Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ PACEЛOBИOT ПAPAДOKC

with 7 comments

Во многу колумни на блогов го имам употребено раселовиот парадокс како инспирација, и секогаш кога се навраќам на него откривам нов начин да го употребам при оформување на интересен текст полн со провокативни прашања. За жал, статијата за тој фундаментален математички и логички парадокс на википедија е сосема неразбирлива за читателот што не е упатен во тајните на егзотичниот јазик на формулите, равенките и дијаграмите, па за да се разбере барем дел од магијата содржана во парадоксот, се јавува потреба тој да биде објаснет преку примери од реалноста. Еве неколку категории на примери:

1. Кој ги онадува онадувачите? Уште пред две илјади години, во стариот Рим, еден поет по име Јувенал, размислувајќи за жалната состојба со моралните вредности во неговата епоха, правилно заклучил дека ниту едно општество не може да биде одржано чесно со присила, оти откако ќе се постават надгледувачи кои ќе треба да го штитат јавниот морал, веднаш ќе треба да се постави и прашањето „а кој ќе ги надгледува надгледувачите?“.

Ова прашање кое во модернава епоха се јавува под многу форми и верзии, на пример „кој ќе ги контролира контролорите“ или „дали некој ги лустрирал лустраторите“ или пак „кој ли ги регулира регулаторите“ е во својата суштина варијанта на раселовиот парадокс.

Најсликовито се опишува со зборови тој парадокс поврзан со горниве примери, ако прашањето што го дефинирал Јувенал се постави во сферата на економијата. Имено, лекот за излегување од кризата многумина го гледаат во тоа државата да уфрли свежи пари во економијата и со тоа да го поттикне развојот. Со други зборови, државата треба да го стимулира стопанството. Но, прво треба да се одговори на прашањето: „а кој ќе ја стимулира државата?“

Нема друг извор на пари освен или државата да ги зголеми даноците или пак да земе кредити кои ќе ги враќа еден ден од приходот од некои тогашни зголемени даноци. Значи, тоа е налик на обидот човек што стои во кофа да ја зграби рачката и да повлече нагоре, обидувајќи се така себе си да се крене заедно со кофата.

Е таа аналогија е најдобра слика за раселовиот парадокс. За да се крене човек себе си додека стои во кофа треба да ја крене кофата, но за да ја крене неа треба да излезе првин од кофата, ама ако го направи тоа, нема да може да се крене и себе си, бидејќи нема да е во кофата повеќе.

Сликата која го илустрира денешниот текст се состои од двајца страдалници кои очекуваат спас, еден бродоломец на пуст остров а друг бродоломец кој се спасил од коработ што му потонал преминувајќи во мал чамец. Двајцата несреќници се сега среќни оти еден на друг гледаат како на спасител, ама кога ќе се сретнат ќе треба да одговорат на прашањето „кој да го спаси сега спасителот мој?“. А пак ако се случи да се степаат еден со друг, тогаш прашањето ќе се претвори во „кој да ме спаси сега мене од мојот спасител?“.

Врз основа на јувеналските реченици кои имаат општа форма „кој (да) ги онадува онадувачите?“ при што онадување може да се замени со речиси било кој глагол, имам напишано, ако добро паметам, две колумни. Едната се викаше „Ти мене војводо, јас тебе сердаре“ а  другата „Кој го шиша берберот“.

2. Нема слобода за непријателите на слободата: во романот „Квака 22“ на американскиот пистел Џозеф Хелер главниот јунак се соочува токму со една варијанта на раселовиот парадокс вградена во еден параграф од Правилникот на Авијацијата кој се однесува на начинот на кој еден војник може да биде ослободен од учество во крајно опасните бомбардерски мисии над територијата на непријателот.

Имено, оној кој не сака повеќе да оди во мисиите кои се многу често смртоносни за пилотите, мора прво да докаже дека е луд, оти луд човек армијата нема да пушти во воен авион. Е ама, Правилникот вели дека секој оној кој ќе побара да го прогласат за луд со цел да не оди повеќе во речиси самоубиствени мисии, сигурно е сосема здрав човек, оти само луд човек би сакал да продолжи да оди во толку опасни задачи. Значи, само нормалниот може да се прави луд, а ако се прави луд, значи дека не е луд, следствено е доволно здрав за да продолжи да биде праќан во борбите.

И така, од таа логичка замка базирана врз раселовиот парадокс, нема излез. Повеќе слични примери за таа апсурдна логика имав запишано во колумната „Квака 22“.

Патем, истата логика се употребува за да се отфрлат сите барања за легализација на дрогата. Имено, секој слободен човек во едно слободно општество треба да има право да стави што сака во неговото сопствено тело. Значи ли тоа дека треба да биде легално користењето на дрога? Не, бидејќи тие супстанции создаваат зависност, што пак значи дека желбата да се земаат дрогите е доказ за немањето слободна волја на зависникот, па бидејќи тој не е слободен – за него не важи принципот дека треба да има право да става во своето тело што сака.

Овој принцип, дека „нема слобода за непријателите на слободата“ го користат сите револуционерни движења кога тврдат дека се борат за правда и слобода, а истовремено своите непријатели ги убиваат на најподмолни начини, било во терористички активности пред да дојдат на власт, било ако дојдат на власт преку егзекуции без судење или барем без праведно судење.

Бидејќи револуционерите се борат за правда, и бидејќи секој што е нивен противник со тоа е и противник на правдата – нема за него да има правда, па тој ќе биде ликвидиран без судење.

Тоа му доаѓа нешто слично на оној виц за разговорот помеѓу еден садист и еден мазохист. Нели, садист е оној што ужива да ги мачи другите, а мазохист е оној што ужива да биде измачуван. Па така, мазохистот еднаш му рекол на садистот:

– Ајде бе удри ме силно! – на што добил презрив одговор од садистот:

– Нејќам! – што пак го натерало мазохистот да праша:

– Зошто?! – на што уследил одговор:

– Затоа што ти уживаш кога страдаш, а кога не страдаш – не уживаш, што значи дека страдаш уште повеќе. А јас сум садист и сакам ти да страдаш максимално. Затоа нема да те удирам воопшто. За да страдаш!

Примерот со мазохистот е сличен на оној од првата подточка со кофата. Човек што сака да страда ќе страда многу повеќе ако не му се дозволи да страда. Со други зборови, ете го раселовиот парадокс: единствен начин за оној што ужива во страдањето да страда максимално е да не страда, што пак само по себе е – и страдање и нестрадање во исто време!

3. Дали да му веруваме на оној кој вели дека секогаш лаже? Друга верзија на раселовиот парадокс е секако онаа позната загатка за непоправливиот лажго, која пак има врска и со прашањето дали иднината е предодредена или пак ние самите ја создаваме иднината. И особено каков став треба да имаме кон тоа прашање.

Имено, загатката за лажгото вели дека некој човек некогаш рекол: „сѐ што јас ќе кажам е лага“. И сега прашањето гласи – дали овој исказ е вистинит?

Ако е вистинит, значи дека тоа што човекот го рекол во него (дека цело време лаже) е точно, што значи дека и тоа што го рекол е лага што пак значи дека тврдењето не е точно. Ама ако не е точно, тогаш значи дека тој не лаже, што пак значи дека тврдењето е вистина, што пак значи дека е лага. Што пак значи дека е вистина. Следствено дека е лага. Односно вистина.

Сфаќате? Не? Со самото тоа што тврдењето „јас цело време лажам“ е вистина тоа е лага но со самото тоа што е лага е вистина. И така во круг до бескрај. Од оваа замка нема излез оти е парадокс. Раселов парадокс.

Каква врска има ова со предодреденоста или не на иднината и со слободната волја. Па, има теорија која вели дека сѐ што се случува е предодредено и дека ние немаме слободна волја. По таа основа, треба да престанеме да се бориме против сите проблеми со кои се соочуваме, оти ништо не можеме да смениме колку и да се трудиме, оти сѐ е веќе предоредено.

Ама, ако одлучиме да не се откажеме од борбата со судбината, значи ли тоа дека и тоа било предодредено? И по таа основа ако се откажеме од борбата со судбината тоа ќе биде токму пружање отпор кон она што е наша судбина – да се бориме против судбината? За ова прашање на еден многу поздодевен и поразвлечен начин имам чукано празна слама во колумната „Сѐ (ли) е пишано?“.

