Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♣ МАКИЈАВЕЛИСТИЧКИ ПОГЛЕД ВРЗ СЛУЧУВАЊАТА ВО ЛИБИЈА

with 11 comments

Пред неколку броја, во неделникот „Фокус“ објавив колумна со моите макијавелистички прогнози за тоа како ќе се одвива тогаш штотуку започнатата воена интервенција на западните сили во Либија. Тогаш многумина сметаа дека падот на Гадафи е прашање на денови, ама јас мислев  (како и секогаш) поинаку. Еден месец подоцна – моите прогнози се покажуваат за сосема точни. Па еве што пишував тогаш во „Фокус“:

Ако човек се реши да се информира за случувањата околу нас исклучиво гледајќи ги нашите телевизии (која од која понезависна и пообјективна) ќе остане со впечаток дека најбитна работа во светот деновиве е колку услови Модрите Патлиџани им поставиле на Морковите за да влезат во лонецот во кој ќе се вари новиот состав на парламентот, или пак дали во престојниот изборен коктел ќе има и малку сок од Манго или сепак доминантен вкус ќе остане оној на Портокалот.

А бидејќи во глобалната кујна моментално врие во едно сосема друго тенџере околу кое многу појаки готвачи од нашиве Карапанџи се вртат и сипуваат и сол и бибер и ракети и бомби, ако човек сака да дознае и да разбере што се случува во и околу Либија, принуден е од странските медиуми да се информира.

А таму анализите и оценките главно сите се вртат околу тезата дека западните сили задоцниле со својата реакција против Гадафи и дека чекајќи предолго да започнат со воената акција му дозволиле на вечниот полковник речиси сосема да ги уништи бунтовниците. Се зборува за немање на дефинирани цели, за отсуство на прецизни рокови, за недостаток на стратегија и визија околу иднината на регионот, нерешителност, конфузија, некоординираност и тн. Со еден збор, западните медиуми ги обвинуваат лидерите на западните сили за „аматеризам“. Да не знаеш дека станува збор за главните луѓе на САД, Британија и Франција, лесно може да помислиш, според описот, дека се зборува за македонските политичари.

Тоа можеби е вистина, ама ајде за потребите на денешнава колумна да си замислиме дека лидерите на големите светски сили не се аматери, туку се едни премудри и безгрешни стратези, лукави макијавелистички играчи кои ладнокрвно до последен детал ја држат под контрола целата валкана игра и дека сѐ што до сега се случи е според планираното, предвиденото и зацртаното во нивните мрачни кабинети, канцеларии и офиси. Ако ја направиме таа претпоставка, некои од чудните работи кои се случуваа околу Либија до сега а кои навидум немаат смисла, добиваат и тоа како своја логика. Сурова, ама – која логика, особено во политиката – не е сурова?

ВРЕДИ ЛИ ДА СЕ ДОБИЕ ЛИБИЈА, АКО СЕ ИЗГУБИ САУДИСКА АРАБИЈА?

На нашава домашна политичка сцена, веќе подолго време постои цврсто вкоренето мислење дека вмровците намерно му помагаат на Бранко да остане лидер во СДСМ со цел да можат секогаш да имаат аргументи пред народот за критикување на политичкиот непријател, па секогаш да можат да кажат: „да, ние сме лоши, ама ако ние паднеме од власт, ќе се врати Бранко а тој е уште полош“.

Со други зборови, тие ја следат логиката: „подобро лут непријател кој добро го познавам, отколку нормален и пристоен политички конкурент кој прв пат го гледам“.

Најверојатно истата логика ја следат и западните сили кога не се решаваат да го уништат до крај Гадафи, туку само глумат дека војуваат против него. Имено, откако успеаја народните револуции во Тунис и Египет да ги соборат од власт тамошните лидери блиски до САД, епидемијата на бунтовништво се прошири низ сите арапски држави, па некако мораше да се најде начин да се запре тој спонтан процес на демократизација.

По Либија, ако западот дозволеше да падне толку лесно Гадафи, иако тој воопшто не е пријателски настроен кон западните интереси, револуционерниот бран ќе продолжеше и низ другите арапски деспотии, па сосема очекувано е набрзо и во Саудиска Арабија да дојде до смена на власта. И покрај тоа што тамошната влада одвои неодамна триесетина милијарди долари за социјални бенефиции за населението, секој граѓанин на таа земја ќе си го постави прашањето: „ако без да се побуниме ни даваат владетеливе наши 30 милијарди, колку ли ќе добиеме ако се побуниме?“.

