Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ПOKEP ИЛИ ШAX?

with one comment

Повеќето луѓе сметаат дека шахот како игра која захтева за победа исклучиво висока интелигенција е најдобрата апроксимација за политиката и за стратегиското размислување кое таа го бара за успех. Од друга страна, политичкиот жаргон е преполн со термини како „ас во ракавот“, „џокер“ и „блефирање“ како и постојани барања да се „отворат картите и да се стават на маса“. По таа основа, се наметнува прашањето: кој би бил подобар стратег и политичар, оној кој е добар шахист или оној кој е вешт покераш?

1. Што се гледа, а што не: во шахот сите фигури и нивните позиции се видливи и за двајцата играчи и тука нема криење. Од друга страна, во покерот практично сите карти се скриени од погледот на противникот сѐ до последниот миг и од таму клучна улога во победата има глумењето дека се има јака (или во посебни случаи слаба) комбинација на карти со цел другиот покераш да се доведе во заблуда и да направи погрешен потег што ќе го натера да ја изгуби партијата (и својот влог).

Тоа се вика блеф и како концепт е сосема невозможен при играњето на шах. Оти – сѐ се гледа пред сите, сѐ е отворено и не само што се гледа конкретната состојба и распоредот на фигурите туку се знае и како е дојдено до тој распоред од почетниот, па противникот ако внимавал може да заклучи и која е стратегијата на другиот играч.

Во реалниот живот, особено во политиката мора да се признае дека покерот е поблизок од шахот до начинот на кој се случуваат работите. Некои потези се видливи и сите „играчи“ можат да видат што прават другите полтички играчи, но повеќето потези се скриени од полтичките ривали и често дури некои работи се обратни во реалноста одошто се прикажуваат јавно.

Способноста за преправање и глумење е бескорисна при играњето шах. При играњето покер и во политиката (и бизнисот) блефот е клучен дел од патот кон победа. Значи, еден спрема нула за покерот од оваа точка.

2. Како се почнува: во шахот и двајцата опоненти почнуваат со сосема ист број на фигури кои се сосема идентично поставени на таблата, само во спротивни насоки. Единствената предност што едниот играч ја има на почетокот на играта се состои во тоа што има можност ако игра со бели фигури тој да ја отвори партијата влечејќи го првиот потег. И толку. Во сите други аспекти играчите почнуваат сосема рамноправни.

А така не е во покерот. Таму многу е битно како ќе ти се наредат картите при делењето. Ако добиеш лоша рака, можеш да блефираш оти противникот не знае колку лоша комбинација ти е поделена, ама – ако тој има пак добиено особено добра рака, тешко дека со сите трикови ќе го убедиш дека држиш појаки карти од неговите. Така да и најдобриот покераш може понекогаш да биде поразен од некој почетник.

Од таму, во една партија шах за да победите ви е доволно само да имате интелигенција поголема од противникот (и се разбира таа интелигенција да биде валоризирана преку концентрација, познавање на правилата на играта и стрпливост). Во една партија покер за да извојувате победа, потребна ви е најмногу среќа (која морате да ја поткрепите и со искуство и концентрација, но среќата е клучна).

И во политиката е така, и впрочем во сите полиња од животот. Човек може да има талент, да е вреден и да има одлични идеи, ама ако му била судбината да се роди во исклучителна сиромаштија или во земја каде што нема да добие ни минимално образование – ништо нема да испадне од него.

Воедно, сосема просечен човек кој имал среќа да се роди во богато и добро етаблирано во општеството семејство или пак во држава со висок стандард каде што сите услови ги има за личен напредок може да постигне многу во животот само затоа што имал добар старт. Кога судбината ги делела картите пред раѓањето – нему му се паднала добра рака.

Па, во поглед на тоа – два нула за покерот.

3. Колку играчи има: во шахот се двајца и по таа основа станува збор за еден буквално црно–бел свет. Целокупното внимание и на едниот и на другиот играч е поставено спрема само еден противник. Нема потреба додека трае партијата да се мисли за трет играч, бидејќи таков не постои. Противникот е еден, неговата психологија се гледа во начинот на кој ја игра играта и сите негови дотогашни потези се видливи, а за вештите шахисти и идните потези на противникот се релативно предвидливи.