Еве друг поразбирлив ама сепак ист пример: ако некој човек категорично тврди дека ама баш во ништо не верува, дали во тоа тврдење треба ние да му веруваме, оти очигледно дека ако во ништо не верува – тој не верува ни во тоа дека во ништо не верува, па не треба и ние да му веруваме.

Како одеше вицот: „Јас сум секогаш решителен човек. Или… можеби не сум?! Да, да, сега сум апсолутно сигурен дека баш сега во ништо не сум апсолутно сигурен. А и во тоа не сум баш најсигурен…“

Друг пример со иста логика: Дали човекот што знае сѐ знае и што не знае? Оти ако знае што не знае – очигледно не знае сѐ бидејќи ете има нешто што не знае, ама ако не знае што не знае – евидентно не знае сѐ, оти ете, не знае што не знае!

4. А што ако сите се луди, а само еден е нормален? Замислете дека некој човек ве убедува дека постојат темни центри на моќ кои што контролираат сѐ што се случува во светот. Тие ги држат во своите раце сите политичари, сите медиуми, сета економија е под нивната чизма ставена.

И замислете дека вие му велите дека претерува и дека е параноичен, а тој ви одговора налутено: „секако дека нема да ми веруваш, затоа што и ти си дел од големиот заговор!“

Откако му велите дека ако заговорот е навистина толку моќен, тогаш како тој слободно може да зборува за заговорот без било кој да го спречува, тој заклучува дека тоа што му се дозволува да биде отворено противник на заговорот е јасен доказ за моќта на заговорот и дека темните структури се толку моќни што од никого не се плашат веќе.

Овој тип на размислување е основа за она што јас би го нарекол „парадоксот на Кориоланус“. Неодамна беше снимен филм базиран врз драмата на Шекспир со наслов „Кориоланус“ кој што филм за жал поради употребениот стил на говорење во него (англискиот од пред пет векови) за многу модерни гледачи ќе биде неразбирлив и здодевен, и покрај солидната актерска екипа и акционите сцени.

Ама да го оставиме настрана филмот и драмата и да се осврнеме на парадоксот од кој страда главниот јунак. Историскиот лик Кориоланус бил римски генерал кој извојувал голема победа во една војна па поради тоа го избрале граѓаните да раководи со државата. Но тој сметал дека оние што го избрале не се достојни да го избираат („зарем орелот ќе ги прашува чавките каде смее да колва?“), оти додека тие седеле дома на сигурно тој крварел за татковината на бојното поле, па нема што цивилите да одредуваат дали тој е заслужен Римјанин или не, туку напротив, тој би требало да го има правото да одлучува кој е достоен да биде Римјанин, а кој не.

Кога поради ваквите јавно искажани ставови Римјаните едногласно го протерале од Рим, тој им возвратил презриво „не ме протерувате вие мене, туку јас вас ве протерувам“ (реплика од која сигурно се инспирирал сценаристот на оваа сцена на еден друг филм, кога откако новиот затвореник брутално ќе претепа еден друг затвореник која проба да му објасни кој е газда во затворот ќе рече „не сум јас со вас затворен, туку вие со мене сте затворени“).

Така, Кориоланус сметал дека тој е единствениот патриот во цел Рим, па каде бил тој таму е и Рим. Затоа без грижа на совеста заминал кај непријателот против кој „до вчера“ војувал и му ја понудил својата војничка вештина за да го нападне Рим, убеден дека тргнал да ја ослободува татковината од предавниците што ја окупирале – имено, од сите други Римјани.

Па така, ете го раселовиот парадокс и во ликот на Кориоланус: тој човек станал до тој степен патриот што сите други луѓе во државата почнал да ги смета за предавници, па тргнал против нив да војува со што всушност самиот станал предавник.

Со други зборови одлучил дека за да ја спаси татковината од целиот нејзин народ кој не ѝ бил достоен, неопходно е да го уништи народот а со тоа и татковината!

Вака размислуваат и сите денешни верски и политички фанатици кои немаат поддршка од никого во општеството за чија слобода или победа веруваат дека се борат. Затоа тие немаат проблем да убиваат и невини цивили, оти сите тие се за нив или предавници, штом не сакаат да им се придружат, или пак ако се патриоти тие цивили што гинат, треба да им биде чест што им се дала прилика да се жртвуваат за каузата.

Вака им работи умот на сите лудаци кои себеси се сметаат за единствените нормални, оти доказ дека сите други се луди е тоа што сите други не се сложуваат со лудаците.

*

Раселовиот парадокс, доколку се има на ум, објаснува многу работи и разбива многу претенциозни тврдења. Особено во економијата, секогаш кога власта се фали дека со некоја „донација од владата“ ги чести граѓаните, селаните, пензионерите, студентите, треба да се запрашаме „а кој ја чести владата?“

Или кога во политиката некои маргинални политичари ги обвинуваат сите што не сакаат да им се придружат – а тоа се сите други луѓе во државата – дека се предавници, или пак луѓе што солат памет за некаква легитимност на нивните дозволи, лиценци и дипломи. Кој им дал лиценца на тие што тебе ти дале лиценца? Кој ги признал за релевантни тие што тебе те признале за релевантен?

Раселовиот парадокс има бесконечно многу апликации и варијанти, и како што реков на почетокот, секогаш кога се навраќам на него наоѓам по нешто ново. Се надевам дека денешната колумна ќе ве потикне и вие да го проучувате овој мошне плоден дел на логиката.

.

П.С: Како што забележуваат редовните читатели, во последно време не сум многу редовен и навремен со објавувањето на колумниве. Тоа е последица на сплет на објективни и субјективни околности врз кои немам контрола.

Затоа, за да не доаѓате за џабе на блогов очекувајќи нови содржини а да нема ништо ново, пријавете се за автоматски известувања по мејл. На екранов долу десно има една „икона“ на која пишува „follow” со чие кликање можете да се запишете и на вашиот и-мејл да добивате известување секогаш кога ќе објавам нова колумна на блог. Процедурата за субскрипција е многу едноставна и е навистина корисна и практична.

Не ветувам ништо, ама ќе се потрудам наредниот четврток да објавам тука колумна со наслов „Празнични борби“. Се разбира, како и секогаш, во утрешниот број на неделникот „Фокус“ побарајте ја мојата тамошна редовна политичка колумна.

До четврток (само прашање е кој четврток?) поздрав 😉

♦ KPATKOBИДOCT И ДAЛEKУBИДOCT

with 9 comments

На сликава горе има два лешника. Едниот е скршен а другиот е уште во здрава состојба. Тој што е здрав, може да се засади и од него да никне цело дрво лешниково, кое потоа ќе дава илјадници нови лешници секоја година. Арно ама, оној лешник што е скршен најмногу што може да направи е да послужи како еден единствен залак за некој кому му требаат грицки додека гледа телевизија. Лешникот што ќе се засади ќе даде многу лешници за многу залаци, ама тоа е на долг рок. Обично, речиси секогаш впрочем, за да имаме долгорочна добивка, мораме да се помириме со штета на краток рок. Не многу луѓе се спремни ја направат таквата жртва.

1. Робин Худ во супермаркет: имаше пред неколку години вест за случка во Грција која новинарите ја опишаа како пример за Робин Худ во супермаркет. Имено, група анархисти влегле во некоја голема продавница и откако им се заканиле на продавачките и на менаџерот, ги зеле сите прехранбени продукти и средства за лична хигиена и почнале да им ги делат бесплатно на минувачите. Овие пак, пресреќни што не мораат да плаќаат ништо за работи за кои обично треба да платат, си земале од тоа што им се нудело и гласно им давале поддршка на анархистите, посакувајќи такви случаи да има што почесто.

На прв поглед, многу убава работа е тоа, што на сиромашните некој им раздава бесплатно работи што им требаат, оти кој страда во тој случај? Само богатите газди на супермаркетот, а тие и онака се едни лоши и одвратни луѓе што не заслужуваат никаква почит и разбирање.

Е арно ама, на краток рок она што е добро, на долг рок е многу лошо. Ако некој трговец не може да заработува со продажба на производи од својата продавница, оти некои анархисти постојано ги крадат и им ги делат на сиромасите, тој утре ќе стави клуч на дуќанот или на маркетот што го има и ќе си замине засекогаш од тој град.