Девизните резерви на Саудиска Арабија се бројат во неколку стотици милијарди долари, па дури се споменува и бројката од еден трилион. Кој тоа би бил задоволен со само триесет милијарди ако може со малку протести, фрлање камења и молотови котели, па и пукање ако затреба – да зграби илјада милијарди?

Токму затоа, опасноста од револуција во Саудиска Арабија (доколку луѓето таму видеа дека била успешна онаа во Либија) беше реална, и по таа основа неопходно беше да се спречи трендот на победи на демократските сили во арапскиот свет. Дури и по цена да не се добие нова власт во Либија која ќе биде пријателска кон западот.

Оти, што вреди да се добие Либија кога потоа ќе се изгуби Саудиска Арабија? Или кај нас, ако се земе во предвид што правеше Бранко во 2003ата во врска со обезбедувањето негов „избраник“ да дојде на чело на опозицијата, од денешна гледна точка сигурно се прашува тој секој ден себеси: вредеше ли да се ослободам од Љубчо за да го добијам потоа Груевски за соперник?

ПОДОБРО УЖАС БЕЗ КРАЈ ОТКОЛКУ УЖАСЕН КРАЈ?!

Горнава мисла Даме Груев ја има кажано по обратен редослед на синтагмите, па така во нашата историја е запаметен по фразата „подобро ужасен крај, отколку ужас без крај“. Неговата логика била дека е подобро да се умре како слободен човек, отколку да се живее како роб, што во суштина е мислата-водилка на секој револуционер и бунтовник било каде низ светот и било кога низ историјата.

Е арно ама, тоа не е логиката по која се водат трговците со оружје, и ним не им одговара било која војна (во која нивните производи се трошат) да биде кратка и да заврши брзо без многу крвопролевање.

Напротив, оние кои „лебот си го вадат“ од продавање на муниција и оружје (а освен за лебот, од тој бизнис заработуваат и за луксузни јахти и за приватни авиони) би сакале ако може, секоја војна да трае баш до оној момент до кога и двете завојувани страни имаат пари за купување на оружјето, а откако ќе ги потрошат парите, нека престане војната со некакво примирје, кое ќе им овозможи на двете страни да закрепнат и потоа пак со полни џебови да тргнат во реванш, кој се разбира, пак ќе заврши со ново примирје.

Затоа сите конфликти што меѓународната заедница ги менаџирала не се завршени, ами се замрзнати. Пат-позицијата на Блискиот Исток, после сите војни што таму се водеа во изминативе децении, е најдобар показател дека трговците со оружје си го знаат занаетот добро.

За време на војната меѓу Иран и Ирак, која траеше скоро цела деценија во осумдесетите години на минатиот век, стотици милијарди долари заработија индустриите за оружје на големите сили, продавајќи им најнови тенкови, ракетни фрлачи, авиони и хеликоптери и на едните и на другите. И се разбира, ниту Иран ниту Ирак не победија во таа војна и покрај стотиците илјади жртви од двете страни.

Можеби токму затоа кога се гласаше во Советот за безбедност околу тоа дали да се одобри зона за забранети летови врз Либија, членките Русија и Кина не ставија вето, ами беа само воздржани. А зошто пак да ставаат вето? Ако Гадафи не беше спречен да ги уништи бунтовниците, тој ќе ги уништеше и немаше да има веќе борби во Либија. Ама, сега благодарение на нападите врз него од страна на авијацијата на НАТО, се создаде фактички поделена земја, при што не само територијата и населението, ами и изворите на нафта се распределни речиси подеднакво на двете страни.

Освен тоа, Гадафи има и огромни резерви на злато и девизи, па може на црниот пазар за оружје (оти јавно не смее да купува, има ембарго) да набавува во наредните години огромни колични воена опрема со која ќе војува против бунтовниците, а и тие имаат под своја контрола значајни нафтени капацитети, па и за нивната кауза ќе имаат доволно финансии за да купуваат и тие оружје.

А кој ќе го продава сето тоа оружје? Русија и Кина на Гадафи, Британија и Франција на бунтовниците, и така со години, ако не и со децении.

Откако почнаа нападите, секој преставник, на алијансата упорно кажува дека целта не е да се собори од власт диктаторот, ами само да се заштитат цивилите од неговите тенкови и авиони. И тоа е точно. Поразот на Гадафи нема да дојде без интервенција на копнени сили, а таква интервенција сега–засега изричито се отфрла како опција, па ќе мора да гинат либиските востаници. А бидејќи сите битки ќе се водат во урбаните средини, според искуството на Германците во Сталинград (и Србите во Вуковар), јасно е дека до конечната победа против диктаторот борците за демократска Либија ќе почекаат малку.

