек. Оти, лесно е да се зборува за дупката во некоја вистина, ама далеку е потешко да се зборува за вистината во некоја дупка.

Како што реалноста не е совршена, уште повеќе и совршеноста не е реална. Затоа, итро е да се правиш наивен, но наивно е да се правиш итар. Исто како што е глупо да се правиш паметен, ама паметно е да се правиш глуп.

.

П.С: Во четврток, во редовниот термин, очекувајте ја на блогов колумната „Добиено и изгубено“. Во која ќе биде објаснето дека иако од две јајца може да се добијат само две пилиња, од две пилиња може да се добијат потоа безброј јајца.

До тогаш, поздрав 🙂

Written by nenobogdan

15/01/2012 at 21:25

3 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Почитуван Нено! Уште еднаш ќе Ве пофалам во вашиот избор на темите што ги обработувате. Со нетерпение го чекам денот кога на мојот e-mail ќе го добијам Вашиот нов текст, кој со „апетит“ го читам и ме тера на размислување, како што ги читам и коментарите во врска со објавените текстови. Јас сум архитект во пензија. Не сум филозоф, но ја сакам филозофијата и сето она што е составно на неа. Доста сум читал и сега доста читам, но највеќе ме интересира во последно време текстови со филозофски содржини, кои те тераат да размислуваш после прочитаното. Овој текст АНТИМЕТАБОЛИ посебно ми се допаѓа. Некои од овие мисли по мое мислење се бисери, како: Подобро е паметен човек без образование, отколку образован човек без памет; Секое стадо има своја црна овца, само во Македонија секоја црна овца има свое стадо; Една работа е кога власта ќе се разочара од својот народ, а сосема друга кога народот ќе се разочара од својата власт и тн. Имам една порака: „Тие што Ве критикуваат во коментарите подобро е да напишат нешто, отколку да напишат нешто да Ве критикуваат“. Поздрав!

    Драган Игнов

    15/01/2012 at 23:48

    • Па и јас не сум философ, па еве, да не ми фали нешто 😀

      Секој човек ќе си ја најде својата мисла, и секоја мисла ќе си го најде својот човек.

      Поздрав 🙂

  2. Не се сите Муслимани терористи, но сите терористи се Муслимани! (ја прочитав некаде…) 🙂

    alexandro nl

    16/01/2012 at 18:22


Напишете коментар