Тој можеби прво ќе побара заштита од полицијата или пак ќе вработи дополнително обезбедување, ама ако таквиот „робинхудизам“ е популарен меѓу народот, ниту полицијата ќе сака да го заштити (оти така губи рејтинг власта) ниту пак агенците за обезбедување ќе сакаат со него да си имаат работа оти и тие не се способни да се одбранат од големи толпи на демонстранти кои сигурно ќе навалат да го нападнат себичниот капиталист кој сака да профитира врз грбот на народот.

Значи, нема друг избор освен да си отиде трговецот. Од кого потоа ќе се снабдуваат сиромасите со леб, зејтин, млеко, шеќер, тоалетна хартија и паста за заби?

Државата ќе отвори пункт каде ќе се делат бесплатно такви продукти? Да, ама лебот мора некој да го замеси, од нечие брашно кое некој мора да го смеле од некаква пченица која некој треба да ја засее и ожнее од некоја нива, ставајќи вештачко ѓубриво кое од некоја хемиска фабрика е купено каде пак е произведено со сложени технолошки процеси при кои е употребена струја, како и суровини ископани од некој рудник. Сите луѓе што се вклучени во производниот процес за лебот што бесплатно ќе се дели мора да бидат платени од некого. Така да, лебот нема да биде бесплатен, оти ако не потрошувачите, тогаш барем државата ќе мора да плати за него. А од каде ѝ пари на државата?

Ќе земе од богатите? Па кои се тие „богати“? Газдите на супермаркетите се богати. Кои, како што заклучивме погоре, нема да имаат приходи ако бидат принудени да излезат од бизнисот со трговија.

И така, еден ден на бесплатно изобилие преку пљачкањето на стоката од супермаркетот, води до многу години на немаштија, оти никој нема да сака да отвори супермаркет во област каде трговијата не е безбедна.

2. Фабриките на работниците: една стара заблуда која никако да си замине на буништето на историјата е онаа која вели дека газдите на фабриките ги експлотираат работниците што работат во фабриките и дека тие се практично паразити кои живеат на грбот на трудбеникот. И затоа, праведно е да им се одземат фабриките на капиталистите и да им се поделат на оние кои работат во нив. Ова некогаш било многу популарна идеја која се викала анархо-синдикализам.

Краткорочно, ова изгледа супер, оти на еден газда ќе му се земе богатствто и само тој ќе биде унесреќен, ама пак затоа на стотина сиромашни работници ќе им се подели по парче од капиталот и стотина ќе бидат усреќени. Кај е проблемот тогаш?

Проблемот лежи во долгиот рок. Имено, фабриката не паднала од небо. Некој ја изградил и опремил со машини, а тоа пари чинело, оти и ѕидарите и доставувачите на опрема не работат за џабе. Сопственикот инвестирал во создавањето на погонот, а не работниците.

Така што, да се смета дека е праведно на оној што инвестирал да му се одземе капиталот и да им се даде на оние кои сега работат со машините, е исто како да се смета дека е праведно да им се одземе детето на родителите што го создале и да ѝ се даде на учителката што го воспитува во школо!

Но, не е само занемарувањето на минатото проблем, туку и иднината. Ајде, да им се одземат постојните фабрики на тие што се газди за да им се поделат на тие што се работници. Што ќе се случи утре?

Е па утре, никој нема да се реши да инвестира во градба на нова фабрика, оти секој ќе знае дека може да му го одземат тоа што го изградил. Не само што тој нема да инвестира таму кај што не е безбеден, туку ќе отиде да инвестира таму каде што ќе е безбеден неговиот капитал. Па така во местата каде што капиталот се чува и брани од конфискација во името на некаква си социјална правда, ќе има постојано нови инвестиции, а пак во земјите каде што капиталот систематски се пљачкосува нема да има нови инвестиции и таквата држава ќе тоне сѐ повеќе и повеќе во сиромаштија.

А што станува со можноста штом ќе им припадне фабриката на работниците да станат инвеститори самите тие? Имено, работниците да одлучуваат да не конзумираат многу од приходот, туку да го вложат во нови машини и згради? Или пак можеби државата да инвестира во градба на фабрики од нула и потоа да им ги дава по принципот „клуч на рака“ на невработени што ќе ги вработи на тој начин?

Таков модел имаше во бившата СФРЈ, каде новите капацитети беа основани од власта која потоа им ги даваше на работничките совети на управување, и во нив сите работници учествуваа и одлучуваа што да се прави со заработените пари и каде тие да се инвестираат.

Видовме како заврши тој модел. Со презадолжена до гуша држава која потона во хипер-инфлација и затоа и се распадна, а во фабриките во меѓувреме работниците одлучуваа да не се инвестира во нови технологии туку да се дели к-15 или да се вработуваат нивните деца и братучеди, или ако нешто сепак се инвестираше тоа беше во дејност неповрзана со она на фабриката, имено во работнички одмаралишта, ресторани, транспортни претпријатија и спортски клубови.

Интересно е што истиот тој самоуправувачки модел сеуште го имаме во политиката, т.е. во управувањето со државата во која сега живееме. Имено, народот одлучува на избори за тоа кои политичари ќе управуваат со државниот имот и ќе ги распределуваат парите од буџетот. Како оди таа работа? Исто како и самоуправувањето на времето. Имаме презадолжена држава, имаме гласачи кои се тепаат кој да се вработи во државната управа, а во меѓувреме се фрлаат пари за споменици, стадиони и слични непродуктивни расходи. Да се разбереме сепак, сето тоа е по волја на народот.

*

Во триесетите години на минатиот век, додека Германија под водство на Хитлер постојано барала отстапки од големите сили, тие ѝ дозволувале да прави што си сака, само за да се одржи мирот во Европа. И таа политика на попуштање била ептен популарна кај граѓаните на Франција, Англија и САД, оти така се избегнувала можноста од избивање на нова светска војна.

Ама сепак Втора светска војна избила баш поради тоа што големите западни сили не им застанале на време на пат на апетитите на нацистите. Тоа што на краток рок се чинело како мудра политика, на долг рок се покажало како катастрофално погрешно.

Слично на тоа, многу е убаво кога за мир во државата се дава амнестија на извршители на воени злосторства. Ама со тоа само на краток рок се смирува тензијата, оти секој силеџија потоа ќе си рече дека е доволно да обезбеди доволно силна политичка поддршка и ќе биде амнестиран и тој за сите злодела што ќе ги направи. За ова нешто сме сведоци во изминативе денови.

Мнозина сметаат дека би било кул да се мафијаши и да шетаат низ својот град и да си земаат што си сакаат од скапа роба од било која продавница без да платат како и да пијат и јадат во кафеани и ресторани без да дадат и денар за направениот есап. И тоа навистина е кул, ама на краток рок. Оти трговците и угостителите ќе сфатат многу брзо дека нема за нив никаков ќар во град каде има многу гангстери што никогаш за ништо не плаќаат а постојано земаат, па ќе си заминат од тој град. Каде потоа мафијашите ќе „пазаруваат“ без да плаќаат?

Кул е и да се здружи цело маало или село и да не плаќа струја, и да не дозволуваат никој да ги исклучи. Ама на долг рок, ако не мораат да плаќаат струја, ќе ја трошат неразумно, па постојно ќе прегорува мрежата. А бидејќи никој нема ќар од нив, нема да доаѓа да им ја зајакне таа преоптоварена мрежа. И така, на краток рок ќе уживаат во ефтина (т.е. бесплатна) струја, ама на долг рок ќе останат во мрак. Краткиот рок може да биде и неколку децении, ама кога-тогаш колапсот доаѓа сигурно.

Една од основните задачи на секоја власт и впрочем целата смисла на постоењето на власт со полиција, судови и инспекции, е да се обезбеди луѓето да ги исполнуваат ветувањата што ги дале. Ако си ветил дека ќе плаќаш за струја, ќе ти даваат струја и ќе мораш да ја плаќаш. Воедно, ако отвориш фабрика, државата ти гарантира дека никој нема да ти ја земе, па ќе имаш мотив да отвориш утре и друга фабрика.

Државата која не може да обезбеди сигурност за своите граѓани, за фирмите, за почитување на договорените обврски од сите страни, таквата држава не е држава.

Од друга страна, како пак да се натера државата да ги почитува самата ветувањата што ги дала? Да плаќа и таа на време за тоа што купила и да ја ги обезбедува граѓаните кои од неа очекуваат сигурност.