Востаниците можеби се спремни да загинат за слободата, и тие не се плашат од ужасен крај за нив, ама некој друг има други планови, и на тој некој друг повеќе му одговара ужас без крај, за да има гарантиран пласман за оружјето.

 СО ЦРНИ СЦЕНАРИЈА ДО ЦРНИ ДЕНОВИ ЗА ЦРНОТО ЗЛАТО

Замислете утре да почне војна меѓу САД и Иран. Јасно е дека ќе се прекине извозот на нафта од Иран, и со тоа ќе се намали глобалната понуда на црното злато и со тоа ќе се зголеми цената на светските берзи на тој витален енергенс.

Кој ќе има најмногу корист од таквата ситуација? Па, секако другите земји кои извезуваат нафта и кои нема да бидат погодени од војната. А ќе страдаат и оние врз кои нема да има директен напад, како на пример земјите од Персискиот залив, за кои поради војната ќе се отежни транспортот на нафтата низ морето на чиј северен брег излегува Иран.

Значи, да резимираме: ако има војна во Иран, од порастот на цените на нафтата ќе профитираат најмногу Русија и Венецуела, на кои од неодамна им се приклучи и Бразил, откако таму беа откриени огромни нафтени наоѓалишта.

Интересна коинциденција, најголемите пријатели на Иран во глобалната политика се: Русија, Венецуела и Бразил!

Која случајност е тоа, а? Најголемите ти пријатели кои постојано ти велат дека ќе бидат на твоја страна во некаков конфликт, би имале најголема корист од твоето страдање ако влезеш ти во тој конфликт. Не е тоа никаква случајност се разбира, тоа е лукава макијавелистичка игра, ама во Техеран нема кој да ја разбере.

Како што впрочем кај нас, нашите кафеански патриоти не разбираат дека најголем ќар од тоа Македонците да ја мразат Америка имаат српските националистички кругови. Па така, соработниците на тамошната тајна служба кои сега имаат медиуми во Македонија би било логично да се најистакнатите ширители на анти-американизам меѓу Македонците.

За среќа, кај нас немаме луѓе кои се креатори на јавното мислење и кои некогаш биле поврзани со српските тајни служби и кои сега шират анти-американизам. Или барем ако ги имаме, упорно не сакаме да видиме дека нивниот интерес не се поклопува со нашиот национален интерес, ами со интересите на шовинистите од соседните ни држави.

Што повеќе Македонците ќе ја мразат Америка, толку посреќни ќе бидат и албанските шовинисти, и српските шовинисти и бугарските и грчките шовинисти. Ама како да им се објасни оваа логика на нашите кафеански патриоти?

Туку за Либија ми беше муабетот. Сѐ додека трае хаосот во Либија, производството на нафта никогаш нема да биде стабилно, па дури и да има доволно извоз од двете страни во конфликтот, сепак стравот од можна ескалација ќе биде доволна причина да се трупаат резерви, што пак води кон зголемена побарувачка, што пак води кон повисоки цени, што пак води кон поголеми профити за производителите на нафта. Имено, Русија има најголем ќар од долгорочна нестабилност во Либија, а ако успее и на Гадафи да му пласира оружје – доставено во транспортни авиони кои официјално носат хуманитарна помош – ќарот ќе е уште поголем. Спротивната ситуација, да има мир и стабилност во Либија, дури и со Гадафи цврсто на власт – не е воопшто профитабилна за Русија.

Ама кој да му објасни на Гадафи дека од неговата мизерија неговите „сојузници“ (како на пример и Хуго Чавез од Венецуела) имаат поголем ќар отколку од неговата победа?

 ЕДНАШ (ЗАГИНАТ) БУНТОВНИК Е ЗАСЕКОГАШ (ЗАГИНАТ) БУНТОВНИК!

Горнава реченица може да се чита на два начина, и затоа има збор ставен во заграда. Оти ако и тој се чита дава подлабоко значење на реченицата.

Еве, фразата „еднаш бунтовник е засекогаш бунтовник“ значи дека кога еднаш некој ќе се крене на востание, ако победи тој, утре нема да биде лесно да се држи под контрола, оти ќе има искуство со ослободување од еден тиранин. Како да исплашиш човек кој пред некое време успешно го совладал стравот од друг моќник? Затоа Тито на времето можеше да му каже „не“ на Сталин и да не се плаши премногу за последиците.