Во покерот често пати, скоро редовно, има повеќе од двајца играчи. И тука секој секого гледа да го изблефира, секој секого се обидува да го прочита, секој на секого сака да му ги земе парите. Ако се концентрираш на само еден покераш и на неговите постапки, ќе заборавиш на другите, а токму меѓу тие други може да е оној што на сите ќе им го земе и последниот денар таа ноќ.

За време на Студената војна светот изгледаше навистина како една голема партија шах на која играа црните фигури на Западот и белите фигури на Источниот блок. Ако Американците имаа некој проблем, тој сигурно беше резултат на работењето на комунистичките агенти, и обратно, ако Русите имаа некоја мака некаде, тоа со сигурност знаеја дека е масло на ЦИА. За состојбата во светот се велеше дека е биполарна.

Иако и тогаш имаше пиончиња кои самите сакаа да влечат потези без дозвола и знаење на големите играчи, сепак генерално ништо не се случуваше што не можеше да се вклопи во големата шаховска игра меѓу двата блока.

Но светот се промени во изминативе дваесет години. И за многумина навикнати да гледаат на геостратегиските случувања како на шаховска игра светот од тогаш делува екстремно збунувачки, како вистински хаос да се случува пред нив.

Во Македонија се чини како сеуште да се игра шах во политиката. Постои СДСМ, постои ВМРО-ДПМНЕ. Има и албански партии но тие не играат самите трета страна, туку редовно се приклонуваат во вид на пиони кон едната или другата голема партија, а истото го прават и малите партии од македонскиот блок и помалите етнички заедници. Нашата шаховска табла е со портокалови и сини полиња, што пак му доаѓа исто како да е црно-бел свет, само со друг пар бои.

Така да, иако на глобално ниво, за глобалните политики покерот е посоодветен како аналогија, за наши услови тоа е шахот. Нерешено од оваа точка, значи два и пол спрема половина, но сеуште води покерот.

4. Кој победува: во шахот доколку и двајцата играчи се подеднакво интелигенти, и доколку не избрзуваат со потезите и добро размислуваат пред да помрднат фигура, можно е играта да заврши со реми или пак со пат–позиција, кога губитникот не може да изгуби, ама и победникот не може да го докрајчи никако.

Во покерот порано или подоцна сите пари ќе завршат кај еден човек. Се разбира, доколку некој на време се извлече од играта со парите што до тогаш ги заработил, може да ја набљудува мирно разрешницата од зелената маса без грижа за својот ќар.

Како е во политиката? Можни се сите комбинации во исходот и од шахот и од покерот. Некој судир може да заврши како реми, и никој да не извојува победа, па да се чека реваншот кога конечно ќе се види „кој ќе добие узди, а кој мамузи“. Можна е и пат-позиција, кога иако е јасно кој е доминантен, тој сепак нема доволно сила да го уништи другиот. Студената војна заврши баш така, кога иако Западот ја доби идеолошката војна, не успеа да ја уништи до крај Русија, па сега таа ете ја пак крена глава.

Исто така, може да заврши конфликтот со конечна и апсолутна победа на еден од играчите по што се создава монопол на моќта и влијанието (кој монопол никогаш не трае вечно, ама ај тоа некој да им го објасни ако може на членовите на парламентарното мнозинство кај нас) а можно е некој на време да сфати накај каде дува ветерот и да се тргне настрана од големата игра пред да остане без ништо (бившиот ни премиер кој сега има бугарски пасош е пример за тоа).

А пример за последново е и Словенија во играта при распадот на Југославија која на време излезе од политичкиот покер додека Хрватите, Србите, Црногорците и Босанците, заедно со Албанците од Косово и Македонија (и Македонците со нив) сите останавме да ја играме до крај играта и генерално гледано, сите изгубија. Повеќето од жетоните моментално се кај Албанците, ама тие за да влезат во играта се задолжија кај Американците и тие долгови допрва ќе ги враќаат со камата.