Ако државата постои за да ги натера сите да си стојат на зборот, кој е тој што треба да ја натера државата таа да си стои на нејзиниот збор? Ако државата државствува врз народот, кој државствува врз државата?

.

П.С: Во последно време имам многу обврски, па не успевам никако да стигнам со објавување на колумните на време. Така да, оние мои најави „во четврток ќе објавам“ или „утре ќе објавам“ не треба да ги земате премногу сериозно.

Затоа, за да не доаѓате за џабе на блогов очекувајќи нови содржини а да нема ништо ново, пријавете се за автоматски известувања по мејл. На екранов долу десно има една „икона“ на која пишува „follow” со чие кликање можете да се запишете и на вашиот и-мејл да добивате известување секогаш кога ќе објавам нова колумна на блогов. Процедурата за субскрипција е многу едноставна и е навистина корисна и практична.

Како и да е, претпоставувам дека наредниот четврток (или можеби не, кој знае?) ќе се обидам да објавам колумна со наслов „Раселов парадокс“. Многу често низ колумни го споменувам тој парадокс и секогаш ставам линк за него до википедија, каде за жал неговата суштина не е објаснета баш многу разбирливо. Затоа решив да го објаснам јас и при тоа да употребам многу поинтересни и попрактични примери.

Така да, не гарантирам ништо, ама до наредниот четврток кога ќе има нова колумна, останете поздравени 😉

♣ ДBOEH И TPOEH KOHTPACT

with one comment

Една од наједноставните стилски финти која овозможува лесно и брзо да се составуваат многу интересни изреки и афоризми е секако онаа која се нарекува „двоен (или троен) контраст“ или понекогаш „наизменичен контраст“. Нејзината суштина се состои во тоа да се постават два пара зборови, при што секој од зборовите во секој од паровите ќе биде во контраст според значењето му со соодветниот збор во другиот пар. Наједноставен пример е оној од поговорката „подобро врапче во рака, отколку гулаб на гранка“ при што контрастот е остварен со „врапче“ спроти „гулаб“ и на „во рака“ со „на гранка“. Но, има и еден цел куп други интересни примери:

1. Подобро да си просечно интелигентен отколку натпросечно глуп. Оваа изрека е сродна со фразата „подобро да молчиш дури и ако не си сигурен дека си во право, отколку да збориш кога добро знаеш дека си згрешил“

2. Подобро јастреби во опозиција отколку кукавици на власт. Оваа веројатно има врска со поговорката дека „еден храбар зајак вреди повеќе од десет плашливи лавови“.

3. Подобро да ме мразат поради тоа што сум, отколку да ме сакаат заради тоа што не сум. Мислава му се припишува на Курт Кобејн, фронтменот на некогашната група „Нирвана“

4. Повеќе ми е гајле за моето магаре, отколку за туѓиот коњ. Со оваа мисла еден германски мислител објаснил своевремено зошто економијата треба да биде организирана врз база на приватна сопственост (капитализам) а не на колективна сопственост (комунизам). Оти луѓето она што е лично нивно, дури и ако е малку, ќе го пазат повеќе од она што е туѓо, дури и ако тоа туѓо е големо.

5. Подобро да сум газда во своја колиба, отколку кираџија во туѓа палата. Слична изрека на претходната, со таа разлика што оваа содржи троен контраст (газда-кираџија, своја-туѓа, колиба-палата), како впрочем и некои од погоре кажаните изреки. Инаку, до некаде може да се смета дека е изведена од познатата изрека „подобро прв во село, отколку втор во град“ која пак има само двоен контраст.

6. Што повеќе пот во мир, тоа помалку крв во војна. Еве уште еден пример за троен контраст (повеќе-помалку, пот-крв, мир-војна). Инаку, ова е мотото на секој војсководач кој сака неговите војници да бидат што е можно повеќе истренирани (да леат пот) пред војната, за кога ќе дојде време за борба, да не прават грешки кои ќе ги чинат живот (да леат крв). Налик на онаа која предупредува за црните денови: „што повеќе ќе заштедиш кога заработуваш, толку повеќе ќе можеш да трошиш кога ќе си без приходи“ која пак покомпактно звучи ако се сведе на: „штеди кога ќе имаш, за да трошиш кога ќе немаш“

7. Подобро со еден паметен човек да спориш, отколку со десет глупаци да се согласуваш. Ова е варијанта на поговорката што кинескиот мудрец Конфучие ни ја оставил и која гласи: „паметниот човек повеќе ќе научи од глупо прашање, отколку што глупиот ќе разбере од паметниот одговор“. Или покусо: „подобро еден мудар да ти каже дека грешиш, отколку сто будали да ти кажат дека си во право“.

8. Знам да зборувам само на еден јазик, ама да молчам можам на сите. Тука контрастот е двоен (зборам-молчам, еден–сите) и изрекава е аналогна и истовремено антипод на онаа која гласи: „можам да ти дадам сто совети, ама да примам од тебе ниту еден не можам“. Многумина се такви – кои знаат да ти зборат цело време, ама малкумина се поинакви – што можат да те сослушаат барем за кратко.

9. Пет минути пракса се покорисни од цел ден теорија. Или како што често се кажува дека „една слика вреди илјада зборови“. А едно мало дело вреди повеќе од илјада големи ветувања.

10. Полесно се гаси оган отколку што се пали вода. Впрочем, невозможно е да се запали водата, што целава оваа мисла со двоен контраст ја прави прилично апсурдна, или од друга страна егзотична и по таа логика полна со мудрост која малкумина можат да ја сфатат. Налик на нешто помалку апсурдната изрека: „лесно е брзо да остариш, ама ај пробај бавно да се подмладиш“.

11. Не знам што е полошо: со мене лажни патриоти или против мене искрени предавници? Слична е изрекава со онаа која која гласи: „Боже, сочувај ме од лажните пријатели, оти од искрените душмани и самиот ќе се одбранам“.

12. Подобро да нѐ води една решителна жена, отколку десет колебливи мажи. Оваа фраза му се припишува на еден приврзаник на Маргарет Тачер, кога во Британија на времето неколку политичари тврделе дека е лошо за земјата со неа да раководи премиерка, а не како до тогаш само премиери.

13. Не е битно кој до вчера бил момче, туку кој од утре ќе биде мажиште. Ова е моја варијација на изјавата на Александар Македонски кој на неговите противници од Грција што се подбивале со неговата возраст, им рекол дека „можеби од Македонија ќе тргнам како дете, ама сигурно во Грција ќе пристигнам како маж“.

14. Заработуем на црно, трошам на „бело“. Оваа фраза пред неколку години му ја прилепија како навреда на Бранко Црвенковски неговите критичари од партијата на Груевски, алудирајќи на тврдењата дека тој парите ги заработувал со криминал, а ги трошел за купување на кокаин чиј што редовен корисник наводно е.

15. Им земате на чесните за да им дадете на лажговците, крадете од вредните за да ги дарувате мрзливите, ги казнувате работниците за да ги наградите паразитите. Оваа комплексна мисла најубаво може да ја опише буџетската пракса во нашава (и не само во нашата) земја. Огромни пари се земаат од стопанството и од граѓаните, за да им се поделат на партискитее војници вгнездени во бирократијата.

16. Еден глупчо што може да расипе, сто паметни не можат да поправат. Ова е една од најголемите мудрости на сите времиња, која многу пати се покажала за потполно точна. Таа нѐ учи дека „помалку ќе те измачи големиот камен на грбот, отколку зрното песок во чевелот“.

17. Подобро да бидеш само еден ден крал отколку цел живот да си дворски шут. Од друга страна, како што знаеше да каже често ликот на Боб Рок од стрипот „Алан Форд“ можеби е најубаво да си цел живот милионер, отколку еден ден сиромав.

*

Ја паметите ли од детството онаа басна за трката меѓу зајакот-фалбаџија и скромната желка? Кога зајакот се џилитал дека ќе ја престигне желката оти тој е побрз, ама од многу самоувереност не се трудел ич, па на крајот таа полека но сигурно го престигнала него. Е тоа е тоа, внимателната желка секогаш ќе го претрка распашаниот зајак. Аматерот кој што ќе се концентрира побрзо ќе заврши работа од професионалецот кој е расеан на сите страни.