Но, тука е и лекот за тој проблем. Оти „еднаш загинат бунтовник“ се разбира дека ќе “е засекогаш загинат бунтовник“. А кои бунтовници ќе загинат први? Баш тие кои се најборбени, баш тие кои се најбестрашни, најхрабри – т.е. баш тие што ако останат живи утре на новата власт ќе ѝ предизвикуваат најмногу главоболки оти ќе бидат најтешки за контролирање.

Затоа, макијавелистичката логика вели дека треба да се остават токму тие бунтовници да изгинат за време на востанието, па утре со оние кои не биле толку храбри да се гради мирот. Чисто за илустрација на горекажаново, еве три куси примери од историјата:

Кога во средниот век во Шкотска дошло до востание на Шкотите против англиската окупација, еден од најмоќните аристократи во Шкотска одбил да се вклучи во тоа востание и го оставил лидерот на бунтот, Вилијам Волас (кого во филмот „Храбро срце“ маестрално го играше Мел Гибсон) да биде поразен во судирите со армијата на англискиот крал.

Дури откако биле исцрпени во таа војна и Англичаните (оти изгубиле многу луѓе) а и бунтовниците биле поразени и покрај жестокиот отпор што го дале, погоре наведениот аристократ, кој се викал Роберт Де Брус, изјавил дека е „згрозен“ од бруталноста со која Англија го задушила востанието и потоа тој кренал свое востание. Се разбира, само неколку години подоцна, со минимални жртви за својата војска, тој ги поразил Англичаните кои немале сили и со овој бунтовник да се справуваат и го признале за крал на Шкотска. Неговите наследници владееле два века потоа со независна Шкотска.

Во 1944та година, германските сили се повлекувале од Русија под налетот на Црвената Армија и кога советските сили кон крајот на јули стигнале на петнаесет километри од полскиот главен град Варшава, тамошните припадници на движењето на отпорот си помислиле дека сега им е шансата да се ослободат од германската окупација и по победата да имаат свое заслужено место на преговарачката маса кога ќе се крои судбината на повоена Полска.

Е арно ама, тоа нешто Сталин го сфатил уште пред нив, па кога почнало востанието во Варшава против Германците, тој ѝ наредил на својата војска да застане кај што е и да не напредува. И Германците сфатиле во што е работата, и пренасочиле од фронтот цела една армија да го задуши востанието. И покрај херојскиот отпор на полските партизани, и покрај огромните жртви кои тие ги дале, и поркрај молбите нивни до Советите да им помогнат, Сталин упорно одбивал. Дури и строго забранил на советска територија да слетуваат британските и американските авиони кои би носеле помош за востаниците.

И така, востанието било задушено и најхрабрите полски патриоти изгинале во борбите, а дури потоа Црвената армија тргнала да ја ослободува Варшава и потоа цела Полска. После војната, немало кој да се противи на Русите кога тие инсталирале своја марионетска влада во Полска, а како дополнителен бонус било што цели 45 години Полјаците во училиштата учеа дека самите не се способни да се ослободат, туку морало тоа Русите да го направат за нив, па затоа мораат вечно благодарни да им бидат на своите „источни браќа“.

И конечо, пример од нашата историја. За време на Илинденското востание, македонските револуционери верувале дека е доволно само да се кренат на бунт и дека веднаш потоа „братска Бугарија“ ќе ја нападне Турција и ќе им помогне да се ослободат и да направат независна македонска држава. Арно ама, откако востанието се кренало, Бугарите решиле да се „прават на Тошо“ и никаква помош не упатиле кон македонските борци. Востанието брзо било задушено, и потоа на секој Македонец му било јасно како бел ден дека со свои сили не можеме да ја ослободиме Македонија и дека без бугарска помош вечно ќе си останеме робови.

А дополнителен бонус за Бугарите било што – во текот на востанието загинале баш најхрабрите и најнепокорните македонски синови, па потоа немало кој да се спротиставува на целосната бугаризација на револуционерното движење.

Во Либија, по мое мислење, е на сцена истиот принцип опишан во горните историски примери. Во борбите против Гадафи до сега изгинаа многу востаници, а токму тие што беа во првите борбени редови беа и најхрабрите и најнепоконите синови на либискиот народ. Утре, кога ќе се гради новиот поредок во повоена Либија, ем преживеаните ќе знаат дека без американска и француска и британска помош немало да се ослободи земјата им од диктаторот, ем нема да има многу од првоборците на револуцијата останато живи да прават проблеми за новата власт со својата бескомпромисност и непокорност.