По половина поен и од тука за двете игри, па три спрема еден, покерот сеуште води.

5. Долгорочна стратегија: овој аспект од политиката е нешто што во покерот го нема, а шахот е баш прочуен по тој елемент, и тоа оти е екстремно битно ќе му донесе на шахот цели два поена со што ќе се изедначи со покерот по вредноста.

Што значи тоа долгорочна стратегија? Е па, во шахот сите фигури ги гледате пред вас, знаете цело време што прави и какви потези влече противникот, знаете и самите што правите и какви потези влечете вие, и оп – одеднаш ќе ви плесне шах, па уште еден шах, па уште еден шах и мат! Буквално од никаде фигурите ќе се наместат лошо за вас и ќе ја изгубите партијата за која до пред три потези сте мислеле дека сте на добар пат да ја добиете.

А цело време тоа што се случува на таблата го гледате пред вас, нема мамење, нема криење, нема никакви тајни финти, ама пак губите.

Како изгледа тоа во политиката покажува баш сега Грција. Нејзините финансиски проблеми кои за многумина беа потполно изненадување сепак не треба никого да шокираат ако ги разбира основните правила и законитости на економијата.

Кога секоја година се задолжувате, кога не развивате вистинско стопанство, кога образовниот систем ви е организиран така да создава трутови и идни бирократи а не продуктивни луѓе, кога главен метод за смалување на невработеноста ви е вработувањето во државна служба, кога одбивате да воведете правна држава со саглам даночен систем и особено кога го сметате вистинскиот капитализам за зло кое треба да се избегне – тогаш порано или подоцна економскиот колапс е неизбежен. Да нема забуна, за Грција зборам, ама „сети се ќерко, ти говорам снао“.

Истата работа може да се каже и за некогашната СФРЈ. И нејзиниот крвав крај можеби дојде како гром од ведро небо за нејзините наивни граѓани држани со децении во информативен мрак од страна на комунистичката власт, ама за мудрите набљудувачи од странство тој крај беше одамна очекуван и предвидлив. Државата беше и мултиетничка и социјалистичка истовремено, што беше комбинација со гаранција за катастрофа. Со самото тоа што беше социјалистичка се знаеше од старт дека ќе пропадне економски, а мешавината на повеќе народи само го дополни тоа со граѓанска војна со многу крвопролевање.

*

Во Македонија пак исходот пред секое гласање на сите избори е редовно познат, оти сите знаеме која партија ќе изгуби. Се чини дека само лидерите и партиските војници на губитничката партија не можат тоа да го видат на време па во текот на мандатот упорно прават глупости од кои ја губат полека но сигурно подршката кај гласачите. Па се обидуваат со блефирање и вадење на петти кец од ракавот да ја оправат ситуацијата во последен миг, не сфаќајќи дека народот оддамна ги прочитал.

Покер или шах, која игра е поважна, која подобро ја отсликува стратегиската компонента на политиката? И двете, и тоа секогаш треба сите стратези да го имаат во предвид.

.

П.С: За денешниот пост ме инспирира прашањето од еден читател упатено по мејл, кој сакаше да знае што мислам јас за шахот како игра. Му реков дека тоа е интересно прашање и дека мојот став ќе го изнесам јавно, преку колумна, па ова е тоа. Се надевам дека читателот што го постави прашањето, а и другите читатели на овој блог, ќе бидат задоволни од одговорот.

П.П.С: Денешната колумна беше вонредна, а во четврток очекувајте ја најавената, со која ќе започне и официјално новата сезона на блогирање тука. Колумната ќе се вика „Збунети од формата“.

До четврток, поздрав 😆

One Response

Subscribe to comments with RSS.

  1. Слично размислување на денешнава колумна, само во многу поопшти црти има во гранката од логиката која се вика http://en.wikipedia.org/wiki/Game_theory


Напишете коментар