Ама пак, повеќе вреди едно ремек дело од време на време, отколку и десет медиокритетни продукти секој ден. Во последно време не сум баш редовен со колумниве, ама ветувам дека многу скоро тоа ќе се поправи. Можеби сум налетал на црна мачка деновиве па сум баксуз со времето, па ќе треба да барам бело глувче кое наводно ќе ми носи среќа во просторот?

.

П.С: На екранов долу десно има една „икона“ на која пишува „follow” со чие кликање можете да се запишете и на вашиот и-мејл да добивате известување секогаш кога ќе објавам нова колумна на блогов. Процедурата за субскрипција е многу едноставна и е навистина корисна и практична.

Еве ветувам дека утре вечер ќе ја објавам онаа колумна што ја најавив за во неделата што измина пред некој ден и која се вика „Кратковидост и далекувидост“. Не сум сигурен дали ќе стасам, ама па вие запишете си се за известување на начинот објаснет во претходниот пасус, па да не мора џабе да доаѓате на блогов.

До утре (а можеби и до задутре, кој знае!?) поздрав 😉

Written by nenobogdan

10/04/2012 at 23:04

♦ KOГA XEPOИTE CE PEФOPMATOPИ

with one comment

Многу ретко се случува реформаторите да бидат херои во очите на граѓаните, оти сите реформи кои се прават за подобрување на состојбата на долг рок, најчесто се непријатни на краток рок. Затоа, политичарот кој пред избори ќе понуди темелни реформи тешко дека ќе добие доволно гласови за да дојде на власт и да почне со реформите. Ама, обратниот случај, веќе постоен херој (најчесто од војна) да добие власт е многу почест. Ретко и таквите владетели се обидуваат да направат реформи, или кога ги прават тие се за дневнополитичка и демагошка употреба, па на долг рок носат само штета за земјата и народот. Но некогаш се случува хероите да бидат и носители на позитивни реформи. Па еве неколку поучни примери:

1. Ататурк, татко на републиката и гробар на империјата: во врска со последниот голем воен херој на Отоманското царство Мустафа Кемал, ние во Македонија сме свесни само за општите црти на официјалната приказна, и за значајните детали од неговата богата биографија не знаеме речиси ништо, па затоа и чуствуваме некаква гордост кога ќе се спомене неговото име, пред сѐ поради неговото потекло од овие наши краишта и поради неговата голема улога во турската историја.

Да знаеме каков човек бил тој по карактер и сфаќање, во светло на нашите проблеми со името и идентитетот, ние Македонците не би го ценеле баш толку.

Имено, тој бил голем јунак на Турција, херој во дури пет војни. Огненото крштевање го доживеал во Либија кога војувале Турците против Италија, па потоа се покажал и во двете балкански војни, но особено се прославил во Првата светска војна кога наспроти сите очекувања ги поразил Британците во Битката за Галиполи, за конечно, после преземањето на власта по завршувањето на војната, успеал да ја одбрани својата земја од инвазијата на западните сили и Грците, кои планирале да си го поделат и она малку што останало од турската држава помеѓу нив.

Значи да резимираме: овој човек била неспорно најголемиот турски херој на XXиот век, и тој својата слава ја доживеал во борбите против непријатели од Западот, против армии кои доаѓале од Европа. Имајќи го тоа предвид кој воопшто и во најлудите соништа можел да очекува од него, да спроведе серија реформи што ќе направат Турција да заличи многу повеќе на една типична западна земја, отколку на типична азиска држава?!

Но, тој токму тоа го направил. Не само што со посебни закони ги сменил модните навики на Турците забранувајќи го фесот и наложувајќи да се носат шешири (линков е до турската википедија благодарение на која дознав дека „шапка“ бил турцизам), не само што ја променил азбуката (исфрлајќи ја старата арапска и воведувајќи ја латиницата) туку и во поглед на надворешната политика ја окончал традиционалната соработка со Германија (на чија страна била Турција во текот на Првата светска војна) и ја приближил земјата кон долгорочен сојуз со Британија и САД, чин што придонел Турција да не влезе во Втората светска војна, како и подоцна да стане член на НАТО.

Ататурк сепак не ја демократизирал земјата си, оти бил свесен дека народот него не го сака и нема да гласа за неговата партија ако излезе тој на фер и демократски избори. За да го спаси реформскиот процес, но и сепак за да ги подготви институциите на државата за неминовната демократизација, тој сите пратеници во парламентот самиот ги назначил, нешто што оваа карикатура од тоа време духовито го илустрира.

Ататурк значи со драматичните промени во турската култура длабоко го променил и идентитетот на турскиот народ. И тоа не било производ на демократски искажаната волја на граѓаните, туку исклучиво на неговите лични замисли за тоа како треба да изгледа државата и нацијата. Во модерна Македонија политичар со идеи како Ататурк сигурно би бил прогласен веднаш за најголем предавник.

И во Турција на времето многумина се разочарале од херојот од пет војни и имало многу обиди за атентати врз него, па дури и отворени побуни, но тој успеал да ги надживее сите препреки на реформскиот му пат и темелно да ја промени Турција и од неа да направи модерна земја.

2. Како Де Гол владееше со Франција: најславниот јунак на Франција од Првата светска војна бил маршалот Филип Петен, кој пак во текот на Втората светска војна, сфаќајќи дека државата е наполно поразена во борбата со хитлеровата армија, ја презел власта и потпишал капитулација за да спречи понатамошни жртви и разурнувања, поради што по војната бил осуден за велепредавство.

Најголемиот француски херој од Втората светска војна пак секако е генералот Шарл Де Гол, кој додека Петен соработувал со нацистите, од Англија ги повикувал секојдневно преку радио сите Французи да не ја прифаќаат капитулацијата и да продолжат со борбата против германскиот окупатор. Кон крајот на војната, Де Гол ги предводел и француските ослободителни сили кои со помош на американската војска ја ослободиле Франција.

По војната, Де Гол се повлекол од политиката и уживал во статусот на чист, неизвалкан воен херој, додека другите борци за слобода влегле во власта и многу брзо покажале дека се исто толку корумпирани и неспособни колку што биле политичарите пред војната. Народот во нив толку брзо се разочарувал, што во период од само 12  години во Франција се измениле 24 влади!

Откако биле изгубени француските колонии во Југоисточна Азија (Виетнам, пред сѐ) и откако Франција била понижена во кусата Војна за суецкиот канал, сѐ погласни станале повиците за тоа со земјата да завладее човек со цврста рака кој ќе им стави крај на партиските препукувања и ќе ја поведе државата во нова ера.

Единствен таков човек можел да биде само нејзиниот најголем жив херој, генералот од големата војна што ја ослободил Франција од нацистите, па во 1958та година му биле дадени одврзани раце да владее како што сака. Наскоро и на избори била потврдена неговата позиција и неговите овластувања, по што многу брзо тој спровел реформи од кои неговите приврзаници – се разочарале сосема.

Имено, гледајќи дека војната во Алжир (кој бил француска колонија каде домородците се бореле за независност) не може да се добие, Де Гол решил да се откаже сосема од таа територија, на сметка на над милион француски колонисти кои ни под разно не сакале да си заминат од Алжир каде што имале еден куп привилегии и да се вратат во Франција каде ќе биле најобични граѓани.

Најпопалените француски патриоти дури се обиделе и да го убијат претседателот Де Гол во еден неуспешен атентат, по што му станало јасно дека за нив тој веќе е отпишан и прогласен за најцрн предавник на татковината.

Но, ставањето крај на војната во Алжир и повлекувањето на француските сили и цивили од таму, се чини само ја зголемило неговата популарност меѓу обичните француски граѓани, па тие му дале нов мандат на претседателските избори во 1965та година.

Бидејќи Франција не е Турција, неговиот автократски стил на раководење постепено им здодеал на граѓаните и после студентските протести од 1968та на референдумот кој бил толку клучен што Де Гол го заложил и својот мандат за неговиот успех, народот де факто решил тој да си замине од власт. Што тој и го направил.

Интересно, многу слично постапуваше и израелскиот јунак од неколку војни, Ариел Шарон, кого загорените патриоти го избраа со верба дека нема никогаш да попушти пред барањата на Палестинците, а токму тој како премиер ги повлече израелските доселеници од Газа и од голем број населби на Западниот брег, чин за кој од неговите најфанатични поддржувачи беше прогласен за најголем предавник!

*

Човекот што командувал со американските армии во борбата против нацистите во Втората светска војна, генералот Ајзенхауер е запаметен како еден од најдобрите американски претседатели, бидејќи во неговите два мандата државата напредувала на сите полиња, културно, научно, економско и на полето на човековите права на црнците.