Па што да прават либиските бунтовници сега? Ништо, освен кога се пука околу нив да се наведнат и да пазат да не ги погоди куршум. Оти од војна најубава работа е да излезеш како сосема промашен човек.

А ние што да правиме? Ние треба да си ја повторуваме секој ден нашата народна поговорка: „лесно е да се фатиш на орото, тешко е после да се пуштиш од него“. И да размислиме многу добро на чие геополитичко оро се фаќаме, оти после нема да можеме да се пуштиме ако видиме дека ритамот не го фаќаме убаво и дека тие околу нас нѐ газат.

.

П.С: Како што кажав, денешната колумна на блогов е онаа објавена пред еден месец во „Фокус“. Вака е само за овој пат, оти ептен испадна дека сум бил во право, па ете да се пофалам со тоа. Наредниот четврток си продолжува по стариот систем, две колумни неделно, една во „Фокус“ и една на блогов, па така овде очекувајте ја колумната најавена за денес што беше „Хеленизам и ренесанса“, а во неделникот ќе има една со интересни поуки од Втората светска војна (применливи и за нашата македонска политика).

До тогаш, Честит Велигден 🙂

Written by nenobogdan

21/04/2011 at 18:03

11 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Супер колумна

    Кољо Дијамант

    21/04/2011 at 18:29

  2. e neno neno
    na mirka za 2 casa tekstot i e procitan 1533 pati. popravi si go prosekot

    ivan

    29/04/2011 at 14:57

  3. Не можеш ти од овој аспект да знаеш, а уште помалку да тврдиш или јавно објавуваш како размислувал Роберт Брус-от. Ниту ги знаеме деталните околности, ниту знаеме какви биле односите помеѓу нив лично(Роберт и Вилијам), со еден збор – ни под разно не може да се констатира дека Роберт го оставил Вилијам да се испука прв на Англичаните, да им нанесе штети па после овој да појде и победоносно да го крене пехарот на ослободувач на Шкотска. Изгледа логично од денешен аспект, не изгледа туку Е логично и најрационално од сите можни објаснувања, ама тоа не значи дека е така, туку дека најверојатно така било. Минатото ако го гледаме од денешен аспект, свршивме работа…

    aDameToKillFor

    30/04/2011 at 16:36

    • Не е важна вистинитоста на деталите вашна е целата концепција на текстот дали има смисла или не.
      Нено не пишува Библија, колумни пишува.

      Кољо Дијамант

      30/04/2011 at 17:26

    • Фактите се тие што се (дека Роберт Де Брус не зел учество во востанието на Валас) а интерпретацијата на фактите е она што тука е направено. Не „што се случило“, туку „зошто се случило“.

      Затао се вика колумнава „макијавелистички поглед“, демек се интерпретираат фактите од макијавелистичка гледна точка.

      Можеби е така, можеби и не е така како што јас ги интерпретирам фактите. Тоа е целта на колумнава (и на целиот мој блог впрочем)- да потикне истражување и размислување кај оној кој ја чита.

  4. Можеби и мојот коментар има одредени недостатоци, ама овој од Дијамантов нема врска со реалноста или логиката. “Колумната”, како што сфатив јас, има намера да ја претстави реалноста и да даде одредени гледишта, дури може да кажеме и совети кои се поврзани со реалноста онаква каква што е. Е сеа, тие совети ако се базираат на одредени факти и целата негова теза се базира на овие факти, тогаш реално е да очекуваме фактите да бидат точни за да биде тезата оправдана. Освен ако не е ова фикција, па да си ја читаме онака за разонода.

    aDameToKillFor

    01/05/2011 at 11:48

  5. САД и Франција ја нападнаа Либија е дека супер жестоките борби со супер жестоки бомбардовања на Кукавичката авијација на Гадафи,убиле тројца луѓе.
    Но како треба да гласи една вест каде НАТО по грешка уништил цело село во Ирак или Авганистан??
    Демократските сили на НАТО уништија фашистичко село од недолжни цивили.
    Или пак САД тргнаа во одбрана на Либија…

    САД многу големи носители на Демократија се.

    Благоја

    12/09/2011 at 21:58

    • И што можеме ние да направиме за тоа.
      Не заборавај дека ние сме кандидат за членка на НАТО.
      Значи и ти со гласањето без разлика ВМРО, СДСМ си подржал влез во НАТО.

      Кољо Дијамант

      15/09/2011 at 21:33


Напиши одговор на Нено Богдан Откажи одговор