Сепак, како најцитиран совет што тој го упатил до американскиот народ бил оној кој велел дека треба да се чуваат од влијанието на воено-индустрискиот комплекс (токму тој прв го употребил овој термин), од луѓето кои ќе ја користат власта и медиумите за да ги туркаат Американците постојано во војни за да може да имаат постојано големи профити производителите на оружје.

Човекот кој го одбележа XXиот век во Шпанија, диктаторот Франциско Франко во својата кариера можел да се пофали дека бил најмладиот човек што било кога бил назначен за генерал во шпанската историја, благодарение на неговите брилијантни  победи против бунтовниците во војната на Шпанија за зачувување на Мароко под нејзина колонијална управа. Подоцна, тоа искуство му помогнало да ги победи непријателите во граѓанската војна во Шпанија, но спротивно од сите очекувања, и покрај тоа што во текот на војната против комунистите и анархистите имал силна поддршка од страна на фашистичките Германија и Италија, тој не се вклучил на нивна страна во текот на Втората светска војна.

Тоа нешто се покажало како изразито мудар потег, оти по војната неговиот фашистички режим бил оставен намира од страна на победниците.

Па што можеме да извадиме како општа поука од примерите на воени херои кои добиваат власт?

Најверојатно тоа дека тие се способни да ги изненадат нивните следбеници со влечење на екстремно храбри потези кои може да бидат протолкувани понекегаш како предавство, но кои на долг рок – се покажуваат како правилни.

Ататурк го сметале за предавник кога ја сменил азбуката турска и кога прифатил многу западни обичаи и практики иако против Западот се борел во дури пет војни. Де Гол го сметале за предавник оти тој се откажал од контролата врз Алжир, иако од него се очекувало да биде токму најжестокиот француски националист. Од Ариел Шарон никој не очекуваше да се повлече од Газа и Западниот Брег, барем не имајќи ја предвид неговата војничка кариера на непомирлив борец за израелските национални интереси.

Кој можел да очекува дека еден од најголемите генерали на Втората светска војна ќе ги предупреди своите сограѓани да се пазат од производителите на оружје? Кој можел да очекува од фашистот Франко, големиот сојузник на Хитлер и Мусолини дека после сѐ што тие сториле за него, тој нема да им се придружи ним во Втората светска војна, чин што сите познавачи на фашистичкото движење ги изненадил?

Упешните воени команданти често изненадуваат во улогата на политичари и реформатори баш затоа што се успешни стратези. Тоа доаѓа од фактот дека успешен е оној војсководач чии одлуки е тешко или дури и невозможно да се предвидат, во војна од страна на  непријателот, а во мир дури и од страна на пријателите и поддржувачите.

На долг рок сепак, одлуките на хероите-реформатори се покажале како правилни. Ататурк ја претворил Турција во модерна држава многу различна од Ирак или Иран или Египет на пример, Де Гол ја спасил Франција од кој знае колку години крварење во Алжир, а Франко не дозволил на Шпанија да ѝ се случи разурнување и пораз како на Италија и Германија.

Така што, можеби не треба никогаш луѓето да ги оценуваме според нивните намери и методи, туку според нивните резултати и конечни достигања. Како што кажав и во една претходна колумна, не вредат ништо нечии добри намери ако водат кон лош резултат, ниту пак на лошите методи на управување треба да се гледа со аверзија, доколку се знае дека тие може да завршат со позитивен исход.

Проблемот е само како да се знае која добра намера води кон лоши последици, а која лоша намера води кон добри резултати. Е, за тоа треба да се знае историјата. А кој не ја проучува неа, осуден е да ги повторува грешките на претходните генерации.

.

П.С: Поради презафатеност, минатиот четврток го пропуштив терминот за објавување на колумна, па најавената за тогаш, ја објавив еве денеска. За да не се завлекува распоредот пак како во почетокот на годинава, веќе во недела вечер, ќе биде објавена уште една колумна на блогов која ќе се вика „Кратковидост и далекувидост“ посветена на дефинирање на суштинската разлика меѓу два начина на донесување на одлуки во политиката и економијата.

Патем, не знам дали сте забележале, но има на екранов долу десно една „икона“ со чие кликање можете да се запишете и на вашиот и-мејл да добивате известување секогаш кога ќе објавам нова колумна на блогов. Процедурата за субскрипција е многу едноставна и навистина корисна и практична.

Во утрешниот број на неделникот „Фокус“ побарајте ја мојата редовна колумна, а до недела вечер, поздрав 😉

Written by nenobogdan

05/04/2012 at 20:12

♦ 3ATBOPEH JA3ИК, 3ATBOPEH УМ

with 8 comments

Очигледно, одлуката на волците да го изедат јагнето е сосема во согласност со демократските норми, бидејќи е донесена со три-четвртинско мнозинство. Демократијата како збор во случајов за волците има многу позитивно значење, ама за јагнето има многу негативно значење

Ако се земе предвид колку време минуваме секој ден во зборување, во читање, во пишување, или накусо „во користење на јазикот“ (при што под „јазик“ се подразбира начинот за комуникација, а не истоимениот орган) би требало да се очекува да бидеме апсолутно свесни за сите негови особини, контексти и конотации. Би требало, ама не сме, оти јазикот толку често го користиме, што го земаме здраво за готово без воопшто да размислуваме за неговите финеси. Па еве неколку работи за размислување во врска со јазикот:

1. Речникот се прави според јазикот, а не обратно: колку често ви се случило во разговор да употребите збор за кој потоа соговорникот ве предупредил дека тој не е македонски збор и дека не треба да се користите со странски зборови толку често, барем не пред да размислите кој е соодветниот наш збор?

Убаво звучи тоа „наш збор“ ама малкумина се тие што воопшто знаат кои зборови се наши и зошто некои зборови не се наши. Земете два општопознати и контроверзни примери, зборовите „велики“ и зборот „сериозно“.

Има луѓе кои со сиот памет Александар Македонски го ословуваат како Александар Големиот, оти сметаат дека „велики“ е чист србизам. Слично, за таквите луѓе, немаме ние никаква Велика Британија, туку треба да станува збор за Голема Британија. А се разбира, им пречи и Велигден. И тоа е сѐ засновано врз заблудата дека зборот „велики“ не е македонски. Но чиј е?

Ако тој збор е навистина србизам, дали значи дека и Бугарите се србомани со нивниот град што се вика Велико Трново? Или можеби сите други словенски јазици трпеле влијанија од српскиот јазик. Дали треба во насока на десрбизација на нивните јазици Украинците да не ја користат титулата Великий князь, Белорусите титулата Вялíкі князь, Чесите титулата Velkokníže и Полјаците титулата Wielki książę?

Значи „велики“ не е српски, туку е општословенски, значи и македонски. Слично е и со зборот „сериозно“ кој има луѓе кои го сметаат за помакедонски збор од зборот „озбилно“ кој наводно бил србизам што треба да се избегнува. Бидејќи и во речникот на литературниот ни јазик го има зборот „сериозно“ ама го нема зборот „озбилно“.

Речникот не е ништо друго освен обична мапа на јазикот, и тој ја опишува само состојбата на вокабуларот на еден народ во даден историски миг. Колку што е глупаво да се тврди дека некој нов пат или нова пруга или ново вештачко езеро не постојат на македонска територија само затоа што ги нема на некоја карта која е направена пред 50 години, толку е глупаво и да се тврди дека некој збор не е македонски само затоа што го нема во речникот изработен пред неколку децении.

Така што за да се види дали некој збор е македонски или не, треба да се оди во неговиот корен. Кој би бил коренот на зборот „сериозно“? Што прави човек што е сериозен? Каква е ситуацијата која е сериозна?

Зборот „сериозно“ има корен само во латинскиот јазик и по таа логика не би требало да има предност пред зборот „озбилно“ кој има корен во македонскиот јазик и во сите словенски јазици впрочем. Озбилно е она што се збило, а се збило она што било, а пак бил, била, биле се помошни глаголи за минато свршено време во нашиот јазик. Хрватите велат „збиља“ за нешто што навистина се случило, или се „збило“. Така што најозбилно треба да се престане со предрасудата дека тоа е србизам, само затоа што некому на времето не му текнало да го стави во речникот на македонскиот литературен јазик.

И на слична тема: зошто е правилно да се пишува „сѐ уште“ наместо „сеуште“ а не е правилно да се пишува „сѐ каде“ наместо „секаде“ и „сѐ кој“ наместо „секој“ како и „сѐ когаш“ наместо „секогаш“? Која е логиката?

Затоа што така рекол Блаже Конески?! Убаво ако така рекол описменувачот на овој народ. Само, кој го описменил па него?

2. Зошто пишуваме на српско-хрватски кога пишуваме на англиски: обидете се македонските имиња Гоце, Јане и Зорица да ги напишете на англиски. Сигурно би пишале Goce, Jane и Zorica.

И никому не му текнува дека така се пишуваат тие имиња на српско-хрватска латиница, а не на англиска латиница. Оти, тие така напишани имиња секој Англичанец ќе ги прочита како Гоус, Џејн и Зорика. Името Маре делува посебно глупаво напишано на англиски според српско-хрватскиот модел, оти се пишува Mare што секој „енглез“ би го изговорил како Ме’р што буквално значи „кобила“.

На англиски буквата „J“ се чита секогаш како „џ“ па редовно на секој англо-амеро-австралиец треба да му се објаснува дека „Skopje“ не е Скопџе туку е Скоупје. Зошто кога пишуваме на англиски пишуваме со српско-хрватска латиница не е јасно. Зошто не пишуваме Skopye? Така, секој што го говори англискиот како мајчин јазик ќе знае дека нашиот главен град се вика Скопје.

Истото треба да се направи и со Gotse, Yane, Zoritsa и Ivitsа како и со Maritsa и со Yonche и со Sasho, иако на ваквиот предлог многумина би рекле дека не е правилен. И навистина, препорачаната транскрипција на нашата кирилица на англиски е според српско-хрватската латиница, а не според англиската латиница. Зошто е такво глупаво правило прифатено?

Затоа што сме биле седум децении колонија на Белград.

Иако во политичка смисла тоа (наводно) не сме веќе подолго време, во лингвистичка смисла уште сме. Англискиот дипломат со презиме Owen кое се чита како Оуен ние во раните деведесети го изговаравме како Овен, па имаше многу мајтапи со тоа презиме. Во англискиот јазик буквата „w“ секогаш се изговара како „у“ па затоа William и Wales, би било логично да ги пишуваме за да бидат поблиску од оригиналниот изговор во јазикот од кој доаѓаат како Уилиам и Уејлс.

Повторно, главна замерка тука е дека тоа е против правилата на македонскиот јазик. Точно, ама тие правила се донесени од луѓе кои биле полтрони на комунистичката власт која немала никаков демократски легитимитет, па зошто тогаш би ги кревале на пиедестал на свети и безгрешни догми таквите правила? Особено кога знаеме дека едноставно не се безгрешни туку се со суштински дефекти.

И затоа, наредниот пат, ако треба на англиски да напишете нешто за човек што се вика Славе, не чудете се кога на Англичанецот или Американецот што ќе го чита тоа писание ќе му се стори дека станува за збор за некој роб (слејв). Можеби најубаво би било да го пишете името на латиница не на српско-хрватски начин (Slave) туку на англиски начин (Slavѐ или барем Slaave или Slaveh).

Логиката е многу лесна за паметење. Кога пишуваш на српско-хрватски, пишувај на српско-хрватски. Ама кога пишуваш на англиски, пишувај на англиски.

3. Хомоними за кои не сме свесни: јазик не е само збир на зборови, туку и збир на општоприфатени значења што секој збор го има. Со други зборови, можеме да зборуваме различни јазици или кога користиме различни зборови, или кога користиме исти зборови, но со различно значење.

На пример, зборот „девица“ има две можни значења во нашиот јазик. Првото е зодијачкото, и означува личност родена во последната третина од месецот август и првите две третини на месецот септември (точните дати варираат, во зависност од тој од кој дневен весник го читате хороскопот). Второто значење на зборот „девица“ е девојка која сеуште немала сексуални односи со маж. Очигледно, иако се користи сосема истиот збор, тој има сосема различно значење во двата случаи.

Сличен збор е зборот „сирена“ што може да означува или митолошко суштество кое е пола риба – пола девојка, или онаа направа за давање на звучен сигнал која ја има во секој автомобил.

Но, не се само таквите зборови двосмислени. Погледнете ги зборовите како „капитализам“, „демократија“, „фашизам“, „социјализам“ или фразите од типот на „во интерес на Македонија“, „социјална правда“ и „светски тренд“ и сличните ним, кои се редовно предмет на дебатирање или се употребуваат обилно во дебатите за да се докаже исправноста на својата гледна точка.

Во некоја дебата едната страна ќе рече дека „ние мораме да го смениме името оти тоа е единствен начин да влеземе во ЕУ и НАТО, значи дека во интерес на Македонија е да го смениме името“. А другата страна ќе рече „во интерес на Македонија е да биде сочуван националниот идентитет и човечкото достоинство на Македонците како народ, и затоа не смее да дојде до промена на името, оти тоа е против интересите на Македонија“.

Очигледно, за едната страна „предавник“ е оној политичар што ќе го жртвува нашето интегрирање во евроатлантските институции, (иако ќе го зачува името и идентитетот), а за другата страна „предавник“ е оној политичар кој што ќе го смени името (иако ќе ја внесе државата во НАТО).

Која е смислата тогаш да се дебатира дали некој е предавник или дали работи за или против националниот интерес, кога уште не сме го дефинирале точното и недвосмислено значење на термините „предавник“ и „национален интерес“?

Има ли смисла дебатата дали некоја девојка е девица, ако оној кој вели дека е девица докажува дека таа е родена на петти септември, а другиот кој вели дека не е девица покажува снимка од нејзиното водење љубов со некој маж?

Кога при дебатите користиме сосема исти фрази и зборови, но ги разбираме сосема различно, па дури и со сосема спротивно значење, тоа значи дека практично зборуваме на два сосема различни јазици. Има ли смисла дебатата тогаш?

Очигледно нема. Затоа што првин треба да се води дебата после која ќе се знае кој збор што значи точно, и што никогаш и никаде не означува тој збор. Ама, како да се води дебата околу значењето на зборовите кога и таа дебата ќе мора да се води со употреба на зборови со многукратно и дури и контрадикторно значење?

Тоа е пример на раселов парадокс кој лежи во суштината на секој спор. Ако зборовите се алатки за наоѓање на смислата на идеите и ако тие алатки се искривени, со кои алатки да ги поправиме зборовите ако тие не ја пренесуваат верно смислата на идеите?

Кој да го лечи лекарот кој додека е болен не може да лечи никого, следствено ни самиот себе? Да викнеме друг лекар?

Во сферата на јазикот и значењето на зборовите, тоа значи дека ни се потребни нови зборови за да ги допрецизираме сите идеи кои сега нѐ збунуваат бидејќи имаме многу случаи на два меѓусебно спротиставени концепти кои окупираат еден ист збор.

Од таму, многу збунетост би исчезнала, ако само ја отфрлиме предрасудата дека јазикот треба да биде затворен и дека не треба да се примаат нови зборови во него. Оти јазикот пред сѐ е алатка на умот. И каде што јазикот е затворен, и умот брзо се затвора. А умот е како падобран. Ако не е отворен, тогаш е бескорисен.

.

П.С: Од нова година па наваму, имаше точно 11 четвртоци за кои сум најавил да објавам по една колумна. Заклучно со оваа што сега ја исчитавте, има точно од нова година па наваму објавено 11 колумни. Значи, сите оние термини што беа пропуштени со денешнава колумна се надополнети. Од таму, блогов е сега подготвен да продолжи со старото темпо на редовно објавување на по една колумна во редовниот термин, секој четврток.

И затоа до четврток, кога на блогов ќе биде објавена колумната „Кога хероите се реформатори“, останете поздравени 😉 

♦ ДOCETЛИB ПИШTOЛЏИJA

leave a comment »

Погледнете го војникот на сликава. Иако на сите ни е јасно дека дупките од куршуми во неговиот шлем не се направени додека тој го носел на главата шлемот, сепак на шега тој може да се фали и дека иако истрелите го пробиле металот, тие сепак не успеале да ја пробијат и неговата очигледно многу потврда глава. Сличен концепт на овој е досетката за „досетливиот пиштолџија која пак има свои не толку очигледни паралели и во некои други, пореални сфери на живеењето. Од пророштвата на Нострадамус преку почетничката среќа која ги напуштила закоравените коцкари до „непогрешливоста“ на експертите.

1. Во што се состои досетката на досетливиот пиштолџија: според приказната, еден пиштолџија во Тексас еднаш ги наполнил своите два револвера со по шест куршуми во секој и кон еден голем лист хартија закачен на ѕид ја испукал целата таа дузина истрели. И потоа пукал уште една тура, и уште една тура. Значи вкупно истрелал 36 куршуми кон листот закачен на ѕидот.

Некои од истрелите сосема го промашиле листот (иако бил голем, сепак пиштолџијата не бил претерано прецизен), некои го промашиле и целиот ѕид, ама шест куршуми сепак направиле дупчиња во едно релативно мало поле околу листот хартија.

Тогаш, пиштолџијата го сокрил едниот од двата му пиштоли, собрал и фрлил во канта 30 чаури оставајќи само шест, па со шестар нацртал круг на листот околу шесте дупки. Потоа го исекол вешто кругот и го поставил на друг ѕид, каде што немало дупки од куршумите што промашиле. Тогаш викнал фотограф и со револверот во едната рака и со шест празни чаури во другата рака, и со метата во која тесно биле збиени шест дупки од куршуми, закачена на ѕидот, се сликал за спомен од времето бил толку вешт стрелец што метата ја погодил шест пати (за што доказ се шесте дупчиња) со само шест куршуми (за што требало да сведочат шесте чаури што ги држел во дланката).

Се разбира, оние луѓе кои го следеле од почетокот на неговиот „подвиг“ само му се изнасмеале оти сфатиле дека ги избришал сите траги од неговите промашувања. Ама, тие луѓе не оставиле фотографии за спомен. Затоа, еден ден, на потомците на револверашот никој нема да може да им докаже дека нивниот предок не бил навистина, супер-прецизен пиштолџија, за што има и автентична фотографија.

2. Зошто секој коцкар има почетничка среќа: еве го принципот на досетливиот пиштолџија што луѓето не го разбираат кога зборуваат дека сите коцкари кога почнувале да се коцкаат имале јасно изразена почетничка среќа.

Имено, од 100 луѓе кои ќе пробаат да се коцкаат, 90 ќе немаат среќа и тие веднаш ќе се откажат од понатамошно занимавање со таа занимација. Ама 10мина ќе имаат среќа и тие охрабрени од тоа, ќе продолжат да се коцкаат. Наскоро среќата и ним ќе им го сврти грбот, но тие ќе се сеќаваат на времето кога „коцката ги сакаше“ и ќе продолжат да очекуваат пак среќата да им се насмевне како на почетокот.

Гледано во целина, револверашот од погоре испукал дури 36 куршуми, а метата (која потоа самиот ја нацртал околу делот каде најмногу случајни погодоци имал) зборува за само 6 од тие 36 истрели. Неуспесите се заборавени и избришани. Така е и со коцкарите, гледано во целина.

Затоа, не постои такво нешто како „почетничка среќа“, оти 90 од 100те првични коцкари ја немале. Оние малкумина што ја имале среќата, продолжиле баш заради тоа да се коцкаат и само тие потоа се разгледуваат како коцкари, па следствено за сите коцкари се чини дека имаат почетничка среќа.

Тоа е многу налик на онаа анкета кога на прашањето „дали некогаш сте биле во странство“ новинарите добиле буквално 100 процентен потврден одговор. Дали тоа значи дека сите луѓе во државата некогаш биле во странство? Не, туку тоа значи дека новинарите својата анкета ја спровеле на граничните премини, прашувајќи ги единствено оние луѓе кои само што влегле во земјата.

Истиот апсолутен резултат ќе се добие ако им се постави на луѓето прашањето „дали користите интернет“ ама под услов тоа прашање да им биде поставено преку мејл. Ќе се добие стопроцентен потврден одговор, ама тоа не значи дека секој човек во целата држава користи интернет, тоа само значи дека сите оние кои користат интернет (за мејл) – користат интернет. Што е очигледно.

3. Како експертите секогаш се безгрешни небаре се Нострадамуси: ако ги погледнете пророштвата на Нострадамус ќе сфатите дека во многу од неговите строфи може да се препознаат многу настани кои навистина се случиле во вековите по неговата смрт. Па затоа изгледа онака гледано случај по случај дека тој навистина бил пророк што ама баш сѐ погодил.

Ама и тука треба да се сетиме на досетливиот пиштолџија. Оти гледани случај по случај, секако дека во повеќето негови пророштва ќе може да се најде некоја паралела со реални збиднувања. Ама гледано хронолошки, неговите пророштва се бесмислени, оти во една строфа ќе најдете паралела со Втората светска војна, веднаш во наредната строфа со Француската револуција, а во третата строфа како тој да го предвидел и стапнувањето на Месечината.

Тоа е исто како некој да зел да пука во ѕид на кој има испозалепено триста мети една до друга, и да се тврди потоа дека тој погодил барем еднаш во неколку мети… иако ретко да погодил во една иста мета неколку пати. И секако, оние истрели што сосема го промашиле ѕидот, оние пророштва на Нострадамус за кои не може да се најде паралела во досегашната историја, ги ставаат неговите верници под графата „допрва ќе се остварат“.

Така некако оперираат и експертите кои даваат предвидувања за можниот исход на некои актуелни процеси. Ако се паметни, тие експерти за да не бидат прикажани како неспособни утре, најдобро ќе направат ако дадат во пет-шест различни прилики пет–шест различни предвидувања.

Ако можат, ќе напишат и една анализа со пет-шест можни сценарија кои ќе бидат сите дијаметрално спротивни едно со друго, па не само што анализата ќе изгледа исцрпна, туку и што и да се случи, ќе можат да тврдат дека тие тоа го предвиделе.

Замислете дека треба да предвидите при фрлањето на коцка за коцкање, кој број ќе се падне. Наместо да викате „единица ќе биде“ или „тројка ќе падне“ или било кој еден број, седнете и смирено и продлабочено напишете дека „можни се шест сценарија според кои ситуацијата ќе се развива, но секако дека не се исклучуваат и непредвидливи изненадувања“. И навистина, тоа се сите можности кои со фрлање на коцка може да настанат. И откако ќе биде фрлена коцката и откако ќе падне еден број (или непредвиденото изненадување ќе се случи), можете да тврдите со полно право дека во вашата исцрпна и темелна анализа сте го предвиделе егзкатно и тој исход.

*

Креативните луѓе кои постојано создаваат дела достојни за паметење, многу добро знаат дека ако сакаат да напредуваат низ кариерата треба да се однесуват како досетливи пиштолџии. Да создаваат постојано дела засновани врз помалку или подобро осмислени идеи и концепти, па од време на време сигурно во сиот тој хаос нешто ќе испадне квалитетно. Па кога ќе треба да се преставуваат пред публика, само оние квалитетните дела да ги нудат. Бидејќи промашувањата ќе поминат незабележани и ќе се заборават, со тек на време, ако има доволен број квалитетни дела, публиката ќе стекне впечаток дека „тој автор не може да згреши“.

Греши море, греши секој што работи, ама умниот знае кога своите грешки да ги држи за себе, а на светот да му ги понуди само успесите.

На мојот блог, имам до сега 230 текстови објавени, и заедно со она што сум го објавил во моите книги и во неделникот „Фокус“, верувам дека од тие збирно 300 и кусур текстови, едвај една третина навистина вредат. Доколку би создал нов блог, само тие сто најдобри би ги ставил во него, па кој и да го посети за прв пат мојот блог тогаш, би заклучил дека јас немам грешка во творештвото.

Ама јас не сакам да бидам досетлив пиштолџија. Мојот блог е како нотес во кој како што ми доаѓаат идеите, така ги обработувам, па ако некоја од нив има потенцијал како концепт, подоцна ѝ се навраќам во друга колумна со други примери, но со истата или подобрена логика.

Човек секако дека не треба да се гордее со своите грешки и неуспеси, ама исто така не треба ни да се обидува да ги избрише од сеќавањето. Оти, токму во моментот кога ќе заборави на грешката, станува подготвен да ја направи повторно.

.

П.С: Утре вечер, уште една колумна на блогов ќе има. Ќе се вика таа „Затворен јазик, затворен ум“.

До тогаш, поздрав 😉